00389 2 3091 484
мај 05,2015
Интервентно решавање на вентрикуларен септален дефект и стеноза на бискуспидна аортна валвула
Вентрикуларниот септален дефект (дефект во меѓукоморната преграда) е најчест вроден срцев дефект кој се јавува кај 50 % од новородените со срцева мана. Kај возрасните инциденцата на овој дефект е веднаш зад бикуспидната аортна валвула (аортен залисток со две наместо со три ливчиња).Третманот на ВСД кај децата зависи од симптоматологијата и неговата големина. При мал дефект најчесто не е потребен никаков третман, но кај среден и голем ВСД се оди на интервентно или оперативно решавање.
Прикажуваме случај на 5 годишен пациент Ф. О. , со комбинирана срцева вродена мана – вентрикуларен септален дефект од 4 мм и бикуспидна аортна валвула. Пациентот на 1,5 месечна возраст е за прв пат дојден на ехокардиографска кардиолошка проценка во нашата установа поради чести респираторни инфекции, со дијагностициран ВСД во друга институција. Заедно со постоењето на ВСД дијагнсотицирана е бискуспидна аортна валвула (аортен залисток со две наместо со три ливчиња), без одраз на циркулацијата. За избегнување на голем оперативен зафат на малото дете, беше препорачано интервентно затворање на ВСД и редовно следење на состојбата на бискуспидната аортна валвула. Во март 2013 година , на негова 4 годишна возраст, е направено интервенто затворање на ВСД 4мм (слика 1) со Asymetric septal occluder (Cera tm, Life Tech) 4 мм без резидуален шант по интервенцијата (слика 2).
Слика 1
Слика 2
Една година после интервенцијата е забележано зголемување на брзината на проток низ бикуспидната аортна валвула со зголемување на притисочниот градиент, што е и очекувана состојба по затварањето на вентрикуларниот септален дефект. По две години, добивме податок од родителите за замор и малаксаност на детето, а ехокардиографскиот наод покажа намалување на отворот на аортата (АВА) на 0.7 см2. Пациентот е разгледан конзилијарно, во договор со кардиохирург, при што беше донесена одлука за нов интервентен третман на аортната стеноза, од типот на балон дилатација на бикуспидната аортна валвула.На 31.03.2015 направена е балонвалвулопластика на аортната стеноза. Истата е реализирана со балон катетер Tyshak 10/30 мм. при што се доби намалување на градиентот низ бикуспидната аортна валвула од 118 мм/Хг пред интервнецијата до ПГ од 60 мм/Хг по интервенцијата и зголемување на АВА на 1.3 см2 (слика 3).
Слика 3
Овде сакаме да ја поентираме предноста во тимскиот пристап за навремено решавање на овие две различни вродени состојби, со засега интервентен начин, со кој истите дефинитивно се решаваат или се одложува нивно оперативно решавање, се до раст во возрасна доба. На тој начин се избегнуваат повеќекратни операции на отворено срце.
Цело е кога има се, а интердисциплинарниот пристап е атрибут на тимската работа