00389 2 3091 484
февруари 02,2023
Д-р Махтаб: Пушењето е најважниот, број еден ризик-фактор, додека загадувањето на воздухот е вториот најбитен ризик-фактор, нешто кое исто така го има многу овде во Македонија, пред се, поради горењето на дрва во зимскиот период, како и поради аерозагадувањето поради локацијата на која се наоѓа Македонија, а посебно Скопје поради планините околу градот.
Исто така, азбестот, кој се користи овде и во регионот, но и одредени професии кои носат ризик за развој на болеста. Тука пред се, мислам на професии како што се шивачите, голем дел од женската популација во државата работи токму во текстилната индустрија, каде што се прави облека од одредени материјали, кои имаат висок ризик-фактор за развој на карцином на белите дробови затоа што тие материјали даваат некое загадување. Ќе ги споменам и луѓето кои работат во градежништвото, особено во делот на фарбање, без соодветна заштитна опрема. Ова се главните ризик-фактори, но сепак, пушењето и аерозагадувањето се водечки причини за појава на болеста.
Д-р Махтаб: За жал, ракот на белите дробови не дава многу симптоми особено не во почетокот на болеста. Дел од симптомите може да бидат замор, кашлица, кои се највообичаени, потоа диспнеја… Станува збор за чести симптоми, кои не се специфични, но кога веќе еднаш ќе се појават заморот, кашлицата и диспнејата, некогаш можеби е и премногу доцна.
Раните фази на болеста се навистина асимптоматски и тоа уште повеќе ја потенцира важноста на матичните лекари и воопшто лекарите, како и пациентите да знаат кои се ризик-факторите за да делуваат превентивно, како и да ги „уловат“ раните фази на рак на белите дробови. За жал, во Македонија ние дијагностицираме доцни фази на рак на белите дробови што е навистина штета бидејќи пациентот има многу лоши шанси за преживување. Ракот на бели дробови има четири фази – првата фаза има стапка на преживување повеќе од 65 % за пет години, а четвратата фаза има стапка на преживување околу 5% за пет години. Ја забележувате разликата, нели? Затоа треба да го детектираме во раните фази.
Понекогаш од една фаза се влегува во друга фаза за само неколку месеци. Затоа е многу важно болеста да се дијагностицира во што пораните фази. Многу е важно да бидеме свесни за пациенти со висок ризик, како што се луѓе на возраст од 60 години, кои се пушачи веќе 20 години, имаат историја на канцер во семејството. Ја споменавте бројката од 1.055 смртни случаи од рак на белите дробови годишно во Македонија. Мислам дека оваа бројка дури е и потценета. Мислам дека е поголема. Токму затоа мора да се креира свесност за болеста.
Д-р Махтаб: Кај најголемиот број на случаи најчесто говориме за неситноклеточен карцином на белите дробови и ситноклеточен карцином на белите дробови. Најголемиот дел се од типот на неситноклеточен карцином на белите дробови, тоа се околу 75-80 % од случаите на рак на бели дробови кои ги гледаме, додека остатокот од 20 % отпаѓа на ситноклеточен карцином на белите дробови. Ситноклеточниот карцином на белите дробови е многу агресивен и секогаш кога ќе дојде пациентот и ќе ја добие дијагнозата, веќе е предоцна за него. Неситноклеточниот карцином на белите дробови е помалку агресивен и дава повеќе шанси за пациентот. Помалку е агресивен, но сепак, е лош и таков каков што е.
Д-р Махтаб: Најпрво, дозволете ми да кажам дека Македонците треба да бидат горди што имаат клиника како „Жан Митрев“ во својата земја, бидејќи оваа клиника има навистина високи потенцијали како GSI клиника. Кога оперирам овде и кога одам на одделот за интензивна нега, всушност не гледам разлика помеѓу мојата болница во Холандија, која е најголема во земјата, и овде, во клиниката „Жан Митрев“. И токму затоа вакви операции може да се изведуваат овде, каде што целиот систем функционира многу добро.
Во клиниката „Жан Митрев“ воведовме 3Д минимално инвазивна лапароскопска операција на карцином на белите дробови, којашто се изведува за првпат овде на клиниката и воопшто во Македонија. Ова е многу важно да се знае, бидејќи 3Д дава поголема длабочина, може да се оперираат потешки случаи и може да се оперира попрецизно. А лапароскопијата е важна бидејќи рехабилитацијата на пациентот е подобра и закрепнувањето оди многу подобро, а стапката на компликации е многу помала отколку кај класичните операции. Токму затоа 95% од операциите ги изведуваме лапароскопски.
Дополнително, овде во „Жан Митрев“ имаме можности за медиjaстиноскопски дијагнози, тоа значи дека имаме минимално инвазивна техника да дијагностицираме лимфни јазли, кои се многу битни во третманот и дијагнозата на канцер на бели дробови. Мислам дека во Македонија никаде на друго место не постои ваков центар каде што може да се направи тоа.
И третата работа која ја правиме овде е употребата на флуросцентна камера со која може многу прецизно да ја видиме границата на секој сегмент или лобус на белите дробови. Работиме и на воведување на секторска сегментација, која ќе биде уште помалку инвазивна за пациентите, каде пациентот ќе има повеќе функција на белите дробови по таков тип на операција. И не само за рак на белите дробови. Ние обезбедуваме многу повеќе операции на белите дробови и медијастинални тумори, како тимом (thymoma), операции на дијафрагмата и други работи кои се бенигни, не тумори. Ние изведуваме околу 12 типови на лапароскопски операции на торакално ниво.
Д-р Махтаб: По минимално инвазивната операција пациентот може да биде отпуштен од болница помеѓу три и пет денови, а по две недели е комплетно подготвен да се врати на секодневните обврски и на сето она што го правел претходно. Кога се прави отворена, класична операција пациентот ќе биде отпуштен од болница најмалку после седум дена, а дури после шест недели ќе биде подготвен да се врати на секојдневните обврски. Ова е огромна разлика. Ние користиме 3Д, а тоа значи дека оперираме многу прецизно што значи дека стапката на компликации е помала и можеме да правиме многу покомплексни операции со 3Д. Денеска, на пример, правевме многу комплексна лобектомија и со помош на 3Д можевме многу добро да видиме каде се наоѓа туморот и наместо да извадиме два лобуса извадивме еден лобус и тоа го направивме лапароскопски, а не со отворена операција. Речиси и да немавме загуба на крв. Тоа е она што го изведуваме овде во „Жан Митрев“, тоа се бенефитите од минимално инвазивната операција на карцином на белите дробови.
Д-р Махтаб: Мислам дека најважната работа која треба да се има на ум е дека операцијата на бели дробови е комплексна операција, и според мое мислење, треба да се прави во центар кој исто така има и многу добра периоперативна нега. Ние тоа го нарекуваме ERAS-протокол – овој протокол е од Оксфорд и ја зема предвид целата периоперативна нега за пациентот. Затоа, кога некој центар треба да прави операција на белите дробови би требало да биде ERAS-одобрен центар. Тоа е прво, а како второ, за земја како што е Македонија, според мое мислење, само еден центар со добра хирургија на бели дробови е доволен, а тоа треба да биде центар кој го има последниот збор на технологијата и најдобрата периоперативна нега.
Како што веќе кажав, многу е важно да се најде ракот на белите дробови во почетната фаза на болеста, па оттука, скринингот е многу битна алатка. Нив во клиниката „Жан Митрев“, во соработка со останатите државни болници почнавме план за старт на пилот-скрининг за рак на белите дробови. Во следните неколку месеци ќе стартуваме со овој проект, кој ќе опфати 1 000 пациенти и чија цел е да се пронајдат пациенти во почетна, рана фаза од болеста. Проектот е комплетно покриен од наша страна, исто така работиме и со други државни болници, онколози и други колеги, за да обезбедиме нешто за македонскиот народ. Не за клиниката „Жан Митрев“, туку за македонскиот народ.
Зошто почнав во „Жан Митрев“? За мене како што Ви кажав е полесно да се адаптирам тука, наместо да одам во други болници, затоа што условите овде се слични на мојата матична болница во Холандија и е многу полесно за работа. Токму затоа почнавме од овде, за да направиме комплетен процес, а овој процес потоа можеме да го пресликаме и во другите болници и да и кажеме на јавноста дека ова е идејата која понатаму можат да ја преземат креаторите на здравствени политики на национално ниво.
Неколку пати во годината сум тука за да правам ваков тип на операции, но не би сакал ова да го правам целиот мој живот. Сакам да ги научам моите колеги, овде, за да можат самостојно понатаму да ги преземат овие операции. Во основа тоа е идејата на она што го правиме, споделување на знаење и примена на современа методологија на работа со цел најдобро за пациентите.
Извор: Panacea.mk