00389 2 3091 484
октомври 10,2013
Интервентен третман (балонвалвулопластика) на тешка пулмонална стеноза кај новородено (30 дена старост)
Вовед: Пулмоналната стеноза е вродена срцева аномалија и опфака околу 7% од вродените срцеви аномалии. Може да биде како изолирано заболување или во комбинација со друга вродена аномалија (пр. Атриален септален дефект – (АСД)). Пулмонална стеноза може да се манифестира како валвуларна (најчеста), надвалвуларна, подвалвуларна и стеноза на периферните гранки на пулмоналната артерија. Кај полесните случаи може да нема никакви симптоми и да се открие случајно. Кај тешките случаи се јавува диспнеа (отежнато дишење), периферна цијаноза (модрило на нозе, раце и усни). Пациентите со критична стеноза брзо развиваат и десно срцева слабост.
Дијагнозата се поставува со аускултација, ехокардиографија и со десно срцева катетеризација. Тежината на пулмоналната стеноза се градира според стенотичниот градиент добијен со Ехо Доплер или директно со катетеризација. Постојат 4 степени: I степен незначителна < 25mmHg; II степен (лесна) 25 – 49mmHg; III степен (умерена) 50 -79mmHg; IV степен (тешка) > 80mmHg.
Лекувањето е конзервативно кај пациентите со I и II степен (асимптоматска) со задолжителна ендокардитис профилакса, додека кај пациентите со III и IV степен третманот е со балон валвулопластика или оперативно. Балон валвулопластиката е третман на избор кај деца и новородени со тешка пулмонална стеноза со добивање на добар резултат.
Приказ на случај: Кај женско доенче на 1 месечна возраст со шум на срце верифициран по породувањето, ехокардиографски е дијагностицирана тешка пулмонална стеноза со градиент на валвулата 120mmHg, и индицирана е балон валвулопластика. Фамилијарна анамнеза негативна за ваков тип заболувања. Интервентен третман и резултат: Интервенцијата се изврши во услови на општа анестезија. Со MP дијагностички катетер се направи директно мерење на градиентот на пулмоналната валвула (120mmHg), пред интервенцијата. Потоа со балон катетер Tyshak II – 8/20 mm на 4 atm се направи балон дилататција на пулмоналната валвула. По интервенцијата се доби одличен резултат, градиент 30mmHg, што значи повеќе од 50% намалување на градиентот на пулмоналната валвула. По интервенцијата новороденчето беше мониторирано во тек на 48 часа. Отпуштено е во одлична здравствена состојба без терапија. На првата контрола по 1 седмица и втората контрола по 1 месец градиентот на пулмоналната валвула е 30mmHg.