00389 2 3091 484
јули 07,2017
И оваа година, од 3-ти до 9-ти јули се одржа седмиот Летен камп “Моето срце во сите бои” на кој што учествуваа деца кои имале интервенции или операции на срце во ZAN MITREV CLINIC заедно со нивните родители, браќа и сестри. Кампот се одржа во заедничка соработка со Црвениот крст на Град Скопје во прекрасниот амбиент на одмаралиштето Солферино во Струга.
Низ опуштени, креативни работилници волонтерите на Црвениот крст во координација со тимот на психолози од ZAN MITREV CLINIC заедно со децата создадоа весела и разиграна атмосфера низ која секое дете успеа да добие многу работи за себе. Пред се овие работилници им овозможија на децата да креираат нови прекрасни пријателства, да добијат поддршка и да ги истражат нивните потенцијали. Од овој камп произлезе и можност за идни другарувања.
Имајќи во предвид дека дишењето ни е најголемата поддршка, Блаже Арсов, физиотерапевт од нашата болница низ разиграна работилница со децата и волонтерите работеше на техники на правилно движење, моторика на тело и координација, три важни аспекти од развојот на секоја индивидуа.
Низ структурирана групна работа, психологот и психотерапевт Фросина Ристовска со родителите обработи теми од посебен интерес за нив, како што се мапирање на нивните потреби, грижата за себе, за подобра грижа за другиот и комплексноста на комуникацијата во родителствувањето.
Д-р Наташа Никчевска педијатар, гастроентеролог одржа едукативно предавање за родителите и сите заинтересирани во кое ги запозна со природата на вродените срцеви маани, а акцент стави на спецификите за унапредување на квалитетот на живот кај нивните деца по интервенциите или оперативните зафати. На ова предавање покрај вродените срцеви маани посебен акцент имаше и соодветниот и правилен режим на исхрана кој секое дете треба да го практикува.
На овој камп имавме доволно време за интензивна работа на себе, едукација, релаксација и дружење. Од се по нешто. Се надеваме дека и со овој летен камп, ZAN MITREV CLINIC помогна во рушење на табуата поврзани со вродените срцеви маани и сплоти дел од семејствата кои поминувале низ слична животна приказна. Продолжуваме и понатаму да го трасираме патот кон нови успешни интервенции токму кај најмладите и нивните семејства.