00389 2 3091 484
јули 07,2017
Тим од Специјализирната болница Жан Митрев и годинава им беа поддршка на младите од ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“, пред, за време на тренинзите, но и кога се забавуваа. Најнапред, секој учесник, пред отпочнување со тренинзите помина на комплетен медицински систематски преглед во болницата кој вклучуваше педијатриски и кардиолошки преглед, коронарен стрес тест, а се направија и сите останати потребни медицински проверки. Потоа, за време на кампот, медицинскиот тим беше максимално посветен на децата преку 24-часовен здравствен мониторинг. Тимот се состоеше од педијатар и физиотерапевт. Нашите искусни педијатри (д-р Соња Петровска, д-р Благица Манчева и д-р Наташа Никчевска), како и нашите врвни физиотерапевти (Олгица Димитров и Анета Манасиева) беа постојано во кампот.
Стационирани во една просторија каде имаше амбуланта, комплетно опремена со потребни лекарства и помагала, дневно беа згрижувани во просек 50-60 дечиња. “Третиравме спортски повреди, посекотини, дехидратации, сончаница, стомачни болки, астматични напади, ларингити, главоболки, гнојни ангини, алергиски манифестации. Најважно е дека децата беа успешно третирани, болките им ги намаливме и ги излекувавме, а со тоа и им ги вративме насмевките на нивните лица. Со медицинската помош од тимот на Жан Митрев децата беа сигурни и со вратена можност во целост да им се посветат на тренинзите“, објасни д-р Никчевска. Д-р Жан Митрев секогаш бил ентузијаст, пионер и поддржувач на најдоброто од Македонија. Во тој дух и оваа година го поддржа најдобриот македонски спортист и најдобар десен бек во светот на ракометот, Кирил Лазаров преку поддршка од медицинскиот тим за време на кампот кој се оддржа во хотелот “Аквалина“ во Охрид, во две смени од 20-26 јуни и од 26 јуни-02 јули, 2017 година. Спонзори на медицинска опрема и материјали беа ФИЛА-ФАРМ и Алкалоид.