00389 2 3091 484
мај 05,2016
Врвно едуцирани, максимално посветени и предадени во лекувањето и давањето помош на пациентите, исклучително човечни, тимски играчи, вака накусо би бил генералниот опис на медицинските сестри кои работат во Специјалната болница „Филип Втори“. Пораките и зборовите на благодарност на пациентите се најголемото признание за нивната работа , некои од нив усно пренесени некои запишани во големата книга на впечатоци. Половина од вкупниот персонал на болницата го сочинуваат токму тие, жените кои треба да бидат силни во секојдневното извршување на работата, жените кои се соборци на сите пациенти во борбата за закрепнување и лекување, во борбата за живот , особено кога околу себе имаат пациетни- деца. Жените кои и кога неможат можат, жените кои им се најблиски на болните заради нивната непосредност и постојана присутност. И да , најчесто изговараниот збор од пациентите е зборот „сестро“. Имаме ние во „Филип Втори“ и по некој „медицински брат“ , со истите квалитети и професионална посветеноста како и сестрите. А денешниот датум 12 мај е нивни ден , меѓународниот ден на сестрите. Запознајте ги главните 7 сестри кои раскажуваат за нивниот избор да бидат тоа што се, да бидат дел од тимот на д-р Жан Митрев.
Весна Наумовска дипл.медицинска сестра
Одговорна сестра во одделот анестезија
„Терминот „Бело срце“ е симбол на сестринството, меѓународен симбол кој означува знаење, грижа, хуманост. Избрана е белата боја како основа на сите бои а нејзината симболика е прифаќање на сите луѓе. Формата срце укажува на хуманоста и средишното место кое го имаат сестрите во системот на здравствената заштита. Ова како мала историја за денот 12 Мај. Што се однесува до моето работно место како сестра во операциона сала поточно во делот анестезија, значи прифаќање на пациентите кои се подготвени за операција. Секој од нив бара посебно внимание и индивидуален пристап. Детален мониторинг во анестезијата кој е неопходен да се обезбеди фармаколошка и механичка контрола на сите витални функции на болниот, да се препознаат состојбите кои бараат брза и ефикасна терапија.Повеќето луѓе за анестетичарот мислат дека е сестрата зад маската која им помага на пациентите да спијат во тек на операцијата и која им помага да се будат кога операцијата ќе заврши. Анестетичарот влегува во сала прв, а излегува последен. Тој е најважниот дел од тимот на анестезиологот, а за пациентот најблискиот дел од тимот. Овде се среќаваме со различни луѓе, некои од нив познати, некои непознати но кога се овде, сите се исти. Адреналинот кој е секогаш на максимум во оваа работа е тоа што ме исполнува мене лично. Од дете не сум размислувала за ништо друго да работам кога ќе пораснам, туку баш оваа професија, ако не сум ова што знам можеби би продавала цвеќе“.
Гордана Бошеска, дипл.медицинска сестра
Одговорна на одделот за полуинтензивна нега
„Во болницата „Филип Втори“ сум од ноември 2000 година. Тоа е период кога бевме во склоп на тогашната Воена болница. Ова е моја 15 година од како сум дел од тимот на д-р Митрев и се надевам тука ќе останам до пензија. Помнам кога прв пат разговарав со д-р Митрев за вработување, тој ми кажа дека за вредните луѓе кои сакаат да учат, секогаш има место во „Филип Втори“. На почетокот бев одговорна сестра на интензивна нега цели 10 години, пред 4 години по препорака на д-р Митрев се преместив на полуинтензивна или одделение како што ние го викаме овде во болницата. И тука сум одговорна сестра и се надевам дека добро се снаоѓам и овде во секојдневната комуникација со моите колеги, но и со пациентите. Што се однесува до мојот избор за медицинска сестра тоа сум го замислувала како малечка отсекогаш сум сакала да го работам ова, да помагам на луѓето тогаш кога им е најпотребно. Го сакам адреналинот, динамиката а тоа овде го има премногу,благодарение на нашиот директор постојано се надградуваме и едуцираме. И преку присуства на конгреси, работилници дома и надвор од Македонија. Прекрасно е чувството да видите насмеани лица кои во одреден период загубиле секаква надеж дека некој од нивните најблиски ќе оздрави и ќе живее. Таа нивна насмевка е наш најголем поттик за секој нов ден, за оваа работа првенствено треба да сте психички подготвени, стабилни зошто тажни се судбините на луѓето кои доаѓаат овде. Сите тие се индивидуи кои треба да ги прифатите такви какви што се и да го најдете вистинскиот начин да искомуницирате со нив за да им објасните што им се случува и дека од борбата за своето здравје никогаш не треба да се откажат.
Жанета Богоевска- Митева, дипл.стручна мед. сестра, специјализирана за интензивна нега
Одговорна сестра на интензивна нега
„Неделата од 06-12 мај е недела во која на сите медицински сестри во светот им се оддава почит за нивните неверојатни клинички способности, за несебичната нега што ја спроведуваат врз пациентите,соработката со нивните семејства и севкупниот придонес во опшеството. 12 Мај е меѓународниот ден на медицинските сестри .Тој датум е земен заради роденденот на Флоренс Најтингел- основоположничката на професионалното сестринсво, позната и како” Дамата со светилка”. Сестрите кои работат на одделите за интензивна нега и лекување се специјализирани за секојдневно справување со реакциите на пациентите на животно- загрозувачки ситуации во кои се наоѓаат. Лиценцирани се за одговорно следење на акутните, критични болни, нивниот одговор кон медицинскиот третман, следење на виталните параметри и навремена реакција при нивна промена како и нега на болните која претставува основен параметар за квалитетот на негата во една здравствена институција. Ние сестрите на одделот за интензивна нега и лекување во „Филип Втори“ со гордост можеме да кажеме дека работиме со најсовремена апаратура, соодветна за третманот на нашите пациенти. Негата која што ја даваме е заснована на стандарди кои се основна, појдовна точка во приодот кон пациентите. Овие стандарди се базирани на светски препораки кои произлегуваат од медицина базирана на докази.Тимската работа на одделот за интензивна нега е наш приоритет како и мултидисциплинарниот пристап кон негата на пациентите. Континуираната едукација е предуслов за најсовремениот третман кој што нашите пациенти го добиваат. Нашите сестри често присуствуваат на едукативни собири, конгреси ширум светот каде што ја споредуваат својата пракса, со праксата на колегите од други земји и со задоволство можеме да кажеме дека нашето присуство е секогаш забележано и често наградено. Нашите нови соработници знаат дека медицинска сестра е професија која треба да се работи со многу љубов и разбирање за потребите на пациентите и нивните фамилии и непосредна соработка со сите други профили вклучени во третманот на пациентите. Чест и задоволство е да се работи со ваков тим“.
Снежана Блажевска , виша мед.сестра
Одговорна сестра инструментарка
„ Да се биде дел од првиот тим на кардиохирургија и да се работи секојдневно со првиот кардиохирург не е лесно, но е голема привилегија. Да се биде дел од тој тим е макотрпен и долготраен процес. Но, среќата што се доживува кога некое срце продолжува да живее е најголемата награда и најголем успех за сите нас. Нашата работа започнува во раните утрински часови, ние сме тука заедно со д-р Митрев. Се е мирно и тивко, сите вредни како мравки ги знаат своите работни задачи. Се е подготвено и шефот кажува „Може рез“, со што се означува почетокот на операциите. Се оди по редослед во кој што нашата единствена задача е максимална концентрација, совршенство во условите за работа, затоа што наша крајна цел е продолжен живот со срце кое и понатаму ќе продолжи да чука, да работи. Завршуваме уште една операција и започнуваме друга. Но не е секогаш така тивко и мирно. Екипата која дежура 24 часа добива итен повик за животно загрозен пациент. Тој е нечие дете, мајка, татко, пријател. Екипата се собира и започнува акција во која некој живот треба да биде спасен. Тој ја очекува нашата помош. И додека сите спијат, сонуваат, ние сме во операциона сала и работиме. Успехот во работата ни го овозможува и најсовремената стерилизација, современите операцини сали, услови за работа какви што само може да се посакаат. Макотрпна работа, несебично вложување, бурно секојдневие, многу работни часови.Тоа е успехот. Кој се должи и на комплетната едукација, најсовремена опрема за дезинфекција и стерилизација. Контрола на стерилизација и начин на пакување сетови за операција, за комплетно и успешно работење на целата болница. “
Сузана Димишковска, медицинска сестра
Одговорна сестра во интернистички амбуланти
„Чест е да се биде дел од тимот на врвниот кардиоваскуларен хирург, најдобриот не само кај нас во регионот туку и многу пошироко. Станав дел од тимот на д-р Жан Митрев во 2004 година како медицинска сестра вработена во одделот за дијагностика , каде што сум и денес. Ги помнам почетоците на работата на овој оддел, тогаш имамвме само 2 амбуланти и кабинет за функционална дијагностика. Многу љубов, безрезервна пожртвуваност, континуирана едукација, и поддршка од нашиот ментор и пример за сите нас д-р Митрев. Сите овие услови во објект како што е оваа болница ни овозможува да работиме во медицински центар кој според медицинската опрема, функционалната организираност , дизајн и технологијае е еден од најмодерните во Европа.Областа на дејствувањето на медицинските сестри е голема, тргнувајчи од грижа за здравјето на секој еден кој доѓа во оваа институција, спречување на болеста, лекување и рехабилитација кои од нас како професионалци бараат континуирано усовршување и едукација, креативна комуникација, и унапредување на праксата.Се работи за голем спектар на работни обврски од административен дел околу прием на пациенти, работа во дијагностичкиот центар до единиците за полуинтензивна и интензивна нега, ангиографската сала ,За сите овие задолзенија треба да сте одличен индиовидуалец кој придонесува за доброто на тимот. За да се постигнат и реализираат сите овие работни задачи неопходна е добра интерперсонална комуникација , совесност, посветеност на работата, иницијатива и постојано давање на последиот атом од сопствените сили и знаења за доброто на пациентите.Само така и никако поинаку , може да се постигнат сакани резултати при извршување на оваа хумана професија. “
Сузана Костовска општа медицинска сестра
Одговорна сестра во ангиографска лабораорија
„Иако понекогаш ги забораваме и не го вреднуваме нивниот труд, денеска е денот кога треба да кажеме „Благодарам“ за сите вакцини, инекции, совети, и сета безрезервна помош. 12 Мај интернационален ден на медицинските сестри и техничари. Овој ден се слави во чест на раѓањето на најпознатата медицинска сестра Флоренс Најтингел. За овој настан секоја година во Лондон, светилката од капелата на медицинските сестри се пренесува од сестра на сестра. Со тоа се симболизира пренесувањето на знаењето од една на друга сестра. Како медицинска сестра работам веќе 27 години, и без двоумење повторно би ја одбрала истата професија, бидејќи е една од најхуманите. Да се биде медицинска сестра, значи да се вложи многу љубов во работата, да се истрае да се влее надеж, да се сподели насмевка за добро утро. Во нашата болница постојано учиме и се надградуваме, вложуваме тимски во подигањето на квалитетот и промовирање на етичките стандарди на медицинските сестри. Сите ние медицински сестри имаме една и единствена цел, а тоа е зачувување на здравјето и животот, работејќи чесно и пожртвувано и во границите на одредени етички и професионални норми“
Ана Милчова спец.општа медицинска сестра
Одговорна сестра на хируршки отсек –дијагностички центар
„Да се биде медицинска сестра значи хуманост, храброст, пожртвуваност во битката да се одржи, сочува здравјето на поединецот кое всушност претставува состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест. Сето ова укажува дека медицинската сестра како повик има голема и независна улога од другите дисциплини во составот на здравствената заштита. Поради потребата од давање на здавствена нега на пациентите, медицината бележи постојан прогрес и реформи за подобрување на условите за работата на медицинските сестри, како и за нивната едукација. Повикот медицинска сестра денес всушност бара да се превземе одговорност да се работи самостојно, а истовремено и тимски во соработка со другите професии во здравството. Полека се надминува мислењето дека медицинската сестра е само асистент-помошник на лекарот, бидејќи самиот развој и потребите на медицинската сестра сега се одвојуваат и како самостојна дисциплина независно од другите професии во склоп на здравствената заштита. За таа цел денес имаме високо образовани медицински сестри, магистри, а се надеваме дека во скоро време ќе ги имаме и првите сестри-доктори на науки. Тајната и успехот на работата на медицинските сестри е истата да ја работат со многу хуманост, љубов, грижа и континуирана едукација во тек на целиот работен процес. На голема среќа јас денес сум дел од тимот на Специјалната Болница по хируршки болести „Филип Втори“ која постојано се грижи за потребите на медицинските сестри во давањето на здравствена нега на пациентите по стандарди, протоколи и упатства како и за постојана едукација на целиот персонал преку посета на меѓународни конгреси, симпозиуми во земјава и странство. Чест ми е и големо задоволство што сум медицинска сестра која постојано тежнее да се усовршува и да ги совладува новите предизвици што ги носи секојдневието“.
Катерина Ристовска Јанев, виша медицинска сестра-инструментарка
Одговорна сестра инструментарка
“Ако ова е недела на сестринството,ако ова се денови на признанија, денови за благодарност,….еве ја мојата приказна,…. Мојот прв работен ден во болницата за кардиохирургија „Филип Втори“ беше 09.01.2004 година. Првата недела мојата едукација започна на одделот за интензивно лекување.Првите неколку месеци продолжив со учење на основите и правилата за стерилизација.До крајот на првата година започнав да ги совладувам вештините на инструментитањето.Од тогаш помина една декада,време кога кардиохирургија порасна во општа болница по хирургија,бројот на хируршките процедури и техники се зголемува секојдневно,јас секој ден учам нешто ново.Среќна сум што сум сведок на откритието за реконструкција на аортна валвула,првото поставување на ТЕП на колено од керамика,прва хируршка корекција на вродена срцева мана кај деца,…..Денес сакам да се заблагодарам на сите мои учители.Денес сум одговорна инструментарка за некардиохируршки гранки и среќна што сум дел од тимот на успешните.”
Според светските статистики медицинските сестри ја сочинуваат половината од вкупниот број на вработени во системот на здравствената заштита, а според податоците на СЗО тие пружаат 69% од услугите. Освен подготовката на пациентите за медицинскиот третман, тие им ја даваат препишаната терапија, ја следат нивната здравствена состојба. Секојдневно им помагаат на пациентите во одржување на нивната лична хигиена, ги хранат, пресоблекуваат, бодрат , разговараат со нив, тие се нивна постојана поткрепа и поддршка. Во нашиот здравствен систем 1 од 10 сестри имаат виша или висока стручна спрема, додека законскиот минимум во Европската Унијата изнесува 30 %. Меѓународниот ден на медицинските сестри се одбележува секоја година на 12 мај во знак на сеќавање на денот на раѓањето на болничарката Флоренс Најтингел (1820-1910). Таа ја предводела првата група на жени кои заминале на фронт во Турција, да се грижат за ранетите војници. Името на оваа англичанка се поврзува и со иницијативата за соодветно, професионално образование на медицинските сестри. Нејзината дамнешна идеја денеска е реалност.