00389 2 3091 484
октомври 10, 2024
Секоја година на 10 октомври се одбележува светскиот ден на менталното здравје.
Оваа година се става акцент на менталното здравје и работата и во тој контекст издвојуваме одредени значајни аспекти кои меѓусебно се надополнуваат и ја условуваат позитивната или негативна релација на ментално здравје и работа.
За голем дел од населението, менталното здравје и работата се интегрално поврзани. Менталното здравје не е само отсуството на ментална болест, туку е состојба позната како ментална благосостојба. Менталната благодсостојба им овозможува на луѓето да се справат со предизвиците на секојдневните микро и макро стресори, да ги реализираат своите способности, да учат добро и да работат добро и да придонесуваат во нивните заедници. Работата не секогаш влијае директно како причинител за појава на одредено ментално отстапување. Но, лошото ментално здравје има негативен ефект врз когнитивниот, емоционалниот, социјалниот аспект на однесување и партнерство. Менталното здравје има и свој удел врз благосостојбата и функционирањето на една личност, на квалитетот на телесно здравје и личниот идентитет, како и благосостојбата поврзана со работата. Способноста на една личност да учествува во работата може последователно да се наруши преку намалување на продуктивноста и перформансите, намалување на способноста за безбедно работење или тешкотии при задржување или стекнување работа.
Се проценува дека 15% од возрасните луѓе кои се работно способни се соочиле со ментално растројство во некој период од работниот век. Според Светска здравствена организација (СЗО), заклучно со 2019 година, 301 милион луѓе живееле со анксиозност, 280 милиони луѓе живееле со депресија, 64 милиони луѓе живееле со шизофренија или биполарно растројство, 703.000 луѓе извршиле самоубиство таа година. Многу од овие лица биле работоспособни.
Најраспространетите состојби на менталното здравје – депресија и анксиозност се проценува дека ја чинат глобалната економија 1 трилион УСД секоја година, при што трошоците се должат претежно од изгубената продуктивност.
Од друга страна, лицата кои живеат со тешките состојби на менталното здравје – како на пример шизофренија и биполарно растројство и психосоцијалните попречености – од причини како што се стигма и дискриминација, во голема мера се исклучени од работа и покрај фактот што учеството во работно-економски активности е важно за нивното закрепнување.
Работата е социјална детерминанта на менталното здравје. Добро осмислена работа има заштитна улога за менталното здравје; работата придонесува за чувството на лично достигнување, самодоверба и заработка кај една личност и придонесува за закрепнување и социјализација на луѓето кои живеат со психосоцијални попречености. Сепак, штетните или лошите услови за работа, лошите работни односи или невработеноста – и продолжената изложеност на нив- може значително да придонесат за влошување менталното здравје или да ги влошат постоечките состојби на менталното здравје.
И општествените состојби влијаат врз менталното здравје и работата. Економските рецесии или вонредни состојби (војна, пандемии, елементарни непогоди) предизвикуваат ризици за губење на работни места, финансиска нестабилност, намалени можности за вработување, зголемена невработеност и зголемена работа без полно работно време или формални договори.
Работата може да биде микрокосмос за засилување на пошироки прашања кои негативно влијаат на менталното здравје, вклучително и дискриминација и нееднаквост врз основа на социодемографски фактори и нивната интерсекционалност, како што се возраста, кастата, класата, попреченоста, родовиот идентитет, статусот на мигрантите, расата/етничката припадност, верските убедувања и сексуалната ориентација. Компаративно, адресирање булинг во школска возраст би можело да опфати и нарушени релации на возрасните на работа. Се смета дека најкритично е постоењето на стигма околу менталното здравје и обелоденување на здравствен проблем од менталното здравје на работа.
Работоспособните лица трошат значителен дел од своето време работејќи. Се проценува дека 62% од светската популација на возраст од 15 години и повеќе се работно активни. Работата претставува можност да се промовира добро ментално здравје и да се спречат и да се поддржат луѓето кои живеат со состојби на ментално здравје.
Согледувајки ја непосредната поврзаност на менталното здравје и работата, направени се одредени водичи – упатства , содржани во Прирачник на СЗО за менталното здравје на работа, и тоа: организациони интервенции, обука на менаџери и работници и индивидуални интервенции за промоција на позитивното ментално здравје и превенција на состојби на ментално здравје. Со примена на овие водичи се очекува подобро имплементирање на интервенции засновани на докази за ментално здравје при работа.