00389 2 3091 484
јануари 01,2021
Акутните страдања на бубрезите се честа појава во сите болници кои лекуваат болни со кардиоваскуларна патологија, дијабетес, артериска хипертензија или мозочни удари. Особено се чести после големи реконструктивни операции на срцето, аортата и другите крвни садови. Доколку на нив не се внимава тие можат да доведат до несакани последици по текот на лекувањето на болниот или до неповолен исход.
Затоа во нашата болница, грижата за можните бубрежните компликации започнува уште со самиот прием на болниот во институцијата кога се определува таканаречената бубрежна резерва, односно базичната бубрежна функција. Со користење на модерни клинички интернационални скорови секој болен се стратифицира во однос на тоа дали кај истиот е можно акутно бубрежно оштетување, посебно ако се предвидува кардиохируршката интервенција.
Потоа следуваат превентивни мерки со кои се конзервира бубрежната функција и грижливо се следи се до крајот на лекувањето. Доколку сепак се случи, бубрежното оштетување, ја користиме метода на Континуирана Вено-Венска Дијафилтрација која ја заменува бубрежната функција во тек на целото време на лекувањето. Таа им помага на бубрезите да се регенерираат, врши ефикасна контрола на водно-електролитниот статус, ги нормализира токсичните продукти, ја лекува хиперкалеимија и ацидозата, ги елиминира воспалителните маркери и ја нормализира внатрешната средина.
На овој начин, процентот на бубрежните компликации се сведува на минимум. Нефролошката грижа за болните не престанува со излекувањето на болните туку тие продолжуваат да се следат и понатаму, во специјалната единица за бубрежни болести на болницата.