Нарушувања во исхраната – Сериозни состојби зад маската на „совршен изглед“

Дневна доза здравје

јули 31, 2025

Современото општество и медиумите често наметнуваат нереални стандарди за убавина, што особено влијае врз младите. Сè повеќе млади девојчиња – дури и на возраст од 6 години – изразуваат незадоволство од сопствениот изглед. Оваа опсесија со телесниот изглед може да доведе до сериозни нарушувања во исхраната.

Најчести нарушувања во исхраната:

  • Анорексија нервоза – свесно и опасно ограничување на храната, со цел губење на тежина.
  • Булимија нервоза – повторувачки циклуси на прејадување, проследени со повраќање или употреба на лаксативи.

Овие нарушувања најчесто се јавуваат меѓу 14 и 20 години, а честопати се поврзани со професии кои бараат одржување „совршен“ изглед, како што се манекенство, балет, гимнастика и пливање. Атлетската анорексија е чест случај кај спортистки кои го намалуваат внесот на храна под влијание на притисоци од тренерите и општеството. Девојките кои се занимаваат со манекенство пред значајни ревии пијат само вода и јадат памук бидејки тој е чиста целулоза и не е хранлива материја туку само поминува низ стомакот намалувајќи ја гладта.

Физички и психички последици

Нарушувањата во исхраната влијаат на целиот организам:

Анорексија нервоза:

  • Драстично губење на тежина (BMI<17.5)
  • Прекинување на менструалниот циклус
  • Сува, жолтеникава кожа
  • Остеопороза (губење на коскена маса)
  • Намален сексуален нагон и чувствителност на студ

Булимија нервоза:

  • Ерозија на забите
  • Потечени жлезди
  • Електролитен дисбаланс и дехидрација
  • Гастроинтестинални проблеми
  • Рани и иритации на усната шуплина

Рана интервенција е клучна: Брзото препознавање и дијагноза овозможуваат поефикасно лекување и превенција на долгорочни последици. Лекувањето е мултидисциплинарен процес и вклучува:

  • Медицинска стабилизација
  • Нутритивна поддршка
  • Психолошка терапија
  • Контрола на телесната тежина на здрав начин на исхрана

Во тешките случаи се препорачува хоспитализација, а доколку пациентот одбива терапија и неговото здравје е сериозно загрозено, можно е и присилно лекување.

Нутритивна поддршка кај нарушувања во исхранат

Излезот од порочниот круг на изгладнување, депресија, анксиозност и телесна слабост е можен – но бара стручна поддршка и индивидуално прилагоден нутритивен план. Исхраната кај лица со анорексија или булимија мора да биде внимателно испланирана и следена од лекар и нутриционист.

Цели на нутритивната терапија:

  • Враќање на телесната тежина во граници на нормална телесна тежина
  • Воспоставување на редовни, балансирани оброци
  • Корекција на нутритивни дефицити (електролити, витамини, минерали)
  • Намалување на анксиозноста поврзана со храната
  • Обнова на хормоналната и гастроинтестиналната функција

Зошто е важна правилната исхрана?

Кај лица со нарушувања во исхраната, телото страда од сериозен недостаток на енергија и хранливи материи. Поради тоа може да се јават гастроинтестинални проблеми (опстипација, рефлукс, болки), нарушен метаболизам, оштетени органи, хормонален дисбаланс и ослабен имунитет.

Што значи нутритивен успех?

Нормализирање на телесната тежина не значи само бројка на вага. Таа води кон:

  • Нормализирање на хормоните (лептин, естроген, гонадотропини),
  • Враќање на менструалниот циклус,
  • Подобрување на менталната состојба и енергија.

Самолекувањето или импровизирани режими на исхрана може да предизвикаат дополнителна штета. Од таа причина потребен е индивидуализиран нутритивен план под супервизија на стручно лице – нутриционист, и мултидисциплинарен тим од специјалисти доктори поткрепено со психолошка или психијатриска поддршка зависно од индивидуалната состојба на пациентот.

Контактирајте нè и закажете консултација со нашите психолози, нутриционисти и медицински тим.

М-р Татјана Павлова
Нутриционист