00389 2 3091 484
март 03,2021
Од 01 до 08 март 2021 година се одбележува Неделата на борба против ракот. И оваа година како и изминатите пет години одбележувањето е под мотото ,,Јас можам и jас ќе успеам,,. Ова мото е креирано за да го поттикне позитивното гледање на оваа болест, спротиставувајќи се на негативниот став и фаталистичкото верување дека ракот е еднаков на смрт. На овој начин се подига свесноста за тоа како нашите лични постапки можат да бидат моќни и да влијаат на борбата и самиот исход од истата.
Докторите со години наназад апелираат дека клучна улога во борбата против ракот претставуваат редовните превентивни прегледи за неговото рано откривање. Податоците велат дека секоја година во светот заболуваат над 12 милиони луѓе од некој вид на рак, а дури 7.6 милиони умираат како последица на оваа болест.
Кај нас бројките на годишно ниво изнесуваат околу 6000 нови случаи на заболени од рак, бројки кои се застрашувачки и алармантни. Речиси четвртина од смртните случаеви на населението отпаѓа на ова заболување. Поточно кажано, малигните заболувања учествуваат со 20–25 % во вкупната статистика на смртност како причинители и се наоѓаат на второ место веднаш зад кардиоваскуларните болести.
Сепак, експертите од Меѓународната унија за рак и Светската Здравствена Организација нагласуваат дека околу 40% од карциномите можат потенцијално да се спречат и ризикот од развој на ракот може значително да се намали со примена на едноставни превентивни мерки и промена на животни навики.
Откажување од пушење и избегнување на пасивно пушење како и ограничена консумација на алкохол се првите промени кои мора секој да ги направи. Секако практикување на секојдневна физичка активност, јадење здрава храна и одржување нормална телесна тежина се исто така меѓу најважните сегменти кои мора се вграат како редовни активности. Во таа насока се советува и избегнување на прекумерна изложеност на сонце како и заштита од инфекции кои предизвикуваат рак.
Јасно е дека раната дијагноза спасува животи, ги намалува трошоците за идно лекување. Зајакнувањето на раната дијагностика ја зголемува шансата на преживување на милион луѓе кои живеат со оваа болест.