00389 2 3091 484
мај 05,2021
Пневмонија е инфекција што ги воспалува белодробните крила и може да ги зафати едното или обете крила. Тие може да се полнат со течност или гноен материјал, предизвикувајќи кашлица со шлајм, треска, температура и проблеми со дишењето. Различни микроорганизми, како што се бактерии, вируси и габи, можат да бидат предизвикувачи на пневмонијата.
Пневмонијата може да биде лесна, но и сериозна дури и опасна по живот. Најтешко поминуваат доенчиња и мали деца, лицата над 65 години и оние со дополнителни здравствени проблеми или ослабен имунолошки систем.
Симптомите на пневмонија зависат од повеќе фактори како што се: типот на микроб што предизвикал инфекција, возраста и целокупното здравје. Почетните знаци и симптоми обично се слични на настинка или грип, но траат подолго.
Пневмонијата може да се манифестира со:
∙ Болка во градите при дишење или кашлање
∙ Дезориентација или промени во менталната перцепција (кај возрасни 65 години и постари)
∙ Кашлица што може да произведе флегма / шлајм
∙ Замор
∙ Температура, треска и потење
∙ Намалување на нормалната телесна температура (кај возрасни над 65 години и лица со слаб имунолошки систем)
∙ Гадење, повраќање или дијареја
∙ Тешкотии при дишењето
Новороденчињата и бебињата понекогаш може да не покажат знаци на инфекција, но исто така може да се манифестира со повраќање, треска и кашлица, немир или замор, недостаток на енергија или да имаат проблеми со дишењето и јадење.
Посетете го вашиот лекар ако имате отежнато дишење, болка во градите, постојана покачена телесна температура од 39ºC (или повисока) постојана кашлица, особено ако имате кашлица со шлајм.
Многу е важно луѓето кои припаѓаат на следниве ризични групи да се консултираат со својот лекар:
∙ Возрасни над 65-годишна возраст
∙ Деца на возраст под 2 години со знаци и симптоми
∙ Лица со недијагностицирани здравствени проблеми или ослабен имунолошки систем
∙ Лица кои примаат хемотерапија или земаат лекови кои го потиснуваат имунитетот
Кај некои постари лица и лица со срцева слабост или хронични проблеми со белите дробови, пневмонијата може брзо да премине во состојба опасна по живот.
Пневмонијата може да се појави кај секого. Но, двете возрасни групи кои имаат најголем ризик да страдаат од тоа се:
∙ Деца од 2 години или помлади
∙ Лица од 65 години или постари
Други ризик фактори се:
∙ Хронична болест. Поверојатно е да добиете пневмонија ако имате астма, хронично опструктивно белодробно заболување (ХОББ) или срцеви заболувања.
∙ Пушењето. Пушењето ја оштетува природната одбрана на вашето тело против бактериите и вирусите кои предизвикуваат пневмонија.
∙ Ослабен имунолошки систем. Лицата кои имаат ХИВ / СИДА, лицата кои биле подложени на трансплантација на орган, или кои примаат долготрајна хемотерапија или стероиди се изложени на ризик.
И покрај третманот, кај некои лица, особено кај оние кои припаѓаат во групата со висок ризик, може да се појават следниве компликации:
∙ Бактерии во крвотокот (бактериемија)
∙ Тешкотии при дишењето
∙ Собир на течност околу белите дробови (плеврален излив)
∙ Апсцес на белите дробови
Неколку совети како да помогнете во спречувањето на пневмонија:
∙ Вакцинирајте се. Постојат вакцини за спречување на некои видови пневмонија и грип. Разговарајте со вашиот лекар за овие и други вакцини.
∙ Одржувајте добра хигиена. За да се заштитите од респираторни инфекции кои често доведуваат до пневмонија, редовно мијте ги рацете или користете средства за дезинфекција на рацете врз основа на алкохол.
∙ Откажете ги цигарите. Пушењето ја оштетува природната одбрана што ги штити белите дробови од респираторни инфекции.
∙ Чувајте го вашиот имунолошки систем силен. Спијте доволно, редовно вежбајте и одржувајте здрава исхрана.