00389 2 3091 484
мај 05,2020
Што е полицистичен оваријален синдром?
Полицистичен оваријален синдром или ПЦОС претставува нарушување во рамнотежата на репродуктивните хормони кај жената, но може да создаде и метаболни нарушувања кои влијаат на целокупното здравје и квалитетот на животот. ПЦОС е исто така и најчестата причина за инфертилност кај жените, но за разлика од некои други состојби ПЦОС може да се третира.
Што точно прави нарушувањето на хормонската рамнотежа?
Нарушувањето на хормонската рамнотежа создава проблеми со овулацијата. Јајце клетката која при овулација треба да се ослободи од јајникот, кај ПЦОС останува несозреана и заробена во јајникот. Следствено на ова, девојките и жените со полицистични овариуми имаат нерегуларни менструални циклуси и развој на цисти во овариумите.
Кои се симптомите на полицистичен оваријален синдром и кога треба да се оди на преглед кај ендокринолог?
Полицистичниот оваријален синдром може да се појави во било која возраст после пубертетот и развивањето на секундарните сексуални карактеристики. Еден од најчестите симптоми е нерегуларниот менструален циклус или целосно отсуство на менструалниот циклус кај жени и девојки кои претходно имале менструален циклус. Дополнително, девојките и жените со ПЦОС многу често имаат зголемена влакнавост или хирзуитизам (околу 70% од пациентките со ПЦОС); акни на лицето, градите и грбот; проретчена коса со залистоци која е карактеристична за машкиот пол; и зголемена телесна тежина. Неретко кај некои од пациентките се јавуваат и промени во расположението, замор и намалено либидо.
Како изгледа прегледот кај ендокринолог за дијагноза на полицистичен оваријален синдром?
Ендокринологот низ разговор со пациентката, покрај редовност на менструалниот циклус, добива бројни информации и податоци кои даваат една поширока слика за здравствената состојба на пациентката. Покрај ова, ендокринологот ќе ви измери тежина и висина, ќе провери дали пациентката има зголемена влакановст и/или акни по лицето и телото и конечно ќе ви земе примерок од крв за анализа на хормоните.
Како се дијагностицира полицистичен оваријален синдром?
Постојат три главни критериуми за дијагноза на ПЦОС, а тоа се: нарушување односно инверзија на односот помеѓу фоликуло-стимулирачкиот хормон (FSH) и лутеинизирачкиот хормон (LH), покачени вредности на тестостерон и присутни повеќе од 10 цисти со големина под 10мм во јајникот при ехо преглед на гинеколог. Доколку пациентката исполнува два од овие три критериуми, тогаш се поставува дијагноза за полицистичен оваријален синдром. Покрај овие главни критериуми, кај пациентките секогаш се евалуира и статусот на гликемијата (шеќер) и инсулин во крвта, затоа што полицистичниот оваријален синдром најчесто е придружен и со инсулинска резистенција и последователна хиперинсулинемија (зголемено ниво на инсулин во крвта), а тоа само по себе претставува ризик за развој на дијабетес во иднина.
Која е терапијата за полицистичен оваријален синдром?
Постојат неколку опции за третман на ПЦОС и секоја од нив има одредени бенефити или недостатоци. Во зависност од возраста на пациентката, телесната тежина и дали во моментот е заинтересеирана да остане бремена или не, ендокринологот заедно со пациентката се договараат во однос на терапијата. Најкористени на секојдневна база се лековите со анти-андрогено дејство и оралните контрацептиви. Лековите со анти-андрогено дејство го блокираат ефектот на андрогените хормони (тестостерон) и до одреден степен водат до намалување на влакнавоста и/или акните, како и згуснување на проретчената коса, но кај дел од пациентките не го регулираат менструалниот циклус. Оралните контрацептиви во Македонија сеуште се сметаат за табу тема, меѓутоа се широко прифатени во западниот свет затоа што го регулираат менструалниот циклус, го намалуваат ризикот за ендометријален канцер и ги намалуваат влакнавоста и акните. Ризик кај оралните контрацептиви претставува длабоката венска тромбоза, поради што не се препорачува пациентките сами да ги земаат апчињата, туку да одат два пати годишно на ендокринолог кој покрај стандардните испитувања, ќе направи и тестови на коагулабилноста на крвта кај пациентката. Покрај една од овие опции за третман, кај пациентките кај кои е утврдена хиперинсулинемија се дава терапија со лекови од групата на инсулински сензитајзери кои ќе ја нормализираат инсулинската секреција.
Дали лековите ќе помогнат со зголемената влакнавост?
Зголемената влакнавост претставува голем проблем пред се за младите девојки. Иако, медикаментозната терапија ќе придонесе за мало намалување на влакнавоста, омекнување на влакната и поспоро растење по депилација, за жал нема да ги реши целосно. Поради ова, се препорачуваат дерматолошки процедури за ласерско отстранување на влакната.
Дали постојат нефармаколошки опции за третман на полицистичниот оваријален синдром?
Редовна физичка активност и правилна исхрана, неретко придонесуваат за подобрување на полицистичниот оваријален синдром и се препорачуваат кај сите пациентки – особено кај обезните.
Дали жените со полицистични овариуми можат да останат бремени?
Голем дел од жените кои имаат потешкотии да останат бремени (според светската статистика 70%) имаат полицистичен оваријален синдром. Иако во некои случаи, поради недостатокот на овуалција, зачнувањето може да биде отежнато – полицистичниот оваријален синдром не претставува конечен стерилитет, односно е инфертилност која може да се третира. Доколку има потреба гинекологот прави стимулација на овулација со фармаколошки препарати, кај некои пациенти е потребна помош во вид на ин-витро фертилизација, а во ретки случаи одредени гинеколози се решаваат на оперативен третман со кој се прави т.н. дрилинг на овариумите.
Кој совет би им го дале на пациентките со полицистични овариуми?
Многу од пациентките се срамат поради зголемената влакнавост или чувствуваат притисок од социјалната средина дококлку имаат потешкотии да забременат. Не дозволувајте негативно да ви делуваат нереалните и вештачки очекувања за убавина поставени од општеството, ниту пак да ви налагаат кога да забремените. Секоја жена е единствена и убава на свој начин. Доколку имате полицистични овариуми не ги игнорирајте, јавете се на преглед, бидете свесни доколку имате проблем и решете се да се борите против него. Ние како ендокринолози сме секогаш спремни за соработка и разговор и заедно ќе најдеме решение и ќе одиме чекор по чекор во битката со полицистичните овариуми.
Д-р Надица Божиновска, специјалист по ендокринологија