Проблемите со простатата не се одлагаат!

Дневна доза здравје

март 03,2021


Не секој проблем со простата е рак!

Мажите над четриесетата година од животот се` почесто се соочуваат со проблеми со простатата, но истите неретко ги занемаруваат, прикриваат, па дури и не зборуваат за нив.
За да предупредиме какви се последици можат да произлезат од ваквиот неодговорен став, треба најпрво да објасниме детали околу морфологијата и функциите на самата простата.

Простатата е мала жлезда кој се наоѓа под мочниот меур и ја има само кај мажите. Таа нормално станува поголема со стареењето на мажите. Токму тоа нејзино растење може да предизвика стеснување па дури и затворање на мочниот меур. Ова зголемување на простата се нарекува бенигно зголемување на простатата. Бенигното зголемување на простатата може да предизвика често уринирање, особено ноќе, итна потреба за уринирање, тешкотија при започнување уринирање како и протекување или капење на урина и по завршувањето уринирањето. Но, сепак ова не значи дека станува збор за рак на простатата.

Медицинската статистика вели дека најчестата причина поради која доаѓа до бенигно зголемување на простатата се хормонските промени предизвикани од стареењето на организмот. Резултатите од таа статистика велат дека дури 50% од мажите, постари од 50 години имаат зголемена простата. Од нив пак, околу 30% имаат проблеми со мокрење.
Првите знаци т.е. проблеми со простатата се јавуваат во раните 40-ти години, а по 60-тата година, скоро секој втор маж има тегоби кои се предизвикани од оваа состојба. Со стареењето, симптомите стануваат сè поизразени.

Генерално речиси кај сите мажи кои се сретнуваат со проблеми со простата се забележуваат следните симптоми кои укажуваат на потребата од медицинска помош:

  • Слаб и бавен почеток на уринирањето
  • Слаб млаз при уринирање
  • Неволен прекин на млазот
  • Капење на урина и по завршување на уринирањето

Редовните контроли кај уролог, најмалку еднаш годишно, а почесто доколку имате проблеми со простата, гарантираат брз и ефикасен начин со справување со состојбите.

Мажите често пати бенигното зголемување на простата го порамнуваат со рак на простата. Но, не е така! Не секое бенигно зголемување на простата придонесува за рак на простата. Само 5 до 10% од мажите со рак на простата, имаат наследен ген што придонел за развој на ракот т.е тоа е поврзано со нивната семејна медицинска историја.

Тука да напоменеме дека ракот на простата кој е забележан во рана фаза дава ефикасно лекување без поголеми проблеми. Но, ако ракот порасне и се рашири надвор од простатата, што се нарекува рак во напредна фаза, тогаш тој може да предизвика болка или печење при уринирање, зголемена честота или тешкотија при уринирање, крв во урината или семенот, болка во долниот дел од грбот, колковите или горниот дел од бедрата.

Правилото е едноставно: Доколку ги имате овие симпроми, не одлагајте, посетете уролог кој со неколку едноставни испитувања што ги овозможува современата медицина која ја практикуваме во нашата клиника ќе утврди точна дијагноза и сигурно понатамошно лекување.