Простувањето – лек за душата и умот

Дневна доза здравје

февруари 20, 2026

Во пресрет на Празникот Прочка, вреди да се потсетиме дека простувањето не е слабост, туку внатрешна сила. Од психијатриски аспект, простувањето претставува процес на ослободување од товарот на лутината, огорченоста и болката. Кога неопростуваме, ние постојано ја „оживуваме“ повредата – телото и умот остануваат во состојба на стрес, напнатост и внатрешен немир.

Современите психолошки и психијатриски сознанија покажуваат дека задржаната лутина е поврзана со: – хроничен стрес, анксиозност и депресивни симптоми, проблеми со спиењето, а истотака влијаат и на телесното здравје со зголемување на крвен притисок и телесна напнатост.
Простувањето не значи дека го оправдуваме нанесеното зло, ниту дека забораваме што се случило. Простувањето значи дека не дозволуваме минатата болка да управува со нашата сегашност. Тоа е чин на грижа за сопственото ментално здравје.

Од религиозен аспект, простувањето е темелна духовна вредност. Во христијанската традиција, прошката не е само морална обврска, туку пат кон внатрешен мир и духовно исцелување. Во Светото Писмо, стои: „Проштевајте, за да ви биде простено.“
Овој повик не е насочен кон тоа да ги игнорираме сопствените граници или болки, туку да не дозволиме омразата и огорченоста да ни создадат внатрешен притисок. Религијата нè учи дека простувањето е ослободување – пред сè за оној што простува.

Кои се придобивките од простувањето за менталното здравје:

– поголем внатрешен мир,
– намалување на анксиозност и стрес,
– подобрување на расположението,
– подобрени меѓучовечки односи,
– чувство на лична слобода и раст.

Важно е да се каже: простувањето е процес. Не секогаш е моментална одлука – понекогаш е пат кој бара време, поддршка и работа со себе. И тоа е сосема во ред.
Како психијатар, секојдневно гледам колку непростеното станува извор на внатрешни конфликти, психосоматски тегоби и емоционален замор. А исто така гледам колку олеснување носи моментот кога човек ќе си дозволи да ја отпушти неправдата, навредата – не заради другиот, туку заради себе.
Нека овој Празник на простувањето ни биде потсетник дека простувањето не го менува минатото, но може длабоко да ја промени нашата иднина. Да си подариме себеси мир!