Сè што треба да знаете за проблемот полицистични јајници

Дневна доза здравје

јули 25, 2022

Синдромот на полицистични јајници (PCOS polycystic ovarian syndrome) е гинеколошко хормонално заболување кое се јавува кај жените во репродуктивна возраст. Жените со овој синдром често имаат ретки или продолжени менструации, имаат високи нивоа на машки хормони (андрогени) и често јајниците имаат голем број на мали цисти до 10mm (фоликули) кои не успеваат да ги ослободат јајце клетките во средината на менструалниот циклус.
Точната причина за PCOS е непозната. Раната дијагноза и терапија заедно со регулирање на телесната тежината може да го намалат ризикот од долгорочни компликации како што се дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.

Симптомите на PCOS често се појавуваат во адолесценцијата, но понекогаш PCOS се развива подоцна, на пример, како резултат на значително зголемување на телесната тежина.

Симптомите на PCOS може да варираат, но најчесто се следниве:

  • Нередовни менструации – Ретки, неправилни или продолжени менструални циклуси се најчестиот знак на PCOS.
  • Вишок андроген – Влакна на лицето и телото (хирзутизам), а понекогаш акни и ќелавост од машки тип.
  • Полицистични јајници – Јајниците може да бидат зголемени, со голем број на неруптурирани фоликули, односно јајниците не функционираат нормално. Знаците и симптомите на PCOS обично се манифестираат во потешка форма доколку имате прекумерна тежина.

Причини

  • Точната причина за PCOS е непозната. Фактори кои се идентификувани дека можат да играат улога се:
  • Вишок на инсулин. Инсулинот е хормон произведен во панкреасот кој им овозможува на клетките да користат шеќер. Ако вашите клетки станат отпорни на дејството на инсулинот, тогаш нивото на шеќер во крвта се зголемува и вашето тело произведува повеќе инсулин. Вишокот на инсулин може да го зголеми производството на андрогени, предизвикувајќи тешкотии со овулацијата.
  • Хронично ниско ниво на инфламација. Овој термин се користи за да се опише производството на инфламаторни маркери што ги стимулира полицистичните јајници да произведуваат андрогени, што може да доведе до проблеми со срцето и крвните садови.
  • Наследност. Истражувањата сугерираат дека одредени гени може да се поврзани со PCOS.
  • Вишок андроген. Јајниците произведуваат високи нивоа на андрогени, што резултира со хирзутизам и акни.

Компликации

  • Неплодност
  • Гестациски дијабетес или висок крвен притисок
  • Спонтан абортус или предвремено породување
  • Метаболен синдром – група на состојби вклучувајќи висок крвен притисок, висок шеќер во крвта и абнормални нивоа на холестерол или триглицериди кои значително го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести
  • Дијабетес тип 2 или преддијабетес
  • Депресија, анксиозност и нарушувања во исхраната
  • Абнормално крварење од матката
  • Рак на слузницата на матката (рак на ендометриумот)

Терапија

Терапијата за PCOS се фокусира на индивидуалните проблеми и потреби, како што се неплодност, хирзутизам, акни или дебелина.
Промени на животниот стил
Намалување на телесна тежината преку нискокалорична диета во комбинација со умерени активности за вежбање. Губењето тежина, исто така, може да ја зголеми ефикасноста на лековите за PCOS и може да помогне при неплодност.

Лекови

Регулација на менструален циклус:

  • Комбинирани апчиња за контрацепција. Таблетите кои содржат естроген и прогестин го намалуваат производството на андрогени и го регулираат естрогенот.
  • Прогестинска терапија. Земањето прогестин 10 до 14 дена на секои еден до два месеци може да го регулира менструалниот циклус и да штити од рак на ендометриумот.

Лечење на неплодност, стимулатори на овулација како Кломифен, Летрозол (Фемара), Гонадотропини
Метформин. Лек за дијабетес тип 2 ја подобрува инсулинската резистенција и го намалува нивото на инсулин.
Анти андрогени како Спиронолактон (Алдактон). Овој лек ги блокира ефектите на андрогените на кожата. Спиронолактонот може да предизвика вродени дефекти, затоа е потребна ефикасна контрацепција додека го земате овој лек.

За да ги намалите ефектите од PCOS, обидете се:

  • Да ја регулирате својата тежина. Губењето на тежината може да го намали нивото на инсулин и андрогени и може да ја врати овулацијата.
  • Да го ограничите внесот на јаглехидратите.
  • Да бидете активни. Вежбањето помага да се намали нивото на шеќер во крвта. Ако имате PCOS, зголемувањето на вашата дневна активност може да ја третира, па дури и да спречи резистенција на инсулин.

Д-р Ирена Андонова
Специјалист по гинекологија и акушерство