МЕДИЦИНСКИ УСЛУГИ

ЕНДОКРИНОЛОГИЈА

Ендокринолошки услуги

Ендокринологијата е гранка на медицината која ги опфаќа оние жлезди или ткива кои лачат високо специфични супстанции наречени хормони во крвотокот, за потребите на другите ткива.

Многубројните посебни карактеристики на ендокриното заболување го прават ендокринолошкиот пациент доста поразличен од оние кои се гледаат во секојдневната практика.

Една од одликите е откривањето на абнормалност преку скринирање на асимптоматичните единки, на пример високи нивоа на калциум во серумот откриени при систематски преглед или покачено ниво на гликемија при случајно мерење. Втората посебна одлика на ендокрините нарушувања е дека тие се повеќе квантитативни отколку квалитативни отстапувања од нормалата. Ниту едно ендокрино нарушување не се должи на невообичаен хормон.

Сепак тие имаат огромен ефект врз квалитетот на живеење и затоа успешната дијагностика и интервенција, може да биде исклучително важна и за пациентот и за семејството.

Иследувања

  • Заболувања на хипофизата
  • Заболувања на тироидната жлезда
  • Заболувања на паратироидната жлезда
  • Заболувања на надбубрежната жлезда и ендокрини хипертензии
  • Ендокрини заболувања на панкреасот
  • Репродуктивна ендокринологија (полицистичен оваријален синдром)
  • Дијабетес тип 1 и 2
  • Гестациски дијабетес
  • Остеопороза
  • Хиперлипидемија
  • Метаболен синдром (дебелина)

Ендокринолошки услуги

Дијабетес

Предијабетес

Според Американската асоцијација за дијабетес (АДА) предијабетесот претставува состојба на покачени нивоа на глукоза во крвта од нормалните вредности, но сеуште не доволно високи за да бидат дијагностицирани како дијабетес.
Ризик факторите за појава на предијабетес, во основа, се идентични како и факторите за дијабетес.

Тука спаѓаат возраст над 45 години, позитивна семејна историја за дијабетес, покачена телесна тежина (пратена со хиперинсулинемија или инсулинска резистенција), присутен метаболен синдром (покачен крвен притисок, покачен холестерол и телесна тежина), физичка неактивност и сл.
Предијабетесот се манифестира во две состојби – нарушена гликемија на гладно и нарушена глукозна толеранција.
Треба да се знае дека во оваа фаза веќе започнува процесот на оштета на малите крвни садови на срцето, очите, мозокот, бубрезите. Според Американската асоцијација за дијабетес, овие пациенти имаат постојан ризик да развијат дијабетес тип 2 (25-40% ризик во наредните 5 години) и зголемен ризик од кардиоваскуларна болест.
Добрата вест е што оваа состојба може во целост да се повлече и организамот да се врати во здрава хомеостаза или во намала рака да се одложи појавата на дијабетес за подолг рок.

Иследувања

  • Лабораториско испитување (хормонски анализи)
  • Ендокринолошки тестови (ОГТТ, ОГТТ со инсулинемија)

Дијабетес тип 2

Дијабетесот претставува болест која се манифестира со покачено ниво на глукоза во крвта. Ризикот за појава на дијабетес тип 2 е мултифакториелна. Генетската предиспозиција (семејната оптовареност), секојдневното темпо на живот со нередовен и нездрав начин на исхрана, слаба или никаква физичка активност, неправилен биоритам на телото (сон и будење), немање механизми за добро менаџирање на стресот, како и покачена телесна тежина.

Симптомите и знаците за дијабетес тип 2 се сува уста, жед, често мокрење, губиток на телесната тежина, заматен вид и потреба за поголем внес на храна.

Оралниот глукоза толеранс тест е златен стандард за дијагноза на дијабетесот.

Американската асоцијација за дијабетес (АДА) препорачува скрининг на сите лица на возраст над 45 години на секои 3 години и скрининг на лица што се помлади ако имаат покачена телесна тежина (Индекс на телесна маса поголем од 25 кг/м2) и доколку имаат еден дополнителен фактор на ризик за дијабетес (позитивна семејна анамнеза, покачен крвен притисок, дебелина, претходно евидентирани покачени гликемиски вредности на гладно или присутна инсулинска резистенција, полицистичен оваријален синдром и тн.).

Навременото и соодветно дијагностицирање како и правилното третирање на дијабетесот тип 2, негово редовно контролирање и следење, може поволно да ја измени природната историја на тек и прогноза на самото заболување и да се минимизира ризикот од појавата на било каква компликација.

Иследувања

  • Лабораториско испитување (гликемија на гладно, ХбА1ц – гликолизиран хемоглобин, инсулин)
  • Ендокринолошки тестови (ОГТТ, ОГТТ со инсулинемија)

Гестациски дијабетес

Гестациски дијабетес претставува дијабетес кој се јавува за време на бременоста, без претходна историја за дијагностициран дијабетес или покачени гликемиски вредности. Најчесто се јавува во третиот триместар од бременоста, а доколку се појави во првите два, тогаш најверојатно станува збор за дијабетес тип 1 или тип 2.

Како ризик фактори за појава се сметаат покачена телесна тежина, полицистичен оваријален синдром, позитивна фамилијарна анамнеза за дијабетес, родилната тежина на плодот од претходната бременост била над 4кг, физичка неактивност или постоечки предијабетес.
Гестацискиот дијабетес се дијагностицира со орален глукоза толеранс тест кој се изведува меѓу 24-28 гестациска недела, а доколку има податок за претходно постоечки ризик фактори, тогаш може да се направи и во првиот триместар (12-тата гестациска недела).
По пораѓајот, најчесто завршува гестацискиот дијабетес и се` се враќа во нормала, но кај 50% од жените со гестациски дијабетес ќе развијат дијабетес тип 2 со текот на времето. Затоа е потребно по 6-12 недели да се направи проверка на гликемискиот статус.

Иследувања

  • Лабораториско испитување (гликемија на гладно, ХбА1ц – гликолизиран хемоглобин)
  • Ендокринолошки тестови (ОГТТ)

Дијабетес

Заболувања на хипофизата

Хипофизата претставува ендокрина жлезда сместена во базата на черепот од која се ослободуваат мноштво хормони одговорни за одржување на физиолошката телесна рамнотежа. Составена е од преден (аденохипофиза) и заден дел (неврохипофиза).

Заедно со хипоталамусот формираат функционална единица која има контрола врз функцијата на неколку ендокрини жлезди – тироидната, надбубрежната и половите жлезди. Хипофизните аденоми се бенигни промени кои се развиваат од еден од петте клеточни видови од кои е сочинета предната хипофиза. Тие се најчестата причина за синдромите на хиперсекреција и на хипосекреција на хипофизните хормони кај возрасните лица.

Иследувања

– Лабораториско испитување (хормонски анализи)

– Радиодијагностичко иследување (МРИ на хипофиза)

Третман

– Медикаментозен третман

Заболувања на хипофизата

Заболување на надбубрежната жлезда и ендокрини хипертензии

Надбубрежната жлезда е парен ендокрин орган, сместена во ретроперитонеалниот простор, на горните полови на обата бубрега. Нејзината морфологија се состои од кора и срцевина и секој од овие компартмани лачи одреден тип на хормони (кортизол, алдостерон, адренални андрогени, адреналин итн).

Болестите на надбубрежната жлезда водат до класични ендокринопатии како што се Кушингов синдром, Адисонова болест, хипералдостеронизам.

Феохромоцитомите се тумори кои потекнуваат од срцевината на надбубрежната жлезда.
Артериската хипертензија е доминантна компонента на бројни ендокринолошки заболувања, најчесто оние кои ги инволвираат надбубрежните жлезди (феохромоцитом, примарен хипералдостеронизам) и хипофизата (АЦТХ продуцирачки тумори), но тука се и акромегалија, тиротоксикоза, хиперпаратироидизам.

Од промените кои може да настанат во надбубрежната жлезда се вбројува и инциденталомот. Тоа е адренална маса која е случајно откриена, најчесто при некоја од радиографските техники (ехо, КТ или МР на абдомен), примарно наменети за друга состојба. Надбубрежните инциденталоми се хормонски активни само во 20% од случаите. Кај нефункционалните, може да се појави губиток на телесна тежина и појава на тапа абдоминална болка. Доколку се утврди дека адреналниот инциденталом е функционално активен, тој треба хируршки да се отстрани. Неактивните инциденталоми воглавном се следат.

Иследувања

– Лабораториско испитување (хормонски анализи)
– Ендокринолошки тестови
– Радиодијагностичко иследување (МРИ на надбубрежни ложи)

Третман

– Медикаментозен третман
– Хируршки третман

Заболување на надбубрежната жлезда и ендокрини хипертензии

Заболувања на тироидната жлезда

Тироидната жлезда е сместена на предната страна на вратот и се состои од два лобуси кои се поврзани со истмус. Нарушувањата на тироидната жлезда може да бидат од морфолошки и функционален аспект.

Морфолошките или нарушувањата во структурата на жлездата се манифестираат како нодуларни или цистични формации, додека функционалните нарушувања може да стимулираат прекумерно создавање на тироидни хормони (хипертироидизам) или да предизвикаат уништување на жлездата и недостиг на хормони (хипотироидизам). Во нарушувања на тиродната жлезда спаѓаат и акутното (субакутен тироидитис) и хроничното воспаление (Хашимото тироидитис).

Карциномот на тироидната жлезда е најчесто малигно заболување на ендокриниот систем. Диференцираните тумори како папиларниот карцином или фоликуларниот карцином на тироидната жлезда, често може да се излекуваат, а прогнозата е добра за пациентите кај кои заболувањето е откриено во рана фаза. Анапластичниот карцином е агресивен, слабо реагира на третман и е со лоша прогноза. Медуларниот карцином опфаќа 5-10% од сите типови карциноми на тироидната жлезда.
Лекувањето на карциномите првенствено се состои од хируршка интервенција.

Иследувања

– Лабораториско испитување (хормонски анализи)
– Радиодијагностичко иследување (Ултразвук на тироидна жлезда, КТ на врат)
– Тенкоиглена биопсија на јазол (ФНАБ)

Третман

– Медикаментозен третман
– Хируршки третман

Заболувања на тироидната жлезда

Заболувања на паратироидната жлезда

Паратироидните жлезди се ендокрини жлезди, 4 на број сместени на горните и долните полови на двата лобуса на тироидната жлезда од задната страна. Тие произведуваат паратироиден хормон, кој претставува примарен регулатор на метаболизмот на калциум.

Најчесто заболување на паратироидната жлезда е прекумерно создавање на паратироиден хормон (хиперпаратироидизам) како резултат на автономно-функционални аденоми или хиперплазија и е честа причина за покачени вредности на калциумот во крвта. Истото може да се манифестира со повеќекратни знаци и симптоми вклучувајќи повторлива нефролитијаза (калкули во бубрези), пептични улкуси, ментални промени и поретко изразена коскена слабост. Дијагнозата често се поставува кај пациенти кои најчесто немаат симптоми освен лабораториски покачени вредности на калциум и паратироиден хормон. Доколку постои изразен степен на покачено ниво на калциум, докажано присуство на бенигна промена на некоја од паратироидните жлезди како и изразена симптоматологија, дефинитивен третман е хируршко отстранување на заболената паратироидна жлезда.

Иследувања

– Лабораториско испитување (хормонски анализи)
– Радиодијагностичко иследување (Ултразвук на врат, КТ на врат, МРИ на врат)

Третман

– Медикаментозен третман – Хируршки третман

Заболувања на паратироидната жлезда

Ендокрини заболувања на панкреасот - Инсулином

Инсулиномот претставува тумор кој потекнува од Бета клетките на панкреасот и лачи инсулин. Најголемиот дел од овие тумори се со бениген карактер. Основна патофизиолошка карактеристика на постоењето на оваа промена е неспособноста за намалување на секрецијата на инсулин во услови на хипогликемија.

Инсулиномот се јавува кај едно од 250.000 лица. Средната возраст на која се јавува е околу 50 годишна возраст. Нивното присуство се открива поради хипогликемијата , а не поради нивните димензии. Преку компјутеризирана томографија се откриваат околу 70-80% од инсулиномите, а со помош на магнетна резонанца околу 85%. Хируршкото отстранување на инсулиномот главно помага за целосно излекување.

Иследувања

– Лабораториско испитување (хормонски анализи)
– Ендокринолошки тестови
– Радиодијагностичко иследување (МРИ или КТ на панкреас)

Третман

– Хируршки третман

Ендокрини заболувања на панкреасот - Инсулином

Полицистичен оваријален синдром

Полицистичниот оваријален синдром се смета за најчесто ендокринолошко заболување во репродуктивниот период на жената, со комплексна патофизиологија и мултифакториелна етиологија.

Етиологијата на ПЦОС не е до крај јасна, иако во основа примарни нарушувања се: нарушена стероидогенеза, хиперинсулинемија и невроендокрино нарушување. Дијагнозата типично се базира на клиничките карактеристики како што се полицистични овариуми, хиперандрогенизам и ановулација, иако може да бидат потребни дополнителни испитувања како што се биохемиски тестирања. Сите овие карактеристики се манифестираат како менструални нарушувања (нередовен менструален циклус), акни, зголемена влакнатост (хирзутизам), дебелина, инфертилитет. Навременото дијагностицирање и започнување со соодветна терапија е многу важно за спречување или одложување на последиците од ПЦОС, како по репродуктивното така и по метаболното здравје на жената.

Иследувања

– Лабораториско испитување (хормонски анализи)

Третман

– Медикаментозен третман

Полицистичен оваријален синдром

Остеопороза

Остеопорозата е состојба на намалена густина на коските со зголемен ризик од фрактура. Почесто се јавува кај жените во менопауза, како резултат на естрогенскиот дефицит, но може да се јави и кај мажите најчесто како секундарно заболување при долготрајна примена на кортикостероидна терапија.

Ризик факторите за појава на остеопороза се: напредната возраст, пушење, алкохолизам, дефицит на естроген, мала телесна тежина, намален внес на калциум, недоволна физичка активност, долготрајна терапија со кортикостероиди. Главните клинички манифестации на остеопорозата се фрактурите на пршлените и на колковите, како најчеста локализација, или на кое било скелетно место.

Скринингот за остеопороза треба да се прави кај 65 годишни жени, и постари или помлади, кај кои ризикот од фрактура е ист или поголем од тој на 65 годишна жена која нема дополнителни ризик фактори.
Дензитометријата е рентгенографска техника со голема прецизност. Иако може да се користи за мерења на било која скелетна коска, клиничките мерења вообичаено се прават на слабинските рбетни пршлени и на колковите, а по потреба и на подлактицата. И покрај тоа што многу техники се развија за оваа намена, сепак остеодензитометријата нуди најпрецизни мерења на повеќе скелетни места со најмала изложеност на зрачење.

Иследувања

– Лабораториско испитување (хормонски анализи и коскени маркери)
– Радиодијагностичко иследување ( Коскена дензитометрија – ДЕКСА скен)

Третман

– Медикаментозен третман

Остеопороза

Хиперлипидемија

Нарушувањата на метаболизмот на липопротеините можат да бидат примарни и секуднарни. Примарните може да се поделат на состојби кои предизвикуваат покачување на ЛДЛ холестеролот со нормални вредности на Триглицеридите и состојби што предизвикуваат покачени триглицериди.

Секундарните најчесто се различни болести кај кои се забележани значителни промени во нивоата на липопротеини во плазмата. Многу е важно пред да се започне со терапија за намалување на липидите, да се земат предвид секундарните причини за хиперлипидемиите (обезност, дијабетес мелитус, заболувања на тироидната жлезда, нарушувања на бубрезите, нарушувања на црниот дроб, алкохол, лекови). Најважен прв чекор во третманот на едно липидно нарушување е да се утврди класата или класите на липопротеини кои се покачени кај пациентот. Третманот може да биде нефармаколошки (исхрана, намалување на телесната тежина и физичка активност) и фармаколошки (статини, фибрати).

Иследувања

– Лабораториско испитување (липиден профил)

Третман

– Медикаментозен третман

Хиперлипидемија

Обезност

Обезноста е состојба на нарушена телесна конституција, дефинирана како релативен или апсолутен ексцес на телесни масти и карактеризирана со неколку значителни карактеристики. Прекумерните телесни масти резултираат најчесто со покачување на телесната тежина.

Во клиничката пракса најчесто употребувана алатка е индексот на телесна маса (БМИ) кој претставува однос меѓу телесната тежина и висина на квадрат. Според индексот на телесна маса, прекумерната телесна маса и обезноста се поделени во неколку класи.

Класификација за возрасни БМИ
Подхранетост < 18.5 kg/m²
Нормална ухранетост 18.5 kg/m²-24.9 kg/m²
Надхранетост 25.0 kg/m²-29.9 kg/m²
Обезност (класа 1) 30.0 kg/m²-34.9 kg/m²
Обезност (класа 2) 35.0 kg/m²-39.9 kg/m²
Обезност (класа 3) > 40.0 kg/m²

Тешко е да се утврди сигурната поврзаност меѓу болестите и обезноста. Овие корелации се предизвикани од многу метаболни и хормонски промени кои или водат до или потекнуваат од ексцесот на масното ткиво. На пример, слабата кардиореспираторна вежба, иако блиску поврзана со телесната тежина, таа е силен и независен предиктор од кардиоваскуларна болест и морталитет. Други пропратни состојби кај обезните лица се дисфункционалност (инвалидитет, болка, дискриминација, функционални нарушувања), нарушена физиолошка благосостојба (нарушувања во исхраната, депресија и анксиозност), болести (дијабетес тип 2, кардиоваскуларни болести, слип апнеа), карциноми (ендометриум, дојка, колоректален).

Иследувања

– Лабораториско испитување (хормонски анализи и биохемиски параметри)

Третман

– Медикаментозен третман
– Хоспитален третман

Обезност

Гинекомастија

Гинекомастијата претставува состојба на абнормално зголемување на дојките кај машките индивидуи. Се јавува како резултат на дисбалансот меѓу машките и женските хормони.
Доколку постои неодамнешна активација на болеста, нејзино брзо напредување и при зголемена чувствителност, особено кај лицата со помала телесна тежина, се препорачуваат подетални ендокринолошки иследувања.

Доколку навреме се дијагностицира и контролира причината која предизвикува гинекомастија, симптоматското зголемување на дојките кај пациентот обично се повлекува за неколку месеци. Сепак, доколку се работи за подолготрајна форма на болеста, се препорачува хируршка интервенција како најефикасна терапија.
Кај речиси половина од пациентите со болна гинекомастија не може да се изведе хируршка интервенција и се препорачува терапија со антиестрогени лекови како најефикасни во намалување на симтомите и големината на дојките.

Иследувања

  • Лабораториско испитување (хормонски анализи)
  • Радиодијагностичко иследување (Ултразвук на дојки, ехо на тестиси)

Третман

  • Медикаментозен третман
  • Хируршки третман

Гинекомастија

Останати доктори од овој оддел

Џулиана Михајловска

Д-р Џулиана Михајловска

Спец. по ендокринологија

djuliana.mihajlovska@zmc.mk

Види го профилот