Синдром на смрзнато рамо

Дневна доза здравје

април 04,2019

Смрзнато рамо (frozen shoulder) претставува клинички синдром со нејасна етиологија (не е познат причинителот). Се карактеризира со болки и ограничени движења во рамениот појас. Во голем дел од случаите пациентите се жалат на силна болка особено во текот на ноќта, па дури и дека користат аналгетици за да може да заспијат.

Зглобната чаура е задебелена и со фиброзни промени. На рендген снимка може да се забележи намалена густина на коската поради неактивност. Промените кои настануваат во рамениот зглоб се реверзибилни и во поголем број на случаи настапува закрепнување.

Ова заболување најчесто се јавува после петтата односно шестата декада на животот, но почетокот може да биде во која било доба. Постои примарен и секундарен синдром на смрзнато рамо. Примарниот се развива без позната причина и не може да се поврзе со ниедно друго познато заболување, додека секундарниот е често пропратен со други заболувања: дијабетес, мозочен удар со одземеност на екстремитетите, трауми, вратна спондилоза и сл.

Самата состојба поминува низ три фази и тоа:

  • Фаза на замрзнување (0 – 8 недела)
  • Замрзната фаза (8 – 16 недела)
  • Фаза на одмрзнување (над 4 месеци)

 

ФИЗИОТЕРАПИЈАТА е основна терапија за враќање на функциите на рамото кај ова заболување, таа има за цел да ја намали болката и да го зголеми обемот на движење. Примената на медикаментозна терапија, е само помошно средство, во процесот на закрепнување.

Во првата фаза на смрзнато рамо се применуваат вежби со умерено темпо со истегнување до граница на болка за да се зачуваат движењата, дополнително се применува криотерапија (терапија со мраз) пред и по изведување на вежбите. Третманот може да биде комбиниран и со електротерапија – ултразвук, TENS – транскутана електронервна стимулација, кинезиотејпинг и ласеротерапија за да се намали болката, а исто и отокот.

Во втората фаза на смрзнато рамо се задава акцент на вежби и истегнување на рамениот појас онаму каде што движењата се најмали. Во оваа фаза се инсистира да се одржи силата и колку што е можно повеќе да се врати мобилноста во рамото. И во оваа фаза се препорачува да се аплицираат кинезиотејпинг ленти. Терапевтот во оваа фаза работи активно – потпомогнати вежби кај оние движења кај кои пациентот се штеди најмногу.

Третата фаза е онаа фаза каде што веќе започнуваат да се враќаат движењата во рамото.

Во оваа фаза се изведуваат „по агресивни“ вежби но сепак до граница на болка за да се достигне целиот обем на движење.

Се изведуваат вежби за јакнење на мускулатурата на рамениот појас којашто е ослабната поради недоволната активност.

Препопрачливо во оваа фаза е да се изведуваат вежби со двете раце за да нема дисбаланс.

Многу е важно третманот да го спроведи квалификуван физиотерапевт, за да може пациентот да добие соодветна терапија.

Македонското физиотерапевтско здружение во соработка со компанијата ФИЛА-ФАРМ од Скопје организира Кинезио-семинар и работилница на 21. април 2019 година во 10 часот во Жан Митрев Клиник Скопје, гостин на семинарот ќе биде Д-р Кензо Касе, иноваторот на кинезиотејпингот техника.

Регистрација за учество може да се направи на следниот е-маил president@mfz.mk или на ‪070772122.

Котизација за членови на МФЗ е 1000 денари а за сите останати 1200 денари.

Котизацијата треба да биде уплатена на следната жиро сметка ‪210072165990137 во НЛБ ТУТУНСКА БАНКА АД СКОПЈЕ со назнака кинезио семинар, најдоцна до 15 април 2019.

Бројот на учесници е ограничен.