Совети и препораки од нашиот психолог Марија Аџиоска

Дневна доза здравје

септември 09,2021

Како да си помогнеме себе си кога тагуваме за блиска личност?

Изминатиов период многу семејства загубија драги блиски личности. Соочувањето со смртта е еден од најголемите предизвици. Кога се соочуваме со загуба на блиска особа се раѓа една цела низа симптоми а најизразени се тага, лутина, страв и телесни симптоми, односно психосоматски, како што се несоница, немир, намален или зголемен апетит, забрзано чукање на срцето, покачен крвен притисок, главоболка. Психички и физички цело наше тело реагира. Ваквата состојба прави пореметување на природната рамнотежа на организмот.

Никако не требе да го избегнуваме тагувањето. Тое е природен и корисен процес кој има лечебна фукција. Важно е емоциите да излезат од нас, затоа што потиснатите емоции не си заминуваат, не ги снемува, тие многу често знаат да се појават во облик на болести или физички тегоби. Вообичаено процесот на тагување трае 2 до 3 години. Во тој процес ние поминуваме низ неколку различни фази, состојби кои е добро да ги знаеме за да сме свесни до кој степен е нормално тоа низ кое што поминуваме.

Првата фаза е шок и неверување, тоа е одбранбен механизам на нашето тело. Кога ќе ја примиме веста дека сме изгубиле некој со кој што сме биле емотивно поврзани, ние едноставно негираме и несакаме да го прифатиме тоа. Нашето несвесно поставува една бариера која нас не штити во тоа прво време од таа страшна вест за нас. Негирањето е нормално, не се борете против тоа.

Потоа доаѓа фазата на лутина. На кого се лутиме? Прво, обично се лутиме на онаа особа која што не напуштила и кажуваме: „Зошто баш сега мораше да ме нашпуштиш?“, Се лутиме на бог, на светот, на лекарите, се лутиме сами на себе. Се прашуваме дали ние сме направиле се што било потребно? Дали сме можеле да направиме нешто повеќе?

Влегуваме во процес на чувство на вина затоа што умот на тој начин се обидува да најде решение, но бара решение на начин да најде виновник, кој е виновен за тоа што се случило, кој е одговорен. Важно е да запомните дека никој не е виновен. Тоа е нормална лутина и е нормален дел од процесот на жалење и таа ќе трае некое време. Не се борете против тоа, во ред е да чувствувате бес и лутина. Кога ќе почувствувате бес не го притискајте, зборувајте гласно: „Толку сум лут/а што ова се случи“. Тогаш болката повторно е ужасна, но станува подобро, кога ќе го прифатиме и уважиме чувството.


Кога низ лутината ќе го извадиме тој силен енергетски набој кој нас ни носи нелагодност, тогаш влегуваме во следната фаза а тоа е депресија или потиштеност.
Во оваа фаза ние сме свесни дека тоа е една преголема загуба за нас дека нашиот близок го нема и доаѓаат симптоми кои се многу слични симптоми на депресија, а тоа се, тага, безволност, апатија, некои размислуваат на тоа да си направат себеси нешто.


Тогаш е значајно да се сетите дека, вие сте сеуште живи и се додека сте живи имате одговорност да се грижите за сопствениот живот, а тоа значи да го живеете и да доживувате се што ви носи и тешкотии и убавини.
После бесот, брановите од болка ќе ве погодат, но потоа тие ќе се повлечат, ќе доаѓаат се помалку и помалку. Kога тоa ќе се случи одиме во следна фаза, прифаќање. Во ова фаза, сеуште е тешко, сеуште таа личност ни недостига, но сега пополека прифаќаме. Најголем број од луѓето научуваат да се носат со болката и тагата.

Поминувајќи низ сите тие фази, почнуваат да учат, постепено, по свое темпо и време да продолжат со своите животи и функции во општеството. Во фазата на прифаќање веруваме дека таа личност ќе живее секогаш во нас и одбираме да се фокусираме на љубовта што секогаш ќе ја чувствуваме кон неа.

Совети и препораки

  • Кога се наоѓате во голема тага и болка, кога ви се чини дека е безизлезно, пробајте да си замислете каков совет таа личност би ви дала во тој момент, што таа би кажала на тоа. Ова е неверојатно моќна техника што може да ви помогне.
  • Бидете свесни дека ќе го чувствувате вашиот живот како да не е реален, како да не можете да избегате од болката. Бидете трпеливи, нежни и сочувствителни кон себе, тагата нема да ја снема за месец или два, не си поставувајте рокови и граници, дозволете да се случи процесот на тагување и следете го својот пат.
  • Одржувајте го својот живот што е можно поедноставен, потребно е време за човек повторно да си ја најдете својата рамнотежа и да ја обновите својата сила.
  • Важно да не сте сами во тие моменти, значајна е поддршката од блиските.
  • Комуницирајте со луѓе кои претрпеле слична загуба, тие можат да ви бидат поддршка.
  • Обидете се да најдете значење во вашето страдање, да ја трансформирате тагата и да направите нешто што било значајно за вашата сакана личност. Може да направите многу мали работи во чест на саканата личност.
  • Грижете се за себе, грижата за себе треба да биде ваш најголем фокус кога тагувате за блиски особи.
  • Ставањето во писмена форма на она што го чувствувате, може да биде исклучително корисно во процесот на тагување. Може да пишувате, дневник, да користите музика или цртање.
  • Препорачливо е доколку треба да донесете некоја важна одлука, да ја одложите бидејќи не е време за донесување на важни одлуки, затоа што реално тогаш не сте во можност на еден правилен начин да ја согледате ситуацијата.
  • Можете во одреден степен да преземете контрола врз тагата преку нејзино ритуализирање, да си направите неколку дена во годината кога ќе имате фамилијарен ручек во чест на саканата личност, ќе гледате во нејзините слики, ќе разговарате за неа, ќе ги оживувате спомените.
  • Кога е тешко да се најде надеж, едуцирањето за тага може да ви помогне да верувате дека тагувањето води кон заздравување.

Кога да побарте помош од психолог, психотерапевт? Зошто е важно и што тоа ќе ви донесе?

Особено е важно да побарате стручна помош од психолог, психотерапевт доколку:

  • Со тек на времето тагата не го намали својот интензитет;
  • Сте изгубиле волја за секојдневните активности;
  • Ви доаѓаат секакви мисли низ глава, размислувате автодеструктивно, се повредувате себеси, си наштетувате на себеси.
  • Гледате дека неможете сами да се носите со загубата, поминало доста време, а вие сеуште се чувствувате изолирани и осамени.
  • Можеби вашата последна средба завршила со некој лош збор или некое недоразбирање, па постојано се преиспитувате себеси како сте постапиле, може да се чувствувате виновни за работи што сте ги правеле или што не сте ги направиле додека била жива личноста, можеби сте сакале уште нешто да и кажете, па ве измачува тоа што ви останало недокажано.

Сето ова може да направи застој во процесот на тагување. Потребно е да излеземе од таа заглавеност, за да протече енергијата и да започне заздравувањето.
Сите во животот кога тогаш ќе поминеме низ тој процес и повеќе пати. Целта е да излеземе со најмали последици по нашете психичко и физичко здравје. Постојат различни психотерапевтски техники со кои што се работи во текот на сеансите за најпрво да дојде до олеснување кај личноста од товарот кој што го носи, за потоа да може функцинално да продолжи со својот живот и да стане посилна и помудра низ сопственото искуство.


Марија Аџиоска, психолог во Клиничката болница Жан Митрев