00389 2 3091 484
август 08,2021
Мочниот меур е сместен во малата карлица и кај жените лежи на предниот дел на вагината. Оваа потпора со тек на времето може да ослаби и попушти, па мочниот меур да се спушти најпрво во вагината, а потоа и надвор од неа. Ваквото спуштање, може да предизвика бројни проблеми како што се чести уринарни инфекции, уринарни тешкотии, непријатност и стрес инконтиненција позната како подмочување. Истекувањето на урината предизвикано при кивање и кашлање, напнување и интимни односи, доведува до чести уринарни инфекции.
Постојат четири степени на спуштеност на мочниот меур:
Степен 1 (благо спуштен): Само мал дел од мочниот меур паѓа во вагина.
Степен 2 (умерено спуштен): Мочниот меур упаѓа доволно за да може да го достигне влезот на вагината.
Степен 3 (сериозно спуштен): Мочниот меур излегува преку вагиналниот отвор.
Степен 4 (комплетно спуштен): Целиот мочен меур е испакнат и комплетно надвор од вагината; обично овој степен е комбиниран заедно со други форми на пролапс на гениталните органи (пролапс на матката, дебелото црево, цревата и тн.).
Третманот на овие пореметувања е исклучително успешен со примена на вагинална хируршка интервенција со минимална траума и краток престој во болница. Со ваквиот пристап се постигнува реконструкција на позицијата на мочниот меур, но се решаваат и останатите делови кои се спуштиле-вагината и/или матката кои се исто така засегнати во вакви случаи. Многу е важно и тоа што при оваа интервенција успешно се решава и тешкиот проблем со инконтиненција на урината што значајно го подобрува личниот имиџ, самоувереноста, интимниот живот како и воопшто квалитетот на живот кај една жена.
Проф. д-р сци. Васил Илиев