ТАВИ процедура – Замена на аортната валвула без операција

Настани

март 28, 2022

Кај пациентите со тешка болест на аортната валвула, аортна стеноза (стеснување), единствено решение е замена на аортната валвула. Замената може да се изврши со помош на кардиохируршка операција или ТАВИ процедура.
Класичната операција како решение за замена на аортната валвула вклучува бројни ризици, како и поспоро опоравување. Додека пак, ТАВИ методата исклучува операција т.е отворање на градниот кош на пациентот.

Што претставува ТАВИ процедурата и за кого е наменета?

ТАВИ или Транскатетерна аортна валвуларна имплантација, претставува процедура за третман на тешка аортна стеноза без операција. Тоа значи помалку инвазивен пристап, вградување на вештачката валвула без рез на градната коска, со помош на софистициран систем за катетеризација преку артериите на препоните.
Иако ТАВИ сеуште се смета за релативно нова процедура, таа е во широка употреба и е одобрена во САД и во Европската унија за третман на одредени високоризични пациенти со тешка аортна стеноза.

Кои се предностите?

Најновите медицински сознанија укажуваат дека високоризичните пациенти со тешка аортна стеноза е најдобро да се третираат со ТАВИ процедура која е побезбедна како интервенција споредена со класичната операција на аортна валвуларна болест. ТАВИ процедурата е третман на избор кај овие пациенти поради неколку причини:

  • помалата траума при оваа интервенција,
  • поголемиот комфор на пациентот,
  • помалку пери и постпроцедурални компликации и исход, за разлика од оперативно
  • третираните високоризични пациенти со тешка аортна стеноза.

Како се врши зафатот?

Откако била направена правилната ехографска проценка и ангиографски преглед на срцето и аортата заедно со периферните крвни садови, како и селективна коронарографија, се пристапува кон отпочнување со ТАВИ процедурата односно поставување на транскатетер аортна валвула преку мал засек во зоната на препоните.
Поставувањето на аортна валвула преку катетер (TAVI) се изведува во ангиографска сала. Пациентот е во услови на општа анестезија. Се поставува привремен пејсмејкер во вратната вена со кој што се контролира брзината на пулсот за време на самото аплицирање на аортната биолошка валвула. Пртеку артеријата на препоните (лево или десно) која хируршки се отвара, се пласираат пластични цевчиња преку кои се воведува биолошката аортна валвула до срцето и се поставува на местото на старата валвула. По поставување на биолошката валвула, таа веднаш влегува во функција. Пласирањето се изведува при континуиран рентгенски надзор и чести аортографии (пред, за време и после имплантацијата) и вклучен пејсмејкер на 180/мин. По пласирањето на новата валвула, следува хируршко затварање на препонската артерија и трансфер на пациентот на интензивна нега.
После интервенцијата, вообичаено пациентите остануваат на опсервација во болница само 24 часа, до следниот ден, а потоа си заминуваат дома со препишана терапија. Секако кај одредени процедури со појава на евентуални компликации, можеби ќе биде потребен и хируршки третман на пациентот.

Колкава е успешноста и кои се ризиците од оваа процедура?

Со добра претходна проценка и високо едуциран искусен тим, шансите за успешност на интервенцијата се високи и изнесуваат околу 98%.
Кај дел од пациентите, сепак е можно да се случат компликации. Тие може да се од типот на изместување на протезатата, или пак компликации од други органи и системи како бубрези, бели дробови, мозок, или евентуално повреда на аорта. При ваквите ретки случаеви, дополнително се разгледува евентуален понатамошен третман, било интервентен, хируршки или медикаментозен.
Но, генерално, процентот на лоши исходи или смрт е премногу мал, речиси занемарлив.

Во клиничката болница Жан Митрев ангио тимот на искусни доктори во состав: д-р Вилма Ампова-Соколов, д-р Иван Милев, д-р Шпенд Идризи, д-р Никола Христов, заедно со медицинските сестри Соња Русевска, Весна Милев и Сузана Костовска континуирано успешно изведуваат ТАВИ процедури.