Употреба на систем за автотрансфузија (Cardiopulmonary Post-operative Autotransfusion System – CARDIO P.A.S.) после кардиохируршки операции
Еритроцитните трансфузии се вообичаена терапија која е потребна во тек на кардиохируршките операции, поради значителниот губиток на крв во тек на истите. Иако денес, крвните компоненти се релативно безбедни во однос на трансмисија на инфективни болести, сепак, сеуште постојат сериозни несакани реакции – посттрансфузиски имунолошки реакции, имуносупресивен ефект и зголемена инциденца на нозокомијални инфекции, болест калем против домаќин (GVHD), акутна белодробна инсуфициенција асоцирана со трансфузија (TRALI), волуменско преоптоварување (TACO).Постоперативната автотрансфузија е безбедна метода за намалување на употребата на еритроцитни трансфузии. Самата процедура значи реинфузија на сопствената крв на пациентот, која се дренира од градниот кош после операцијата, со цел да се минимизира употребата на туѓа (дарителска) крв, а со тоа и да се намалат несаканите ефекти асоцирани со еритроцитни трансфузии.
а таа цел, во последната година во Специјалната болница по хируршки болести “ Филип Втори” се користат специјални системи за автотрансфузија (Cardiopulmonary Post-operative Autotransfusion System – CARDIO P.A.S – EUROSETS). После воведувањето на системот за автотрансфузија се забележува пад на трансфузиската рата (процент на пациенти кои примиле еритроцитни трансфузии) за 16%, како и значително намалување на просечната потрошувачка на еритроцитни концентрати по опериран пациент. Водени од мотото дека “најбезбедна трансфузија е таа трансфузија на крв која нема да се даде, односно нема да ја прими пациентот”, согласно со светските трендови во трансфузионата медицина и во иднина, наша стратегија е понатамошна рационализација во употребата на крв и крвни компоненти во тек на лекувањето на нашите пациенти.