„Благодариме драги волшебници за грижата за нашите најмили“
Баба во болничка чекална додека чека да си го посети дедото: „РАЦЕТЕ ДА ТИ СЕ ПОЗЛАТАT ДОКТОРЕ“…Европска и повеќе од таква, оаза среде Скопје, во која што секој што ќе го сретнете единствено по јазикот ќе Ве потсети дека сте тука, во нашата Македонија…Eдно место каде што гледате купишта НАДЕЖ, КУРАЖ, УТЕХА И СМИРЕНИЕ низ радост и насмевка. И тоа токму кога Ви е многу тешко а набројаниве поими најмногу ви требаат. Тука секој болен или близок е преплашен. Стигнале кога смртта сериозно тропала на врата, често и си заминала како крадец со се пленот, а однесениот е некој наш најмил. Во чекалната секојдневно оголени човечки души, преплашени за своите најблиски. „Соблечени” се и од верата и од нацијата и од јазикот и од лутината и од пцостите… Секој шепоти и се надева дека неговиот за влакно починат близок, ќе оживее и ќе оздравее. Скоро свечена атмосфера во чекалните, преполна со надеж и шепот на сите до еден – иако никој никому не би му сметал и кога би се зборувало гласно. Болните се релативно далеку и не им пречи вревата од надвор. И гледате како сите до еден со најдраго срце, и свечено се придржуваат до европските правила за хигиена, со што местото станува уште по европско. Секој влегува само кога мора, со сите можни заштити: стерилни навлаки на нозете, стерилен мантил, дезинфекција на рацете. А како што наш човек кога сака, умее да почитува ниеден Европеец не може. Тажно е што тешко ни е да се организираме, а местово слатко и гласно докажува не само дека може, туку може поарно и од тие што ни се најсветол пример за совршена средина. И тоа охохо подобро. Но за тоа е заслужен домаќинот и неговата способност за организација. Тој ги носи правилата и тој ги спроведува. А гостите пак кога се задоволни автоматски уживаат во редот и сигурноста. Една фина хармонија во служба на здравјето. Седиш во чекалната и си велиш, во себе: „Ајјјј, само 10% Македонија да е ваква и по другите места, не само што нашите избегани ќе се враќаат, туку и туѓи ќе сакаат да дојдат. А толку ли е тешко? – Ма ич не е тешко“. По лицата и натопените очи на чекачите во чекалната од неверување дека болниот е жив и здрав, и со говорот на нивните тела се гледа оти потполно истото го мислат, секој на својот јазик или дијалект, со својата верзија за Бога, кого многу често на ова место и гласно сите го молевме за милост и спасение на нашите мили болни.
Приказнава не е за некоја друга планета, за која моите Македонци мечтаат, туку е за нашата Македонија и нејзината клиника „ФИЛИП ВТОРИ”, во која, буквално нејзините вработени на чело со нивниот главен, Жан Митрев, прават волшепства со своите раце, знаењето умеењето и способноста, и тогаш кога ќе ви се стори дека хирургот на вашиот близок е многу млад, а зрачи со бестрашност, ведрина и професионализам. Абе спасуваат животи или пак на тие што сигурно заминале како да им подаваат рака да се симнат од возот којшто тргнал кон Св. Петар и небескиот свет. А повеќето мајстори се такви – сосема млади, сите насмеани и ведри со МНОГУ ентузијазам и смиреност, како и нивниот главен. Таа смиреност мајсторски со лесно воочлив професиснализам им ја префрлаат и на своите пациенти и на нивните најблиски. А има ли поважно од тоа?Ете можело и кај нас да биде не само европски, туку и поарно. Случајно бев лично замешан кога нашиот стар даскал професорот Кљусев, го доведе скоро за рака д-р Митрев од туѓина и му помогна да се отвори оваа оаза на спокој и професионализам среде Скопје. Браво професоре што откри кој е и што го доведе овој човек во гнездото од коешто одлетал, своите птици да ги краде од смртта и да ги враќа во живот!И да не беше судбината да ме доведе случајно тука, заедно со болеста на татко ми (лекар), а сега пациент во криза, немаше да знам дека и нас не бивало за нешто прекрасно и топ-професионално. Татко ми стар скопски лекар од најпрвите генерации лекари, пред моите детски очи спасуваше животи по улица, на одмор, низ маалото, на работа. Постојано ни ѕвонеше телефонот, а тој истрчуваше, и дење и за викенд и за празник, а се одеше во затвор ако заработиш од тоа. Но заслужено доживеа кога му било најпотребно, ете некој да го симне од возот кон другиот свет и со тоа да ни подари уште некое време да бидеме заедно. Бадник беше – празник. Кој знае зошто луѓето често на празник ги спопаѓа мака… А сега ни самиот не верува во тоа што го доживува, дека можело да биде не само добро туку за 10+. И кога влеговме во местово по препорака на итните служби, можете да претпоставите какво е чувството за домашните додека близок им умира пред очи, а наидувате на професионален спокој со широки раце помош и утеха. Некој да ве смири на мајсторски начин и со збор и со дело и тоа во 4 часот сабајле! Еве како е: успокојувачки, блажено и благодарно. Го спомнувам името на главниот, а тие околу него не се ни за влакно полоши. Слаб учител и раководител би бил, ако помладите колеги не се поарни или барем еднакво добри како него. Совршено љубезен е и помошниот здравствен персонал, најверојатно грижливо и со мерак е одбран. Излечените пациенти се отпуштаат претпладне, и често се случува да се сретнат со роднините на болните што бдеат во ходникот. Во неколку наврата видов како си заминуваат со солзи радосници не верувајќи дека се живи и здрави. Не им доаѓаат зборови со коишто би им се заблагодариле на овие вистински исцелители. Повеќето седнуваат во чекалната и уште неколку минути седат дури се соземат од чувството и неверувањето дека се живи и здрави и дека за тоа е исклучиво заслужна „куќата“ на д-р Митрев и неговите колеги. И мојот пациент иако лекар си замина со натопени очи од радост. Благодариме драги „волшебници” за грижата за вашите сограѓани, а наши најмили. Седете си горди што секој Ве благословува по 100 пати на ден симултано од 100-ци души одеднаш. Ставете микрофонче во чекалната ќе се уверите. Тоа ич не е мала работа: Искрена почит и благодарност, кои што ги заслужувате од се’срце.Бабата во чекалната едвај ли некој ја слушна што му кажа на главниот, додека поминуваше по ходникот. Но мислам дека насмевката на неговото лице значеше дека слушнал. Важно заглавието од горе го слушнав јас нај јасно, зашто седев до нејзе во чекалната. Важно истото го потврдив и јас после неа, не од учтивост, ами од спонтана согласност. Еве го повторувам и тука, за што повеќемина да го слушнат и разберат. Особено зашто е заслужено со многу човештина и труд кои денес се голема реткост.
М-р Владимир Сретен Поповски Скопје