Екс претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ со свои соработници ја посетија Клиничката болница „Жан Митрев“ каде што имаа средба со првиот човек на клиниката, доктор Жан Митрев. Гостите од Хрватска се информираа за сите достигнувања на нашата клиника како од аспект на медицинскиот третман на пациентите така и од техничката и стручна опременост на болницата. Идната соработка и пријателските односи останаа идни планови кои несомнено ќе се развиваат во секој поглед и на секое ниво а за што и до сега говореа еден дел од нашите специјалисти кои имаат поминато еден период од својот работен век токму во пријателска Хрватска.
Во периодот од 13 до 16.02.2019 година во Љубљана, Словенија, се одржа Осмиот конгрес на Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега. Мотото на оваа федерација „Working together Achieving more“ (Работејќи заедно постигнуваме повеќе) беше искористено во буквална смисла затоа што споделувањето на искуства, истражувања и практики од секојдневното работење со пациентите и нивните семејства ни помогна на сите да се споредиме со другите и да научиме за подобрите начини во негата на пациентите и поддршката за нивните семејствата, потенцираше Жанета Богоевска – Митева, дипл. мед сестра, специјализирана за интензивна нега и лекување, одговорна на одделот за интензивна нега и лекување во нашата клиника која беше наш претставник на овој конгрес.
На овој конгрес имаше 152 прифатени апстракти од 26 земји во Европа и пошироко. Имаше 16 тематски сесии со по 5-6 предавања, 10 интерактивни работилници и еден симпозиум. Од тематските предавања посебно внимание беше посветено на сестринската нега, вклученост на фамилијата, справување со делириум, храна и течности, болка и дискомфорт, рана мобилизација…
На конгресот активно учество со свои пленарни предавање зедоа и проф. Џон Албаран, Гилиан Греј, Катлин Волман и Петер Нидахл познати имиња во сестринската професија
– Нашето здружение на сестри за интензивна нега од Клиничка болница „Жан Митрев“ е полноправен член на оваа федерација веќе неколку години. Како претставник учествував со постер презентација на тема:
„Од почетник до експерт – Едукациски концепт за медицински сестри: Наше искуство“ и со предавање на тема: „Побрзо опоравување на пациентите на интензивна нега користејќи перкутана ендоскопска гастростома за ентерална исхрана“. Интересот и за двете беше голем но со посебно внимание беше следена презентацијата за исхраната затоа што ние сме еден од ретките ако не и единствен центар кој користи блендирана исхрана за пациентите за задоволување на нивните калориски потреби. Исто така посебна чест и задоволство ми беше претседавањето со сесија на тема: Болка и дискомфорт – изјави сестра Богоевска – Митева.
На маргините на овој конгрес беше одржан и состанокот на одборот на EfCCNa со своја агенда.
Здружението за урогинекологија и реконструктивна пелвична хирургија, го одржа својот редовен стручен состанок во просториите на Клиничката болница „Жан Митрев“. Околу 140 претставници од јавното здравство и од приватните здравствени установи беа дел од овој состанок каде што беа презентирани стручни теми од аспект на минимална инвазивна хирургија во гинекологијата и во урогинекологијата.
Состанокот, кој инаку беше акредитиран во склоп на медицинска едукација при МЛД и ЛКМ отвори многу аспекти во вид на дискусии за перспективите на развојот на струката во нашата земја.
Од денес во нашата клиника со работа започна примариус д-р Јасна Анастасовска специјалист педијатар ревматокардиолог. Д-р Анастасовска има 30 годишно искуство во делот на детската ревматокардилогија. Се едуцирала во Хрватска, Србија и Бугарија и учествувала на бројни стручни европски и светски конгреси од областа на детската ревматологија и кардиологија.
Д-р Јасна Анастасовска ќе биде дел од тимот на детската кардиохирургија што од први февруари започна да работи во склоп на Клиничката болница „Жан Митрев“.
Нејзината амбуланта ќе биде отворена за сите деца со проблеми со срцето, комплетно финансиски покриени од ФЗОМ.
Во Клиничката болница „Жан Митрев“ беше поставено првото вештачко срце Total Artificial Heart (TAH). Апаратот Syncardia – TAH вештачко срце за третман на глобална- десна и лева коморна слабост се користи кај пациенти со срцева слабост, на кои им е потребна механичка поддршка на работата на десната и левата комора на срцето, обезбедување на адекватна циркулација, како премостување до трансплантација.
Оваа поддршка се користи како мост до трансплантација, кај оние пациенти каде за да може да преживеат до трансплантација е неопходно да им се обезбеди механичка потпора и обезбедување на циркулацијата.
Индикација за поставување на SynCardia TAH вештачкото срце е срцева слабост од која било етиологија каде има настанато десна и лева коморна слабост, и според причината која довела до настанување на истата не се очекува подобрување на срцевата работа. По операцијата 38 – годишниот пациент е во стабилна состојба и се наоѓа во состојба на постоперативно закрепнување, информира доктор Жан Митрев.
– Оваа операција се изведува со една посебна техника која е практично трансплантација каде што се вади срцето на пациентот коешто не функционира и се заменува со механичко срце. Тие технологии се во пракса веќе 20-30 години, меѓутоа, технолошки до сега постои само една фирма која го доведе тој производ до таа совршеност за да може тие механички срца да се вградуваат клинички. Тоа во последните години полека зазема пошироки размери. Вкупно во светот има направено околу 1000 вакви операции. Изведувањето на една ваква операција е поврзано со многу додатни технички но и финансиски, за жал, работи, бидејќи таа технологија е сè уште многу скапа. Сепак се смета и се очекува во иднина таа технологија да стане достапна за поширок круг на пациенти. Ова е технологија која за вакви пациенти е единствено нешто што може да се направи во Македонија и со ова практично се почнува и програмот за трансплантација бидејќи овие пациенти се млади и за нив овие пумпи се привремено решение. Сега оваа пумпа работи така што организмот на пациентот ќе се закрепне и ако после половина години или година се добие адекватно срце тогаш неговата шанса за преживување е многу голема – објаснува доктор Митрев.
Водени од нормалната анатомија на човековото срце SynCardia привременото Total Artificial Heart (TAH) е пулсирачки дивајс кој се состои од две комори и четири валвули, што ја пумпа крвта и ја обезбедува циркулацијата низ целиот организам. SynCardia TAH е направена од специјална биокомпатибилна пластика, која обезбедува висок степен на долготрајност, и квалитетен пулсатилен проток на крвта низ човековиот организам.
– SynCardia TAH е дивајс со фиксирана срцева фреквенција, каде бројот на удари во минута е константен, без разлика на физичката активност на пациентот. Вообичаено е да се постави фреквенцијата на 125 удари/мин. Кога пациентот е физички активен, со активирање на мускулатурата се зголемува венскиот повраток и дотур на крв во вештачкото срце, и со тоа се обезбедува повеќе крв да се истиснува во циркулацијата.
Постојат две димензии на SynCardia TAH вештачкото срце: 70 цм3 и 50 цм3, и димензионирањето се врши според големината на пациентот. Со вештачкото срце од 70 цм3 се пумпа до 9,5 литри на минута, додека со 50 цм3 околу 7,5 литри на минута. За споредба нормално човечко срце на пациент од 70 кг тежина пумпа до 5 литри во минута. Вештачкото срце ја заменува десната и левата комора и ја презема нивната функција. Овој дивајс се употребува како премостување до трансплантација или за оние кои се возрасни и како дестинацијска терапија – појаснува доктор Тања Анѓушева – супспецијалист кардиолог.
За реализирање на една ваква комплексна операција за тимот на нашата болница значеше огромна посветеност, дообука, едукација…
– За нашата клиника ова значи огромен исчекор напред, технолошки но и во секој поглед. Нашите вработени беа на едукација во Берлин, Германија, па потоа едукациите продолжија кај нас. Имавме еден убав додатен стимул за сите вработени кој се надогради со посебни критериуми и за нега и за следење на тие пациенти пред и постоперативно. Пациентот е пред два дена опериран а сега е буден, свесен, се наоѓа во тој постоперативен период на следење и подесување, сепак тоа се механики и пумпи кои треба да се подесуваат и да се приспособат на неговата функција. За сега се оди во најдобар ред, немаме некои компликации или проблеми и се надевам дека така ќе биде и понатаму. Пациентот е многу соработлив, тој беше добро информиран за целата постапка. За операцијата се подготвуваше три недели во нашата болница. Претходно имаше многу проблеми со сите органи така да цело време беше на едно интензивно лекување и подготовки по што целата операција помина технички добро, немаше некои крвавења и со сето тоа шансите за негово закрепнување се многу големи – заклучува доктор Жан Митрев.
Хронична обструктивна белодробна болест – ХОББ е група на хронични заболувања на респираторниот систем, кои се изразуваат со потешкотии во дишењето т.е опструкции на воздушните патишта кај пациенти на кои претходно им било дијагностицирано хроничен бронхитис и/или емфизем.
ХОББ се карактеризира со опструкција на респираторните патишта која не е потполно реверзибилна. Респираторната опструкција не се менува значајно и обично е долгорочно прогресивна состојба. Болеста најчесто е предизвикана од пушење на цигари но исто така влијаат и други фактори, како што е професионалната изложеност на токсични гасови и испарувања. Оваа болест се јавува кај 34 случаи на 1000, и вообичаено кај лица над 65-годишна возраст. Во моментов ХОББ е четврта водечка болест по смртност на светско ниво, но се смета дека до 2020 година ќе го заземе првото место според светската здравствена организација.
Во научни студии во повеќе земји е утврдено дека луѓето што живеат во големите градови почесто заболуваат од ХОББ, во споредба со руралните средини. Еден од главните симптоми кај пациентите со ХОББ е кашлицата, која всушност е одбранбен механизам на дишните патишта, кој ги штити од несаканите инхалирани честички, како и значаен метод на чистење на продуцираниот слуз во нив. Кашлицата кај пациентите со ХОББ често се јавува во утринските часови. Другиот главен симптом е диспнеата (краток здив), кој се смета за најсигнификантен знак на оваа болест. Пациентите со напредната форма на ХОББ често развиваат респираторна слабост која се манифестира со појава на цијаноза на слузниците и кожата, како резултат на недостаток на кислород во крвта. Вишокот на јаглеродниот диоксид во крвта причинува главоболка, сонливост или грчеви. Како компликација на напредната ХОББ се и промените на срцето познати како хронично белодробно срце кои се резултат на неговата зголемената работа т.е поради поголемиот напор за да ја уфрли крвта во болнопроменетите патишта на бели дробови. Златен стандард за дијагностицирање на ХОББ е спирометријата со која се потврдува евентуалното присуство на опструкција на воздушните патишта, но исто така во поставувањето на дијагнозата учествува и клиничката проценка, базирана на комбинација од историјата на пациентот, и физикалниот преглед.
ХОББ продуцира симптоми, попреченост и влошен квалитет на живот кои може да реагираат на фармаколошка терапија но нејзиното дејство не незначително доколку таа не биде комбинирана со респираторна физиотерапија. Респираторна физиотерапија со фамаколошка поддршка го зголемува ефектот на третманот на опструкцијата на воздушните патишта. Во лекувањето на ХОББ може да се користи интравенозна терапија со бронходилататори, мукосекретолитици, деконгестиви и антибиотици, но важно е да се напомни дека овој третман не е комплетен доколку не се комбинира со респираторна физиотерапија.
Примената на овие фармаколошки решенија може да биде и поразличен и поефективен доколку пациентот ги прима преку инхалациона терапија со соодветни инхалатори со што самата терапија делува на локално ниво и се подобрува и забрзува нивното дејство. Инхалационата терапија со аеросоли во комбинација со вежби за дишење и експекторација помага за ефективно внесување на аеросолните честички во дишните патишта и нивно таложење со што се размекнува бронхиалниот секрет т.е. се предизвикува локално фармако – динамско дејство и помага во подобрување проодноста на дишните патишта со евакуација на насобраниот белодробен секрет со што се предизвикува и редукција на диспнеата.
Во лекувањето на пациентите кај кои дошло до респираторна слабост, а тоа се пациенти во четвртиот стадиум на болеста и притоа вредностите на парцијалниот притисок и сатурацијата со кислород се ниски, потребно е да се употреби терапија со кислород. Терапијата со кислород (Оксигено терапија) се препорачува да трае над 15 часа во тек на денот, со ниски протоци 1,5 до 2 литри во минута. Оксигено терапијата е дел од респираторната физиотерапија која содржи и респираторни вежби за длабоко вдишување, издишување, и искашлување со помош на постурална дренажа и инхалациона терапија.
Сите овие елементи на респираторната физиотерапија се водечки во третманот на ХОББ имајќи предвид нивната ефективност веднаш по нивното спроведување. Физиотерапевтот и пациентот се партнери во овој процес, најчесто пациентите кој подолго време живеат со болеста и се свесни за својата состојба, се едуцираат за самостојно и редовно спроведување на респираторните вежби за коригирање на респираторната механика и соодветна физичка активност со што директно влијаат на квалитетот на својот живот. Во периодот на егзецербација на состојбата кај овие пациенти треба да се примени и неинвазивна механичка вентилација (НИВ) со различни модуси на вентилација ЦПАП или БИПАП со кои може да се влијае на решавање на критичната состојба на пациентот и да се избегнат последиците.
Третманот на пациентите со ХОББ е комплексен и во нивното лекување треба да бидат инволвирани специјалисти (пулмолог, физиотерапевт и нутриционист) кои директно треба да соработуваа во индивидуалниот третман на пациентот. Само соодветната комбинација од третмани и совети од различните специјалисти може да влијае на успешноста на лекувањето на пациентите со ХОББ.
Од први февруари 2019 година во склоп на Клиничката болница Жан Митрев со работа почнува детскиот кардио хирург и детски хирург д-р Владимир Чадиковски.
Соработката со Д-р Чадиковски ја почнуваме во областа на Детската кардиохирургија, која со Одлука на Владата на Р. Македонија преминува во рамките на Клиничката болница Жан Митрев, но и во делот на општата детска хирургија од новороденечка до 16 годишна возраст.
Д-р Чадиковски со работа во амбуланта започнува од среда 6 февруари и секоја наредна среда ќе можете да закажете термини во периодот од 9 до 12 часот.