Зошто треба да се внимава со храната во топлите денови?

Топлото време и несоодветното складирање, приготвување и послужување на храната го зголемува ризикот од нејзино расипување што може да биде причина за труење со храна. Препораките се едноставни но многу важни.

Пред употреба задолжително е миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје).

Термичка подготовка на храна и нејзина консумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на +4 °C, а пред употребата да се загрее на +100 °C.

Избегнувајте производи кои не се термички обработени, и бидете внимателни со консумација на сладолед и разни кремови.

Високите температури и влажноста во летниот период овозможуваат забрзан раст и развој на бактериите во самата храна.

Друга причина е и зголемената активност на луѓето. На лето, многу почесто се готви надвор, се оди на пикник или се кампува. Со тоа, кујнските и хигиенските критериуми (фрижидерот, термостатот за контролирање на готвењето, машината за миење садови) се на пониско ниво.

Најчести се труењата од салмонела, стафилококи и ешерихија. Како примарни намирници кои се најзаслужни за „расипување на стомакот“ се месото, млечните производи и јајцата. Но, опасните микроорганизми може да се кријат и во свежото овошје и зеленчук доколку не ги чуваме и не ги миеме на правилен начин.

Знаци и симптоми на труење со храна:

  • повраќање
  • дијареја
  • грчеви или болка во абдоминалниот дел
  • недостаток на енергија или слабост
  • губење апетит
  • висока температура
  • болка во мускулите

Препораки:

  • Консумирајте безбедна храна и вода за пиење.
  • Јадете само храна која е добро зготвена и се служи веднаш (топла).
  • Јадете овошје и зеленчук што сте го измиле со безбедна вода или сами сте го излупиле.
  • Пијте вода или газирани пијалаци кои се флаширани и запечатени или многу топло кафе или чај.
  • Користете мраз направен од флаширана или дезинфицирана вода.
  • Мијте ги рацете често и долго со сапун и вода.

Клиничката болница ,,Жан Митрев,, и РК „Голден Арт КЛ7“ и понатаму партнери во спортот

Клиничката болница ,,Жан Митрев,, останува медицински партнер кој ќе се грижи за здравјето на сите селекции од РК „Голден Арт КЛ7“. Деновиве во нашата клиника се одвиваат спортските прегледи на сите генерации ракометари од овој клуб кои вклучуваат: ЕКГ, ехо на срце , стрес тест и проверка на крвната слика, но секако најпрвин беа спроведени тестирања за COVID-19.

Стратегијата која ја спроведува и согласно која функционира РК „Голден Арт КЛ7“ е афирмација на млади македонски талентирани играчи. Со нашиот ангажман и подршка која несебично ја даваме сакаме позитивно да влијаеме на развој и промоција на талентираните млади домашни играчи и на спортот генерално.

 

Хашимото тироидитис

Што претставува Хашимото тироидитис?

Хашимото тироидитис е воспаление на тироидната жлезда, кое се јавува како резултат на сложени автоимуни процеси, односно имуниот систем создава антитела кои селективно ја напаѓаат тироидната жлезда. Хашимото тироидитис е најчестата причина за појава и развој на хипотироидизам. Претставува хронична состојба која се развива постепено во тек на неколку години – во кои полека ја оштетува тироидната жлезда. Симптомите кога се манифестни, се исти како кај некативна тироидна жлезда – хипотироидизам.

Како се поставува дијагноза?

Дијагнозата е брза и лесно достапна, а се постигнува со анализа на специфичните антитела против тироидна пероксидаза (АТПО) во крвта, како и со вредностите на тироидните хормони. Дополнително, се препорачува да се направи и ултрасонографија (ехо) на тироидната жлезда, затоа што пациентите со Хашимото тироидитис имаат специфичен ултрасонографски наод.

Кој е третманот?

Третманот зависи од фазата во која е утврден Хашимото тироидитисот. Кај пациентите со утврден хипотироидизам се започнува со заместителна хормонска терапија. Откако ендокринилогот ќе ве постави на терапија, потребно е истата да се мониторира и титрира согласно потребите.

Интересни факти за Хашимото тироидитис

Хашимото тироидитис може и да ја зголеми и да ја намали вашата тироидна жлезда!

Звучи неверојатно, меѓутоа е вистина. Првиот симптом е најчесто зголемена тироидна жлезда или гушавост – што е резултат на постојаниот напад на тироидната жлезда од страна на имуниот систем. Жлездата станува многу активна обидувајки се да се одбрани и да продолжи нормално да функционира, па како резултат на тоа хипертрофира. Со тек на време, жлездата се истрошува, станува нефункционална, започнува да се намалува и на крајот атрофира.

Хашимото тироидитисот некогаш може да предизвика и хипертироидизам!

Збунувачко е нели? Иако ретко, еден дел од пациентите имаат т.н. Хашитоксикоза – или тоа е раната фаза на Хашимото тироидитис во која жлездата е збунета и лачи зголемени количини на тироидни хормони кои предизвикуваат забрзано срцебиење, губиток на телесна тежина и анксиозност – класични знаци за хипертироидизам. Оваа фаза може да трае од 1 до 12 месеци.

Нетретиран хипотироидизам може да биде фатален!

Хашимото тироидитис кој не е следен од страна на лекар и пред се нетретиран хипотироидизам можат да предизвикаат низа на нарушувања (покачен холестерол, зголемена телесна тежина, кардиоваскуларни болести, намалување на ментален капацитет, абортус и малформации на новородено) и евентуално фатален исход со со микседематозна кома и смрт.

Суплементите со јод не се препорачуваат кај пациентите со Хашимото тироидитис

Некои од пациентите претпоставуваат дека Хашимото тироидитисот се јавува поради дефицит на јод и најчесто на своја рака земаат суплементи. Меѓутоа, додатоците со јод всушност ја оштетуваат Хашимото тироидната жлезда и го влошуваат хипотироидизмот.

Зошто се нарекува Хашимото?

Името на болеста е дадено по заслуга на јапонскиот лекар Хакару Хашимото кој прв ја опишал оваа состојба. Хашимото во далечната 1912-та година прв ја изнел тезата за лимфоматозна струма од бениген карактер и спасил многу луѓе со Хашимото тироидитис од непотребни операции за вадење на тироидната жлезда.

Д-р Надица Божиновска
Специјалист по ендокринологија

Кои се најчести убоди од инсекти и како да се заштитите?

Во нашата убава земја ретко кој останува рамнодушен на убавите прошетки во пролет и лето. Повеќето од нас знаат за популарните препораки за заштита од високите температури и штетното влијаење на УВ зраците, меѓутоа ретко кој посветува внимание на заштита и препознавање на убоди од разни видови на инсекти.  Поголемиот број на инсекти прават локални реакции без посериозни здравствени проблеми, но постојат реакции кои треба да се препознаат и за кои треба да се побара лекарска помош, па затоа е многу важно да ги препознаете на време и да побарате помош!

Каснување од оса, пчела и стршлен

При каснување од пчела потребно е да се избегне ширење на отровот! Имајки го тоа во предвид, потребно е најбрзо што можете да ја отстраните игличката од пчелата, притоа внимавајќи да не остане дел од неа при вадењето. Осите и стршлените при убод не ја оставаат игличката, но може да направат повеќе убоди наеднаш. Бидејќи нивните отрови содржат хемиски активни супстанци реакциите се потешки.

Отровот од Hymenoptera (пчели и оси) може да има токсичен и алергиски потенцијал, па затоа можни се два типа на реакција

  • Локални токсични реакции – предизвикани од фармаколошки активни супрстанци, предизвикуваат интензивна болка, црвенило и оток. Овие промени се повлекуваат по неколку часа. Потребно е да се ставаат локално ладни облоги, а во некои случаи се препорачуваат локални кортикостероиди.
  • Алергиски реакции – кај луѓе со пречувствителност на овие убоди се јавуваат сериозни алергиски реакции. При првото каснување настанува сензибилизација, а во случај на следно каснување може да настане бурна реакција, во форма на појава на уртики по телото, пратени со јадеж, отоци на кожата и слузниците, како и системски манифестации пропратени со потешкотии во дишењето. Најсериозната форма на алергиската реакција е анафилактичен шок, доколку изостане медицинска помош при ваква ситуација може да има сериозни/летални последици.

Каснувања од крлежи

Крлежите, најчесто живеат во предели со високи треви, грмушки и дрва, претставуаат мали паразити кои се хранат од крвта на животни и човек. Крлежите од родот Ixodes може да бидат носители на спирохетата Borelia burgdorferi која ја предизвикува познатата Лајмска болест. Лајмската болест е актуелна во периодот од рана пролет до доцна есен, а нашата земја припаѓа во оние во кои постои ризик од инфекција.  Најдобра заштита е превенцијата! Тоа значи да се избегнува подолг престој во влажни ливади со висока трева , да се носи облека со долги ракави и ногавици и секогаш да се прави детална инспекција на телото по престој во природа. Доколку се открие крлеж на телото препораките се веднаш да се побара стручна медицинска помош, за крлежот да биде соодветно отстранет најдоца до 24 часа по убодот!!

 Каснувања од комарец

Комарците покрај тоа што се голема непријатност во текот на летните месеци,  може да бидат преносители на опасни заболувања како маларија, денга вирус или жолта треска. Она што нас ни предизвикува главоболка се каснувањата кои предизвикуваат локална реакција во вид на црвенило, оток и многу чешање. Најважно е по каснувањето местото на убодот да не се чеша, а јадежот да се неутрализира. За ова од помош можат да бидат ладни облоги и природни препарати за ублажување на јадежот. Важно при користење на овие препарати е да се нанесат благо на местото на каснувањето, без претерано втривање на кожата. Од корист во намалување на чешањето може да биде и употребата на босилек.

Каснувања од пајак

Постјат над 38.000 врсти на пајаци, а повеќето од нив предизвикуваат мали локални реакции на местото на убодот, кои се смируаат за неколку денови. Но, женките од пајакот познат под името „Црна вдовица“, кој е присутен и во нашата земја, прави посериозни реакции. На местото на убодот остава две пунктанти ранички и по само 30-тина минути се јавува силна болка, оток и црвенило. Веќе по 8 часа може да се јават симптоми на мускулна болка и ригидност, болки во стомакот, грбот, гадење и повраќање како и потешкотии во дишење за кои секогаш е потребна итна медицинска грижа.

Ова се најчестите форми на убоди од инсекти, во природата постојат уште илјадници. Она што е најважно да запомните е декаНајдобра заштита е превенција од убоди од инсекти!!!

Неколку корисни совети за превенција од убоди

  • Покривање на експонираната кожа со облека со долги ракави и ногавици
  • Носење на затворени обувки
  • Аплицирање на репеленти на кожата пред излегување на отворено
  • Да се избегнва користење на средства кои содржат парфеми на пример сапуни, шампони , дезедоранси, детергенти и омекнувачи
  • Да се внимава во близина на цвекиња кои цветаат, одпадоци, застојна вода
  • Никогаш да не се доближува до гнеза на инсекти без заштитна опрема
  • Да се чува храната и водата покриена за време на престој во природа
  • Да се затвораат врати и прозорци со покривни мрежи, или да се користат мрежи во текот на ноќните часови над креветот
  • Тиамин (витамин Б1) може да се користи како системски репелент (кожата добива специфичен мирис)

Д-р Александра Лазаревска
Специјалист по дерматовенерологија

Му го спасивте животот на брат ми! Вие сте вистински херои! Благодарам до доктор Митрев и целиот тим

Во континуитет ни пристигнуваат голем број пораки во кои нашите пациенти или членови на нивните семејства ни се заблагодаруваат.

Овој пат таква порака ни пристигна од братот на нашиот пациент Перпарим Красниќи, г-динот Минуш.

,,Сакам да ви се заблагодарам на сите во клиниката за се што направите за  мојот брат, му го спасивте животот! Вие сте вистински херои! Благодарам до доктор Митрев и целиот тим. Постојано добивав инструкции за нега и лекување на брат ми и додека бевме дома. Преку Интернет се консултирав со многу ваши вработени кои неизмерно ми помогнаа во оздравувањето на брат ми. Никој не се штедеше ни малку! ,,– ни напиша господинот Минуш Красниќи

Неговиот брат прв пат беше примен во нашата клиника на почетокот на јануари годинава во многу тешка состојба со огромни декубитални рани во сакрална регија. 
Беше донесен со болничко возило на итна медицинска помош за лекување во нашата клиника директно од Клиничкиот центар  во Приштина.
Нашите доктори кај него дијагностицираа исхемична дилатативна кардиомиопатија, срцева слабост, коронарна артериска болест.  Исто така беше утврдено дека тој е во состојба после миокарден инфаркт.  Со други зборови, тој беше во многу тешка состојба која со секој поминат ден стануваше сериозно животозагрозувачка.

По стабилизирање на состојбата и по повеќе од еден месец престој во нашата клиника, со комплетно затворени рани и со значително подобрени параметри, тој е пуштен на домашно лекување и нега, со препорака за скорешна операција.

Во средината на март оваа година Перпарим е повторно примен, овој пат за операција. Веднаш му  беше направено Аорто коронарно премостување со имплантација на графтови. Операцијата помина успешно и по солидното закрепнување крајот на април беше пуштен дома.

Од тогаш поминаа неколку месеци, време во кое нашите лекари беа во континуиран контакт со него и со неговото семејство со цел советување и усмерување на активностите на домашните.

Навистина сме горди и драго ни е кога ќе чуеме и прочитаме искрено сведоштво кое говори за среќен исход од целокупниот труд, внимание, љубов и секако медицински напори за да се спаси еден човечки живот.
Ние од Клиничката болница „Жан Митрев“ исто така би сакале да им се заблагодариме, на целото нивно семејство, за дадената доверба и континуираното следење на советите од тимот доктори кои се погрижија за него. Му посакуаваме од сесрце добро здравје и долг живот.

Ако нешто посакуваш доволно силно, ќе ти се оствари

Дора го запозна својот идол

Дора од Штип е 15 годишна девојка која годинава се запиша во средното медицинско училиште во Штип и со тоа направи уште еден чекор кон остварување на нејзиниот сон да стане доктор. Медицината, а посебно кардиохирургијата и е фокус на интерес уште од кога знае за себе. Како и секој млад човек и таа има свои идол, а тоа е токму д-р Жан Митрев.

Како што ни раскажа самата, кардиохирургијата е голема желба за професија во иднина, а доктор Митрев како синоним за успешен кардиохирург e нејзин идол, што всушност бил и мотивот  за таа лично да го запознае.

,,Подолго време следам се што се објавува за доктор Митрев. Читам, гледам видеа и се запознавам со методите на работа кои ги практикува тој. Следам и се што се работи во клиниката „Жан Митрев“ и сум фасцинирана од сето тоа. Сакам во иднина да ги тргнам по неговите стапки и јас да станам кардиохирург,, – вели Дора.

Средбата која помина во пријателска атмосфера беше и своевидно изненадување за доктор Митрев, бидејќи како што рече и самиот тој: ,, Убаво е да се чуе дека постојат млади луѓе од нашата држава кои имаат желби, интереси и сакаат предизвици кои отскокнуваат од животот на просечниот тинејџер.,,
Д-р Митрев истовремено споделувајќи го своето животно и работно искуство, ја охрабри Дора со совети и подршка со цел во образовниот процес да остане истрајна, доследна и пожртвувана, но и ја покани понатаму да учествува како набљудувач во дел од процесите во нашата клиника.

Правилото кое вели дека: Кога нешто ќе посакаш искрено од дното на срцето, тоа и ќе ти се исполни, во случајов се покажа како потврдено.

ЗОШТО ТРЕБА ДА ПРАКТИКУВАМЕ БАВНО ЈАДЕЊЕ?


Многу луѓе јадаат многу брзо, без да се фокусираат на храната која ја консумираат. Брзото внесување храна може да предизвика штета на организмот. Потребно е темелно и долго џвакање на залаците со цел организмот да ги прими сите потребни состојки од храната.
За организмот лесно да ги свари состојките и да ги прими сите потребни хранливи материи, наша препорака е редовно да практикувате бавно јадење. Придобивки од бавното јадење:

Го намалувате ризикот од тегоби со дигестијата

Пребрзото консумирање на храна може да предизвика дигестивни тегоби, болки во желудникот, главоболка и други здравствени проблеми. На јадењето гледајте како на активност во која ќе се опуштите и уживате.

Навистина ќе започнете да чувствувате различни вкусови и текстури

Ако јадете поспоро, оброците ќе ви станат искуствено доживување, а не натрупување со храна. Кон храната однесувајте како кон природата. Обидете се да ги цените боите, вкусовите и аромите.

Го намалувате ризикот од прејадување

Потребни се околу 20 минути за до вашиот мозок да стигне сигналот дека сте внеле храна. Со успорување на внесот на храната, мозокот навреме ќе сфати дека телото е сито.

Јадете пред да прегладнете

Ако сте премногу гладни, ќе ви биде многу потешко да го успорите јадењето. Најдобар начин е да не чекате гладот да ве совлада па да јадете, туку оброците да ви бидат редовни и навремени. Распоредете три главни оброци и два меѓуоброка во период кога вам најмногу ви одговара.

Фокусирајте се на храната

Често додека јадеме, гледаме телевизија, мислиме на некој проблем или тогаш разговараме за плановите со другите членови од семејството. Меѓутоа, вистинскиот оброк треба да биде во тишина, при што вие сте потполно свесни што внесувате во организмот и може да уживате во вкусовите. Не го следете  туѓото темпо, туку фокусирајте се на себеси и на вкусот на храната која ја јадете.

Дали знаете дека Шрек имал акромегалија?

Сите го знаеме популарниот анимиран лик Шрек, но малкумина знаат дека инспирацијата за него е поранешниот француски борач по име Maurice Tillet (Норис Тиле), кој бил популарен во текот на 30-те и 40-те години од минатиот век, а  всушност боледувал од акромегалија.

ШТО Е АКРОМЕГАЛИЈА И КАКО ДА ЈА ПРЕПОЗНАЕТЕ?

Акромегалија е хормонско нарушување кое се развива кога хипофизата неконтролирано лачи големи количини на хормон за раст кај возрасни луѓе. Како резултат на зголеменото излачување на хормонот за раст, доаѓа до пораст на одредени стуктури – дланки, стапала, лице и внатрешни органи. Самата болест е невообичаена, а нејзиниот тек и симптоми се случуваат споро и постепено, па најчесто е потребно долго време за да се препознаат овие индивидуи. Во моментот на дијагностицирање голем дел од овие пациенти повеќе не личат на себеси – споредбено со нивните слики од предходно.

Симптомите на оваа болест се многу на број и варираат во зависност од самиот пациент, како и од моментот на дијагностицирање (фазата на болеста):

  • Зголемени дланки и стапала
  • Погруби и зголемени контури на лицето
  • Груба, задебелена и мрсна кожа
  • Ексцесивно потење придружено со непријатна миризба
  • Појава на мали испакнатини на кожата
  • Замор и слабост во мускулите
  • Задебелен, груб глас
  • Зголемено ‘рчење при спиење
  • Нарушен вид
  • Главоболки
  • Зголемен јазик
  • Болка и неподвижност во зглобовите
  • Менструални нерегуларности кај жените
  • Еректилна дисфункција кај мажите
  • Зголемување на внатрешни органи
  • Намалено либидо

Доколку забележите некои од наведените симптоми потребно е да консултирате ендокринолог.

 

Напреднатата и нетретираната болест може да доведе до бројни здравствени проблеми: зголемен крвен притисок, кардиоваскуларна болест (кардиомиопатија), остеоартритис, дијабетес мелитус, гушавост, полипи на колонот, sleep apnea, компресија на рбетниот столб, загуба на видот.

Дијагнозата се поставува со помош на хормонски тестови и имиџинг методи (магнетна резонанца на хипофиза). Третманот се состои во супресија на излачувањето на хормонот за раст, најчесто се препорачува хируршки третман или радијациона (зрачна) терапија, а во одредени случаи се даваат лекови кои го блокираат дејството на хормонот за раст (кога не е возможен оперативен третман или не е достапна радијациона терапија).

Д-р Надица Божиновска

Специјалист по ендокринологија