Магнетна резонанца на простата

Кај возрасен маж, простатата е голема како орев или костен. Таа е сместена под мочниот меур, на основата на машкиот половен орган и непосредно пред аналниот отвор. Низ средина на простатата поминува мочниот канал кој ја празни мочката од мочниот меур, на патот кон врвот на пенисот.

Простатата лачи сок кој е составен дел на спермата при ејакулацијата.

Најчесто бенигно заболување на простата е бенигна простатична хиперплазија (БПХ). Преваленцата на БПХ прогресивно расте од четвртата деценија со преваленца од 8%, до дури 82% во осмата деценија на животот.

Во Евро­па и кај нас има дра­стич­но зго­ле­му­вање на бројот на бол­ни­те и со кар­ци­ном на про­ста­та. Во Ма­ке­до­ни­ја ра­кот на про­ста­та е трет на ли­ста­та на кар­ци­но­ми кај ма­жи­те, а ре­дов­ни­те прег­ле­ди зна­чат и нивно рано откривање и из­ле­ку­ва­ње.

Испитувања кои треба да се направат се: анамнеза, физикален преглед на абдоменот, дигиторектален преглед на простата, ехотомографијa на УГТ, транс-ректален ултразвучен преглед (ТРУС) на мочен меур и простата. Потоа преглед на урина, уринокултура, спермокултура, секрет на простата, крв, тотален ПСА, слободен ПСА, КТ урографија и како најнов и најсофистициран преглед – МРИ на простата.

Магнетна резонанца (МР) на простата е неинвазивно амбулантско испитување со помош на магнетни полиња, радиобранови и компјутерско-софтверски апликации за продукција на слики од простатата со изразено висок квалитет. Тоа испитување е безопасно, а дава најдобра визуелизација на простатата, најрано го открива карциномот на простата идоколку се открие овозможува и ТНМ стејџинг, односно раширеност на карциномот и евентуално зафаќање на соседните анатомски структури.

Единствено треба да се внимава ако пациентот има вградено некои медицински помошни апарати како пејсмејкер, срцев дефибрилатор, потоа некои ортопедски метални импланти и сл. Пред преглед на МР на простата нема потреба од никаква претходна подготовка на пациентот. Пациентот си ја зема редовната терапија ако ја има, а доколку пациентот има клаустрофобија треба да се сигнализира на докторот за да се интервенира со некој седатив или по  желба на пациентот и со анестезија за време на прегледот.

Д-р Ѕвонко Атанасов
Специјалист по радиодијагностика

Брзи тестови за детекција на коронавирусот SARS-CoV-2


Споредба и разлики меѓу досега применуваните PCR тестови и брзите-антигенски

По долги најави, согласно информациите од Министерот за здравство г-дин Венко Филипче, во Македонија ќе се започне со приватно тестирање на пациенти за коронавирусот SARS-CoV-2 со брз антигенски тест во рамките на јавното здравство.

Што е разликата меѓу PCR тестовите и антигенските-брзи тестови?

Преку PCR тестовите директно се детектира генетскиот материјал (РНК) на вирусот, додека пак преку антигенските тестови со помош на антитело како детектор, се открива специфичен протеин (или дел од него) составен дел на самиот вирус. Ова значи дека и двата теста директно детектираат присуство или отсуство на вирусот во примерочниот брис.

Поради самата природа на PCR методата таа е посензитивна и поспецифична, бидејќи најниското ниво на детекција е една молекула и има пониско ниво на вкрстена реакција со сродни вируси.

Додека пак кај брзите тестови т.е антигенската детекција, најниското ниво на откривање е илјадници молекули, но нивната предност е во тоа што се побрзи и не е потребен специјализиран кадар за работа со нив.

Антигенските тестови се навистина побрзи, но може да испуштат пациенти кај кои инфекцијата туку што започнува или пак е во завршна фаза.

Најсензитивни се во првите 3-5 денa од појавата на симптоми, односно може да ги откријат луѓето коишто се најинфективни, но не сите.

Како и при PCR, потребен е материјал земен од нос, грло, назофаринкс или слично. Самата припрема на брисот е склона кон формирање на аеросоли, а аеросолите се еден од главните преносители на вирусот. Бидејќи во самиот примерок може да има инфективен материјал, според Светската Здравствена Организација неговата севкупна манипулација треба да се одвива во лаборатории со ниво на биолошка сигурност 2 т.е во биолошки кабинети со негативен притисок во нив, со лимитиран пристап за персонал. Работа во несоодветни лаборатории и ординации, сериозно го зголемува ризикот за инфекција на медицинскиот персонал којшто го изведува тестот и блиската околина.

Оваа технологија има силна апликативна вредност, овозможува омасовување на тестирањето во Македонија и треба да се охрабри, но само доколку се изведе правилно.