Алергиите – епидемија на 21 век

Имунотерапијата како начин за успешно справување со алергиските болести

Во услови на пандемија сите останати болести привидно паѓаат во сенка на големиот непријател коронавирусот. Но сепак, проблемите со кои се соочуваат оние кои страдаат од алергија, остануваат присутни и сериозно влијаат на квалитетот на нивниот животот. Ова особено ги погодува децата, но и нивните родители индиректно.

Што е имунотерапија?

Алергиите како најчести незаразни болести со кои се соочува човештвото, од година во година земаат се поголем замав. А имунотерапијата е единствена терапија која може да го измени текот на алергиската болест.

Таа се применува кај деца над 6 години со алергиски ринит, коњуктивит, астма и сериозни алергиски реакции на убод од инсекти.

Позната е уште како хипосензибилизација или вакцина за алергија (кога се применува во облик на поткожна инјекција) или сублингвална терапија – која означува секојдневна примена на препарат во облик на капки /таблети кои се аплицираат под јазик.

Имунотерапијата сепак не е магично стапче со кое ќе исчезнат алергиските болести. Таа не го лекува пациентот, но ја намалува осетливоста кон одреден алерген што резултира со помалку изразени симптоми и потреба од лекарства.

Ефектот од примена на истата се очекува во наредните 5 години од животот и ќе се манифестира со намалување на симптомите и тегобите од алергијата, но и со спречување на сензибилизација на други алергени, т.е стопирање на алергискиот марш.

Како се применува?

Субкутаната алерген имуно-терапија се спроведува со поткожни инјекции (алергиски вакцини) кои се примаат по одреден редослед и во претходно дефиниран временски период на апликација на истите.

Најдобар период за отпочнување е есенско-зимскиот период т.е пред сезоната на цветање, кога нема полени од треви, дрва, жита. Количната  на алергените кои се аплицираат постепено се  зголемува.

Имунотерапијата е еден од облиците на лекување на алергиите. Таа може да се употребува заедно, во комбинација со другите тераписки процедури.

Во тек на спроведувањето на имунотерапијата треба да се избегнува изложеност на конкретниот алерген. А за успешноста на терапијата потребна е соработка како од страна на родителите така и од страна на пациентот.

Реализирањето на оваа терапија се изведува од страна на искусен пулмоалерголог и медицинска сестра, во специјализирани и добро опремени установи каде може да му се пружи соодветна медицински третман во случај на развој несакани реакции при апликација на лекот.

Терапијата се спроведува најмалку 3 години во континуитет.

Прим. д-р Благица Манчева

Педијатар

Јануари месец за подигање на свесноста за рак на матката

 

Во светски рамки, но и кај нас, малигните заедно со кардиоваскуларните заболувања се водечки причини за смрт.

Ракот на грлото на матката пак е седмиот најчест вид на рак, а е четврта најчеста причина за смрт кај жените болни од рак. Статистиката вели дека во последните години бројот на жени со оваа дијагноза значително се зголемил. Така во 2020 година на 604 000 жени им бил дијагностицирсан рак на матката, а околу 342 000 жени починале од оваа болест. Овие бројки се доволна причина да се насочи вниманието кон овој глобален здравствен проблем.

Во справување со ракот на матката и репродуктивните органи, Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC International Agency for Research on Cancer) е таа која ја насочува глобалната стратегија на Светската здравствена организација и препорачува активности за подигање на свеста.

Што треба да знаеме?

Ракот на матката е еден од видовите рак кој може да се превенира и третира соодветно поради фактот што за среќа познат е главниот предизвикувач, тоа е вирусот ХПВ (Human Papilloma Virus).

Постои и соодветна вакцина против високоризичните форми на ХПВ, а скрининг програмите исто така можат да ги откријат симптомите во рана фаза и со тоа да се преземе навремен третман во лекување на оваа болест.

За жал иако ХПВ инфекциите се јавуваат кај околу 80 проценти од сите сексуално активни луѓе, симптомите можат да бидат отсутни, и партнерите да не бидат свесни дека се заразени се до моментот кога ракот не дојде во  напредната фаза.

ХПВ генерално предизвикува промена во клетките на грлото на матката, кои можат да доведат до развој на цервикална интраепителна неоплазма, која може да доведе до рак.

Ракот на грлото на матката може да се манифестира со вагинално крварење.

Првите препознатливи симптоми на болеста се:

водлест или сукрвичав секрет од вагината, обилен и со непријатен мирис

крварење од вагината во текот и по половиот однос, меѓу две менструации или по менопаузата, менструациите се пообилни и траат подолго од вообичаено умерена болка за време на сексуален однос.

Затоа, без разлика дали постојат симптоми или не, препорачаните скрининзи, брисеви и гинеколошки прегледи треба да се прават редовно.

 

Здрави деца среќни семејства!

Здравата исхрана е многу важна за да се обезбеди идеален физички и интелектуален развој на вашето дете. Секој ден, родителите се соочуваат со предизвикот на детето да му понудат соодветен пакет хранливи материи со важни витамини, минерали и други важни елементи коишто соодветствуваат на неговата потреба за микронутриенти и го штитат од инфекци.

Добриот имунолошки систем му обезбедува на детето силна природна одбрана од болести. Ако имунолшкиот систем е лош, организмот станува подложен на замор и болести, а во тој случај не може да се штити од инфекции – без оглед дали се вообичаени, како настинки и алергии, или посериозни, предизвикани од континуиран имунолошки дисбаланс.

Доколку вашето дете е подложно на болести, мора постепено да му го зајакнувате имунитетот, додека не стане оптимално силен за да го заштитува од инфекции.

Како функционира детскиот имунолошки систем?

Имунитетот како заштитен систем се состои од два дела: вроден и стекнат имунитет. Овој вториот се развива се до 9 годишна возраст, по што се смета дека организмот оформил одбрамбен систем подготвен за понатамошно учење и ефикасно справување со предизвиците во текот на целиот живот.

Имунолошкиот систем ги препознава и ги разградува сите материи со кои доаѓа во контакт, а организмот ги смета за туѓи, вклучително и клетките на микробите, бактериите, туѓите супстанции и токсичните компоненти.

Како до јак имунитет?

Правилната исхрана е клучна за развојот и одржувањето на имунолошкиот систем.  Минералите и витамините помагаат при зајакнувањето на имунолошкиот систем.

Нутритивниот дефицит може да доведе до хронични имунолошки проблеми бидејќи бактериите и вирусите полесно се развиваат кога недостигаат некои нутриенти кои стимулираат силен имунолошки систем, вклучително и витамините А, Ц и Е, како и есенцијалните масни киселини. Најважни минерали се селенот, цинкот, железото, бакарот, магнезиумот. Овие нутриенти треба да се земаат од храната (свеж зеленчук и овошје, јаткасто овошје, семки, интегрални житарки). Минералите селен и цинк се незаменливи за имунитетот бидејќи се потребни за градење на многу ензими што го штитат телото од слободните радикали.

Но, доколку не сте сигурни дека со правилна исхрана вашето дете го добива потребното количество од овие витамини и минерали, а со цел да го обезбедите препорачаните вредности, потребно е да одберете соодветен додаток во исхраната.

Во нашата аптека „Фила Аптека“ (во склоп на клиниката Жан Митрев) како решение за зајакнување на детскиот имунитет ви го нудиме Orthomol junior C plus – додаток во исхраната наменет за децата. Тој содржи витамин Д којшто придонесува за нормална функција на имунолошкиот систем кај децата. Orthomol junior C plus исто така содржи вкупно 25 микронутриенти во комбинација на витамини фитонутриенти и елементи во трагови во избалансиран сооднос за децата.

Orthomol junior C е во форма на таблети за џвакање соодветни за деца со интересен дизајн во форма на автомобил или суви гранули коишто веднаш се раствораат во устата. Тој не е штетен за детските заби и лесно се апсорбира во организмот.

Исто така достапна е и верзијата Orthomol junior Omega plus исто  така како  додаток во исхраната за децата. Тој содржи железо коешто придонесува за нормален когнитивен развој на децата. Богат е со омега-3 масни киселини, цинк и витамини од групата Б.

Производите од линијата Ортомол се достапни во нашата аптека 02/3104952 / 996, и за он-лајн нарачки на www.aptekafila.mk, а наскоро и во сите поголеми аптеки во државава.

 

Мигрена

Неколку совети за превенција на мигренозните главоболки

Мигрената не е обична главоболка, туку се категоризира во потешките форми на болки кои се појавуваат во пределот на главата. Таа се карактеризира со многу силна болка, најчесто во пределот на слепоочниците, челото и очите која може да трае од неколку часa до неколку денa. Исто така, мигрената може да предизвика чувствителност на светлина и звук, вртоглавица, гадење и повраќање.

Неколку совети кои ќе ви помогнат да ја спречите појавата на мигрена:

  • Избегнувајте предизвикувачи на главоболка

Мигрената се појавува како резултат на повеќе фактори. Истата може да се контролира доколку се откријат причинителите. Водењето дневник за главоболка може да ви помогне да одредите што ги предизвикува вашите главоболки за да можете да ги избегнете предизвикувачите. Запишете ги сите детали за секоја појава на главоболката, како на пример: кога и како започнала, што консумиравте тој ден, вашето расположение, временските промени, времетраењето и интензитетот на главоболката.

  • Избегнувајте прекумерна употреба на лекови

Земањето лекови за главоболка и лекови без рецепт, повеќе од двапати неделно може да го зголеми интензитетот и зачестеноста на главоболката. Консултирајте се со вашиот лекар за тоа како да престанете да земате лекови кои може да имаат сериозни несакани ефекти доколку неправилно се употребуваат. Одредени лекови против главоболка кои содржат кофеин, може да помогнат да се намали главоболката, но може да имаат и спротивен ефект.

  • Спијте доволно

За возрасните лица потребни се седум до осум часа сон во едно едоноќие. Најдобро е да си легнувате и да се будите секој ден во исто време. Се препорачува во соба каде спиете да нема телевизор, а мобилниот телефон да биде исклучен или во друга просторија. Консултирате се со вашиот лекар како да постапите доколку имате нарушувања на сонот, како што е на пример ‘рчењето.

  • Не прескокнувајте оброци

Консумирајте здрава храна и трудете се оброците да ви бидат секој ден во исто време. Избегнувајте храна и пијалоци кои содржат кофеин, тие може да предизвикаат главоболки.

  • Вежбајте редовно

Редовната и умерена физичка активност може да ја подобри физичката и менталната благосостојба и да го намали стресот. Изберете физички активности во кои уживате, како што се пешачење, пливање или возење велосипед.

  • Намалете го стресот

Стресот е чест предизвикувач на хронични главоболки. Организирајте се. Поедноставете го вашиот распоред. Планирајте однапред. Бидете позитивни и размислувајте позитивно. Обидете се со практикување на техники за намалување на стресот како што се јога и медитација.

 

Синузитис – причини, симптоми, дијагноза и третман

Синузитис претставува воспаление на слузницата на параназалните синуси. Овие инфекции се јавуваат најчесто заедно со инфекции на носните простори /ринити/ и затоа често се користи терминот  риносинузити.

Синусите претставуваат неколку парни воздушести простори сместени во просторот на главата. Според локализацијата се делат на: максиларни /вилични, фронтални /челни, етмоидални / на коренот на носот помеѓу очите, сфеноидални / зад носот во средината на главата.
Синусите преку своите отвори се во комуникација со носните простори во кои се дренира нивниот содржај.

Воспаленијата на синусите најчесто се поврзани со: претходна настинка, алергиски ринит, полипи во носот, искривена носна преграда, чести горно-респираторни инфекции.

Во текот на настинката отокот/едемот на носната слузница поради инфекцијата доведува до стеснување или блокирање на отворите на синусите во носните простори. Тоа доведува до намалување на притисокот во синусите, се јавува болка и стварање на течност/флуид/ во синусите. Притисокот  во регијата на синусите и болката се золемуваат, а честопати се јавува и бактериска колонизација што ја потенцира клиничката слика.

Најчести причинители на синузити се:

– бактерии – Streptococcus pneumoniae, Haemophylus influenzae, Moraxella catarrhalis

– вируси – риновируси, аденовируси, вируси на инфлуенца и параинфлуенца, респираторни синцицијални вируси

– фунги/габи – најчесто кај дијабетичари и имунодефицитарни пациенти

Симптоматологија

Според тежината на симптомите кои се јавуваат при воспалението на синусите тие се делат на мајорни и минорни.

Мајорни: лицева болка или чувство на притисок; носна обструкција/запушеност на носот; секреција од носот/ во почетокот бистра, а потоа погуста жолто-зеленикава,  или чувство на слевање на секрет во грлото; намален  или изгубен осет за мирис / хипосмија или аносмија; покачена телесна температура.

Во минорните сиптоми доминираат: замор, малаксалост; болка во забите, ушите; главоболка; кашлица; непријатен мирис од устата.

Имајки ги во предвид симптомите, а со цел за поставување на правилна  дијагноза, потребни се најмалку еден мајорен и два минорни симптома или два мајорни симптома.

Локализацијата на болката може да ни посочи кон афекцијата на пооделни синуси:

– кај максиларните синузити – болка под очите, болки во забалото, главоболка

– кај фронталните синузити – болка во челото /над очите/

– кај етмоидалните  синузити – болка помеѓу очите/на коренот на носот

– кај сфеноидалните синузити – болка во задниот или средишниот дел на главата

Дефинирањето на овие симптоми е често отежнато поради истовремено ширење на инфекцијата кон повеке синусни простори.

Според временскиот период на траење на тегобите синузитите можат  да се јават во неколку форми:

– акутен синузит – најчесто почнува со симптоми на настинка и трае најмногу 2-4 недели

– субакутен синузит – симптомите перзистираат 4-12 недели

– хроничен синузит – трае повеке од 12 недели

– рекурентен /повторувачки/ синузит

Дијагнозата кај синузитите се поставува врз основа на:

– детална анамнеза

– комлетен оториноларинголошки преглед

– флексибилна/фиберназофарингоскопија – за разлика од ригидната ендоскопија, оваа дијагностичка метода овозможува многу попрецизна евалуација на носните простори. Таа ни дава податоци во однос на промените на носната лигавица /пребоеност, оток, хипертрофија/, деформитет/девијација на носната преграда, присуство на секрет и локалнизација, проценка на третиот крајник кај децата, носни полипи  и други состојби што се важни во проценката на синусните инфекции.

Третманот  на синузитите зависи од причинителните и формата на воспалението. Може да биде конзервативен или хируршки.

Конзервативен третман:

Кај вирусните синузити терапијата вообичаено е симптоматска /со цел да се смират симптомите – деконгестивни капки или спрееви во нос/со цел да се намали запушеноста на носот, аналгетици/за намалување на болката, витамини, инхалации, затоплување и сл.

Кај бактериските синузити дополнително се ординира и антибиотска терапија / најдобро според резултатите од микробиолошките испитувања/ во времетраење од 10-14 дена. Кај потешките форми може дополнително да се аплицираат и кортикостероиди.

Доколку е потврдена алергија или постојат симптоми на алергија се ординираат и антихистаминици/антиалергици, во форма на спрееви  во нос или системски.

Во случај на синузити причинети од габи/т.н. фунгални синузити/ се спроведува антифугална терапија. Кај овие форми поради брзата еволуција и изразена клиничка слика често е потребен хируршки третман.

Како дополнение на конзервативниот третман може да се користат инхалации / со камилица, етерични масла/, затоплување на синусите со инфрацрвена лампа, витаминска терапија и сл.

Неуспехот на конзервативниот третман  може да се препише на формирањето на т.н. бактериски биофилм во носните/синусните простори што значително ја зголемува резистентноста кон антибиотиците. Одредени студии покажуваат дека кај 75% од оперирани пациенти поради хроничен воспалителен процес на синусите е откриено присуство на бактериски биофилм.

Хируршки третман:

Хируршкиот  третман е индициран кај хроничните, рецидивирачки/повторувачки или пролонгирани форми на воспаление на синусите

За разлика од порано користените класични хируршки техники на операција на синусите  денес се користи техниката на FESS  – /functional endoscopic sinus surgery/ – функционална ендоскопска синусна хирургија.

Предности на оваа метода во однос на класичните се:

–  овозможува поедноставен пристап и подобра визуелизација на  носните и синусните простори

–  ја намалува оперативната траума на околните ткива

–  го скратува постоператвниот период на опоравување.

Можни компликации кај синузитите

Спуштањето на инфективниот матерјал/секрет од носот и синусите може да доведе до инфекции на долните дишни патишта. Оваа состојба се нарекува Синобронхијален синдром.

Затоа при чести или повторувачки епизоди на инфекции на долните дишни патишта, особено во детската возраст,  важно е да се направи проценка на горните дишни патишта како можно жариште на инфектот.

Доколку дијагнозата за постоење на синусна инфекција не е навреме поставена или терапијата не е соотведно ординирана можна е појава на компликации. Тие настануваат  најчесто со ширење на инфекцијата кон околината по директен пат поради разрушување на тенките коскени зидови на синусните простори или по индиректен пат преку крвните и лимфните садови.

Од локалните/егзокранијални/ компликации најчести се орбито-окуларни компликации поради ширењето на инфекцијата кон очите, како и остеомиелитични промени на околните коскени структури. Доколку процесот се шири кон ендокраниумот и мозочните структури можна е појава на менингити, стварање на мозочни абсцеси со различна локализација. Ова се крајно сериозни состојби поради локализацијата на синусните простори, а понекогаш и животозагрозувачки доколку останат занемарени.

Задолжително консултирајте лекар/оториноларинголог  доколку имате:

прологирано траење на симптоми на настинка

– влошување на почетните симптоми на настинка

– анамнеза за хронични инфекции на синусите

– имунодефицитарни состојби

Навремената дијагноза на воспалението на синусите, како и спроведувањето на адекватната терапија значително го намалува  ризикот од појава на компликации и опасноста од ширење на инфекцијата кон околните структури.

Примариус д-р Борислав Гогушевски
Оториноларинголог

 

COVID-19 пункт: Сите опции на едно место


И во новата 2021 година, борбата со пандемијата предизикана од коронавирусот сеуште трае.

Нашиот COVID-19 пункт ви е на располагање секој работен ден од 8:00 до 15:00 часот, додека за викендите работното време е од 8:00 до 15:00 часот.

Во склоп на овој пункт освен разните видови на тестови за утврдување на присуство на вирусот сите одобрени од СЗО, овозможивме и рентген снимање, CT скен и земање примероци за дополнителни лабораториски анализи за COVID-19.

Достапни се и сите варијанти на тестирање за веќе прележана COVID-19 инфекција како антигени и антитела.

Можни се прегледи од лекар за пациенти позитивни на COVID-19, по претходно закажан термин.

Никој нема да биде вратен, а за оние кои ќе закажат термин он-лајн следува 10% намалување на цената на услугите.

Повеќе информации и закажување на 02/3091 484 или на www.zmc.mk

 

Хибридна операција како минимално инвазивен современ третман на торакоабдоминална аневризма

Во нашата клиника e извршена уште една комплексна интервенција од областа на кардиохирургијата. Станува збор за зафат реализиран во две фази со примена на така наречена хибридна операција за санирање на торакоабдоминална аневризма. 
 
Поради сложеноста и итноста на интервенцијата, тимот предводен од доктор Жан Митрев заедно со д-р Никола Христов и д-р Ѕвонко Атанасов интервенираа ведаш со цел да се спаси животот на пациентот.
 
Самото постоење на аневризми – проширувања на аортата се медицинска состојба која се одликува со зголемен ризик за пациентот од ненадејна руптура (прскање) на крвниот сад, која најчесто фатално завршува без можност за интервенција поради нагло крварење.
Оперативните лекувања на проширувањата на аортата се едни од најпредизвикувачките операции во секој модерен кардиоваскуларен центар, при што ризикот од компликации е голем, дури и во развиените центри кои спроведуваат голем број вакви операции.
При сложени ситуации како оваа аневризма на торакоабдоминалната аорта, операциите се вообичаено тешки и траат многу саати, со висок процент на смртност и можна параплегија по операцијата.
Нашиот тим со примена на современа и минимално инвазивна хибридна операција ги избегна сите можни комплкации и го скрати периодот на опправување на пациентот .
Реализацијата се случи во две фази.
Во првата фаза беше направено премостување на абдоминалниот од дистален дел на абдоминалната аорта и се пренасочува со бајпас техника сите главни абдоминални артерии и оние од двата бубрези
Во втората фаза, кај пациентот во будна состојба под локална анестезија, се поставува специјален стент со ТЕВАР процедура. Торакална ендоваскуларна аортна замена- ТЕВАР процедура еден од најсовремените и најбезбедни начини на лекување на аортните аневризми.
Овој стент ја затвора торакоабдоминалната аневризма и сите нативни крвни садови кои излегуваат од од аневризмата на аортата. Бидејќи претходно е обезбедено премостување, решавањето на торакоабдоминалната аневризма за пациентот е безболна, без рез и истата трае само 30 минути, а пациентот си замина на домашно лекување по само два дена.
 
Како што објаснува д-р Ѕвонко Атанасов – интервентен радиолог, кај овој пациент се работеше за фузоформна торако-абдоминална аневризма на аортата, која започнуваше од дисталната торакална аорта и завршуваше на ниво на аортната бифуркација, со максимален пречник над 60mm.
Со оглед на тоа што излезиштата на висцералните гранки на аортата излегуваа од аневризмата, кај пациентот во прв акт се направи висцерален дибренчинг од страна на Академик д-р Жан Митрев, односно се направи оперативно бајпасирање од левата заедничка илијачна артерија до трункус цилијакус, до артерија мезентерика супериор и до двете бубрежни артерии.
 
Потоа, по неколку дена, а по претходно направени мерења и нарачани аортни графт протези, во втор акт се направи ТЕВАР интервенција со пласирани 2 стента, со што интервентно се ремоделира торакоабдоминалната аневризма на аортата. После интервенцијата, пациентот по 2 дена си замина дома, објаснува д-р Ѕвонко Атанасов.
Во светот десетина година при состојби како овие се применуваат ТЕВАР процедури, кои се состојат во вградување на аортна протеза (цевка од синтетски материјал) на местото на аневризмата. Оваа постапка е значајно побрза и помалку трауматична за пациентот. Истата е проследена со значително помалку постинтервентни компликации во однос на отворената класична аортна хирургија.
Пред заминување од нашата клинка пациентот даде свое сведочење за целокупното доживување во нашата клиника, од првиот контакт со нашите лекари па се до неговото пуштање дома:

Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во Жан Митрев клиниката започна со потрагата по “британскиот сој” VOC 202012/01 во Македонија

 

Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во Клиничката болница Жан Митрев  започна со потрагата по “британскиот сој” VOC 202012/01 во Македонија.

Деновиве како дел од научно-истражувачката работа развивме брз PCR протокол според којшто можеме да селектираме суспектни кандидати за VOC 202012/01 сојот во Македонија. После селекција неговото присуство или отсуство се потврдува преку нова генерација на секвенционирање во реално време. Според досегашните анализи НЕ СЕ детектирани изолати со присуство на британскиот сој VOC 202012/01.

Но детектиран е веќе познат сој со следната конституција на мутации во Spike протеинот: del69-70, N439K, D614G. Во научната литература постојат докази дека овие мутации водат до зголемена преносливост на вирусот и намален ефект на терапија со некои моноклонални антитела и ковалесцентна плазма.
Редовниот мониторинг на еволуцијата на вирусот во Македонија ќе има огромно значење во формирањето на стратегии за сузбивање на пандемијата, дијагностичките тестови, терапијата и вакцините против коронавирусот. Во наредниот месец нашата лабораторија продолжува со оваа научно-истражувачка работа.