Генетски детерминираните фактори на ризик за меланом, како што се светлиот тен, бројните бенки и семејната историја на меланом, не можат да се изменат или искоренат. Сепак, можеме значително да го намалиме ризикот од развој на меланом следејќи ги овие упатства за превенција.
Изложеност на сонце (инсолација)
Дефинитивно треба да се избегнува нагло, интензивно и директно изложување на сонце. Главната цел е да се спречат изгорениците од сонце, односно црвенило на кожата кое настанува како резултат на изложување на сонце. Најштетни изгореници се оние кои креираат плускавци или болка во траење од најмалку 48 часа. Затоа, мудро е да избегнувате продолжено директно изложување на сончева светлина, особено помеѓу 11 и 15 часот.
Крем за сончање
Кремите за сончање треба да имаат највисок заштитен фактор – фактор 30-50 – и да обезбедуваат заштита од UVA и UVB зраци. Адекватниот ефект на кремите за сончање кои имаат хемиски филтри започнува околу половина час по нанесувањето и не трае цел ден, туку само два часа. Според тоа, кремот за сончање треба да се нанесува половина час пред излегување на сонце и повторно да се нанесе на секои два до три часа.
Сенка/температура
Треба да се нагласи дека престојот под чадор во отворено, како на плажа или на снег, сепак може да доведе до изгореници од рефлектираните (одбиените) ултравиолетови зраци, освен ако не се применат дополнителни мерки за заштита од сонце. Исто така, сончевите зраци продираат низ облаците во значителни количини, па оттука сè уште постои можност кожата да изгори дури и во облачни пролетни/летни денови. Освен тоа, УВ зраците не предизвикуваат жешко чувство на кожата и морското ветерче може да предизвика лажно чувство на безбедно изложување на сонце.
Облека
Облеката обезбедува најдобра заштита од интензивна сончева светлина. Кошулите се подобри од облеката без ракави. Облеката со потемна боја обезбедува подобра заштита од облеката со светла боја. Пожелно е материјалот да биде цврсто ткаен и со сертифицирана УВ заштита. Добро е да носите капа со широк обод и очила за сонце со заштита, бидејќи УВ зраците се штетни и за очите. Денес, на пазарот е достапна облека за деца, вклучително и костими за капење, со вградена заштита од сонце со фактор до 50.
Тип на кожа
Општо земено, правило е дека кожата мора постепено да се навикнува на сончевите зраци. Факт е дека не сите луѓе имаат иста кожа. Секој треба да го знае и специфичното време за лична заштита што се однесува на неговиот или нејзиниот тип кожа. Со други зборови, колку долго незаштитеното изложување на сонце може да се смета за безбедно за конкретниот тип на кожа. Типот на кожа се одредува согласно тоа колку лесно добивате изгореници и потемнувате по околу половина час изложување на сонце напладне во летен ден. Може да се препознае по различни карактеристики, како што се бојата на косата или бледилото на кожата.
Постојат шест фототипови на кожа , но во Европа најчесто се застапени овие четири:
Тип 1:
• Кожата е исклучително чувствителна на сонце, не потемнува туку поцрвенува
• Луѓето обично имаат светла кожа, често со пеги, руса или црвена коса и сини или зелени очи
Тип 2:
• Кожата е чувствителна на сонце, потемнува полека и е склона кон изгореници
• Светла кожа, но малку потемна од типот 1 со обично руса до темно руса коса и сини очи
Тип 3:
• Кожата е делумно чувствителна на сонце, лесно и брзо потемнува, бојата трае долго
• Малку потемен тен, генерално со темно руса до кафена коса и различни бои на очите
Тип на кожа 4
• Кожата е отпорна, брзо и комплетно потемнува, бојата трае долго
• Светло-кафеава кожа
• Косата и очите се темно кафеави или црни
Деца и млади
Главниот ризик за развој на рак на кожата започнува уште во детството и помладите години. Затоа децата и младите треба да бидат особено внимателни и да користат ефективни водоотпорни креми и физички бариери при сончање. Истите теба да бидат со највисок заштитен фактор и да штитат и како од УВА, така и од УВБ зраци. Носењето темна маица и капа за сонце треба да биде задолжително. Квалитетните очила за сонце се идеални за заштита на очите и токму возрасните во овој случај можат да бидат пример кој ќе го следат децата.
Козметика и лекови
Одредени лекови ја зголемуваат чувствителноста на светлина. Ова е нешто што треба да се разговара со лекар или фармацевт пред да се изложите на сонце. Дезодоранси, козметика и парфеми може да предизвикаат непријатна реакција на сонце или трајна пигментација. Затоа, треба да се избегнува примена на такви производи при сончање.
И во случај на најмала промена на Вашата кожа, веднаш консултирајте се со Вашиот доктор. Ракот на кожа може да се излекува доколку се открие навреме. Во Клиничката болница Жан Митрев со помош на софистицираниот апарат FotoFinder, може да се откријат и најмалите промени на кожата. Стручниот тим на дерматолози во нашата клиника Ви стои на располагање со професионален и персонализиран пристап, насоки за превенција на рак на кожа и совети како правилно да се грижите за здравјето на Вашата кожа.
Закажете го Вашиот термин на 02 3091 484