Гинекомастијата е често пореметување на ендокриниот систем, при кое се случува неканцерозно зголемување на градите кај лица од машки пол. Дојките и кај двата пола се подложни на хормонални влијанија. Секако овие влијанија се одразуваат во помала мера кај машката популација, така што и кај нив може да се појавуват истите болести како и кај женските гради, но многу поретко. Дојките кај мажите се рудиментен орган. Градени се од масно ткиво, мало количество сврзно ткиво и недоразвиени изводни канали кон брадавиците.
Најчест проблем кој се јавува кај дојките на мажите е токму гинекомастијата, која претставува еднострано или двострано зголемување на машките дојки на сметка на епителното и стромалното ткиво. Како физиолошка појава се среќава во неонаталниот период под влијание на хормоните на мајката, во пубертетот поради појавата на физиолошките хормонални промени, но може да се случи и во староста. Доколку се појави во друг период, треба да се направат дополнителни испитувања. Статистиката покажува дека еден од тројца мажи помлади од 40 години имаат проблем со одреден степен на гинекомастија.
Причината за појава на гинекомастија можат да бидат хипертрофија или зголемување на жлездениот паренхим на дојката и собирање на депозити во поткожното масно ткиво. Во педесеттата година од животот, речиси половина од машката популација има зголемени гради.
Разлика меѓу гинекомастија и липомастија
Човечкото тело ги складира мастите на начин кој генетиката веќе го има одредено. Тоа значи дека како резултат на генетиката, кај некои мажи одредена количина вишок на телесни масти се таложат на градите, па така настанува зголемување на градите. Без разлика на генетиката, доколку внесувате премногу масти, телото ќе нема да има простор сето тоа да го процесира. Од таа причина дел завршува во облик на градно сало. Оваа појава се нарекува липомастија.
Гинекомастијата не е поврзана со постоење вишок масти на градите. Таа настанува поради хипертрофија на жлезденото ткиво како резултат на неизбалансираните нивоа на хормоните тестостерон и естроген. Од таа причина најчесто се појавува во период на пубертетот или во средните години, по педесеттата година од животот. Може да се појави и како нус појава од користење на стероиди, кои влијаат на нивоата на хормоните. Може да биде во блага или екстремна форма. Исто така, може да се случи и комбинација од двете појави.
Патолошка гинекомастија
Патолошката гинекомастија се појавува поради пад на тестостеронот при воспаление или траума на тестисите, кастрација, бубрежна инсуфициенција или метаболичен дефект во продукцијата на тестостеронот. Исто така, се појавува и при пораст на естрогените хормони, што се случува при тумори на тестисите, карцином на белите дробови, болести на надбубрежната жлезда, црниот дроб, тироидната жлезда (тиреотоксикоза). Може да се појави и при честа употреба на некои лекови, меѓу кои и сите цитостатици, како и опојни средства.
Дијагностичка проценка
Клинички преглед на градите се прави со цел да се утврди точниот проблем.
- Дали состојбата е гинекомастија или псевдогинекомастија (раст на супареоларното масно ткиво, но не и на жлезденото ткиво)
- Диференцијална дијагноза помеѓу гинекомастија и канцер на градите (гинекомастичното ткиво е меко и еластично и се наоѓа веднаш под ареолата, билатерално кај 50% од случаите; канцерското ткиво е солидно или тврдо, не е под ареолата, често е унилатерално).
Обрнете внимание на следните знаци и историја:
- Сексуална функција (импотенција, намалено либидо).
- Големина на тестисите (мали тестиси индицираат хипогонадизам, асиметрија сугерира тумор).
- Влакнетост (машки или женски тип)
- Млеко или друг исцедок при стискање на градите.
- Знаци на хепатално заболување.
- Историја за лекови (спиронолактон, третман на канцер на простата, природни лекови).
Лабораториски иследувања
Спроведувањето на лабораториски тестови се прваи по приоритет. Вообичаено се почнува со:
- Серумски тестостерон и глобулин што се врзува за полови хормони (sex-hormone binding globulin SHBG ) (+ пресметан слободен тестостерон).
- Серумски естрадиол.
- Серумски лутеинизирачки хормон (LH).
- Серумски TSH.
- Серумски бета-hCG.
Пред да се донесе одлука, првенствено е потребно да се направи ЕХО на дојките, а потоа со комплетните хормонски анализи потребен е преглед од страна на специјалист ендокринолог. Доколку ендокринологот донесе заклучок дека гинекомастијата е операбилна, во натамошниот тек се спроведува хируршки третман.
Хируршки третман за гинекомастија
Хируршкиот третман кај гинекомастијата се однесува на отстранување на ткивото во предел на дојките. Во зависност од самиот тип на гинекомастија односно дали е во прашање липомастија или гинекомастија, можни се две оперативни процедури:
- Липосукција
- Периареоларна екстирпација на жлездата на дојката
Липосукција претставува оперативна процедура каде што по спроведена инфилтрација, со помош на канила и под вакум, се извлекува масната компонента во предел на дојката.
Екстирпацијата на жлездата претставува хируршка процедура каде што по направен полукружен рез во предел на брадавицата, се спроведува препарирање на жлезденото ткиво на дојката, а потоа истото се одстранува. По спроведената екстирпација на жлезденото ткиво на дојката, потребно е на ткивото да се направи патохистолошка анализа со цел поставување на дефинитивна дијагноза.
Постоперативна рехабилитација
По спроведената операција, потребно е мирување и избегнување на физичка активност. Болничкиот престој по спроведената операција, во зависност од општата состојба на пациентите е со времетраење од 1 до 2 дена. Во понатамошниот период следува понатамошен амбулантски третман.
Во постоперативниот период потребно е носење на еластичен завој или еластичен стезник со цел да се направи компресија на кожниот покривач во предел на градите. Компресивниот завоен материјал потребно е да се носи во траење од еден месец.
Доколку пациентот кај кого е спроведен хируршки третман за гинекомастија професионално се бави со работа која не побарува физичка активност, враќањето на работа може да биде две недели по спроведената операција. Доколку пациентот професионално се бави со работа која побарува физичка активност особено на горните екстремитети, враќањето на работа може да биде по еден месец од операцијата. Со спортски активности или фитнес, може да се продолжи еден месец по самата операција.
Често поставувани прашања:
- Колку трае операцијата на гинекомастија?
Времетраењето на операцијата е од 60-90 минути - На која возраст најдобро е да се оперира гинекомастија?
Гинекомастијата најдобро е да се оперира по завршување на пубертетот, односно во адолесценцијата - Дали пациентите со гинекомастија имаат поголем ризик за развој на карцином на дојка?
Гинекомастијата не претставува преканцероза, односно не постои научно докажана поврзаност меѓу гинекомастија и ризикот за развој на карцином на дојка - Во која анестезија може да се направи операцијата на гинекомастија?
Во зависност од клиничката слика на пациентот, гинекомастијата може да се направи и во локална анестезија доколку дојките не се волуминозни - Дали операцијата е болна?
Во постоперативниот период се спроведува аналгетска терапија со која се намалува болната сензација