Минатата недела во периодот од 13 до 15 октомври, во Струга во организација на ,,За нас,,- Унијата на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри се одржа вториот конгрес насловен како ,,Здраствената нега-научна дисциплина,,. На овој едукативен настан свое учество со предавања на теми поврзани со сестринството одржаа нашите сестри: Жанета Богоевска-Митева, Сања Давидов, Елизабета Димовска, Сузана Димишковска, Астрит Ејупи, Деспина Зафировска, Ирена Котеска, Марина Лазевска, Иван Наунов, Светлана Ончева, Соња Русевска, Андреја Србиновски и Весна Стојановска.
Годинава за првпат како рамноправна членка на Балканската асоцијација на медицински сестри, учество зедоа преку 400 учесници предавачи и соработници. Исто така за првпат беа доделени и одликувања од прв ред во име на првата македонска медицинска сестра – Славјанка Влахчева.
Месец: м.г
Кога, како и зошто хистероскопија?
Гинеколошката интервенција – хистероскопија е микроинвазивна процедура за решавање на голем број гинеколошки заболувања. Со директна визуелизација на шуплината на матката со помош на камера, можеме да решиме многу проблеми кои ги засегнуваат жените, а за кои предходно беше потребен класичен опертивен зафат.
Абнормалното крварење од матката е симптом кој постои кај 40% од жените кои доаѓаат во гинеколошките ординации. Некои од нив се третираат со хормонска терапија, но кај голем дел постои потреба за дијагностичка и терапевтска хистероскопска постапка. Истата се спроведува микроинвазивно со еднодневна хирургија и минимален период на опоравување. Денес многу жени чии професионални обврски наложуваат брзо да се вратат на работа, бараат алтернативни модалитети за замена на класичната хирургија и хистероскопијата е се почест избор за решавање на нивните проблеми.
Опертивната хистероскопија е златен стандард за: отстранување на полипи од шуплината на матката, миоми кои се видливи во внатрешноста на матката, горење на слузницата на матката, која ја користиме кај жени кои завршиле со репродукција, и кои имаат обилни менструации кои пак доведуваат до анемија и општа слабост, како алтернатива за вадењето на матката.
Покрај оваа примена на хистероскопијата, денес таа има голем удел при третирање на пациентките со стерилитет. Со примена на хистероскопијата се решаваат проблеми како аномалии на утерус, како и преграда на матка со ресекција на истата.
Денес хистеророскопската хирургија има значајно место во секојдневната гинеколошка пракса носејќи со себе голем напредок во третманот на жените.
Во нашата клиника на располагање ви се најмодерните гинеколошки техники кои ги изведуваат нашите искусни гинеколози. За да закажете термин за преглед јавете се во нашиот контакт центар на 02/3091-484
Што е ментално здравје?
Менталното здравје ја вклучува нашата емоционална, психолошка и социјална благосостојба. Тоа влијае на начинот на кој размислуваме, чувствуваме и делуваме кога се соочуваме со животот. Исто така, помага да се одреди како се справуваме со стресот, како се поврзуваме со другите и како донесуваме одлуки. Менталното здравје е важно во сите фази од животот, од детството и адолесценцијата до зрелоста и староста.
Што се ментални болести?
Менталните болести се сериозни состојби кои можат да влијаат на начинот на кој размислувате, вашето расположение и вашето однесување. Тие можат да бидат повремени или долготрајни. Тие можат да влијаат на вашата способност да се поврзувате со другите и да функционирате секој ден. Менталните проблеми се чести но сепак, постојат достапни третмани. Достапните терапии и психотераписки интервенции овозможуваат значително намалување на присутните симптоми и овозможуваат кај голем дел од лицата да се вратат во нормално секојдневно функционирање.
Зошто е важно менталното здравје?
Менталното здравје е важно бидејќи може да ви помогне:
- Да се справувате со животниот стрес
- Да бидете физички здрави
- Да остварувате здрави врски
- Да имате значаен придонес во заедницата каде живеете
- Да работите продуктивно
- Да го искористите вашиот потенцијал во целост
Вашето ментално здравје е исто така важно бидејќи може да влијае на вашето телесно здравје. На пример, менталните нарушувања може да го зголемат ризикот од телесни здравствени проблеми, како што се мозочен удар, шеќерна болест и срцеви заболувања.
Што може да влијае на моето ментално здравје?
Постојат многу различни фактори кои можат да влијаат на вашето ментално здравје, вклучувајќи:
- Биолошки фактори, на пример генетски фактори
- Животни искуства, како што се траума или злоупотреба
- Семејна историја на проблеми со менталното здравје
- Вашиот животен стил, како што се исхраната, физичката активност и употребата на одредени супстанции (алкохол или дрога).
Со превземање на одредени нови стилови на живеење како на пример: медитација и користење техники за релаксација, спортување може да се подобри квалитетот на менталното функцинирање.
Дали моето ментално здравје може да се промени со текот на времето?
Животот е динамичен процес, се соочуваме со низа на животни предизвици кои може да влијаат менталното здравје да се промени. На пример, соочување со тешка ситуација, – соочување и справување со хронична болест, нега и грижа за болен роднина или постоење на финансиски проблеми. Ситуацијата може да ве исцрпи и да ја надвладее вашата способност да се справите со ново настанатите состојби. Ова може да го влоши вашето ментално здравје. Од друга страна, разговор на овие теми или примање на терапија може да ја подобри состојбата.
Кои се знаците за проблеми со менталното здравје?
Кога станува збор за вашите емоции, може да биде тешко да знаете што е нормално, а што не. Но, проблемите со менталното здравје имаат предупредувачки знаци, како што се:
- Промени во навиките за јадење или спиење
- Изолација од луѓето и активностите во кои сте уживале
- Намалување или отсуство на животна енергија
- Чуство на празнина или како ништо да не е важно
- Необјаснети болки и немир/секирации
- Чувство на беспомошност или безнадежност
- Пушење, пиење или користење дроги/лекови повеќе од вообичаено
- Чувство невообичаено збунето, заборавно, луто, вознемирено, загрижено или исплашено
- Сериозни промени во расположението кои предизвикуваат проблеми во вашите односи
- Мисли и спомени кои не можете да ги извадите од главата
- Слушање гласови или верување во работи кои не се вистинити
- Размислување да се повредите себеси или другите
- Неможност да ги извршувате секојдневните задачи како што се грижата за вашите деца или одењето на работа или училиште
Што треба да направам доколку мислам дека имам проблем со менталното здравје?
Доколку мислите дека можеби имате проблем со менталното здравје, побарајте помош. Терапијата за разговор и/или лекови може да третираат ментални нарушувања. Доколку не знаете од каде да започнете, нашиот тим психолози и доктор специјалист по психијатрија ви стојат на располагање за да ви помогнат во решавање на вашите проблеми.
Закажете консултација на 02 3091 484
10ти октомври – Светски ден на ментално здравје
Светскиот ден на менталното здравје се одбележува секој 10ти октомври, а оваа година е со тема насловена како “Менталното здравје е универзално човеково право”
Доброто душевно здравје е од клучно значење за нашето целокупно здравје и благосостојба.
Според податоците од СЗО еден од осум луѓе на глобално ниво има нарушено душевно здравје, што влијае на телесното здравје и општа благосостојба.
Душевното здравје е основно човеково право за сите луѓе и како такво гарантира право на највисоки стандарди при третман на душевната состојба. Ова го вклучува правото да се биде заштитен од ризици по душевното здравје, правото на достапност и квалитет од највисок степен.
Ешерихија коли во урината: симптоми, причини и третман
На секој човек во одреден период од животот може да му се случи појава на уринарна инфекција. Уринарните инфекции се едни од најчестите инфекции кои што се јавуваат во сите возрасни групи, почнувајќи од доенечка па се до напредната возраст, но најчести се кај жените заради нивната анатомска градба.
Ние во оваа статија ќе се осврнеме за инфекциите на уринарниот тракт предизвикани од бактеријата Ешерихија коли, особено затоа што се смета дека во 75-95% од сите уринарни инфекции причинител е токму оваа бактерија. Ќе ги објасниме можните причини за појава на оваа инфекција, како и симптомите кои би ве натерале да размислите за посета на нефролог/ уролог или гинеколог, начинот на превенција и нивно лекување.
Причини за инфекција со ешерихија коли во урината
Природна средина на оваа бактерија се цревата и таа е дел од нормалната микрофлора на гастроинтестиналниот тракт. Постојат повеќе видови бактерии од родот Ешерихија, но само еден вид е важен за хуманата патологија, а тоа е бактеријата Ешерихија коли. Истата има повеќе серотипови, од кои само дел предизвикуваат заболувања кај луѓето кои може да бидат: цревни, белодробни или уринарни инфекции.
Вообичаено Ешерихијата се внесува преку контаминирана храна и вода и тогаш предизвикува цревни заболувања. На населувањето на оваа бактерија во уринарниот тракт и погодува близината на аналниот и уринарниот отвор, влажноста на кожата и нејзината топлина, како и хигиенските навики и неправилната тоалета на оваа регија.
Ако се има во предвид малото растојание на аналниот, вагиналниот и уринарниот отвор, како и кусиот мочен канал кај жените (3-5цм), тогаш станува јасно зошто тие се поподложни на уринарни инфекции, за разлико од мажите кои ги штити релативно долгиот и стерилен мочен канал. Доколку кај мажите се развие уринарна инфекција со Ешерихија коли, тогаш истата е поврзана со повозрасно животно доба, отежнато празнење на мочниот меур заради заболувања на мочниот канал и простатата. Ова изискува првин да се регулираат и лекуваат заболувањата кои довеле до пореметено мокрење, за потоа трајно да се излекува и уринарната инфекција.
Пренесувањето на инфекцијата со Ешерихија коли може да настане со директно ширење од околните органи: вагина, матка, јајници. Се претпоставува дека бактеријата може да го насели мочниот меур и преку ширење од лимфните садови на дебелото црево, да ги инфицира бубрезите или токму од тука да започне инфекцијата. Особено подложни на инфекција се луѓето кои што имаат предиспонирачки фактори за развој на инфекции со ваков тип на бактерии, а тоа се сите оние кои се соочуваат со застој на урината од различни причини (нервозен мочен меур, стеснувања на мочните канали, камчиња во бубрезите или мочните канали, туѓи тела). Во оваа категорија спаѓаат и бремените жени, како и сите оние кои што имаат намален имунитет заради одредена хронична здравствена состојба (дијабетес мелитус, пациенти кои што примаат имуносупресивна терапија, кои имаат потреба од радиотерапија и сл).
Симптоми на инфекција со ешерихија коли во урината
Зависно дали бактеријата предизвикала инфекција во гастроинтестиналниот тракт, белите дробови или уринарниот тракт така и симптомите може да бидат различни. Ние овде ќе ги споменеме најчестите симптоми при развој на уринарна инфекција. Такви се:
- Фреквентен нагон за мокрење
- Ургентност при мокрење
- Печење при мокрење
- Мокрење на мала количина урина
- Урината е со непријатен мирис и заматена боја
- Присуство на крв во урината или на крај од мокрењето
- Општа слабост и замор
- Гадење и повраќање
- Покачена телесна температура
- Треска
- Губиток на апетит
- Болка во слабинскиот дел на грбот, која што се шири кон мочниот меур
- Болка во надворешните генитални органи
- Болката кај мажите може да се шири и во тестисите
Доколку чуствувате еден или повеќе од овие симптоми, не двоумете се да посетите специјалист нефролог/уролог или гинеколог. Особено ако се има во предвид дека инфекциите на бубрезите се особено сериозна состојба, која што доколку не се лекува навремено од страна на нефролог, може да доведе и до трајно оштетување и намалување на бубрежната функција.
Превенција на инфекција со ешерихија коли во урината
За да ја намалите можноста од развој и ширење на инфекцијата со Ешерихија коли, основно е:
- здрава исхрана,
- внес на најмалку 2 литри течности на ден,
- физичка активност во согласност со годините и здравствената состојба,
- одржување на хигиена на раце и лична хигиена,
- носење на соодветна гардероба и памучна долна облека,
- навремено пресоблекување на мокрите костими за капење,
- правилна тоалета на гениталната регија (бришење од напред кон назад)
- како и навремена посета на доктор при појава на било кој од симптомите кои што може да се дел од оваа инфекција.
Третман на инфекција со ешерихија коли во урината
За да може правилно да се лекува уринарната инфекција со Ешерихија коли, вашиот доктор ќе ви земе примерок од крв и урина за лабораториски и микробиолошки иследувања. Ќе ве упати за дополнителни иследувања на нефролог/ уролог или гинеколог зависно од симптомите кои што ги имате.
Третманот со лекови ќе го определи специјалистот кој што ќе ја третира инфекцијата со Ешерихија коли, зависно од местото на инфекцијата, клиничката слика и тежината на симптомите. Ќе ви препорача хигиено-диететски режим на кој ќе треба да се придржувате и ќе ја определи фреквенцијата на јавување на контролни прегледи.
Имајќи во предвид дека оваа бактерија може и во неколку наврати да предизвика уринарни инфекции, односно да се јавува во рецидиви и да премине во хронична уринарна инфекција, па дури и да биде тврдокорна кон пропишаната терапија, а имајќи ја во предвид сериозноста доколку истата ги инфицира бубрезите, како и последиците од тоа, од особена важност е нејзиното навремено и правилно лекување.