Споделувањето искуства е секогаш вредно

На почетокот на јуни годинава во Вроцлав-Полска, на место каде историјата се среќава со науката, се одржа конгрес на најголемата меѓународна организација за соработка на медицински сестри и сродни професии од доменот на кардиологијата (ACNAP), која ги застапува интересите на своите членови како во клиничката пракса така и во истражувањата. Од своето создавање, ACNAP е динамично здружение специјализирано за превенција, рехабилитација и управување со пациенти со кардиоваскуларни болести.

Темата на овогодишното издание на конгресот беше „Мултидисциплинарни перспективи насочени кон пациентот во кардиоваскуларната нега”, што ја одразува основната карактеристика на ова здружение кое ги обединува сите членови на кардиоваскуларниот стручен тим околу сржта на нашата пракса: пациентите.
Конгресот содржеше низа стручни интерактивни мултидисциплинарни сесии, предавања и работилници за најсовремени истражувања и имплементација на науката низ основните специјалности, вклучувајќи аритмија, акутна нега, кардиохирургија, срцева рехабилитација, срцева слабост, превентивна кардиологија, дигитално здравје и многу повеќе. На конгресот со своја презентација на тема: ,, Пре и пост КОВИД ера: како пандемијата влијаеше на бројот на кардиоваскуларни прегледи,, учествуваше и сестра Сузана Димишковска.

Општата цел е секако да се обезбеди знаење и најнови научни достигнувања кои ќе им помогнат на медицинските сестри и на сродните професионалци да вршат клинички процедури, да ги имплементираат најновите упатства и да пружат висококвалитетна клиничка нега.
Директниот контакт го носи најважнот: вмрежување, размена на информации и споделување на практики се со цел да се обезбеди најдобра можна грижа за луѓето погодени од (или изложени на ризик од) кардиоваскуларни болести, нивните семејства и пошироки заедници, преку обезбедување висококвалитетени образовени ресурси.

Со задоволство придонесуваме во развојот на младите ракометари

На ракометниот камп 40×20 кој се одржа во Охрид во периодот од 30.06 – 05.07.2024 година беа пристутни 100 деца на кои ја добија потребната медицинска поддршка од страна на нашиот тим согласно потпишаниот меморандум за соработка. Клиниката Жан Митрев со задоволство се грижи за најмладите спортисти кои во иднина се очекува да бидат дел од успешната македонска ракометна сцена.

Бесплатни педијатриски прегледи за 150 новороденчиња од општина Центар

Денеска клиниката Жан Митрев согласно меморандумот за соработка со Општина Центар и веќе традиционалната активност која се одвива секоја година, додели 150 ваучери на новороденчињата од оваа општина.
Станува збор за педијатриски преглед кои треба да го искористат во наредните три месеци од доделувањето. Нашите педијатри ги очекуваат родителите да закажат преглед за своето бебе на телефонскиот број 02 3091 484.

ИНТЕРВЈУ СО ДОЦ. Д-Р АНДРЕЈ НИКОЛОВСКИ: Појава на крв во столицата, запек, течни столици, болки во стомакот во вид на сечење, подуеност се симптоми на карцином на дебелото црево

Во почетна и рана фаза на болеста, најчесто нема симптоми. Тие се манифестираат во локално напреднатата фаза кога туморот веќе е доволно пораснат за да ја намали проодноста на дебелото црево во тој дел правејќи делумна или целосна опструкција или пак спонтано да прокрвави.

Препораките на СЗО (Светската здравствена организација) се дека секој човек на возраст од 50 години треба да ја направи својата прва колоноскопија. Доколку во поблиското семејство на личноста постои веќе друго лице со дијагностициран рак на дебело црево, тоа лице првата колоноскопија треба да ја направи на 40-годишна возраст“, објаснува доц. д-р Андреј Николовски, општ хирург – супспецијалист по абдоминална хирургија во клиничката болница „Жан Митрев“.

Колоректалниот карцином е трет најчест карцином во светот, со околу 10 % од сите случаи на рак и е втора водечка причина за смртни случаи поврзани со рак во светот (според СЗО). Болеста е подмолна и во почетната, рана фаза не дава симптоми. „Ризик фактори асоцирани со зголемен ризик од појава на рак на дебело црево се староста, фамилијарен (наследен) фактор, присуство на полипи во дебелото црево кои не се извадени, одредени претходно дијагностицирани болести на дебело црево, претходна малигна болест на друго место, додава доц. д-р Николовски.

Колоректалниот карцином е трет најчест карцином во светот, со околу 10 % од сите случаи на рак и е втора водечка причина за смртни случаи поврзани со рак во светот (според СЗО). Што всушност претставува ракот на дебелото црево?

Доц. д-р Николовски: Рак на дебело црево е малигна болест. Се манифестира со појава на раст на ткиво со потекло од неговата лигавицата кое не подлежи на контрола од страна на самиот организам и како такво има неконтролирачки раст (локално). Покрај локалниот раст, често се шири низ лимфните и крвните садови на засегнатата регија како последица на што дава далечни метастази во други органи (најчесто во црниот дроб).

Кои се ризик факторите поврзани со неговата појава, со оглед на фактот дека се уште се трага по конкретната причина за појава на болеста?

Доц. д-р Николовски: Ризик фактори асоцирани со зголемен ризик од појава на рак на дебело црево се староста (поголема возраст значи поголема шанса за појава на рак), фамилијарен (наследен) фактор (родители, браќа и сестри, чичковци, тетки, вујковци, вујни), присуство на полипи во дебелото црево кои не се извадени, одредени претходно дијагностицирани болести на дебело црево (Кронова болест, улцерозен колитис, фамилијарна аденоматозна полипоза), претходна малигна болест на друго место (рак на дојка, јајник, панкреас, матка, па дури и рак на друг дел на дебелото црево).

Кои се симптомите на карцином на дебелото црево и кога почнуваат да се манифестираат?

Доц. д-р Николовски: Во почетна и рана фаза на болеста, најчесто нема симптоми. Тие се манифестираат во локално напреднатата фаза кога туморот веќе е доволно пораснат за да ја намали проодноста на дебелото црево во тој дел правејќи делумна или целосна опструкција или пак спонтано да прокрвави. Симптоми од пречки од опструктивна природа се манифестираат преку отежнато празнење на цревата (запек и/или течни столици), болки во стомакот во вид на сечење, подуеност на стомакот и неможност за испуштање на гасови. Доколку туморот крвави, тоа може да се манифестира со појава на крв во столицата и/или слабеење на крвната слика (слабокрвност или анемија).

Ризик фактори асоцирани со зголемен ризик од појава на рак на дебело црево се староста (поголема возраст значи поголема шанса за појава на рак), фамилијарен (наследен) фактор (родители, браќа и сестри, чичковци, тетки, вујковци, вујни), присуство на полипи во дебелото црево кои не се извадени, одредени претходно дијагностицирани болести на дебело црево (Кронова болест, улцерозен колитис, фамилијарна аденоматозна полипоза), претходна малигна боест на друго место (рак на дојка, јајник, панкреас, матка, па дури и рак на друг дел на дебелото црево).

Како се дијагностицира ракот на дебелото црево?

Доц. д-р Николовски: Дефинитивна дијагноза на рак на дебело црево се поставува со земање на дел од туморот (биопсија) за време на колоноскопски преглед на дебелото црево и негова микроскопска анализа.

Како и кај другите болести, раната дијагноза е еден од предусловите за успешноста на лекувањето. Кога треба да се започне со скрининг за рак на дебелото црево?

Доц. д-р Николовски: Препораките на СЗО (Светската здравствена организација) се дека секој човек на возраст од 50 години треба да ја направи својата прва колоноскопија. Доколку во поблиското семејство на личноста постои веќе друго лице со дијагностициран рак на дебело црево, тоа лице првата колоноскопија треба да ја направи на 40-годишна возраст.

Во раниот постоперативен период пациентите често се соочуваат со зголемен број на столици (неколку на ден), но тоа е само привремено. Останатиот дел на дебелото црево ја презема комплетно функцијата и бројот на дневни столици се нормализира во рамки на вообичаените
Карциномот на дебело црево се третира со операција (хируршки). Операцијата може да се изведе по отворен пат (со голем рез на предниот стомачен ѕид) и лапароскопски. Предностите на лапароскопскиот пристап се огледаат во помалата постоперативна болка, побрзо мобилизирање на пациентот, побрзо воспоставување на цревната функција, пократкиот болнички престој и подобриот естетски ефект.

Која е врската помеѓу храната и појавата на рак на дебелото црево?

Доц. д-р Николовски: Постојат многу студии кои укажуваат дека одреден тип на храна го зголемува ризикот од појава на рак на дебелото црево. Тие студии се базирани на комплексни статистички анализи во кои биле вклучени одреден број на испитаници, како и одредена група на прехранбени продукти. Докажана е врската помеѓу употреба на храна богата со тешки масти (заситени масни киселини), пржена храна, често користење на свинско, говедско и пилешко месо, поретки дневни оброци (помалку од 3 оброка на ден) и зголемениот ризик од појава на дебелоцревен рак.

Кои се превентивните мерки кои може да ги намалат шансите за развој на болеста?

Доц. д-р Николовски: Врз намалување на ризикот од појава на рак на дебело црево не можеме да влијаеме комплетно. Секако употребата на многу овошје, зеленчук, умереното и несекојдневно користење на месо како и почести оброци во тек на денот може да имаат позитивно влијание.

Како се третира и кои се предностите на лапароскопската операција на карцином на дебелото црево?

Доц. д-р Николовски: Во основа, карциномот на дебело црево се третира со операција (хируршки). Операцијата може да се изведе по отворен пат (со голем рез на предниот стомачен ѕид) и лапароскопски. Предности на лапароскопскиот пристап се огледаат во помалата постоперативна болка, побрзо мобилизирање на пациентот, побрзо воспоставување на цревната функција, пократкиот болнички престој и подобриот естетски ефект.

Отстранетиот дел на цревото заедно со туморот подлежи на микроскопска анализа која дава одговор за типот на туморот како и за статусот на неговото локорегионално ширење. Врз основа на тоа, се утврдува стадиумот на болеста кој пак понатаму диктира дали лекувањето тука ќе заврши или ќе има потреба од дополнителна (адјувантна) хемотерапија според одреден протокол.

Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваат пациентите после третманот?

Доц. д-р Николовски: Во раниот постоперативен период пациентите често се соочуваат со зголемен број на столици (неколку на ден), но тоа е само привремено. Останатиот дел на дебелото црево ја презема комплетно функцијата и бројот на дневни столици се нормализира во рамки на вообичаените. На пациентите не треба да им се дава специјална постоперативна диета и треба да се охрабрат да јадат сé со цел да го подобрат својот нутритивен статус кој во постоперативниот период бил нарушен.

Извор: Панацеа.мк

Д-р Емил Стоицовски: Анестезијата е редовна практика во стоматологијата, а сега ја применуваме и во клиниката „Жан Митрев“

Зошто, како и кога анестезија во стоматолошката пракса, за кого е наменета и што овозможува, како современите средства се користат во стоматологијата и што значи тоа за пациентите. Во Центарот за стоматологија на клиниката „Жан Митрев“ ќе се применува анестезија како редовна пракса за сите пациенти и прецизна дигитална стоматологија, што е новина кај нас и целосно осовременување на стоматолошката пракса. За овие новини разговараме со Емил Стоицовски, специјалист по анестезиологија и реанимација и медицински директор во клиниката „Жан Митрев“.

Новиот центар за стоматологија во Клиника Жан Митрев е најавен како најсовремен стоматолошки центар. Што значи ова за пациентите, кои и какви современи методи ќе се практикуваат?

-Здравствените услуги најважно е да ги следат и да ги применуваат современите стандарди и модерните текови. Тоа значи подобра и поквалитетна услуга за пациентите и кон тоа се стремиме. Ова проширување со центарот за стоматологија на клиниката „Жан Митрев“ е токму во насока на создавање оддел со сите услуги од областа на стоматологијата каде ќе се практикуваат најсовремените трендови. Стоматолошкиот центар во склоп на нашата клиника е сосема нов оддел кој ќе биде наменет и отворен за сите пациенти на кои би им бил неопходен ваков тип на услуга, било да се работи за здравствена или естетска потреба. Ортодонцијата, протетиката, естетската стоматологија, оралната и максилофацијалната хирургија, ендодонцијата и имплантологијата се само дел од услугите кои овој центар ќе ги овозможува. Прецизна дигитална стоматологија е еден од новите пристапи што ќе се применува тука и станува збор за најсовремен пристап со врвна 3Д технологија со која што се овозможува за секој пациент одделно да се изработи специфична потребна услуга и со која раководи високо специјализиран и стручен тим. Сите овие практики, нови технологии им овозможуваат на пациентите професионалност, брзина и прецизност во работењето.

Посетата на стоматолог за многумина претставува трауматско искуство, што нѐ спречува за редовна посета. Како да се надмине овој страв од стоматолог посебно за децата, но и за возрасните што понатаму може да биде сериозен здравствен проблем?

-Примената на анестезијата во стоматологијата не е ништо ново во светот, а сега со новиот Центар за стоматологија во клиника „Жан Митрев“ почнува и кај нас. Анестезијата е дел од редовната стоматолошка пракса поради многу причини. Пред сѐ овозможува леснотија во практикување на сите можни стоматолошки интервенции. Се аплицира и за поедноставни зафати и за покомплексни. Така кај пациентите веќе нема страв, нема нелагодност, ни болка. И не е само тоа, кај некои пациенти, во специфична состојба секој преглед и најмалата интервенција може да предизвика сериозен напад на паника. Секој родител знае колку е тешко и проблематично да се убеди мало дете да биде мирно додека му се поправаат забите и тоа да не создаде животна траума. Овие дози се прилагодени и соодветни на секој пациент одделно и на секоја интервенција одделно. Зборуваме за целосно безбедни и адаптирани анестезиолошки дози. Вака, посетата на стоматолог нема да биде толку трауматична и непосакувана здравствена услуга со самото тоа што ние нудиме поддршка на сите стоматолошки услуги со анестезиолошки тим кој ќе придонесе за потенцирање на комфорноста и намалување на чувството на страв и болка кај пациентот.

Спомнувате примена на 3Д технологија, што претставува тоа и која е предноста во однос на досегашниот пристап во протетиката?

-Тоа е уште една од новите практики што ќе се применуваат единствено во стоматолошкиот оддел на оваа клиника. Оваа, нова 3Д технологија служи за скенирање на состојбата на забалото и ќе создава индивидуален план за секој пациент посебно. Според ваквиот 3Д мапинг, ќе се добие најдобар преглед на состојбата и увид во секој дел. Понатаму постапката продолжува со изработка на целосен модел со 3Д принтер потребен за пациентот, а потоа следи индивидуализиран пристап. Ова е уште една од редовните практики во современиот стоматолошки пристап. За секој здравствен проблем потребен е и може да се направи индивидуален пристап и план за лечење и третман. Со нашата 3Д технологија ќе може да се направи пристап за секој пациент одделно и најдоброто решение од сите достапни можности за конкретната проблематика со успешно решавање на истата.

Што недостига во стоматолошката услуга онака како што моментално се практикува во земјава?

-Во моментот она што недостасува во стоматолошките услуги, а токму тоа ние ќе го овозможиме е 24 часовна покриеност на стоматолошките потреби и патологии. Во кое било време, кога ќе биде потребно, пациентот ќе може да се јави во нашиот центар како би можело да му се пружи веднаш соодветна дијагностика и третман. Вака екипиран, опремен современ центар и постојано достапен, може да понуди пред сѐ квалитет на услуга по сите светски стандарди кој ќе обезбедува чувство на доверба и сигурност кај пациентите, особено децата.

Центарот за стоматологија на клиниката „Жан Митрев“ е отворен за соработка со другите стоматолошки клиники. Значи ли тоа дека другите стоматолошки ординации за своите пациенти ќе може да ги користат методите и технологијата од вашиот центар?

-Клиниката „Жан Митрев“ е секогаш отворена за соработка со специјалисти од сите специјалности, па така и овој стоматолошки центар нема да биде исклучок. Просторот и опремата ќе бидат достапни за професионални и стручни лица кои би сакале да ги искористат можностите кои ние ги имаме за пациентите кои тие ги лекуваат и следат. Со овој стоматолошки центар отвораме уште едно ново поглавје од нашата мултидисциплинарност, професионалност, квалитет, достапност и сигурност, наменето за сите пациенти.

Извор: MKD.mk

Летниот камп за деца со вродени срцеви мани МОЕТО СРЦЕ ВО СИТЕ БОИ ги исполнува нашите срца!

Одделот за психологија и психотерапија при нашата Клиника и оваа година традиционално го организираше Летниот Камп за деца со вродени срцеви маани и нивните родители. Во соработка со Црвен Крст на Град Скопје веќе 16та година по ред, беа реализирани интерактивни психолошки работилници и физиотерапевтски вежби со кои се поттикнува целокупниот развој кај децата после операција или интервенција на срце. Сите активности, играта, забавата и дружбата се одвиваа под раководство и стручен надзор од тимот психолози доц. д-р Кристина Егуменовска и Александра Петроски и физиотерапевти Блаже Арсов и Лепосава Јовановска. Годинава гостуваа педијатар д-р Катерина Димовска и главна мед.сестра Светлана Ончева кои со нивните презентации одговорија на низа прашања од родителите.

Хистероскопија – решение за полипи на матка

Ендометријалните полипи се честа појава кај женската популација. Тие се најзастапениот вид бенигни тумори во шуплината на матката. Понекогаш, иако ретко, дел од нив можат да бидат канцерогени или да се претворат во карцином. Димензиски полипите можат да се движат од неколку милиметри до неколку сантиметри. Исто така можно е кај една пациентка да се присутни еден или повеќе полипи во матката.
Полипите на матката се јавуваат како во периодот на репродукција, така и во постменопаузалниот перид од животот на жената. Иако точната причина за полипи на матката е непозната, хормоналните фактори се чини дека играат главна улога, осoбeно естрогенот.

Не ризикувајте! Побарајте лекарска помош доколку имате:

  • Вагинално крварење по менопаузата
  • Крварење меѓу менструациите, или крварење по сексуален однос
  • Нередовно менструално крварење.

Симптоми при полипи на матката

  • Неправилно менструално крварење – чести, непредвидливи менструални циклуси, различни по времетраење и сериозност.
  • Крварење меѓу циклуси
  • Обилни менструални крварења
  • Вагинално крварење по менопаузата
  • Проблеми со забременување

Решение за полипи на матката

Златен стандард е хистероскопијата. Таа претставува неинвазивна процедура, при што се користи инструмент со камера која се внесува во матката преку вагината без правење рез т.е преку природниот отвор. Со истата се испитува внатрешноста на матката, се идентификуваат полипите и се отстрануваат. Отстранетите полипи потоа се испраќаат на микроскопско хистолошко испитување.

histeroskopija

Целата процедура трае околу 30 минути и по што истиот ден одите дома. Можете да се вратите на вообичаените активности веднаш, наредниот ден по процедурата.
Најдобар период за интервенцијата е веднаш по менструланиот циклус доколку пациентката има менструација.

Може да почувствувате блага болка или грчеви слични на менструалните грчеви. Може да крварите оскудно неколку дена по процедурата.
Доколку полипот содржи канцерогени клетки, вашиот лекар ќе разговара со вас за следните чекори во евалуацијата и лекувањето. Ретко, полипите на матката може да се повторат. Во овој случај, можеби ќе бидат потребни повеќе третмани.

За сите совети, дијагностицирање и следни чекори поврзаи со вашето гинеколошко здравје закажете преглед кај д-р сци. мед Ирена Андонова 02/3091-484

Во Клиника Жан Митрев – Прецизна дигитална стоматологија

Во новоотворениот стоматолошки центар се практикуваат најсовремените трендови на прецизна дигитална стоматологија. Достапни се сите услуги од областа на ендодонција, ортодонција, фиксна и мобилна протетика, орална хирургија и имплантологија. Со помош на најсовремена 3Д технологија, високостручниот тим стоматолози ќе изработува индивидуален план и ќе ги предлага најдобрите решенија за секој пациент.

Сe на едно место за вашата насмевка да блеска!

Информации  ☎️ 02/3091-484 / 072 267 064