Детекција на генетски промени кои зголемуваат ризик за развој на рак

Некои видови на рак, како што се рак на дојка, рак на јајници, рак на дебело црево, како и многу канцерни синдроми често се наследни. Генетското тестирање помага да се откријат мутации што го зголемуваат ризикот за развој на различни типови на рак. Познавањето на предиспозицијата на пациентот за развивање на некои типови на рак може да биде многу корисно за понатамошно правилно следење на состојбата и преземање на низа превентивни мерки коишто може да му го спасат животот.
Оваа анализа е особено корисна за пациенти кои имаат лична или фамилијарна историја на рак.
Во нашата лабораторија нудиме сеопфатен тест кој вклучува испитување на сите гени кои се поврзани со било кој тип на рак.

🔬 Наследен ризик за развој на рак? Генетскиот тест може да го открие!
✅ Секвенционирање на егзом – тестирање на сите гени поврзани со било кој тип на рак.
🏥 Навремено откривање = подобра превенција!
💰 Цена: 69.000 денари
Контактирајте нè за повеќе информации:
☎️ +389 70 285 751
📩 genetskalab@zmc.mk

Соработки кои траат

Можноста да се доживее работната атмосфера во медицинска установа е драгоцена за сите идни медицински работници. Како дел од ЕРАСМУС проектот за соработка на нашата клиника и медицинските училишта, беше изведена посета од страна на над 50 средношколци.
31 ученик беа од шведската гимназија “Curt Nicolin Gymnasiet”- Finspång под водство на професорите Emma Mishic, Torbjörn Jasson, Marie Staf и 20 ученици од Средно медицинско училиште “Д-р Панче Караѓозов”- Скопје под водство на професорите Нина Кнаггс, Соња Глигуровска и Беким Фера. Посетата е традиционална активност со која учениците имаат шанса да се запознаат одблиску со активностите во болницата. Оваа посета се реализираше под водство на главната сестра Светлана Ончевa.

СКРШЕНО СРЦЕ

Деновиве, сите ние се соочуваме со одредени измешани чувства на кои никој од нас не останува имун, чувства кои попримаат колективно непријатно доживување, кои се поврзуваат со тагата.
Тагата и нејзиното оджалување минува низ неколку фази. Започнува со негирање, по првичното неверување за случениот настан. Но, потоа кога настапува свеста за настанот, во склоп на процесот на тагување може да се почувствува бес и гнев, чувство на вина и жалење за пропуштени настани и разговори, лутење, како и неприфаќање на состојбата.

Во овие моменти во кои се соочуваме со сериозна загуба и нечуена катастрофа во државата потребно е да се иземеме од сопствената тага, жал, емпатски да дадеме несебична помош кон членовите на семејствата на починатите, семејствата на повредените кои и понатаму трептат за животот на своите најмили.
Потребно е да бидеме до нив, да дозволиме да бидат свои – да сакаат да зборуваат или не, да конзумираат храна или не, или трпеливо да ги поттикнеме, да им покажеме дека не се сами, да прозбориме за убавите мигови поминати заедно.
Секој може да понуди добар збор, да понуди парче храна, да подаде рамо за плачење, бидејќи во овие немерливи моменти на душевна болка најбитно е да се обезбеди безбедна средина, поддршка и несебичност. Во овие моменти е неопходно да почувствуваат љубов, разбирање, негување, односно да сфатат дека не се сами.

Сето ова е клучно поради фактот дека:

Изразот ,,Скршено срце,, не е само термин туку е вистинска состојба и симптом во медицината кој се јавува при силна и тешко издржлива емотивна и телесно стресна состојба. Оваа состојба во медицината е именувана како – Синдром на скршено срце.
Во моменти на емотивно соочување со стрес кај дел од лицата може да се ослободи адреналин и норадреналин во голема мера што може да предизвика стеснување на крвните садови, намален довод на крв во срцето и можен срцев удар.
Оваа состојба може да се јави во моменти на емотивна загуба на член на семејство, блиски значајни лица, губење на општествениот статус или работа, ненадејна болест, средби со драги лица со кои долг временски период немало комуникација. Состојбата може да се појави и при наеднаш настапена состојба на тага или по одреден период на тагување.
Лицата чувствуваат стегање и притисок во градите, недостиг на воздух, ненадеен почеток на изразен умор, ладна пот или зашеметеност.

Значајно е да знаеме и дека:

Покрај обезбедување и грижа за секојдневните потреби на оние кои тагуваат, лицата кои го потпомагаат нивниот процесот на тагување треба да препознаат и состојби на влошување на телесното или психичкото здравје и да помогнат во обезбедување на соодветен медицински преглед (интернистички-кардиолошки и психијатриски)

И сето ова е од голема важност бидејќи не страдаат само прво засегнатите туку и нивни блиски роднини и пријатели. Затоа помошта треба да продолжи и да трае. И не само во градот Кочани, туку и во останатите градови во Источна Македонија.

Во Жан Митрев Клиника постојат стручни лица психијатар, психотерапевт, психолог кои можат да овозможат подобрување на менталното здравје кај лицата во процесот на оттагување и оджалување.

Клиника Жан Митрев згрижи 9 пациенти, тројца се испратени во соседните земји, тројца се пуштени дома а останатите се задржани на понатамошна опсервација

Клиника Жан Митрев дава целосна поддршка и максимална посветеност за повредените од трагичниот настан во Кочани. Досега вкупно девет пациенти беа згрижени во Клиниката, од кои тројца пациенти кои беа во животна опасност и беа итно интубирани, се пренесени на лекување во соседните земји. Останатите шест пациенти добија соодветен третман, при што тројца од нив веќе се во стабилна состојба и ќе бидат пуштени на домашно лекување, додека другите тројца пациенти остануваат на дополнителна опсервација.

Клиника Жан Митрев од првиот момент ги отвори вратите за сите повредени во трагичниот настан во Кочани и со целосна поддршка и максимална посветеност ги стави на располагање сите свои ресурси, целиот медицински персонал, болничките капацитети и амбулантните возила.
Тимот на болницата лекари, медицински сестри и болничари, заедно со специјално опремените амбулантни возила, постојано се ангажирани во транспорт на најтешко повредените пациенти не само до и од клиниката, туку и од други здравствени установи во земјата и странство. Во изминатиот период беа транспортирани повеќе од десет пациенти кон различни здравствени центри, вклучувајќи ги аеродромите во Скопје и Солун, како и болниците во Белград, 8 Септември, Клиничката болница Климент Охридски и други.

Сочувствувајќи со ненадминливата трагедија и големата болка, целосната грижа и сите услуги за повредените беа обезбедени бесплатно и Клиниката заедно со целиот свој персонал ќе продолжи да помага се додека има потреба, со истата посветеност и хуманост што се темел на нашата работа.

Седум пациенти се згрижени во Клиника Жан Митрев, за критичните се очекува да бидат преземени и да биде организиран трансфер во странство

Седум пациенти се згрижени во Клиника Жан Митрев, за критичните се очекува да бидат преземени и да биде организиран трансфер во странство
Во овие критични моменти, Клиниката Жан Митрев е целосно посветена на обезбедување итна и најквалитетна медицинска грижа за сите погодени од несреќата.
Во моментов, кај нас се згрижени седум пациенти, од кои тројца се во животозагрозувачка состојба и се интубирани. Нашиот медицински тим вложува максимални напори за нивна стабилизација и се очекува да бидат преземени со организиран трансфер во странски медицински центри за понатамошно лекување.
Ги мобилизираме сите расположливи ресурси и остануваме посветени на борбата за секој живот. Нашите мисли и поддршка се со пациентите, нивните семејства и сите засегнати од оваа трагедија.

Вратите на Клиниката Жан Митрев се отворени за секого кому му е потребна медицинска помош

Во вакви моменти, кога зборовите се немоќни да ја опишат болката што ја чувствуваме, најважно е да бидеме заедно. Трагедиите нè потсетуваат дека човечноста, солидарноста и поддршката се најсилните нешта што ги имаме.
Вратите на Клиниката Жан Митрев се отворени за секого кому му е потребна медицинска помош, а нашиот тим е подготвен да одговори на секој повик со највисоко ниво на грижа и посветеност. Веќе неколку лица од несреќата се згрижени во нашата клиника. На располагање ги ставивме и амбулантните возила на Клиниката за да стигнеме до сите на кои им е потребна помош.
Ова се моменти кога мора да останеме сплотени, да си помогнеме и да покажеме дека никој не е сам. Со мислите и срцата сме со повредените, нивните семејства.

Недела на глауком

Глаукомот уште го нарекуваат ,,тивкиот крадец на видот,,. Имено станува збор за оштетување на очниот нерв како резултат на висок, нерегулиран очен притисок. Во почетна фаза глаукомот нема никакви симптоми, тоа се случува дури во напредната фаза, а може да доведе и до неповратно губење на видот. Затоа клучно е да се направи наменски преглед за глауком од страна на офталмолог. По повод неделата за подигање на свеста за глуком овој преглед е со -50% заклучно 21.03.2025година.

Важноста од нефролошки преглед при СБМ (срцево-бубрежно метаболен синдром)

СБМ или срцево-бубрежно метаболен синдром е комбинирана состојба која ги засега бубрезите, срцето и метаболизмот.

Ако се има во предвид дека околу 700 милиони луѓе ширум светот страдаат од хронична бубрежна болест, а околу 500 милиони живеат со дијабетес мелитус, најголем дел со тип 2, како и фактот дека 64 милиони луѓе страдаат од срцева слабост, станува алармантна важноста од навремено откривање и лекување на меѓусебната поврзаност на овие заболувања. Во едно истражување кое вклучило околу 120 000 пациенти кои се лекувале од срцева слабост било забележано дека само 9% од пациентите имале нормална бубрежна функција, додека сите останати имале некоја форма на бубрежно оштетување за кое имало потреба од третман со дијализно лекување.

Состојбата е критична и кај оние со прекумерна тежина. Последиците се далекусежни ако знаеме дека 37 милиони деца под 5 год и 2.5 билиони адолесценти ширум светот се со телесна тежина над нормалата т.е. обезни, од кои 890 милиони живеат со обезност, со што станува уште позначајна потребата од мултидисциплинарен пристап во лекувањето на овие заболувања.

Поврзаноста на бубрегот, срцето и метаболните нарушувања

Работата на срцето и бубрезите се тесно поврзани. Нивната взаемна функција го регулира крвниот притисок, волуменот на урина и течности, нивото на електролити во крвта, како и снабдувањето на останатите ткива и органи во организмот со соодветно количество на крв и потребни материи за нивно нормално функционирање. И двата органи создаваат и лачат хормони, па затоа не е чудно што дисфункцијата на едниот орган доведува до оштетување и дисфункција на другиот орган. Минимално намалена бубрежна функција, независно од другите фактори на ризик, може значајно да го зголеми севкупниот кардиоваскуларен морбидитет и морталитет. Истовремено, намалената бубрежна функција е поврзана со полош исход кај срцевите заболувања, перкутаните коронарни интервенции, кардиохируршките интервенции, како и кај употребата на фибринолитичната и останата терапија. Кај пациентите со хронична бубрежна болест, смртноста од кардиоваскуларните заболувања е за 10-20% поголема од таа во општата популација за соодветната старосна група.
Пациентите со терминална бубрежна болест во 75% имаат задебелен зид на левата срцева комора, 40% имаат срцева исхемија, а околу половина од нив добиваат акутен миокарден инфаркт во тек на 2 години од отпочнување со хемодијализно лекување, со значајно повисока стапка на смртност од останатата популација. Голем дел од пациентите со срцева слабост имаат подлежечка бубрежна болест и обратно.

Болните со дијабетес мелитус, како и оние со прекумерна тежина во најголемиот број страдаат од засегање на бубрзите и срцето, развиваат периферна артериска болест, атеросклеротски промени, со лош исход, висок кардиоваскуларен и бубрежан морбидитет и морталитет.

Клиничко иследување при сомнеж за комбинирано бубрежно-срцево и метаболно заболување
Намалената стапка на гломеруларната филтрација, како и присуството на албумини во урината се независни фактори на ризик за развој на кардиоваскуларни заболувања. Затоа важноста од нивното определување е дел од светските упатства за ран скрининг и лекување на бубрежните заболувања, срцевата слабост, покачениот крвен притисок, акутниот коронарен синдром.
Едноставни се тестовите за потврда односно исклучување на ова заболување. Тие може да се направат во било која лабараторија и анализираат параметри како уреа, креатинин во крвта, калиум, како и постоење на белковини, особено албумин во урината. Определувањето на уринарниот албумин-креатинин сооднос, се зема како параметар за потврда или исклучување на ова заболување.

Препораки

Откажување на цигарите, физичката активност, намален внес на сол, шеќери и маснотии во исхраната, регулација на телесната тежина, како и редовните контроли кај мултидисциплинарен тим доктори се од витална важност во одржувањето и третманот на овие пациенти.
Нефролошкото иследување е од особена важност при планирање на третман, дијагностички процедури, особено при сите оние каде што има потреба од употреба на контрастно средство, предоперативни и постоперативни следења на овие пациенти, дозирање на лековите, изработка на нутриционистички план и рехабилитација. Фреквенцијата на нефролошките контроли пред се зависи од основното заболување, тежината на клиничката слика, како и од влошувањето на лабораториските и дијагностичките параметри.

Кај пациенти со срцева слабост, зависно од тоа дали се работи за акутна или хронична срцева слабост како и од самата тежина на клиничката слика, фреквенцијата на нефролошките прегледи е различна. Таа може а се движи од чести прегледи – во фаза на влошување на срцевата функција, до контроли на секои 6 месеци при хронична срцева слабост.

Исто така потребна е контрола кај нефорлог и кај сите кои страдаат од дијабет и обезност, бидејќи токму овие две состојби се карактеристични за дијагностика и класификација дека еден пациент боледува од СБМ односно срцево-ренален метаболен синдром.