Во Клиника Жан Митрев изведена минимално инвазивна операција на срце без сечење на градната коска 

Современ и клинички супериорен пристап во кардиохирургијата: Во Клиника Жан Митрев изведена минимално инвазивна операција на срце без сечење на градната коска 

Во Клиника Жан Митрев, кардиохируршкиот тим предводен од д-р Митрев, успешно изведе современа минимално инвазивна операција на срце, позната како MIDCAB (минимално инвазивен директен коронарен артериски бајпас).

Операцијата се изведува преку мал засек меѓу ребрата, без сечење на градната коска и без употреба на апарат за вонтелесна циркулација. Со оваа техника се постигнува реваскуларизација, односно се подобрува крвотокот кон срцето, додека останатите стеснувања се третираат со поставување стентови за максимален ефект и безбедност, со што се овозможува сигурно лекување на коронарната болест.

Овој пристап значително ја намалува инвазивноста и го зголемува нивото на безбедност, а истовремено обезбедува одлични функционални и клинички резултати. За пациентот овозможува побрзо закрепнување, помала болка и пократок престој во болница, како и помал ризик од компликации. Дополнителна предност е и подобриот естетски резултат со минимален и дискретен постоперативен белег.

Изведбата на вакви хибридни процедури кои ги комбинираат предностите од двете интервенции бараат високо обучен мултидисциплинарен тим, напредна медицинска опрема и прецизно интраоперативно следење. Со соодветна селекција на пациенти, овој вид на минимално инвазивни операции претставува безбеден, современ и клинички супериорен избор во кардиохируршката пракса.

Со примена на најсовремените методи и технологии, Клиниката продолжува да поставува високи стандарди во лекувањето на срцеви заболувања.

Одржана отворена едукативна трибина на тема: Мигрена-причини, дијагноза и третман

Минатата недела, во присуство на голем број заинтересирани за оваа тема, нашите доктори:

  • Д-р Вилма Ампова Соколов- спец. по интерна и супспецијалист по кардиологија
  • Д-р Ирена Андонова- спец. по гинекологија и акушерство
  • Д-р Емилија Горгијева-спец. по неврологија
  • Д-р Џулијана Михајловска-спец. по ендокринологија
  • Д-р Магдалена Поповска Цветкова-спец. по радиодијагностика
  • Д-р Петар Угуров-спец. по кардиологија

зборуваа за мигрената од повеќе аспекти.

Трибината беше интерактивна со прашања од публиката што ја направи особено атрактивна за сите присутни.

Предноста на овие отворени тибини е интердисциплинарниот пристап односно дискусијата која вклучува информации и препораки за нарушувањето од невролошки, кардиолошки, хормонален, ендокринолошки и радиолошки аспект.

За прв пат во нашата болница изведена процедурата позната како ,,Бесконтрастно коронарно стентирање,,

Оваа процедура всушност претставува примена на мапирање на коронарните артерии (coronary road mapping) со цел стентирање со употреба на минимално количество на контрастно средство.

Имено, најсовремениот ангиографски апарат PHILIPS AZURION 7 со кој е опремена нашата клиника, ја вклучува и оваа опција со што се овозможува стентирањето кај пациентите да биде извршено со минимално количество на контрастно средство и зрачење. Предноста на оваа метода е особено корисна за пациенти со хронична бубрежна инсуфициенција кај кои употребата на поголемо количество на контрасно средство може да доведе до акутно влошување на бубрежната инсуфициенција.

Со комбинација на прецизност, намалена употребa на контраст и зрачење, овие системи поставуваат нови стандарди за безбедност и ефикасност во катетеризационите лаборатории.

Кога здравјето бара повеќе од домашна грижа

Професионална грижа кога е најпотребно

Кога здравјето бара повеќе од домашна нега, вашите најблиски кај нас се во сигурни раце.

Креиравме два пакети за интензивна нега кои овозможуваат 24/7 внимание, безбедност и професионална поддршка.

*Рестарт пакет – 5 дена интензивна нега со физиотерапевтска рехбилитација која опфаќа медицинска грижа, мобилизација и активирање (122 000 ден.)

*Рекавери пакет – 10 дена интензивна нега со физиотерапевтска рехабилитација со цел подигнување и подобрување на функционалноста (244 000 ден.)

24/7 внимание, безбедност и професионална поддршка за да им биде подобро на вашите најблиски.

За да се информирате јавете се на 02/3091-484.

Успешно оперирана ретка срцева аномалија кај предвремено родено бебе тешко 2 килограми

Во Клиника Жан Митрев беше изведена успешна корекција на комплексна вродена срцева аномалија кај предвремено родено женско новороденче во 36 гестациска недела. Бебето, прво од близначка бременост, е родено во Приштина со родилна тежина од 2 килограми. Кај новороденчето беше дијагностицирана вродена комплексна кардиопатија, која ги вклучува тотално аномално пулмонално венско дренирање (TAPVR) и атријален септален дефект (ASD).
Оваа комбинација на срцеви маани е исклучително ретка, преваленцата на TAPVR се движи од 0,6 до 1,2 на 10 000 живородени новороденчиња, а меѓу сите вродени срцеви маани само 0,7 до 1,5% припаѓаат на овој тип.

Свесни за итноста на состојбата, родителите ја донесоа малата Озе Абази во Клиника Жан Митрев, на возраст од две недели. По спроведени дополнителни дијагностички процедури и консултација со тимот за кардиохирургија, беше донесена одлука за навремена хируршка корекција на комплексната срцева аномалија.

Хируршката интервенција, изведена од тимот предводен од д-р Жан Митрев, се состоеше од комплетна деривација на пулмоналните вени во левата предкомора, со што се постигна физиолошки нормален проток на крвта.

По успешниот оперативен зафат, грижата за бебето ја презеде неонатолошкиот тим од Центарот за мајка и бебе, со фокус на внимателен хемодинамски менаџмент и стабилизирање на кардиоваскуларната функција. Постоперативниот период претставуваше голем предизвик поради возраста на новороденчето. Благодарение на координираниот тимски пристап и континуираната интензивна грижа, бебето успешно закрепна.

Исходот без оперативен третман е неповолен и со висок процент на смртност, над 80% до крај на првата година од животот. Со современ хируршки и постоперативен менаџмент исходот се менува од состојба која често завршувала фатално до преживување приближно 85%.
По успешно изведената интервенција малата Озе е подготвена да замине дома, со целосно стабилна состојба и реални изгледи за нормален раст и развој.

Жан Митрев Клиника со признание за медицински туризам на Меѓународниот саем во Нови Сад

Клиничката болница Жан Митрев е добитник на признанието за „придонес кон иновации и професионален пристап на клиниката како водечка дестинација за медицински туризам“ на годинешниот 56 -ти Меѓународен саем за туризам во Нови Сад, што се одржа од 27 до 29 ноември.

Ова признание претставува силна потврда дека Жан Митрев Клиника се позиционира и е препознаена како реномирана дестинација за медицински туризам, со високи стандарди и иновативен пристап во државата, регионот, но и во светот.

Во последниве 25 години, во Клиниката Жан Митрев остварени се 1,1 милиони посети од повеќе од 400 000 пациенти од Македонија, Косово, Албанија, Хрватска, Швајцарија, Англија, Либија и многу други држави, а извршени се повеќе од 45 000 оперативни зафати. Ова е доволен показател за највисоките стандарди што ги применува Жан Митрев Клиника од аспект на квалитетот на здравствените услуги и грижата за безбедноста на пациентите, за што впрочем говори и последното признание за медицински туризам на саемот за туризам во Нови Сад.

На меѓународниот настан учествуваа околу 250 изложувачи од 10 држави, а Македонија беше држава партнер. Македонското Министерство за култура и туризам предводено од министерот Зоран Љутков достојно ја претстави нашата земја како привлечна турисичка дестинација пред бројните посетители.

Учеството на Саемот претставува значајна можност за меѓусекторско поврзување на приватниот и јавниот сектор, преку граѓански организации кои придонесуваат за развој, како и туристички агенции, угостители и хотелиери.

Жан Митрев Клиника изразува благодарност за признанието, кое претставува потврда дека континуираната посветеност, врвната експертиза и довербата што ја ужива меѓу пациентите од Балканот и пошироко, ја прават вистински амбасадор на македонското здравство на меѓународната сцена.