Визија претворена во реалност – потврдено со академско признание

Настани

јануари 17, 2018

 

Д-р Жан Митрев се стекна со уште една академска титула, а благодарение на неговата визија за развој на современата медицина, која виртуозно, со години ја претвора во реалност. Денес, тој беше избран за почесен член на Европската академија за наука, уметност и книжевност, а во таа чест беше организирана и Конференцијата „Иднината на медицината и трансформацијата на општеството во Европа“, во Аудиториумот во Жан Митрев Клиник.

Претседателот на Европската Академија, Жан Патрик-Конрад, во присуство на претставници од академските кругови од земјата и странство, од дипломатијата, образованието, науката и медицината, соработници, му честиташе на д-р Митрев за неговиот придонес во науката и медицината, а како потврда на тоа е всушност и неговиот избор за почесен член на Европската академија за наука, уметност и книжевност.

Придонесот на д-р Митрев во областа на медицината и науката и признанијата кои ги стекнувал низ годините наназад, тој го претстави во неговото излагање каде низ фотографии, видео и факти зборуваше за средношколските денови, периодот кога работел како млад доктор во Загреб, Франкфурт, за па потоа да се наврати на неговата одлука за враќањето во Македонија, потоа отворањето на првата приватна болница, па се до денес, кога веќе 2 години функционира ЖАН МИТРЕВ КЛИНИК како еден современ медицински центар, низ кој поминале околу 1.500.000 пациенти во изминатите 17 години. Современ медицински центар, пример во регионот каде се прават бројни специфични операции и интервенции, каде се поставуваат нови стандарди преку континуирани новитети. Неговата приказна тој ја нарече Донкихотска, затоа што низ овој развој наидувал и на препреки, но кои не го поколебале да продолжи со остварување на неговата визија. Пораката која ја упати д-р Митрев треба да биде мотивација за младите кои треба да ја следат својата визија, да бидат истрајни во тоа, и со дела да го докажуваат тоа што го замислиле, а при тоа да знаат дека сето тоа е остварливо во својата земја.

Потоа следуваше обраќање и на Жан – Патрик Конрад, претседателот на Европската академија на наука, уметност и книжевност, кој е годинешниот добитник на наградата за хуманизам која веќе 10 години ја доделува Охридската академија за хуманизам. Во таа насока и беше неговото обраќање каде придонесот на медицината во европската и светската медицина го претстави низ призмата на хуманизмот.

На конференцијата зборуваше и Фредерек Фапани фон Лотринген од Фондација Ротшилд, Париз за предизвиците на медицината меѓу сегашноста и иднината.

На крај се обрати и госпоѓа Одре Готие од Интернационална организација за социјална интеграција од Париз која се фокусираше на општествената интеграција и медицинската практика во Европа.

Академско обраќање имаше и Амбасадорот Јордан Плевнеш, генерален секретар на Academia Balkanica Europeana кој го истакна значењето за изборот на д-р Митрев за почесен член на Европската академија, како потврда за исклучителниот и огромен придонес на д-р Митрев за светската медицина и наука.