Денеска одбележуваме 23 години постоење

Настани

март 03,2023

Пред 23 години ја внесовме кардиoхирургијата во Македонија за нашите граѓани да имаат врвна медицинска услуга

Денеска одбележуваме 23 години постоење

  • 390 000 пациенти
  • 40 000 операции
  • Над 1 милион прегледи
  • 350 вработени

Приказната на Клиниката Жан Митрев, започна на денешен ден во сега далечната 2000 година пред точно 23 години. Во изнајмен дел од Воената болница во Скопје, беа поставени контурите на тогашната болница „Филип Втори“, каде што е направена првата бај-пас операција во земјата, предводена од д-р Жан Митрев.
Почнавме со само шест вработени, операциона сала една на број и со дванаесет (12) болнички кревети.
Благодарение на големата посветеност, упорност, истрајност и се разбира довербата од пациентите полека но сигурно, се развивавме и прераснавме во најсовремен медицински центар со комплетни дијагностички процедури во повеќето медицински гранки, поддржани со услуги од модерната хирургија, анестезија и интензивна нега.

Предизвици имаше и ќе има, но во ниту еден момент не ја изгубивме од вид визијата од која започна се:
Извонредност во грижата за здравјето на пациентите.
Идеалот да им дадеме на граѓаните на Македонија врвна медицинска услуга согласно највисоко утврдените стандарди во светски рамки е достигнат.

Од 2016 година „Жан Митрев Клиника“ е сместена во нов, модерен објект, инвестиција од 40 милиони евра, во кој главна мисија е фокусот на развојот на болницата и постигнување на нависок можен квалитет во услугите. Клиниката се простира на 17.000 м2, располага со повеќе операциони сали, одделенија за интензивна и полуинтензивна нега во која функционира нашиот тим од над 350 професионалци. Изградена е плански, согласно намената и ги задоволува највисоките еколошки стандарди без CO2 отпечаток (carbon footprint). Комплетно е дигитализирана, хартија скоро и да не се користи во секојдневното работење. Меѓу првите во Европа, „Жан Митрев Клиника“ оформи генетска лабораторија и ги доближи различните генетски испитувања во рутинската секојдневна пракса. Комбинацијата на индивидуален пристап со фармакогенетика т.е. толеранција/нетолеранција на одредени лекови беше почеток на примената на персонализирана медицина специфична за секој пациент со што се спречуваат можните фатални последици по пациентите.
Потврда за успешноста е и фактот што во 2020 година, дури и во време на пандемија, по втор пат добиваме акредитација со златен печат од „Joint Commission International“.

Во последните години се појави потребата и од регионалнa присутност. Затоа беа отворени два големи дијагностички центри под брендот Жан Митрев Дијагностик најпрво во Струмица, а потоа и во Битола. Целта за отворање вакви центри е да се гарантира нивото и квалитетот на нашите услуги локално и секако да им помогнеме на пациентите да се чуствуваат подобро, посигурно и посреќно.
Клиниката „Жан Митрев“ континуирано вложува во постојана едукација и усовршување на своите вработени, создавајќи врвни кадри подготвени да се соочат со сите предизвици.

,,Следејќи ја новата технологија во медицината и работа со најнови медицински апарати, ние создаваме кадри овде, што претставува една многу долгорочна инвестиција на која всушност се базираат нашите одлични резултати. Реално, имаме доктори кои се далеку поподготвени и со многу повисоки професионални перформанси од многу доктори во светот“, вели д-р Митрев.
ОНА ШТО ЈА ПРАВИ ОВАА КЛИНИКА ПОСЕБНА Е УНИКАТНИОТ ПРИСТАП СО БЕСПЛАТНИ ОПЕРАЦИИ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ ЗА СРЦЕ И КРВНИ ЖИЛИ ПОВЕЌЕ ОД 20 ГОДИНИ. УСПЕШНАТА СОРАБОТКА СО ДРЖАВНИОТ ФОНД ЗА ЗДРАВСТВО ЗА КАРДИОХИРУРГИЈА ИМ ОВОЗМОЖУВА НА ПАЦИЕНТИТЕ ДА ГИ ДОБИЈАТ ОВИЕ ВРВНИ УСЛУГИ БЕСПЛАТНО.

Иако само во кардиохирургијата, сепак ова е пример, т.е. покажува колкав потенцијал за развој на здравството постои, ако се променат условите на функционирање.
„Жан Митрев Клиника“ е класичен пример за остварување на една визија, концепт кој макотрпно бил реализиран и е пример за многу млади луѓе дека може и тука, дома, да се направат големи работи.

Горди сме на целиот тим кој направи ова да биде реалност и секако бескрајно благодарни на нашите пациенти кои ни го доверуваат најскапоценото – нивното здравје.