Добри пракси од ЖАН МИТРЕВ КЛИНИК презентирани на меѓународно ниво

Со презентации на тема: Третман на гангрена со медицинска озон терапија и Улогата на медицинската сестра-инструментарка при операции на ТЕА (тромбендаректомија) на каротида се претставија Анета Смолиќ-анестетичар и Снежана Блажевска – медицинска сестра-инструментарка. Тие учествуваа на меѓународниот Конгрес за кардиоваскуларна хирургија што се одржа од 20-22.10. 2017 во Белград, Србија.

Темите кои беа претставени пред широкиот сестрински аудиториум на Конгресот предизвикаа голем интерес кај колегите поради специфичната тематика. Третманот на гангрена со озон терапија е успешна, долгогодишна пракса на нашата болница, а е специфична процедура и малку позната во овој регион. Тоа не охрабрува да продолжиме да ја спроведуваме и споделуваме оваа процедура и понатаму со цел успешно лекување на бројни пациенти со гангрена од регионот.

Тромбендартектомија на каротида со најкраток период на хоспитализација на пациентот е исто така долгогодишна пракса на д-р Жан Митрев и неговиот тим. На Конгресот учествуваа покрај претставниците од ЖАН МИТРЕВ КЛИНИК и медицинари од Словенија, Хрватска и Србија.

 

Финален, комплетен преглед пред одбраната на 4-та светска титула

Димитар Ѓоргиев, трикратниот светски шампион и европски вицешампион во кикбокс и по четврти пат ќе се обиде да ја освои светската титула во оваа дисциплина. И како и сите светски професионални спортисти така и Димитар дојде во болницата ЖАН МИТРЕВ за да направи комплетен медицински преглед и да се утврди здравствената состојба пред овој тежок натпревар. „Во 7 категории, меѓу 1.300 натпреварувачи – сениори и јас ќе учествувам на Светското првенство во кикбоксинг, кое ќе се одржи од 4-12 ноември, годинава во Будимпешта, Унгарија. Ќе се обидам и по 4-ти пат да ја одбранам светската титула и доколку успеам во тоа ќе бидам 8 години по ред непоразен во мојата категорија на светско ниво“, објасни Димитар додека чекаше да се направи компјутерско снимање во радиодијагностичкиот центар во болницата. Светското првенство е организирано од WAKO – Светската асоцијација за кикбоксинг каде членува и Р. Македонија, а Димитар е до сега најдобриот натпреварувач од Македонија на овие првенства. До сега, тој ги има освоено светските титули во 2011, 2013 и 2015 година и доколку и на ова првенство се врати со победа ќе биде неприкосновен победник на светско ниво во неговата категорија кој успеал 8 години по ред да ја задржи водечката позиција.

По направените снимки и прегледите, стручната проценка од медицинскиот тим на д-р Жан Митрев е дека Димитар е во одлично здравје. Воедно му посакаа после 12 ноември да дојде со нов медал и да направат уште една фотографија која ќе сведочи за соработката на „најдобрите со најдобрите“!

 Претставници од болницата ЖАН МИТРЕВ како презентери на научен труд на Конгрес на Европската академија по педијатрија

(ЕАП) е Европска академија за педијатрија која има за цел да промовира здравје на бебиња, деца, адолесценти во Европа. Целта е да се подобрат стандардите за обука, услуги и истражување и да ги преставуваат професионалните интереси на педијатрите од Европа. Годишениот конгрес на ЕАП се одржа од 12 октомври до 15 октомври, во Љубљана, Словенија. На конгресот присуствуваат бројни делегати од областа на педијатријата.

Д-р Наташа Никчевска и д-р Соња Петровска, специјалисти педијатри од ПЗУ ЖАН МИТРЕВ успешно ја презентираа темата – Клиничко Егзомско секвенционирање на петгодишно девојче со хепатоспленомегалија, холестаза и хиперхолестеролемија.

Оваа тема беше одбрана за презентација поради реткоста на заболувањето, како и поради фактот дека Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во болницата ЖАН МИТРЕВ е пионер во областа на генетското секвенционирање во Македонија, а и пошироко во регионот.

 

Физиотерапевтите презентираа наши пракси на Конгресот на физиотерапевти на Црна Гора

Во периодот од 6 – 8 октомври 2017 година се одржа Вториот конгрес на Физиотерапевти на Црна Гора, на кој присуствуваа и нашите физиотерапевти Блаже Арсов и Никодин Велјановски, членови на Македонското физиотерапевтско здружение. Во присуство на околу 200 физиотерапевти од државите од регионот и пошироко тие презентираа два студии на случај кои ги применуваат во секојдневната работа во болницата ЖАН МИТРЕВ. Блаже Арсов претседател на Македонското физиотерапевтското здружение имаше презентација на тема „ВЛИЈАНИЕТО НА РАНАТА ФИЗИОТЕРАПИЈА КАЈ ПАЦИЕНТ ПО ОПЕРАЦИИ НА СРЦЕ И АБДОМЕН ВО „ZAN MITREV CLINIC“ – приказ на случај“, а потпретседателот Никодин Велјаноски зборуваше за ИНТЕНЗИВНА ФИЗИОТЕРАПИЈА ВО КОМБИНАЦИЈА СО ФУНКЦИОНАЛНА МАГНЕТНА СТИМУЛАЦИЈА (фмс) КАЈ ПАЦИЕНТ ПО ОПЕРАЦИЈА НА АКУТНА АОРТНА ДИСЕКЦИЈА ВО „ZAN MITREV CLINIC“ – приказ на случај.

Претседателот на Македонското физиотерапевтско здружение Блаже Арсов во рамки на своето присуство на конгресот оствари неколку средби и состаноци со претставниците на WCPT (Светската конференција за физиотерапија) Дејвид Гориа и Сара Базин каде и се договорија следните чекори кон решавање на пречките за регулација на професијата во Македонија. Исто така, ова беше добра можност и да се најави и поканат колегите за учество на Првиот семинар на Македонското здружението кој ќе се организира на 1 декември, 2017 во болницата Жан Митрев.

Конгресот се одржа под покровителство на Министерството на здравство на Црна Гора под мотото „Вредноста и значењето на Физиотерапијата“. На свеченото отворање на конгресот се обрати претседателката на европскиот регион на светската конфедерација за физиотерапија WCPT, Сара Базин и генералниот секретар на WCPT, Дејвид Гориа.

Научните истражувања од болницата ЖАН МИТРЕВ во фокусот на учениците од НОВА

Д-р Родни Росалиа, менаџер за медицински истражувања од болницата ЖАН МИТРЕВ неодамна, на група средношколци од Интернационалното училиште НОВА им презентираше научен пример од болницата ЖАН МИТРЕВ. Имено, на покана на ова училиште, а во рамките на Програмата „Вовед во научните истражувања“ тој претстави дел од истражувачко-научната работа во болницата, конкретно за хируршкиот третман за аортна стеноза како една од неколкуте специфичните процедури за д-р Жан Митрев и неговиот тим. Пред средношколците Родни објасни за причините за појавување на оваа болест, која група најчесто е погодена и како хируршки се третира. Секако, акцентот беше ставен на успехот од оваа процедура која е специфика за хируршкиот кардиоваскуларен тим од болницата ЖАН МИТРЕВ. Учениците имаа можност да добијат конкретни одговори во врска со оваа процедура, а посебен интерес покажаа околу прогресот кој се прави преку овие научни истражувања во медицината во Македонија и пошироко. Родни потенцираше за научното влијание од овие истражувања за понатамошно унапредување и примена на овие кардиоваскуларни хируршки решенија на светско ниво.

Соработката во рамките на оваа програма ќе продолжи и понатаму. Следен гостин предавач е д-р Лидија Велјановска Кириџиевска, искусен и долгогодишен радиолог во ЖАН МИТРЕВ. Програмата „Вовед во научните истражувања“ е годишна програма наменета за средношколците од НОВА, со цел запознавање со основите на истражувачката работа преку практични примери, а крајната цел е развивање на научни проекти од страна на учесниците кои подоцна би ги „бранеле“ пред професорите.

Срцето на Верка повторно со љубов за сите

Измешани емоции, прегратки и желби за уште многу години заеднички живот ја карактеризираа средбата на Верка Балоска, пациентката со успешна автотрансплантација на срце, со нејзиното семејство. На 16 октомври, во попладневните часови тие беа дојдени од Струга и нетрпеливо чекаа да ја видат, да се осигурат во нејзината здравствена состојба и да ја вратат дома. Во меѓувреме, во соба 124 во одделението за полуинтензивна нега медицинскиот тим ги правеше последните прегледи кај Верка, пациентката кај која пред две недели, д-р Жан Митрев ја направи 4-та автотрансплантација на срце во болницата ЖАН МИТРЕВ. Откако, уште еднаш се утврди дека таа е во стабилна состојба и по дадените насоки за домашно лекување и план за контролни прегледи, Верка се подготвуваше за дома. Насмевката на нејзиното лице по појавата на внуката Лиле нѝ ја потврди љубовта и поврзаноста на Верка кон неа, за што нѝ раскажуваше претходните денови.

„Емоциите ме совладаа и имам недостаток на зборови за да ја искажам благодарноста кон д-р Жан Митрев и целиот тим кој ја врати мојата тетка во живот. Неизмерно сме благодарни што д-р Митрев успешно ја изврши оваа ретка, специфична интервенција. Како медицинско лице знам каква беше состојбата на тетка ми, а како е сега. Ова што го прави д-р Митрев е реткост за наши простори и тоа особено го почитуваме“, со трепет во гласот се заблагодаруваше внуката Лиле. Среќата дека е повторно со своето семејство беше поголема кога Верка ги виде и останатите од нејзиното семејство кои ја чекаа во фоајето на првиот кат од болницата.“ Да си ни жива и здрава. Уште многу години да си живееме“, низ солзи се поздравија со Верка и останатите од пошироката фамилија. „Ќе се грижиме за неа и ќе го негуваме продолжениот живот на нашата Верка. Вие го направивте најголемиот и најтежок дел, останатото е наша одговорност“, ни рекоа на заминување од болницата. Посакуваме Верка да ја продолжи традицијата на одржување на врската со целата фамилија. Таа пак, до д-р Митрев и неговиот тим остави аманет да продолжат со мисијата за спасување и продолжување на животи како највредното богатство за еден човек, фамилија…

Редовни контроли за безбедни и коректни радиолошки процедури

Секоја година во болницата ЖАН МИТРЕВ се спроведува мониторинг во одделот за радиологија со цел утврдување дека сите радиолошки процедури кои се извршуваат овде се безбедни за пациентите, околината и персоналот. Во согласност со Правилникот и Процедурите за радијациска заштита на ПЗУ,, Жан Митрев“ се изврши редовен годишен мониторинг – активна дозиметрија со мобилни детектори (јонизациони и G-M бројачи) со валидна калибрација и контрола на квалитет на рентген апаратурата која се користи во нашата болница. Целта на овие мерења е да се овозможи точна, коректна и безбедна дијагностичка радиолошка процедура во согласност со принципот минимум ризик-максимум бенефит.

Мерењата беа извршени од страна на дипл. мед. физичар Зоран Велковски и дозиметрист Љупче Аризанкоски при Институтот за Јавно здравје на РМ и одговорниот радиолошки технолог Михајло Маноилов и одговорното лице за радијациска заштита Данијела Манев при ПЗУ Жан Митрев – Скопје.

Успешна симулациска вежба за евакуација од пожар во болницата ЖАН МИТРЕВ

Беспрекорна организираност на кризниот штаб, вработените и сите вклучени страни покажаа денес при вежбата за евакуација од пожар во болницата ЖАН МИТРЕВ. Целиот процес на активирање на алармот по избувнувањето на пожарот во кујна, од јавување до кризниот штаб и до сите вклучени институции (единицата за противпожарна заштита, полиција, брза помош и Црвен крст на РМ) се одвиваше во најкраток рок. Евакуација, прифаќање на повредени од персонал и евакуирање на пациенти по проширувањето на пожарот во одделенијата од подолните спратови беше синхронизирано и навремено организирано од стана на сите вклучени страни.

Додека екипите на противпожарната единица на Град Скопје го гасеа пожарот, се вршеше евакуација на сите повредени и прифаќање од стручните медицински екипи во тријажниот центар сместен во шаторите поставени во дворот на болницата. Потоа следуваше транспорт на најкритичните во најблиската клиника и пренос на сите повредени во шаторите. Потоа следуваше пребројување на пациенти и вработени. Откако се утврди дека никој не недостасува се изврши рапортирање на одговорните за вежбата пред претставниците на кризниот штаб. Симулациската вежба беше завршена за релативно кратко време, за неполни 25 минути, се одвиваше според утврдено сценарио и спроведена со висока оцена на координираност и навременост.