Вреден подарок од најмалите добија вработените од Ресторанот Пулс

Светската недела на детето ја одбележавме заедно со децата до градинката „Светот на Колорес“ кои беа во посета на ресторанот ПУЛС во болницата ЖАН МИТРЕВ. Нивната љубопитност и интерес го искажаа преку прашањата: Како се подготвува храната која секојдневно ја добиваат во градинката? Кој е нивниот готвач? Каде се подготвува и колку време?

Како примерни гости тие ги почитуваа и правилата на куќата и стандардите за безбедност при подготовка на храна, односно без приговор на себе ставија капи и каљачи со што претставуваа вистинска атракција. Фатени за рака поминуваа низ кујната разгледувајќи како и каде се приготвува нивната храна, при што предизвикаа пријатни емоции како кај вработените во кујната, така и кај останатите кои ја користеа дневната пауза во ресторанот

Благодарноста кон вработените за здрава исхрана ја искажаа преку неколкуте песнички кои ги испеаа за време на дегустацијата на колачињата кои беа специјално подготвени за нив. Најголемото изненадување од најмалите беше оставено за крај. Добивме цртежи преку кои децата успеаа да ја доловат атмосферата од денешната посета и да ги претстават нивните најсилни впечатоци.

Ниту 2.800 километри не беа пречка за безбеден медицински транспорт на пациент

Новиот предизвик од 1.400 км во еден правец, или 2.800 км во два правца, беше успешно совладан од стручниот тим за транспорт на пациенти од болницата ЖАН МИТРЕВ. На 28 септември од Скопје за Милано тргна тимот во состав д-р Илија Нешовски, сестра Весна Наумовска, возачот Слободан Јорданов за да преземат пациент од Државната клиника од Милано и да го транспортираат во Клиниката за неврохирургија во Скопје. Иако до сега се организирани повеќе медицински транспорти во регионот и пошироко, ова беше најдолгата релација до сега за тимот кој потврди уште еднаш дека далечината не е никаква пречка за безбедно преземање и транспортирање на пациенти на подолги релации. Предизвикот да се транспортира во стабилна состојба и во најдобар ред бил засилен бидејќи за овој пациент од неговата фамилија се организираше хуманитарна акција за лекување и враќање во својата држава.

Се работи за релативно млад пациент, македонски државјанин кој бил со политраума предизвикана од пад од висина на работно место, при што се здобил со субдурален хематом и бил во кома. Кај него биле направени две неврохируршки операции и по стабилизирање на невролошката состојба во клиниката во Милано тимот ЖАН МИТРЕВ добил барање за транспорт на пациентот од Милано во Скопје. Тргнаа на 28 септември, а веќе во саботата, на 30 септември пациентот, во стабилна состојба е предаден од стручниот тим од болницата ЖАН МИТРЕВ на колегите од интензивното одделение на Клиниката за неврохирургија во Скопје за понатамошно лекување. Тимот му посакува успешно лекување и надминување на сите тешкотии низ кои поминувал пациентот во изминатиот период.

По тешкиот период јас сум повторно жив

„Сè уште не можам да поверувам дека сум жив… Што можам да се вратам кај мојата фамилија, моето најголемо богатство, 2 сина и 8 внуци, да поживеам уште малку со нив и за нив“, со многу емоции зборуваше Ѓорги Пармачки (72) од с. Будинарци, Беровско. „Не знам ниту како сум донесен овде, ниту пак во каква состојба. Само знам дека сега сум жив. Се ми беше како во сон. Се до моментот кога видов една група на доктори кои беа над мене“, продолжи со неговата приказна Ѓорги.

Неговиот пат до болницата ЖАН МИТРЕВ почнува од неговиот дом, преку клиниката во Штип, за да „излезот“ го најде овде. „Почнав да имам проблеми со одењето, ми се намали кондицијата за движење така што посетата на моите најблиски ми стана проблем“. После тоа со неговиот син заминале на лекување во Клиниката во Штип. Таму останал неколку денови, но додека чекал на дијагноза тој веќе паднал во бессознание. „После тоа ништо не се сеќавам. Мислев дека сум мртов и како цело време да бев во состојба помеѓу сонот и јавето. Се до моментот кога не се разбудив и видов дека сум во болничка соба, опкружен со медицински персонал. После тоа знаев дека сум во вистинските раце. Не знам дали некаде на друго место, во која било земја има вакви услови и ваков персонал. Сè е светско“.

Кај пациентот Ѓорги Пармачки му беше направена реконструкција на аортна валвула и надолжна ресекција на асцедентна аорта со артопластика и 3 бајпаса. Операцијата беше направена од д-р Жан Митрев.

По веста дека денес си заминува дома кај Ѓорги се забележа возбуда. Средбата со неговиот син кој дојде за да го однесе дома потврди за поврзаноста на Ѓорги со неговите најблиски, што е тој повторно со нив. Персоналот кој беше деноноќно со Ѓорги го испрати и му посака уште многу убави моменти со неговата фамилија.

Трет повик за средно медицински персонал во Центарот за едукација ZAN MITREV CLINIC

По успешното завршување на едукацијата на првата и втора генерација на средно медицински персонал, отворен е нов повик за пријавување на кандидати. За едукација на средно медицински персонал во Центарот за едукација ZAN MITREV CLINIC може да се пријават сите заинтересирани кои завршиле четиригодишно средно медицинско образование, но и останати лица од оваа област кои сакаат да го надоградат своето знаење и да имаат врвна пракса во Специјализираната болница ЖАН МИТРЕВ.

Едукацијата и за оваа генерација ќе трае 3 месеци, според веќе практикуваниот курикулум за обука која се состои од теоретски и практичен дел. Предавањето се одвива пет дена во неделата, од 3 до 4 часа и пракса во траење од 4 часа. На крајот од денот, за наученото се прави евалуација од менторот. По тримесечната едукација, секој кандидат ќе полага испит, пред комисија за сертификација, и секој што успешно ќе помине на истата ќе добие сертификат за завршена едукација. Сите кои ќе покажат одлични резултати, а по препорака на комисијата, ќе имаат можност да се вработат во болницата.

Заинтересираните кандидати може да се пријават кај Александра Темелковска на е-маил: temelkovska@zmc.mk, а за сите детални информации може да се јавите на 02/30 91 500 и 02 / 30 91 484.

Светскиот ден на срцето го одбележуваме со успешна 4-та автотрансплантација на срце

My alt text

Вчера, во болницата ЖАН МИТРЕВ беше извршена уште една ретка операција која е специфика за д-р Жан Митрев и неговиот тим. Беше направена автотрансплантација на срце на 64- годишна пациентка на срце која имала терминална валвуларна болест. “Овие пациенти имаат огромно проширување на преткоморите на срцето. Најчесто, пациенти со вакви промени ретко преживуваат бидејќи се случува да им се откачи тромб и да предизвика мозочен или срцев удар. Оваа пациентка е дојдена на време кај нас. Единствено решение за вакви пациенти е автотрансплантација на срце“, изјави д-р Митрев на првата посета на пациентката. На денот после операцијата,  таа е во добра и стабилна состојба, без  компликации.

Автотрансплантација на срце, како процедура ги има истите фази како трансплатанција на срце од друг донор. Разликата е во тоа што кај автотрансплантација на срце се реконструира срцето на пациентот на кого му се прави интревенцијата.

Ова е 4-та  ваква операција на  д-р Жан Митрев од 2000-та година до сега. На пациенти после ваква ретка интервенција им се продолжува животот со години. Последната пациентка со ваква интервенција живееше 13 години после успешната автотрансплантација на срце.

Д-р Жан Митрев и неговиот тим, уште еднаш ја реафирмираа потребата од добивање на дозвола за трансплантација на органи и ткива во болницата ЖАН МИТРЕВ, каде ги има сите потребни услови и кадар за продолжување на живот на многу пациенти од земјата и регионот.

My alt text

 

Одржан стручен состанок за НОАК- нова ера во менаџментот на венски тромбемболии

На 28 септември, болницата Жан Митрев во соработка со работната група за Периферна артериска болест и тромбоза на Кардиолошкото здружение на Македонија и Здружението на трансфузиолози на Македонија, организираа стручен состанок на тема: „НОАК … нова ера во менаџментот на венски тромбемболии“. На состанокот се презентираа неколку аспекти на оваа тема. За „Дијагностички и терапевтски пристап на венскиот тромбемболизам и искуствата од реалната клиничка пракса“ зборуваше проф. д-р Марјан Бошевски. Д-р Румјана Апостоловска презентираше за „Лимитираноста на конвенционалните терапии за венски тромбемболии“, додека д-р Илија Нешковски од болницата Жан Митрев презентираше за „Менаџмент на белодробни емболии – од протоколи до реална клиничка пракса“.

На крајот се разви дискусија за местото на најновата генерација лекови за третирање на венските тромемболии и се заклучи дека претставуваат скоро идеални лекови за пациенти со венски тромемболии. Состанокот го водеше проф. д-р Мирко Спироски, претседател на Комисијата на наука при Болницата Жан Митрев.

Состанокот се организираше под покровителство на Bayer d.o.o. Љубљана – Претставништво Скопје и е акредитиран од лекарската комора на Македонија.

Семејна фотографија која сведочи за вредноста на продолжениот живот

Пофалбите и изразување на благодарност често „пристигнуваат“ на адресите на докторите од болницата ЖАН МИТРЕВ. Пофалбите од пациенти или нивните фамилии за продолжениот живот, за враќањето на надежта, за моментите кои ги носи животот се упатуваат преку писма, објавуваат на социјални мрежи или им се искажуваат лично… Било до одреден доктор, медицинско лице или тим од болничко одделение…

Таква е и пораката која пристигна на електронската адреса на д-р Жан Митрев од пациентот Бранко Рајко од Умаг, Хрватска. На него, пред една година му беше направена васкуларна операција, аортно-бифеморално премостување, од страна на д-р Жан Митрев.

Postovani Akad. dr. Mitrev

Ne prodje niti jedan dan da se ne sjetim Skopja, Vas, vaseg tima i svih dobrih ljudi koji su nam pomogli kad nam je bilo najteze. Zahvaljujucu Vama zajedno smo docekali veseli dogadjaj diplomiranja nase kceri Ivane.

Srdacan pozdrav iz Umaga,

Branko i Diana

Бранко Рајко дојде во болницата Жан Митрев пред една година откако ги исцрпил сите можности за решевање на болките во коленото и тешкотии во движењето во тамошните клиники. По неколкуте негативни одговори дека кај нив може да се изврши таква сложена операција, по препорака на докторка од клиника во Ријека, закажува преглед кај д-р Митрев. По дијагностицирањето на болеста и потврдниот одговор од докторот дека може да се направи операција во болницата, му се враќа оптимизмот. Операцијата е направена на 18 октомври 2016 година. „Среќен сум и задоволен што ако до пред еден месец не можев да се движам, сега тоа го правам. Благодарност до докторот, но и целокупниот персонал за грижата и негата околу мене. Моето искуство ќе го споделувам со сите мои сонародници, пријатели“, изјави г. Рајко додека беше на постоперативно закрепнување. На првата контрола за која допатува пред 6 месеци доби позитивни резултати. Тогаш ни раскажа дека одлично се чувствува и дека на само една недела после враќањето дома, не само што почнал самостојно да ги извршува секојдневните обврски, туку и без проблеми го возел неговиот автомобил.

Пред неколку дена, на неполна година од успешната интервенција, неговата сопруга која го придружуваше и за време на операцијата и на контролниот преглед испрати благодарност до д-р Митрев кое Ви го пренесуваме во целост.

Достави и фотографија со која сведочи дека продолжениот живот на Бранко Рајко е неизмерен дар за целото семејство.

Заболувања на темпоромандибуларниот зглоб во фокусот на научниот клуб

На последниот состанок на Научниот клуб на болницата ЖАН МИТРЕВ што се одржа на 20 септември, 2017, радиолозите од РТГ одделот заедно со колега д-р Диме Сапунџиев, специјалист по орална хирургија од Заводот за орална хиругија, Вергина, Љубљана, Словенија, дискутираа за радиодијагностичките интервенции и методи кои се применуваат во секојдневната работа, а се најавија и новитети на кои работат радиолозите од нашата болница.

Во своето излагање, гостинот д-р Диме Сапунџиев се осврна на заболувањата на темпоромандибуларниот зглоб. „Најчести заболувања на темпоромандибуларниот зглоб (ТМЗ) се дислокаијските заболувања што се должат на изместување на зглобниот диск пред зглобната глава на долната вилица. Проследени се со болка, што според некои податоци е на прво место по застапеност од страна на неодонтогената болка. Покрај болката присутен е и шум т.н. терминален клик којшто се јавува во крајната фаза на отворање на устата. Во напреднатите фази доаѓа до вклештување на дискот и неможност од отворање на устата. Тоа претставува ургентна состојба, кај којашто треба да се интервенира во првите 24 часа најдоцна до една недела.

Лекувањето на овие заболувања е конзервативно во почетните фази и хируршко во понапреднатите. Од хируршкото лекување најголем успех има артроцентезата на ТМЗ којашто претставува ургентна интервенција при вклештување на дискот на ТМЗ. Со помош на физиолошки раствор којшто се внесува во горно-задниот зглобен простор преку една игла и со помош на втора игла се изнесува од зглобниот простор, при што доаѓа до механичко отстранување на воспалителните продукти, растегнување на зглобната капсула и правилно позиционирање на зглобниот диск“, потенцираше д-р Сапунџиев.

Свои презентации имаа и радиолозите од Радиодијгностичкото одделение од болницата ЖАН МИТРЕВ. Д-р Лидија Вељановска-Кириџиевска го дополни колегата и се осврна на дијагностиката на ова заболување, односно МР прегледи на темпоромандибуларен зглоб која е нова метода и се воведува ексклузивно од болницата ЖАН МИТРЕВ. Д-р Магладена Поповска-Цветковска се осврна на улогата на МР, односно потенцираше за можностите и бенефитите на МР периферна ангиографија (каротиди и периферија) особено кај постоперативни пациенти. Д-р Звонко Атанасов потсети на интервенциите кои се изведуваат под КТ со акцент на ПРТ и биопсии. При тоа потенцираше за значајноста на оваа метода која се применува единствено во нашата болница на ниво во земјата.