Тема од урогинекологија – Женска инконтиненција

Пишува Проф. д-р Васил Илиев

Специјалист гинеколог акушер, супспецијалист урогинеколог

Инконтиненцијата е проблем кој влијае на животот на многу жени. Ако мислевте дека тоа им се случува на другите, или само на постарите дами , можеби е време  да размислите уште еднаш.  Ако мислевете дека ретко се случува,  дека малку особи се погодени со неа повторно не сте во право. Но имате право… многу малку жени зборуваат за тој проблем и мал број од нив бараат решение за истиот. Никој не е подготвен да се изложи пред  јавноста, пред другите да признае дека има инконтиненција.  Но повторно е време да размислите уште еднаш!

Испуштате неколку капки урина додека миете садови или додека слушате жуборење на вода? Или можеби кога кашлате, се смеете, кивате, дигате товар, спортувате или  додека водите љубов?  Доколку се препозанавате во горе наведениот опис  тогаш  Вие страдате од некоја од двата типа на женска инконтиненција.

Ургентна инконтиненција – се карактеризира со итност , нагла и несовладлив нагон за мокрење, често мокрење, станување навечер неколку пати за мокрење. Вообичаено луѓето откако ќе добијат нагон  за мокрење, можат да го одложат мокрењето за некое време, што кај жените со ургентна инконтиненција тоа време е доста кратко, па често може да да дојде до испуштање на уирина пред да стигнат до тоалет. И со цел да го превенираат ова пациентките често мократ понекогаш и на секој час.
Стрес инконтиненција – е најчест облик на женската инконтиненција, со кој скоро секоја жена се среќава  во различни околности и со различен интензитет. Стрес инконтиненцијата  е  истекување на неколку капки урина при смеење, кашлање, подигање товар, физичка активност, па дури и при сексуален однос, односно во сите случаи на покачување на интрабдоминалниот притисок.

Во нашата средина жените живеат со инконтиненцијата без да побараат стручна помош, бидејки се плашат или им е непријатно за тој проблем да разговараат со својот доктор, или пак живеат со верувањето дека подмочувањето е нормална појава со стареењето. Скоро две третини од жените се чуствуваат непријатно, анксиозно, едн третина признаваат дека тоа им влијае на врската со партнерот и сксуалниот живот. Стравот дека незгодата ке се случи во било кое време и на било кое место е главна причина за социјална изолација, односно во голема мера е нарушен квалитетот на животот.

И она што сите жени требаат да го знаат – ИНКОНТИНЕНЦИЈАТА МОЖЕ ДА СЕ ИЗЛЕЧИ или контролира, посебно кога со лечење се почнува доволно рано со појава на првите симптоми. Само оние кои ке го направат првиот чекор и ќе побараат помош, ќе го најдат решението за нивниот проблем. И колку повеќе жени ќе побараат решение за овој свој проблем толку полесно ќе го промениме сопствениот став  и ќе придонесеме за квалитетот на животот.

И конечно да го скршиме последното табу за женската инконтиненција.

Лапароскопска хирургија

Изведување на оперативни  интервенции, без отворање на стомачната празнина

Оперативните интервенции на стомачните органи, се изведуваат низ неколку отвори на стомачниот ѕид – порти, во пречник од 5-10 мм. од каде се внесуваат интерументите за вршење на оперативната интервенција.

Низ првиот отвор кој обично се креира над папокот, најнапред се пласира една игла-Верес –ова игла во стомачната празнина, низ која се вдувува воздух- CO2 или N2O, до достигнување на одреден притисок внатре во стомачната празнина, така да стомачниот ѕид се подига како шатор, каде што може потоа слободно да се работи.

Минимално агресивна хирургија
Максимална можност за експлорација на интраабдоминалните органи бидерјќи со лапароскопот е доволен простор од 1 см да се влезе позади секој орган, да се стекне увид од сите страни, а сето тоа зголемено на екран за 10-20 пати.
Брзо постоперативно опоравување и заздравување
Брзо враќање на работоспособноста и во општествениот живот
Последна и директна дијагностичка метода, со можност да помине и во терапијска.

Во нашата установа лапароскопска хирургија се работи од 2002.год.

Во нашата установа за прв пат во македонија се направија следните лапараскопски интервенции :

Прва лапароскопска спленектомија – лапароскоспко вадење на слезенката во РМ (07.11.2002 год.)
Прва Лапароскопска холецистектомија во Р.М. на буден пациент – во висока епидурална анестезија ( 14.11.2002 год.)
Прва лапароскопска екстирпација на Тумор на десен овариум со деснострана аднексектомија –  лапароскопско отстранување на голем тумор – големина на портокал – солиден дел + цистичен дел во големина на детска глава на десниот јајник заедно со десната туба (24.01.2003 год.)
Лапароскопско затворање на јејуностома за исхрана ( 13.06.2004 год. )

Лапароскопски интервенции кои се работат во нашата установа:

Лапароскопска холецистектомија – вадење на жолчната кеса
Лапароскопска спленектомија – вадење на слезенката
Лапароскопска корекција на херниа-кила
Лапароскопска апендектомија – отстранување на слепо црево
Лапароскопско отстранување на цисти на овариум- јајник, отстранување на овариум и туба утерина.
Лапароскопска адхезиолиза – решавање на прираслици помеѓу органите во стомачната празнина
Лапароскопски ресекции на дебело црево
Лапароскопски ресекции на тенко црево
Лапароскопска фундупликација – решавање на хијатална хернија – кила на желудникот
Лапароскопски интервенции кај гојазност – 1. Гастрик бендинг – затегање на желудникот,  2. Надолжна ресекција на желудникот.
Лапароскопска експлорација како дијагностичка метода, а истовремено и терапијска доколку процесот дозволува.

Лапароскопска спленектомија ( вадење на слезенката )

Индикации:

Идиопатска тромбоцитопенија – силно смален број на крвните плочки-тромбоцити, без дијагностицирана причина.
Спленомегалија со хиперспленизам – наголемена слезенка  со ниски вредности на крвните елементи ( забрзано се распаѓаат во слезенката ).
Епидермоидни цисти – најчести цистични формации на слезенката
Туморозни промени на слезенка

Транспорт, дијагностика, операција во еден ден – „Филип Втори“ потпиша договор со авионскиот оператор „Ер-Панонија“

Специјалната болница  „ Филип Втори “  ја проширува листата на услуги . Во еден ден на пациентите  ќе им овозможи авио транспорт , дијагностика и операција.  Пациентите ќе ги превезува авио операторот „Ер  – Панонија“  од Хрватска кој во својата флота има 11 авиони, специјализирани за медицински транспорт на пациенти.

Оваа  соработка ќе биде уште еден  исчекор во медицинскиот туризам и извоз на македонска медицина во светот. Соработката беше најавена со потпишување на договор помеѓу  д-р Жан Митрев и г-ѓица Зринка Влашиќ, менаџер на авио компанијата.

На оваа средба се најави и соработката со Специјализираната болница  „Св. Катарина“ од Хрватска.  Значењето на една болница како што е „Филип Втори“  за државата но и пошироко го потенцираше проф. д-р спец  Драган Приморац , кој е редовен професор на ПЕН Универзитетот во САД. Тој истакна дека државата не може да изгради ваква болница и токму затоа треба да биде горда што ја има ,  бидејќи постоењето на „Филип Втори“ е голем чекор  за приватниот здравствен  систем во целиот регион.

Почесен гостин на  овој настан беше  и нејзината  Екселенција г-ѓа Данијела Баришиќ амбасадор на Р. Хрватска во Р.Македонија.

Направена првата операција во новата болница „Филип Втори“

„Убаво ми е на душава што сум јас првиот опериран пациент “

Академик д-р Жан Митрев со својот тим ја направи првата операција во новата болница „Филип Втори“.  Пациентот се чуствува добро , операцијата траеше  2 часа , екстубиран е за 120 минути. Одлични  вести за нов почеток.  Ден кој се чекаше заради многу причини, случајно 11 април,  случајно  16.00 часот. Д-р Жан Митрев  кој има зад себе илјадници операции, после вчерашната прва операција во една од најмодерните болници во Европа, го изјави следното:

„Како прва операција тука во овие услови, ова беше  посебна операција.  Посебноста се состоеше во  техничкиот дел и новите услови кои ги имаме во операционите сали. Се помина беспрекорно,  одлично.  Пациентот доби 3 бајпаса, целокупната операција траеше 2 часа  без никакви потребни брзања , што е релативно краток временски период за овој тип на операции. Пациентот е одличен, тимот е задоволен, јас сум задоволен бидејќи се функционираше беспрекорно, условите се идеални, продолжуваме со секојдневниот ритам. Сега имаме втора операција, се работи за пациент со аортна валвула и полека се подготвуваме да дојдеме во некоја оптимална бројка и работа“.

Утринава го посетивме  првиот опериран пациент во новата болница   , расположен за разговор и одговор на сите наши прашања. Сместен во високоопремена интензивска соба,  во очекување на својот прв оброк , кој е подготвен од готвачите во кујната на новата болница.

„Јас сум повеќе од добро,  иако сум опериран вчера доцна попладне. Не знаев ниту очекував дека  јас ќе бидам првиот опериран пациент, случајно излезе така и да ми значи,  убаво ми е . Се чуствувам посебно затоа што со операцијата над мене почнува со работа оваа преубава болница. Во  старата болница бев една недела,  примен во инфарктна состојба  со силни болки во рацете, во грбот, ме третираа 7 дена за да ме довдедат во некоја нормала за операција. Ме стабилизираа ме подигнаа,  вчера ме оперираа и ете ме гледате денеска “, ни раскажа пациентот.

Со првиот опериран пациент во новата болница се случи и првото дежурство. Дежурен лекар беше медицинскиот директор на болницата  д-р Тања Анѓушева која е  одговорна на одделот за интензивна нега.  Иако 16 години таа е дел од болницата  и за неа ова беше посебен ден, посебна ноќ.

„ Со душа чекавме да започнеме со работа, нема чест секој да работи на ваква интензивна нега, која што е опремена со најсовремена апаратура, со перфузери кои што нудат максимална безбедност на пациентот, во однос на начинот на третманот. Многу сме среќни и задоволни нашиот прв пациент помина сосема добро, екстубиран е само 2 часа по операцијата, се беше во најдобар ред, немаше никакви компликации, за што зборува и самиот тој и неговиот изглед непосредно после операција. Горди сме што почнуваме со работа во оваа установа, затоа што сметаме дека нашите стандарди кои што 16 години ги градевме и нашата организација на работа дури сега ќе имаат можност да го добијат своето вистинско лице.  Денес очекуваме во оваа врвно опремена соба од интензивната нега да донесеме уште еден пациент, кој во моментов е на операција, сложен зафат замена на аортна валвула и бајпас, пациент со доста напреднат стадиум од болеста, но нашето искуство ни ја дава нашата сигурност“.

Првооперираниот пациент за ден-два ќе си замине дома. Му посакуваме многу здравје, убави денови нека биде  како и првооперираниот пациент во старата болница кој ја живее шестаесетата година од операцијата.

Светски ден на здравјето – „Да го победиме дијабетот“

Денеска планетата Земја го одбележува светскиот ден на здравјето 7-ми Април. Оваа година посветен  на борбата против дијабетесот под мотото „Да го победиме дијабетот“. Шеќерната болест  претставува еден од најголемите здравствени проблеми и предизвици на модерното време со големи хумани , економски и социјални последици. Лицата со дијабетес имаат 2-4 пати поголема можност за мозочен удар и инфаркт на срце . Ова заболување е најчеста причина за слепило кај работоактивното население, терминална бубрежна болест и нетрауматските ампутации на долните екстремитети. Фрапирачки е податокот дека годишно на светско  ниво умираат подеднаков број на лица кои се заболени од дијабетес и од СИДА. Според податоците на СЗО во светот околу 450 милиони луѓе имаат дијабетес  кој е со рапиден  пораст особено во земјите во развој . Поголемиот број од заболените се на возраст од 45- 65 години.  Во Македонија има околу  120.000 лица со дијабетес тип 1 и тип 2. Од нив околу 36 000 лица примаат инсулин. Најчестите знаци, симптоми кои можат да бидат аларм за постоење на зголемени вредности на шеќер во крвта се следните : Зголемено чувство на жед, често мокрење, зголемен апетит, необјасниво губење на телесната маса, замор, заматен вид, споро зараснување на рани, чести инфекции.  Превентивните прегледи и зголемувањето на свеста за ризик факторите за ова заболување можат да ги намалат бројките,  да споменеме некој од нив:  недоволна физичка активност, стрес, зголемена телесна тежина. На Генералното Собрание на ОН во 2006 година беше усвоена  Резолуцијата за дијабетесот. Тогаш за прв пат едно незаразно заболување –дијабетесот е посочено како глобален проблем кој може да се третира како епидемија.  Затоа на секој од нас мора императив да му биде сопственото здравје. Редовните контроли и здравиот начин на живот да станат дел од нашето постоење.

Специјалната болница „Филип Втори“ ги најави своите активности во рамки на ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“

Медицински тим од специјалната болница  „Филип Втори“  составен од двајца  лекари , две медицински  сестри  и двајца физиотерапевти , ќе биде задолжен за здравствениот  мониторинг на децата на вториот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“ . Исто како и минатата година така и оваа, на децата ќе им претходат детални  педијатриски прегледи кои ќе вклучуваат ЕХО и  ЕКГ на срце, стрес тест , комплетни биохемиски испитувања на крв. Со овие иследувања ќе се детектираат евентуалните  проблеми и аномалии, кои доколку не се воочат на време можат да бидат сериозен проблем за децата кои се физички активни. Преку овие прегледи лани кај две деца  беа откриени проблеми, заради кои децата не можеа  да заминат на кампот.

На иницијатива на д-р Митрев., без оглед од кој дел од Македонија доаѓаат децата, секое од нив како и минатата година , ќе биде земено од дома донесено на преглед и пак вратено дома. Прегледите ќе се прават  во нашите болници во Скопје, и во поликлиниките на „Филип Втори“  во Битола и Струмица.

Според организаторите на кампот,  агенцијата КМГ Спорт,  годинава се очекува учевство на 300 деца , кои нема да бидат само од РМ со што  кампот ќе има интренационален карактер. Нашата болница ќе ги прегледа и тие деца .

Освен медицинските обврски , со задоволство ќе организираме едукативни работилници адаптирани според возраста  на децата . Покрај темите од областа на спортот , исхраната и здравјето ќе имаме дискусија и на тема поврзани со генетиката. Во нашата нова болница ќе се прават и генетските испитувања, кои се од особена важност за сите луѓе , а голема полезност од нив имаат и спортистите , заради постигнување на подобри резултати.

Д-р Тања Анѓушева медицинскиот директор на „Филип Втори“ добитник на признанието „Жена менаџер за континуирано успешно работење“

„Жената која што има сила на змеј, а душа на уметник“ со овие зборови  Д-р Тања Анѓушева субспецијалист кардиолог, раководител на одделот за интензивна нега и медицински директор на нашата болница беше поканета на сцена да и ја врачат Јубилејна статуетка за континуирано менаџирање, која во чест на 20 годишнината од своето постоење и ја додели агенцијата „Марили“.

Ова признание им беше доделено на 25 жени менаџери од Македонија и дијаспората како поддршка за нивниот постојан успех и докажаност во работата. Кога е во прашање д-р Анѓушева ние би го додале и следното. Неприкосновена во работата, професионалец за пример, лекар за поттик, која зад себе има илјадници спасени животи и непреспиени ноќи, давајќи се себе си не резервирано, таа е вистински пример како се почитува Хипократовата заклетва. Во нејзината богата биографија  има огромна акомулација на знаење, која многупати светот на медицината ја потврдил преку голем број на признанија за нејзините стручни трудови и достигнувања. Специјалната болница „Филип Втори“ има 220 вработени а клуч на секоја организација  без оглед на нејзината големина е тимската работа или почитување на мотото, „Индивидуален максимум за колективен успех“.

„Голема чест е да се биде дел од оваа манифестација, Афирмацијата како лекар е нешто што се гради преку долгогодишна и хумана работа, но афирмацијата како менаџер се добива преку успешноста на установата и реалната тимска работа. Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“  е современа болница, опремена со врвна медицинска технологија, високо едуциран персонал кој ги следи последните светски стандарди на медицината. Драго ми е што ја имам улогата на менаџер и што имам можноста да допринесам во организираноста на вака стручна и врвна установа. Но уште ми е по драго што постои една организација  „Марили“ која ја препознава успешната жена и која несебично се труди да ја претстави пред јавноста” – изјави д-р Анѓушева добивајќи ја наградата.

Ова е второ признание за д-р Анѓушева доделено од страна на г-ѓа Лидија Трипуноска и нејзината агенција, имено лани таа беше проглaсена за една од жените менаџери за тековната година.