Регионална анестезија (спинална и епидурална)

Регионална анестезија (спинална и епидурална)

Регионалната анестезија претставува временски ограничена состојба на реверзибилно прекинување на чувството на болка, заради примена на разни физичко-хемиски средства во близината на едно нервно подрачје или нервни плексуси. Исто така, попозната е како локална анестезија. Локалните анестетици аплицирани локално предизвикуваат блок во спроведувањето на нервните импулси низ нервите во нервниот систем. Спиналната и епидуралната анестезија се најчесто користени техники во хирургијата и во третманот на хроничните болки. Спиналната и епидуралната анестезија предизвикуваат длабока аналгезија и мускулна релаксација.Спиналната анестезија е централен блок кој настанува при директното дејство на локалниот анестетик внесен по пат на лумбална пункција врз спиналните нерви.

Најчесто користен локален анестетик е бупивакаинот. Анестетикот директно се инјектира во субарахноидалниот простор, при што предизвикува реверзибилен симпатички блок (вазодилатација на крвните садови), моторен блок (парализа на долните екстремитети) и сензитивен блок (неосетливост на болка). За изведување на спиналната пункција, пациентот се поставува во седечка или лежечка позиција со испакнување на ‘рбетниот столб (кифоза) кон анестезиологот. Оваа позиција овозможува максимално отворање на интервертебралните простори. Пункцијата се врши со спинални игли кои се најчесто со дебелина од 23-26 G (Gauge, единица за изразување на дебелината на иглите). Техниката бара строго придржување кон правилата на стерилно работење. Висината на блокот зависи од ширењето на анестетикот во церебро-спиналниот простор. Времетраењето на блокот може да се продолжи со додавање на вазоконстриктори. Времето на фиксација е од 5 до 15 минути.Епидуралната анестезија претставува внесување на локален анестетик во епидуралното пространство. Наоѓа широка примена во хирургијата и третманот на болка. За разлика од спиналната анестезија, каде што се добива целосен блок (моторен и сензитивен), епидуралната анестезија предизвикува само сензитивен блок, односно се добива само неосетливост на болка, а моторните неврони се интактни т.е. пациентот може да се движи. Епидуралната анестезија, исто така, бара строго придржување кон правилата на стерилно работење. Позицијата за изведување е иста како и кај спиналната анестезија. Иглите се подебели и врвот им е закосен нагоре. Најприфатена техника за идентификација на епидуралниот простор е техниката на загуба на резистенција при влегување во епидуралниот простор. Друга техника е таканаречената техника на “висечка капка” т.е. кога ќе се навлезе во епидуралниот простор се вшмукува капката заради негативниот притисок. Пред да се даде целосната доза, се прима прво тест доза за да се потврди дека се работи за епидурален простор.

Се аплицира 3-4 ml од анестетикот. Доколку по грешка катетерот се наоѓа во субарахноидалниот простор ќе настане потполн блок (и моторен и сензитивен). Најчесто се користи бупивакаинот, но може да се комбинира и со опоид (фентанил или морфиум), во зависност од тоа каква интервенција се извршува.

Прв балкански митинг за аортна хирургија

Прв балкански митинг за аортна хирургија

На ден 09.05.2014 година, се oдржа првиот балкански митинг за Аортна хирургија, во просториите на Академијата на науки и уметности во Сараево.На средбата учествуваа реномирани кардиохирурзи од сите центри од бившите Југословенски републики.

Како поканет предавач Академик др. Жан Митрев зборуваше за “Хируршки пристапи во третманот на торакалната аорта“ и ги презентираше новините кои секојдневно се применуваат во нашиот центар.

Едукациски семинар за Истражувачки методи во Гешталт психотерапија

Едукациски семинар за Истражувачки методи во Гешталт психотерапија

Во периодот од 2-4 мај во Рим, Италија, се одржа интернационална конференција за истражувачки методи во Гешталт психотерапија, која беше наменета за сите терапевти кои практицираат гешталт психотерапија, на која како претставник од СБХБ “Филип Втори” присуствуваше Фросина Ристовска. На конференцијата беа присутни претставници од повеќе европски земји и САД, кои во своето секојдневно работење употребуваат гешталт терапија како психотерапевтска пракса и воедно се насочени кон спроведување на истражувања за ефектите кои ги има оваа терапија. Свои предавања имаа еминентни гешталт терапевти, тренери и супервизори, членови на Европската асоцијација за гешталт терапија. Меѓу позначајните предавачи беа Кен Еванс, Питер Шултес, Филип Браунвел, Кристин Стивенс, Иан Роубал и Џани Франчесети.

Гешталт психотерапијата е една од водечките психотерапии. Таа прави интеграција и балансирање на телото, духот и разумот. Гешталт психотерапијата, преку сопственото искуство кое се стекнува во сегашноста (тука и сега), нуди личен раст и развој, и воедно дава одлични резултати во работата со животни кризи, стрес, психосоматски заболувања, анксиозни напади, психички нарушувања итн.

Хемангиоми- приказ на случај

Хемангиоми- приказ на случај

Хемангиомот е бенигна промена која содржи крвни садови и претставува најчест тумор кај децата. Настанува најчесто со хиперплазија (зголемување) на крвните садови. Клиничкиот изглед може да биде многу различен, од светло црвени дамки до сини или пурпурни плаки и чворчиња. Хемангиомите имаат типично однесување, а тоа е брзиот раст во текот на првите неколку месеци од животот, после кое спонтано се повлекуваат во текот на следните неколку години. Тој многу се разликува од васкуларните малформации, кои се обично присутни веќе на раѓањето и не се повлекуваат спонтано. Различните клинички видови на хемангиомите се делат на:• хемангиоми кои спонтано се губат во текот на животот• хемангиоми кои трајно остануваат како белег на телото• кавернозни хемангиоми, кои се над површината на кожата, со изразена синовиолетова боја. Правилното дијагностицирање на хемангиомот е многу важно за одредување на начинот на лекување, како и за одлуката за оперативно лекување. Лекувањето е многу тешко и најчесто со слаби резултати. Хемангиомите што се со мали димензии се отстрануваат хируршки со локална пластика и притоа не остануваат големи лузни и дефекти. Кај поголемите хемангиоми, по оперативното отстранување, остануваат лузни. Затоа лекувањето се комбинира во два дела – прво се врши склерозација на промената за да се намали нејзината површина и волумен, а потоа се отстранува хируршки. Комбинираното лекување според светските студии е најдобро и дава добри резултати. Најсовремен метод за отстранување на хемангиомите, кои зафаќаат големи предели од телото (со интензивна модросина боја) е ласерот.

Кавернозните хемангиоми, кои имаат формирани венски структури во вид на шуплини, најчесто имаат модра до виолетова боја. Тие се издигнати над површината на кожата и имаат форма на топчиња, кои се меѓусебно преплетени. Најчесто се јавуваат на главата и вратот и на други места. Се создаваат со раѓањето и растат како што се оформува телото. Лекувањето е сложено – радикално хируршко отстранување на промената и локална пластика на дефектот при што формирањето на лузни е минимално.

Пациентка Е. A., на 23- годишна возраст, на ден 27.04.2014 година, примена во ПЗУ Филип Втори за оперативен третман на хемангиом. Пациентката се жали на болки во предел на десна зигоматична регија. Претходно, два пати оперирана во 1997 и во 2007 година, отстранување на мекоткивен тумефакт на лицето од десна страна во зигоматична регија во големина на поголема мандарина палпаторно болно осетлива. На ден 08.01.2014, направен МСКТ на крвни садови на глава и врат со наод за ирегуларна хиподензна формација со димензии 55 x 30 мм, истата богато васкуларизирана понагласено во венската фаза. Васкуларизацијата, најверојатно потекнува од периферна гранка на art.carotis externa. Опишаната промена најмногу оди во прилог за хемангиом. Во консултација со хирург индицирано е отстранување на хемангиомот. Пациентката e примена на одделот за полуинтезивна нега за предоперативна подготовка. На ден 28.04.2014, направено е екстирпација на хемангиомот.

Хемодинамиски и ритмички стабилна после излегување од сала. Екстубирана после 2 часа. Кристалоидно супституирана според хемодинамиските параметри. Електролитно супституиран според ацидо-базниот статус. Задоволителна артериска оксигенација, уредни вредности на гасните анализи во крвта. Започнати постепени мобилизациски постапки кои уредно ги толерира. Понатамошниот постоперативен тек уреден.

Семинар по спортска медицина

Семинар по спортска медицина

На 09.05.2014 година, во Скопје, Македонскиот олимписки комитет организираше семинар по спортска медицина, на кој главен предавач беше д-р Андреј Швент, (Република Словенија), меѓународен експерт од областа на електро-мускулната стимулација (ЕМС) во спортот и здравството.

Д-р Андреј Швент е експерт за ЕМС за спортски тренинг/рекреација, физикална терапија, рехабилитација, респираторна физиотерапија и висок предавач на Универзитетот во Копар (Словенија) по апликативна кинезиологија.

На семинарот беа разработени теми за користење на ЕМС во процесот на зголемување на специјалната физичка подготовка во процесот на развој на спортскиот тренинг, развој на специфични мускулни способности, регенерација на мускулни групи, спортска рехабилитација, современи технологии за прирачни мерења во тренинг за ефикасно дишење во спортот и други теми за ЕМС во рехабилитацијата.

Употреба на систем за автотрансфузија

Употреба на систем за автотрансфузија (Cardiopulmonary Post-operative Autotransfusion System – CARDIO P.A.S.) после кардиохируршки операции

Еритроцитните трансфузии се вообичаена терапија која е потребна во тек на кардиохируршките операции, поради значителниот губиток на крв во тек на истите. Иако денес, крвните компоненти се релативно безбедни во однос на трансмисија на инфективни болести, сепак, сеуште постојат сериозни несакани реакции – посттрансфузиски имунолошки реакции, имуносупресивен ефект и зголемена инциденца на нозокомијални инфекции, болест калем против домаќин (GVHD), акутна белодробна инсуфициенција асоцирана со трансфузија (TRALI), волуменско преоптоварување (TACO).Постоперативната автотрансфузија е безбедна метода за намалување на употребата на еритроцитни трансфузии. Самата процедура значи реинфузија на сопствената крв на пациентот, која се дренира од градниот кош после операцијата, со цел да се минимизира употребата на туѓа (дарителска) крв, а со тоа и да се намалат несаканите ефекти асоцирани со еритроцитни трансфузии.

а таа цел, во последната година во Специјалната болница по хируршки болести “ Филип Втори” се користат специјални системи за автотрансфузија (Cardiopulmonary Post-operative Autotransfusion System – CARDIO P.A.S – EUROSETS). После воведувањето на системот за автотрансфузија се забележува пад на трансфузиската рата (процент на пациенти кои примиле еритроцитни трансфузии) за 16%, како и значително намалување на просечната потрошувачка на еритроцитни концентрати по опериран пациент. Водени од мотото дека “најбезбедна трансфузија е таа трансфузија на крв која нема да се даде, односно нема да ја прими пациентот”, согласно со светските трендови во трансфузионата медицина и во иднина, наша стратегија е понатамошна рационализација во употребата на крв и крвни компоненти во тек на лекувањето на нашите пациенти.

10 ГОДИНИ БЛАГОДАРАМ

10 ГОДИНИ БЛАГОДАРАМ(10 години после автотрансплантација на срце)

“10 Години благодарам” е најубавиот слоган што секој лекар кој ја сака својата професија би бил горд да го чуе од пациентот кој бил на ивица од животот. Со тие три збора на благодарност искажани од устата на пациентот на лекарот му станува сосема јасно зошто мора многу труд, мака знаење, човечност и љубов да вложи во својата професијаТака беше и со пациентката Рада Георгиева која на 17-ти март десет години после својата операција, од срце и со торта во облик на големо СРЦЕ направена со сопствените раце и со многу љубов, го потсети академикот Жан Митрев на неговото несекојдневно дело, благодарение на кое нејзниот живот се продолжи. Нејзиното големо БЛАГОДАРАМ се пренесе и на целиот тим од Филип Втори, кои вложија многу во нејзионото здравје.

17.04 2014

Пред десет години пациетката беше примена во Филип Втори за оперативно лекување на стекната мана на митралниот залисток како последица на ревматска болест и прележан ендокардит. Пациентката беше во терминален стадиум на болеста, со изразена слабост, неможност да ги обавува своите секојдневни активности, губиток на телесна тежина повеке од триесетина килограми за кратко време. На ехокардиокрафскиот наод се виде наголемено срце, со тешко калцифицирана митрална валвула, која речиси и не се отвораше, па затоа крвта направила големо проширување на левата преткомора до 12х15цм со оптоварување на десната преткомора и трикуспидната валвула. Пациентката беше и со пореметена функција на црниот дроб ,и со отечени нозе.

17.04 2004

Но сепак ова претствуваше голем предизвик за академикот Митрев да сето свое знаење и вештина од областа на кардиохирургијата го примени и и помогне на пациентката. На 19.Март 2004 година кај пациентката беше направена автотрансплантација т.е. нејзиното срце беше одвоено од градниот кош митралната валвула беше заменета со биолошка протеза а потоа беше направена редуктивна хирургија на левата и десната преткомора со намалување на димензиите на истите до нормални димензии. Пациентката остана наодделението за интензивна нега 6 дена , после комплетно опорување се отпушти дома 15-тиот ден. Нејзината дисциплинираност и почит кон здравјето ,со редовните контроли и следење и овозможија да се врати во нормален животДесет години продолжен живот за пациентката Георгиева Рада се најскапоцениот подарок во нејзиниот живот подарен од благословените раце на др. Жан Митрев како што вели самата таа .Сега навистина почнав да живеам – беа последните зборови на Рада во тек на посетата на академикот Митрев.

Лабораториски акредитации

Лабораториски акредитации

Во чекор со светските стандарди, нашата биохемиска лабораторија е под секојдневна, комплетна контрола на квалитетот од стандардизирани меѓународни институции. (EQAS – External Quality Assurance Services)

Како резултат на своето високо ниво на квалитет, сигурност и стандардизација, биохемиската лабораторија доби уште еден меѓународен сертификат со златен печат за висок степен на контрола на својот квалитет за сите апарати. (биохемиски анализатор, имунолошки и хематолошки бројач)

Тоа значи дека комплетно сите анализи во нашата лабораторија се високо стандардизирани, сертифицирани и потврдени како сигурни од специјализирана меѓународна институција.

Тоа е награда за нашето десетгодишно успешно постоење и работење по светски стандарди, поради што комплетно стоиме зад точноста и сигурноста на издадените резултати.