Благодарност од пациент

Благодарност од пациент

Специјалната Болница Филип Втори во своето 13 годишно постоење брои илјадници пациенти, успешни операции, продолжен живот, среќа и задоволство.

Тоа е случајот и со пациент, опериран 2013 година , кој после операцијата својата огромна благодарност за успешната операција и подобрената здравствена состојба ја изрази со донирање на средства.

Средствата ќе бидат наменети за изградбата на новата болница, која е во процес.

Уште еден пример за општествена одговорност

Уште еден пример за општествена одговорност

Специјалната болница Филип Втори, која повеќе пати во изминатите години ја докажа својата одговорност кон општеството преку донации на средства на социјално загрозени групи или свои пациенти, ова уште еднаш го потврди со делумна помош за пациентка за заминување на рехабилитација во странство.

СВЕТСКИ ДЕН НА МИЕЊЕ РАЦЕ, 2013

„МОЌТА Е ВО ТВОИТЕ РАЦЕ“ СВЕТСКИ ДЕН НА МИЕЊЕ РАЦЕ, 2013

Денот на глобалното миење раце, 15-ти Октомври, е светски ден за миење раце со сапун или уште познат како „ден на чисти раце“. Целта на овој хепенинг е да ја поттикне и поддржи глобалната и локална култура за миење раце со сапун, да посвети внимание на состојбата во секоја земја и да ја зголеми свесноста кај луѓето за придобивката од миење раце со сапун.Тема на Global Handwashing Day 2013 е „Моќта е во твоите раце“ со што се потенцира следново:1. Секој може да го подобри сопственото здравје со редовно миење раце со сапун особено после одење во тоалет и пред контакт со храна.2. Наставниците, родителите, здравствените работници и останатите можат да го подобрат здравјето на децата и возрасните преку промоција на правилно миење раце со сапун во критичните моменти.3. Владата, невладините организации, приватните и државни организации можат да допринесат за подобрување на здравјето преку инвестиции за програми за промоција на миење раце со сапун.Истражувањата покажале дека миењето раце со сапун е најисплатлива, а истовремено најкорисна и наједноставна мерка за спречување на дијареа, респираторни и кожни заболувања. Пневмонија е причина број еден за смртност кај деца до 5 години и изнесува 1,8 милиони деца на годишно ниво. Секоја година 3,5 милиони деца не го дочекуваат својот прв роденден заради дијареа или пневмонија заедно. Студија во Англија покажува дека 25% од луѓето сеуште имаат фекални бактерии на рацете.Според CDC (Center for Disease Control and Prevention):• Миењето раце со вода и сапун може да доведе до намалување на стапката на смртност поврзана со дијареа до 50 %.• Истражувања во Лондон покажуваат дека доколку секој рутински ги мие своите раце, може да бидат превенирани 1 милион смртни случаи годишно.• Висок процент заболувања предизвикани со храна се пренесени преку контаминирани раце. Добрата хигиенска пракса во голема мерка го намалува ризикот од овие болести. • Миењето раце може да го намали ризикот од респираторни инфекции за 16%

На основа на бројни податоци повеќе од јасно е дека подобрување на хигиенската пракса за миење раце со сапун е клучна мерка која води чекор поблиску до постигнување на милениумската цел – намалување на смртноста кај деца во старосна група до 5 години за две третини до 2015 година. Неколку факти за рацете и бактериите:- Од врвовите на прстите до лактите имаме од 2-10 милиони бактерии- Со влажни раце бактериите се пренесуваат 1000 пати побрзо отколку со суви раце- Бројот на бактерии на рацете е двојно поголем после користење на тоалет- Повеќето бактерии остануваат живи на рацете повеќе од 3 часа.Моќта да се намалат заболувањата е во твоите раце!

Нови награди за Филип Втори

НОВИ НАГРАДИ ЗА ФИЛИП ВТОРИ

Одделот за Продукција при ПЗУ “Филип Втори” во Скопје, и оваа година се закити со две фестивалски награди доделени за два документарни филма, две вистински приказни посветени на љубовта, професионализмот и хуманизмот кон децата кои оваа болница ги негува од своето постоење до денес. Оваа година доби две престижни награди на 14 -от по ред Балкански фестивал за филмови и програми за деца и младина “АРТ АМФОРА” одржан во градот Несебар од 14-20 септември во Р. Бугарија.

Документарниот филм “РАХМАНА” во продукција на ПЗУ Филип Втори, во конкуренција од 42 филма од целиот свет доби Специјална Диплома. Истиот документарен филм со иста назнака за хуманизам и високи човечки вредности, а во конкуренција од 300 филмови од целиот свет, предходно доби награда и на Првиот Меѓународен фестивал за кино, тв програми, спектакли и емисии – “СЛАВЈАНСКА ПРИКАЗНА” одржан од 12 – 14 септември 2013 г. во Софија и Велико Трново, Р. Бугарија. Инаку, со овие две награди Продукцискиот оддел при “ПЗУ Филип Втори” се здоби со трета по ред Меѓународна награда за документарни филмови реализирани од тандемот – Оливера Христова како сценарист, Слободан Костовски како директор на фотографија и Даниел Вељановски со монтажа на слика и тон.

23ТИ СВЕТСКИ КОНГРЕС НА СВЕТСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА КАРДИО-ТОРАКАЛНИ ХИРУРЗИ

23ТИ СВЕТСКИ КОНГРЕС НА СВЕТСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА КАРДИО-ТОРАКАЛНИ ХИРУРЗИ

Во период од 12-15 Септември 2013 година, во Сплит, Р. Хрватска, се одржа 23от Светски Конгрес на Здружението за Кардио-Торакални Хирурзи.На овој конгрес од Филип Втори присуствуваа Академик др. Жан Митрев, др. Тања Анѓушева и др. Милка Клинчева. Филип Втори се престави со 7 усни презентации и тоа:

1. „SURGERY FOR MYCOTIC ANEURYSM“2. „RECONSTRUCTIVE SURGERY FOR AORTIC VALVE STENOSIS“3. „EMERGENCIES IN CARDIOVASCULAR SURGERY“4. „SURGERY FOR PATIENTS WITH DIFFUSE ATHEROSCLEROTIS DISEASE“5. „SURGERY FOR THORACOABDOMINAL AORTIC ANEURYSM“6. „INTRAOPERATIVE 3D TRANSOESOPHAGEAL VALVULAR EVALUATION“7. „HYBRID PROCEDURE FOR PATIENT WITH AORTOECTASIA AND AORTIC COARCTATION – CASE REPORT“

Покрај ова академик др Жан Митрев беше модераотр на два главни сесии .Уште еднаш искуството и достигнувањата од секојдневната работа беа презентирани на светската стручна сцена.

13 СЕПТЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН НА СЕПСА

13 СЕПТЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН НА СЕПСА

Сепсата е најчесто последно препознаена болест насекаде во светот. Глобално, 20-30 милиони пациенти се афектирани од сепса на годишно ниво. На секои неколку секунди умира по еден човек од сепса. Во развиениот свет, годишната стапка на сепсата драматично расте, од 8-13 % во последниве декади и е причина за смртност поголема од канцер на дебело црево и дојка заедно. Причините се различни, но вклучуваат возраст на популацијата, поголема примена на интервенции со висок ризик кај сите возрасни групи, и развој на високо резистентни и вирулентни причинители на инфекции. Од друга страна кај земјите во развој малнутрицијата, сиромаштијата, недостапноста до вакцини и задоцнетото третирање на одредени состојби допринесуваат за зголемена стапка на смртност.И покрај вака високата инциденца на сепсата, сепсата е практично недоволно позната и јасна во јавноста и многу често е погрешно протолкувана како “труење на крвта“.Сепса е воспалителен одговор на организмот на присуство на бактерии или нивни отрови во циркулација, поретко вируси, габи, протозои. Извори на сепса можат да бидат инфекции на бели дробови, уринарен тракт, перитонеум, кожа и меки ткива, како и централен нервен систем. Од сеуште непозната причина сигналите од микроорганизмите предизвикуваат претерана реакција, па дури го поттикнуваат имунолошкиот систем на пациентот да ги напаѓа ткивата на телесните ткива и органи. Сепсата почнува кога вродениот имун систем ќе одговори на присуството на микроорганизми како автодеструктивен процес кој овозможува нормалниот патофизиолошки одговор на инфекција да зафати и други нормални ткива. Ако сепсата не се реши брзо, пациентот може да развие органска дисфункција, вклучувајќи ги белите дробови, црниот дроб и бубрезите. Сепсата преминува во тешка сепса, септичен шок и иреверзибилно откажување на органи што резултира со смртен исход. Секакво одложување на целна терапија со соодветен антибиотик ја намалува можноста за преживување (со секој изминат час за 7,6%).Со развојот на лабораториските техники има голем напредок во препознавањето на сепсите со следење на соодветни биомаркери (лактати, прокалцитонин, друго). Брзите и прецизни микробиолошки техники кои се користат денес во современите лаборатории овозможуваат брза етиолошка дијагноза и антимикробна терапија.Согледувајќи ја важноста на сепсата, нејзиното рано препознавање и стандардизирано ургентно третирање, покрај другите кампањи се донесе и светска декларација за сепса со која се поставени следниве цели за реализација до 2020 година: – глобално намалување на инциденцата на сепси преку стратегии за превенција за најмалку 20 % (промоција на добра хигиенска пракса и миење на раце, подобрени санитарни мерки, исхрана, чиста вода за пиење и програми за вакцинација)-зголемување на преживувањето од сепси преку промоција и прилагодување на системот на рано препознавање и стандардизирано третирање на пациенти со сепса-подобрување на јавното и професионално разбирање и свесноста за сепса-подобрен пристап до центри за рехабилитација за пациентите кои прележале сепса насекаде во светотМногу луѓе развиваат сепса но многу малку преживуваат, најважно е да се воспостави систем на превенција и контрола на инфекции.

Животна приказна – Флурим Мемети


Животна приказна – Флурим Мемети

Нашата работа – работата на лекарите, медицинскиот персонал, психолозите е работа со жива материја. Нашите пациенти се луѓе, личности чии животни приказни знаат да не’ расположат, вознемират, насмеат и расплачат. Нивната реалност, понекогаш сурова, одново и одново не’ изненадува и потсетува на прашањето: можеме ли да направиме нешто повеќе за нив?! Реалноста на еден од нашите најмлади пациенти (Ф.М., 14 год.) стана предизвик на целиот тим на Филип Втори. По извршената комплексна кардиохируршка интервенција (од типот пенталогија Фало) од страна на академик др. Жан Митрев, пациентот продолжи со опоравување во нашата болница. Посетуван редовно од неговите родители, имавме можност одблиску да ги запознаеме пациентот и неговите родители, и на тој начин да ја согледаме фамилијарната динамика на целото семејство, нивните односи и животни навики, а со тоа и да ги предвидиме условите во кои пациентот ќе треба да се врати на домашно опоравување. На 24 Јули, 2013 г. ја посетивме фамилијата на Ф.М. во нивниот дом, со цел да направиме увид во животните услови во кои пациентот живеел заедно со родителите, неговиот постар брат и помалата сестричка. Проценката на нивните животни услови беше и наше соочување со суровата реалност во која Ф.М.ќе треба да се врати. Зборовите сиромаштија, немаштија, беда и нечистотија отсликуваат само дел од она што го видовме. Увидовме дека животните и хигиенските услови во кои тој живеел се сериозно ризични по неговото здравје, и решивме како тим да вложиме повеќе од себе и да се обидеме да му помогнеме и на други начини. Вработените во Филип Втори беа повикани на добротворна донација (алишта, постелнина, кујнски реквизити и покуќнина) и ја покажаа не само својата висока стручност и професионалност, туку и својата човечност. Црвениот крст на град Скопје исто така беше повикан за соработка и хуманитарна акција. Собраните средства беа донирани на 31. Јули 2013 година во живеалиштето на семејството Мемети. Тоа за нив беше драматичен и важен настан. Две ТВ станици го документираа овој настан. Мајката на Ф.М. даде изјава за ТВ Ера на албански јазик. Дотогаш силна и храбра, каква што мораше да биде за нејзиниот син полесно да ја преброди целата операција, таа за прв пат со затреперен глас и солзи јавно се заблагодари на др. Жан Митрев, др. Тања Анѓушева и сите доктори и сестри од Филип Втори.

Ако се вратиме на почетокот и прашањето: можеме ли да направиме нешто повеќе за нив?! Одговорот е едноставен: Секогаш можеме.


Интервентен третман (балонвалвулопластика) на тешка пулмонална стеноза кај новородено

Интервентен третман (балонвалвулопластика) на тешка пулмонална стеноза кај новородено (30 дена старост)

Вовед: Пулмоналната стеноза е вродена срцева аномалија и опфака околу 7% од вродените срцеви аномалии. Може да биде како изолирано заболување или во комбинација со друга вродена аномалија (пр. Атриален септален дефект – (АСД)). Пулмонална стеноза може да се манифестира како валвуларна (најчеста), надвалвуларна, подвалвуларна и стеноза на периферните гранки на пулмоналната артерија. Кај полесните случаи може да нема никакви симптоми и да се открие случајно. Кај тешките случаи се јавува диспнеа (отежнато дишење), периферна цијаноза (модрило на нозе, раце и усни). Пациентите со критична стеноза брзо развиваат и десно срцева слабост.

Дијагнозата се поставува со аускултација, ехокардиографија и со десно срцева катетеризација. Тежината на пулмоналната стеноза се градира според стенотичниот градиент добијен со Ехо Доплер или директно со катетеризација. Постојат 4 степени: I степен незначителна < 25mmHg; II степен (лесна) 25 – 49mmHg; III степен (умерена) 50 -79mmHg; IV степен (тешка) > 80mmHg.

Лекувањето е конзервативно кај пациентите со I и II степен (асимптоматска) со задолжителна ендокардитис профилакса, додека кај пациентите со III и IV степен третманот е со балон валвулопластика или оперативно. Балон валвулопластиката е третман на избор кај деца и новородени со тешка пулмонална стеноза со добивање на добар резултат.

Приказ на случај: Кај женско доенче на 1 месечна возраст со шум на срце верифициран по породувањето, ехокардиографски е дијагностицирана тешка пулмонална стеноза со градиент на валвулата 120mmHg, и индицирана е балон валвулопластика. Фамилијарна анамнеза негативна за ваков тип заболувања. Интервентен третман и резултат: Интервенцијата се изврши во услови на општа анестезија. Со MP дијагностички катетер се направи директно мерење на градиентот на пулмоналната валвула (120mmHg), пред интервенцијата. Потоа со балон катетер Tyshak II – 8/20 mm на 4 atm се направи балон дилататција на пулмоналната валвула. По интервенцијата се доби одличен резултат, градиент 30mmHg, што значи повеќе од 50% намалување на градиентот на пулмоналната валвула. По интервенцијата новороденчето беше мониторирано во тек на 48 часа. Отпуштено е во одлична здравствена состојба без терапија. На првата контрола по 1 седмица и втората контрола по 1 месец градиентот на пулмоналната валвула е 30mmHg.