Досегашното постапување по поднесувањето на Обвинение против Жан Митрев остава впечаток дека обвинителството и Судот се на една страна, а на другата страна е одбраната.
Па така, во постапката по жалба против Решението за блокада на сметките на Клиничката болница Жан Митрев, по поднесувањето на жалбата и доставување на предметот на одлучување до Апелациониот суд Скопје, обвинителството достави дополнителен писмен доказ кој што не е доставен до обраната, а Решението на Апелациониот суд за одбивањето на жалбата се повикува токму на тој доказ.
На одбраната дури не и е доставено ни Мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје, а тоа се повреди кои што Судовите не може да не ги знаат бидејќи се опфатени со Пресуди на Врховниот суд на РСМ и на Европскиот суд за човекови права.
И сега, во период меѓу одлагање на рочиштата, за проучување на доказите доставени од обвинителот на повеќе од 10.000 страници пишан материјал и голем број содржини во електронска форма, на одбраната и се оставени само 10 работни дена (дозволен увид 4 часа во денот) во кој рок е и подготовка на одбраната, поради што и со писмено барање адвокатите се обратија да се пренасочи судењето, но Судот на тоа не одговори.
Дали се ова значи дека замислата е Жан Митрев да биде осуден по кратка постапка и без почитување на основните права на одбраната?
Клиничката болница Жан Митрев и оваа година традиционално ја поддржува Европската кампања за подигање на свеста за рано откривање на карцином на кожа. Својот придонес кон оваа кауза ќе биде во форма на еднодневна акција со обезбедени бесплатни дермоскопски прегледи кои ќе ги изведуваат нашите дерматолози д-р Анџелка Илиева и д-р Александра Лазаревска. Прегледите ќе се спроведат на 3 локации и тоа: 18 мај Жан Митрев Клинка во Скопје во периодот од 10:00 -17:00 часот. 22 мај Жан Митрев Дијагностик Битола 12:00- 17:00 часот и 25 мај Жан Митрев Дијагностик Струмица 11:00- 17:00 часот Закажете го Вашиот бесплатен преглед на 02/ 3091-484 Скопје, 047/266-633 Битола и 034/320-302 Струмица и добијте дополнителни насоки за превенција на ракот на кожата и совети како правилно да се грижите за здравјето на вашата кожа. РАКОТ НА КОЖАТА СЕ ЛЕКУВА ДОКОЛКУ СЕ ОТКРИЕ НАВРЕМЕ!
Постојат два вида акутно воспаление на средното уво: акутен отитис медија и отитис медија со ефузија/излив.
Воспалението на увото со излив или медицински познато како секреторен отитис медија или отитис медија со ефузија претставува состојба при која средното уво се исполнува со неинфективна, серозна течност. Најчесто се јавува кај деца на возраст од 6 месеци до 3 години и може да се развие во две насоки: течноста самостојно да се издренира во рок од 4 до 6 недели или истата да се задржи и да се претвори во инфекција со симптоми: намалување на слух, гноење, температура, болка и др.
Причини за појава
Причината за појава на ефузија, односно лошо дренирање во средното уво е дисфункција на евстахиевата туба односно каналчето кое служи за изендачување на притискот на средното уво. Дисфункцијата може да биде причинета од:
недоразвиена евсахиева туба,
воспалени аденоиди
воспаленија или настинки на горнореспираторните патишта или пак алергии кои предизвикуваат попреченост во носната шуплина
малформации на евстахиевата туба
Во овој контекст особено е важно да се споменат предиспонирачките фактори како: настинките, престојот во детски градинки и јасли, пиењето од шише при лежење на грб, престојот во простории каде се пуши, недоеност, честите инфекции на уво или пак вродените краниофацијални аномалии.
Симптоми
Најчести симптоми кај отитис медиа со ефузија се:
тешкотии во слушањето на едното или двете уши
чувство на исполнетост во увото
впечаток на потпукнување во увото
тешкотии при говорот
нестабилност при одење
Начин на дијагностицирање
Дијагноза се поставува при преглед отоскопија каде се визуелизира заматена мембрана на ушното тапанче, а зад неа присутна течност со меурести воздушни балони кои флуктуираат. За потврда на дијагнозата се прави тимпанометрија која покажува неподвижност на тапанчето.
Третман
Третманот е индивидуален за секое дете. Во некои случаи може да дојде до самостојна ремисија на ефузијата и за тоа е потребно време од 4-6 недели. При тоа се дава витаминска терапија збогатена со цинк, при што се смета дека антибиотици, антихистаминици и деконгестиви не помагаат за подобрување на состојбата.
Доколку ефузијата продолжи подолго од 2 месеци, се прави миринготомија, а по потреба со аденоидектомија, при што се отстранува третиот крајник кај детето. Во увото се засекува мал дел од тапанчето, се евакуира секретот и се ослободува притисокот од средно уво, потоа се поставува вентилационо цевче кое ќе стои на тапанчето со цел да прави вентилација додека евстахиевата туба да ја воспостави својата функција.
Доколку се одложува потребната интервенцијата, тоа може да доведе до повеќе компликации како:
рекурентни/повторливи акутни воспаленија на средно уво
Во последната седмица од април во Клиника Жан Митрев биле направени рекорден број дијагностички прегледи од почетокот на годината, вкупно 1610, најголем број МР (магнетна резонанса) 40, рендген прегледи 108, интернистички прегледи биле направени 469, а во само таа недела биле изведени и 19 кардиохируршки операции. Вкупниот број операции од почетокот на годината заклучно април кој беше најуспешен месец до сега изнесува 657 од кои 281 кардио операции. Овие бројки се добиени од центрите во Скопје, Струмица и Битола и се однесуваат на сите одделенија и дијагностички центри во склоп на Клиника Жан Митрев. Зголемениот обем на работа е резултат на довербата на граѓаните во услугите на овој специјализиран здравствен центар, квалитетот на здравствените услуги и професионалноста на медицинскиот персонал предводен од д-р Жан Митрев. Довербата на граѓаните во работата на Клиника Жан Митрев се зголемува и покрај постојаниот притисок врз целиот тим и опструкциите во работата предизвикани од неоснованите обвиненија и диригираната хајка.
Со само 30 години д-р Симона Патчева ја менува реалноста во кардиохирургијата во Македонија и во пристапот и третманот на пациентите. Како дел од тимот на Клиника Жан Митрев стана првата докторка во Македонија со специјализација кардиохирургија и е предводник на новата генерација кардиохирурзи со обука и знаење во современа технологија применета во спасување животи.
Вие сте првата докторка во Македонија со специјализација кардиохирургија, како се одлучивте за специјализација во ова поле. Што претставува кардиохирургијата за вас?
Уште од средношколски денови ме интересираше медицината, а особено внимание ми привлекуваше срцето и кардиоваскуларниот систем. Од секогаш за мене срцето претставуваше центар на интерес, делумно и филозофски – центар кој ги контролира емоциите, карактерот на човекот, детерминацијата дали еден човек ќе биде добар или не, а секако плејмејкер на целиот организам кој го диктира темпото на останатите органи. Иако потајно замислував и сакав да бидам кардиохирург, свесна бев уште од тогаш дека е тоа тежок пат пред се, а уште потежок за жена бидејќи сепак ова е гранка од медицината која се третира како машка и важи тоа дека само најиздржливите и најхрабрите можат да успеат. Уште оттогаш идол ми беше д-р Митрев, редовно го читав тогашното списание „Здравствен код“ и се интересирав за патот на еден кардиохирург. При една прилика на кардиолошки конгрес се запознав со докторот и му кажав за мојата амбиција и желба да специјализирам кардиохирургија, на што тој ми одговори „само напред“ и притоа давајќи ми го највредниот поттик дека кардиохирургијата е вистинскиот начин да се помогне некому и дека можностите и перспективата пред мене се бескрајни.
Кариерата ја започнавте од Клиника Жан Митрев, какви се можностите за развој, надградување и професионален напредок во тоа окружување?
По завршување на Медицинскиот факултет во Скопје, веднаш се запишав на Докторски студии на Медицинскиот факултет во Љубљана. Завршив временски во првите 10 студенти од мојата генерација, со висок просек, така што се запишав на докторски студии на 26 години. Се сеќавам дека уште додека бев таму, се појави оглас за вработување во Жан Митрев Клиника и аплицирав. Ме побараа за интервју, после неколку месеци во првиот момент кога се вратив закажавме интервју и ме повикаа за вработување, така ова е моето прво работно место. На прашањето што би специјализирала одговорот беше кардиологија- не се осмелував да кажам кардиохирургија. Сосема спонтано како дел од турнирите минував во операциона сала, д-р Митрев сака сите да пробаме и да се најдеме каде најмногу припаѓаме. Од тој ден останав во кардиохирургијата.
Што според вас е најважното во пристапот и третманот на болните?
Најважна е емпатијата, човечноста, човек да се постави на место на оној кој има проблем, да се запрашаме како би се чувствувале доколку се работи за некој наш близок. Само тогаш може да се даде максимумот во негата, стопроцентно да се стават потребите на пациентот во тој момент на прво место.
Како единствени претставници од Македонија, заедно со вашиот колега бевте дел од тимот што во Холандија го тестираше симулаторот со виртуелна реалност. Што ова претставува и каква новина носи во третманот на кардиолошките пациенти?
Технологијата како и во останатите сфери од живеењето така и во медицината ќе олесни многу работи. Виртуелната реалност е само еден пример како истата може да се искористи во тренингот на нас младите хирурзи и како да се подобри развивањето на рутината во работењето. Симулаторот е наменет за едукација во областа на кардиохирургија, конкретно вклучување и исклучување пациенти од екстракорпорална циркулација, како и кардиопулмонална реанимација по кардиохируршка операција. Самиот симулатор се состои од ВР (virtual reality) очила кои се поврзани со палки кои се држат во рацете, а специјалниот софтвер на монитор ги емитува движења на специјализантот врз телото на виртуелниот пациент. Примената на ВР симулатор за учење и тренинг на млади кардиохирурзи има повеќе предности, пред се во конкретната едукација. Убаво е чувството да се има можност да се учествува во развивањето на оваа алатка со идеи и сугестии и активно како дел од тимот на крај да излеземе со готов продукт кој се надеваме да биде прифатен од европската асоцијација за кардио-торакална хирургија и да стане дел од редовниот тренинг на кардиохирурзите. Заради големите можности за учење и ваквиот начин на едукација и тренинг, овој симулатор се очекува да најде широка распространетост насекаде во светот веќе во следните неколку години.
Колку е важно следењето на современата технологија во медицинскиот пристап и какво е вашето искуство стекнато во Клиника Жан Митрев?
За среќа во ЖМК се пратат светските трендови, технологијата е високо искористена. Ретка болница кај што се е дигитализирано, сите податоци се електронски, за нас како генерација која што е израсната со компјутери е навистина лесно и практично што од таблет може да се отвори на пример епикризата на пациентот и да се споредат лабаратории преку графици кои автоматски ги изработува софтер, без потреба да се пополнуваат тераписки листи како што тоа уште се прави на други места. Коронарографии, рентгени се тоа се отвара преку еден клик. Убаво е што има многу контролни точки и можноста од грешка значајно се намалува.
Какви се можностите за напредок на младите специјализанти во Македонија, што е потребно за да останете да работите дома?
Има простор за напредок и во Македонија, меѓутоа треба многу работа. Како студент имав можност да осетам како е да се живее и работи во други системи. Навистина специјализантите и младите лекари таму имаат среќа, имаат големи можности, огромен товар од грижа им е тргнат бидејќи државата се грижи за нив, нивна единствена задача е да учат, дежураат и да се грижат за пациентите. Кај нас има уште многу останати административни работи, финансиски грижи, проблеми околу вработување доколку се работи за приватни специјализанти. Предноста што сум во приватна клиника за мене е голема, чувствувам сигурност, работам во систем каде што се наградува трудот и работата, колку ќе се вложи толку и ќе се добие. Среќна сум што имам можност да учам од најдобриот кардиохирург и тоа е за мене најголем мотив да дадам се од себе. Бидејќи знам дека еден ден ќе работам самостојно и тука нема простор за грешка или импровизација, или работиш како што треба или никако.
Дали тоа што се случува со обвинувањата кон клиниката влијае врз вашата работа? Колку вие како медицинска лица го чувствувате тој притисок?
Минавме низ доста стресен период, секако дека не е сеедно да се слушаат тие обвинувања. Секој од нас делумно тоа го осети и како личен напад. Ние сме еден тим, работевме во ковид периодот неуморно, имавме и по 12 дежурства 24-часовни во тек на еден месец, тоа се многу часа откажување од својот личен живот за да помогнеме и спасиме што повеќе луѓе. Не е пријатно чувството кога ќе се слушне дека не само што не се цени тој труд туку и најстрого е осуден. Сепак мислам дека работата нѐ држи, ние неуморно работиме цело време па и немаме многу време за да се посветиме на коментарите од страна.
Клиничката болница Жан Митрев беше домаќин на Пролетниот состанок на Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега (European Federation of Critical Care Nursing Associations – EfCCNa). Повеќе од 30 претставници и членови на одборот на федерацијата од 27 европски земји на дводневниот состанок дискутираа за целите и задачите на федерација и на националните здруженија залагајќи се за подобрување на интензивната нега на критично болните пациенти и помош на нивните семејства.
Пред почетокот на состанок на претставниците на националните асоцијации д-р Жан Митрев им посака добредојде и успешна работа, воедно заблагодарувајќи им се што годишниот состанок го одржаа во Клиника Жан Митрев како една од највлијателни членки.
„Овие собири се исклучително важни за нашата работа и затоа упатуваме голема благодарност до Клиника Жан Митрев што ни овозможи пролетниот состанок да го одржува тука, обединувајќи ги претставниците на националните асоцијации вклучително и локалните од Македонија. Во нашата федерација се вклучени асоцијации од јавното и приватното здравство што го проширува и продлабочува нашето влијание кон заедничката цел, да работиме заедно и да постигнеме повеќе за нашите пациенти“, вели Колет Рам, претседателка на Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега.
Европските асоцијации на сестрите на интензивна нега се реномирани здруженија чија цел е унапредување на здравствената услуга и подигнување на нивото на ефективност на овој персонал во најклучните фази од лекувањето. Преку асоцијациите се воспоставуваат стандарди за едукација, пракса и управување со работната сила на медицинските сестри во интензивна нега и се поттикнува дополнително образование, истражување и знаењето во интензивната нега на пациентите.
Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега постои од 1999 година. Македонија е член од 2014 година а сестра Жанета Богоевска Митева од Клиника Жан Митрев како претставник на Македонското здружение на сестри за интензивна нега е член во Одборот на EfCCNa. Во моментов федерацијата брои 31 член од 27 држави и претставува повеќе од 25 000 медицински сестри кои се вклучени во процесот на работа на интензивна нега.
Tоа што Советот на Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата за деблокирање на сметките е свесно и намерно спречување на работата на Клиника Жан Митрев и натамошна реализација на намерата Клиниката да се доведе во позиција на неодржлива криза и да се спречи работата без ни малку одговорност за јавниот интерес што го има клиниката како здравствена организација.
Токму заради јавниот интерес за пациентите и сите оние што имаат потреба од врвна медицинска нега, беше побарано деблокирање на сметката за клиниката да може да работи без притисокот во секојдневните обврски кон банките и добавувачите.
Одбивањето на барањето за деблокирање на сметката зборува за организирана хајка и систематско инструираниот процес против клиниката и д-р Митрев со неосновано обвинение. Во постапката против врвниот македонски кардиохирург и Клиниката Жан Митрев посветени на спасување животи не постои пресумпција на невиност, туку организиран и систематски инструиран процес.
Се надеваме дека во фокусот на сите што се посветени на мониторирање на нашиот правосуден систем ќе дојде на ред и врвниот јавен интерес, а тоа е оневозможување на конструирање на судски процеси со цел да се уништат успешни стручњаци и правни субјекти.
Сепак и покрај блокираните сметки Клиника Жан Митрев секојдневно работи, прави сложени хируршки зафати и спасува животи на наши граѓани.
Ова е тема која сме сигурни е обработена многу пати, но сепак добро е да се потсетиме како треба да постапуваме доколку ние или некој наш болизок се справува со дијабет. Дијабетот e болест при која нивото на шеќер во крвта е покачено во тек на подолг временски период. Дијабетот или уште попознат како ,,шеќерна болест,, предизвикува сериозни здравствени проблеми кои всушност произлегуваат од оштетувањето на малите и големите крвни садови и нервите. Како резултат на овој процес, страдаат повеќе органи меѓу кои: срцето, очите, бубрезите, а се јавуваат и проблеми со циркулацијата.
Во зависност од возраста кога за прв пат се појавил дијабетот и причините кои довеле за појава на болеста, постојат два типа: дијабет тип 1 и дијабет од тип 2. Дијабетот од типот 1 се јавува во помлада возраст и за истиот потребен е третман со инсулин уште од самиот почеток. Додека пак дијабетот од тип 2 е покарактеристичен за повозрасната популација. Ако веќе имате поставена дијагноза дека боледувате од шеќерна болест, потребно е во соработка со вашиот лекар да се направи план како најдобро ќе се справувате со болеста.
Како да живеете со дијабетот?
Информирајте се за вашата болест! Соберете доволно информации за шеќерната болест и за компликациите што произлегуваат од неа со цел полесно да се справите со неа.
Научете да ги препознавате симптомите! Научете сами да ги препознавате симптомите кои произлегуваат засегнатите органи од дијабетот и навреме да побарајте лекарска помош.
Параметри кои треба да ги знаете и редовно да ги контролирате:
Ниво на HbA1C – гликолизиран хемоглобин. Тој ја покажува просечната вредност на шеќерот во крвта во тек на изминатите два до три месеци. Вредностите под 7 укажуваат на добра регулација на
шеќерот што треба да биде и ваша цел.
Нивото на LDL или лош холестерол треба секогаш да е под 3,5 mmol/l.
Горната граница на крвниот притисок да биде до 130/80 mmHg.
Придржувајте се до хигиено –диететски режим!
Придржувајте се на режимот на исхрана што ви го пропишал вашиот лекар. Хранете се здрaво и одржувајте ја телесната тежина во граници на нормалата. Храна која се препорачува: Овoшје, зеленчук, риба, грашок, леќа, обезмастено млеко и производи од него, леб од цели зрна, нерафинирано, ладно цедено масло, сол и шеќер во ограничени количини.
Практикувајте редовна физичка активност!
Спортувајте редовно во склад со вашата возраст и согласно препораките на вашиот лекар. 30-60 минути брзо одење 4-5 пати неделно значително ќе ја подобри вашата состојба.
Прекинете со пушење!
Пушењето во комбинација со шеќерната болест повеќекратно го зголемува ризикот од појава на кардиоваскуларни болести.
Редовно земајте ја пропишаната терапија! Не ја прекинувајте иако се чувствувате добро!
Проверувајте ги вашите стапала секојдневно, одржувајте добра хигиена и носете удобни обувки!
Побарајте лекарска помош секогаш кога ќе почувствувате некоја промена со вашето здравје!