Знаењето е моќ и затоа треба да се споделува

Младите лекари специјализанти се оние кои во иднина ќе се грижат за здравјето на следните генерации население. Затоа од клучно значење е да го пренесеме знаењето од поискусните на помладите за тие да можат да го применат во својата работа. Соработката со (таг Здружението на Лекари специјализанти) оди токму во таа насока на континуирани заложби за едукација на специјализантите. Викендов беше одржана работилница на тема “Базична ехокардиографија,, на која присутни беа над 30 специјализанти по кардиологија и општа интерна. Како предавачи од нашата клиника кои го споделија своето знаење на оваа тема беа искусните Проф. д-р Милка Клинчева, Доц. д-р Тања Анѓушева и Доц. д-р Планинка Зафировска.

Честитки за 16 години постоење на Универзитет Гоце Делчев-Штип

Како резултат на долгогодишната соработка со медицинскиот факултет при овој универзитет, вчера медицинскиот директор на нашата клиника д-р Елена Амбаркова ја прими Благодарницата за особен придонес и поддршка. Им благодариме и се надеваме дека нашата соработка во иднина ќе биде унапредена и продлабочена.

Отворено писмо од д-р Жан Митрев до претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски

Почитуван Чадиковски,

Би сакал на почеток да ја истакнам мојата поддршка за истражувачкото новинарство што како Здружение на новинари го промовирате. Се надевам дека ќе успеете да ги одржите високите стандарди на известување во медиумите со подигнувањето на нивото на етика и одговорност на сите чинители во јавниот живот.

Вчера со разочарување ја прочитав веста за доделената награда на ИРЛ за сторијата којашто се однесува на мене лично и мојата клиника. Може да кажам дека не очекував да добие награда сторија каде вината не е докажана и каде очигледно со ваквите постапки сум осуден и пред да заврши судењето. Јас како човек сум сигурен во една работа, дека немам вина во целиот инсцениран случај и затоа се борам да ја докажам вистината и се обратив и на Вас лично да ми помогнете во таа борба. Моето барање беше едноставно, да ги заштитите вашите колеги кои се на линч од нивните колеги поради обидите да ја престават мојата страна на приказната. Тогаш се сеќавам дека ми се обративте дека треба да се објаснам со ИРЛ околу целиот случај. Јас премногу ја ценам вашата професија и сметам дека како претседател на здружението имате обврска кон вашите колеги, но секако и кон јавноста. А јавноста има право да ги знае двете страни од приказната.
Не сакам да навлегувам во причините за тоа зошто токму сторијата на ИРЛ добила награда каде се прикажани само двајца од над 1000 пациенти кои беа во КОВИД одделот, не сакам да навлегувам во семејни врски, туку само побарав од Вас став дека никој новинар не смее да биде попречуван во својата намера да објави некаква информација. Најмалку тој треба да биде попречуван од свои колеги, што беше случај во минатото. Очигледно моето барање не е научна фантастика, туку е изразување на поддршка на секој новинар што сака да објави некоја сторија.

Јас не сум човек што затвора врати, јас сум човек што ја отвори вратата на Клиниката да помогне на илјадници луѓе. Јас не сум човек што е конфликтен, туку сум емотивен човек што вложил многу во Клиниката и сум основоположник на приватното здравство во Македонија. Никој од нас не е совршен, но никој од нас не треба да осудува друг. Јас знам дека во случајов немам што да кријам, затоа што не сум направил никаков криминал, никаква злоупотреба, но времето ќе покаже и тоа секогаш покажува кој бил на страната на вистината, а кој на страната на интригите.

Ви посакувам уште многу успеси во борбата за независно новинарство.

Со почит,

Д-р Жан Митрев

Препознај ги симптомите на мозочен удар и реагирај ,,ИТНО,,!

Препознај ги симптомите на мозочен удар и реагирај ,,ИТНО,,!

  • Изнемоштеност во екстремитетите или парализа на едната страна на телото
  • Темни точки на едното или обете очи, редуциран вид или двојно гледање
  • Ненадејна/нагла силна главоболка
  • Отежнат говор

Според податоците на Американското здружение за мозочен удар, на секои четири секунди по еден човек доживува мозочен удар, а секоја 40 минута едно лице починува од истата причина. Бројките се застрашувачки!

Но, што всушност претставува мозочниот удар и кои се причините кои доведуваат до негова појава?

Мозочниот удар е состојба на акутна исхемија на централниот нервен систем, која настанува поради прекин или редукција на интрацеребралната циркулација. Ова се должи на тромбоза, емболија или спазам или крварње на артерискиот крвен сад, кој во крајна мерка доведува до намалување на циркулацијата на одредена регија во зависност од подрачјето на васкуларизацијата и како резултат на тоа оштетување на мозочното ткиво.

Дефицитот на крвоснабдувањето доведува до намалување на кислородот или другите нутриенти во мозокот и води кон изумирање на мозочните клетки. Мозочната циркулација исто така може да биде засегната како резултат на руптурирана (пукната) артерија на мозокот.
Некои луѓе може да имаат само привремена исхемија на мозочната циркулација и состојба која се нарекува транзиторна исхемична атака (ТИА), која за среќа не доведува до трајни невролошки оштетувања.

Деведесет проценти (90%) од ударите се случуваат поради згрутчување на крвта, исхемични мозочни удари, настанати поради постоење на тромб во одреден дел од мозокот кој предизвикува изумирање на мозочното ткиво кое не може да преживее без кислород.

Како навреме да препознаеме мозочен удар имајќи предвид дека секоја секунда е важна во обид за намалување на оштетувачките ефекти на ударот? Каква е симптоматологијата, знаците кои треба да не упатат на барање итна лекарска помош?

Знаци и симптоми се следниве:

  • Отежнат говор и отежната перцепција на околината, конфузност или сензорна афазија.
  • Парализа или слабост на лицето, рацете или нозете. Ова често се случува само на едната страна од телото, а може да предизвика и асиметрија на усните.
  • Проблеми со видот на едното или обете очи, редуциран вид или темни точки на едно или обете очи или двојно гледање.
  • Главоболка – нагла силна главоболка која често се надополнува со повраќање, вртоглавица или пореметена свест.
  • Отежнато одење – атаксија, губиток на координација или нагла слабост.

Кои се ризик факторите кои доведуваат до мозочен удар и кои се причините поради кои се повеќе млади луѓе страдаат од мозочен удар, истиот дури може да настане и во детската возраст?

Исхемичниот мозочен удар како најчест тип на мозочен удар, настанува поради внатрешни и надворешни фактори, модифицирачки и немодифицирачки коишто често се во комбинација.
Фамилијарната историја за мозочен удар, возраст од над 55 години, машкиот пол, предходната транзиторна исхемична атака (ТИА), некои хемоглобинопатии (српеста анемија), перзистентен форамен овале (ПФО), генетска мајорна тромбофилија – се немодифицирани фактори кои што индивидуата не може да ги смени, ниту суштински да им влијае. Затоа кај овие пациенти се потребни почести контроли како и избегнување на провокативни фактори или состојби или одредена терапија.

Модифицирачките фактори се: одржување на нормален крвен притисок под 130/80mm Hg, ниско ниво на холестерол во крвта, третман на кардиоваскуларните болести (перзистентен форамен овале, атријален септален дефект, митрална болест, aтријална фибрилација), контрола на периферната и каротидната болест или атеросклерозата, одржување на нормална телесна маса, прекин на пушењето, контрола на дијабетот, како и контрола на пациенти што имале подолга КОВИД инфекција.

Оваа се општи и специфични мерки кој треба да се спроведуваат кај пациенти што се во ризичната група. Тука не треба да се занемари и мигрената како предзнак за ТИА или мозочен удар и нејзината поврзаност со ПФО или интракранијална аневризма – најчеста причина за хеморагичен мозочен удар кај младите луѓе.

„Времето е мозок“ – зошто е битно да се интервенира во првите 2-3 часа по ударот и од што се состои третманот, терапијата на мозочен удар?

Должината на исхемијата, локализацијата на ударот како и присуството на колатерална циркулација се главни фактори за степенот и опсежноста на оштетувањето и понатамошниот инвалидитет. Доколу кај пациентот постои било кој од наведените симптоми потребно е да се побара лекарска помош. Во современата медицина постои синтагмата “time is brain”. Акутниот мозочен удар е акутна состојба која се третира во така наречените центри за мозочен удар при што од клучна важност е реперфузијата да се спроведе во првите 60-120 минути од почетокот на првите симптоми. Во Англосаксонската литература постои акронимот кој значи брзо или ,,FAST,, (face, arms, speech, time). Пациентите се едуцирани и информирани за раните симптоми на мозочниот удар и со брз и содветен третман во центар за мозочен удар, можно е огромно намалување на степенот на инвалидитет. Центрите за мозочен удар всушност претставуваат специјализирани институции во кои што работат невролози, неврорадиолози, интервентни радиолози и кардиолози. Тие со медикаментозен третман – фибринолиза или механичка тромбектомија, тимски, и во зависност од степенот на невролошкиот дефицит (мерен согласно Глазгов кома скала) го третираат мозочниот удар, со што се намалува невролошкиот дефицит.

Предупредување за мозочен удар понекогаш доаѓа во форма на транзиторна исхемична атака (ТИА) која трае помалку од 24 часа и не остава последици. Зошто не смееме да го занемариме овој т.н. скриен мозочен удар, кој рецидивира во огромен број на случаи?

Транзиторната исхемична атака (ТИА) е привремен период на симптоми слични на оние на мозочниот удар која трае само неколку минути и не предизвикува трајно оштетување. Често се нарекува и мини строук (мини удар), ТИА е предупредувачки знак бидејки 30% од луѓето со ТИА ќе развијат мозочен удар во првата година од првиот настан. Таа е секогаш причина за понатамошно испитување со цел превенција од нов мозочен удар.

Свеста за превентивни прегледи кај нас е се уште на ниско ниво, а токму тие спасуваат животи. Кои се Вашите препораки за превенција на мозочен удар?

Основни услови за примарна превенција за настанок на мозочен удар се: скрининг на ризичната популација, одржување на хигиено-диететски режим, ран третман на атеросклерозата, превенција на атријалната фибрилација и нејзината терапија, воведување на протокол за третирање на транзиторната исхемична атака според возраста, влијание на модифицирачките фактори на живеење.

Терминот ,,cryptogenic stroke,, треба да се напушти бидејки доколку секој пациент се подвргне на протокол за дијагностика на мозочниот удар ќе добие соодветна дијагноза за етиологијата и истовремено ќе се превенира можноста за нов настан.
Генерално во детската и раната адолесцента возраст треба да се бараат причините за тромбофилијата, перзистентниот форамен овале како и интракранијалните аневризми.
Истото важи и за младите луѓе на возраст од 20 до 50 години. Кај оваа старосна група битно е да се зголеми нивото на здравствената култура со влијание на модифичирачките фактори како и скрининг кон атријалната фибрилација и слип апнеата.
По петтата деценија од животот, за да се намали ризикот за мозочен удар, треба да се зголемат напорите за превенција на атеросклерозата, каротидната болест, дијабетот и хипертензијата, валвуларните болести на срцето.

Матичните лекари, кардиолозите и невролозите од друга страна, не треба да застанат кај фактот дека пациентот по транзиторна исхемична атака или мозочен удар има речиси нормална нативна компјутерска томографија на мозокот бидејќи тоа не значи многу за прогнозата на тој пациент. Напротив кај истиот треба интензивно да се бараат причините и тие да се превенираат. Се разбира дека магнетната резонанца дава многу попрецизни податоци за типот и опсежноста на повредата на мозокот. Пациентот треба топично- целно да се подвргне под протокол за дијагностицирање, пред да се постави било каква претпоставка или дијагноза.
Во суштина, превентивната медицина е најекономична, бидејќи таа спречува појава или рецидив на мозочниот удар или транзиторната исхемична атака.
Доцна е кога ќе настапат последиците т.е инвалидитетот, тоа е катастрофална состојба како за фамилијата на пациентот, така и за целото општество.

Мозочен удар и можни решенија

Мозочниот удар претставува состојба при која поради прекин или недоволно снабдување на мозокот со крв и кислород, мозочните клетки почнуваат да умираат. Умирањето на мозочните клетки е неповратен процес и во голем дел од случаите завршува до делумна или целосна парализа т.е онеспособеност за живот, па и смрт.
Меѓу причините кои можат да доведат до оваа состојба водечко е заболувањето познато како атеросклерозата на каротидните артерии. Поточно станува збор за каротидна бифуркација, каде заедничката каротидна артерија се дели на внатрешна и надворешна каротидна артерија.
Добро е да се знае дека постои решение. Станува збор за примена на минимално инвазивен пристап во хируршкото лекување на атеросклерозата на каротидните артерии, при кој се враќа протокот на крвта во мозокот.

Како да препознаете мозочен удар?

Мозочниот удар може да се манифестира на неколку различни начини. Кај полесните форми, мозочниот удар може да доведе до симптоми како: парализа на едната половина од телото и лицето, отежнат говор, отежнато голтање, тешкотии со дишењето, губиток на видот, непрепознавање на лицата и целосно губење на говорот. Може исто така да се забележат и одредени случаи на тешка форма на поспаност, па дури и кома.
Во најтешката форма, мозочниот удар може да предизвика моментална смрт.

Неопходна дијагностика

При појава на било кој од овие симптоми, потребно е веднаш да се оди на лекар, да се направат брзи неопходни иследувања кои вклучуваат доплер ехографија и секако компјутеризирана томографија со ангиографија на каротидните артерии.
Брзите иследувања се неопходни со цел да се започне навремено лекување на акутниот мозочен удар, а со тоа и спасување на оштетеното мозочно ткиво, што ќе овозможи враќање на пациентот во првобитната состојба.
За да се има подобар успех во лекувањето, потребно е иследувањата да се завршат во првите 6 до 12 часови. Доколку пациентот во минатото има преживеано мозочен удар, повторно треба да се направат нови испитувања. Тие вклучуваат: компјутеризирана томографија со ангиографија на каротидните артерии и магнетна резонанца на мозокот.

Изведување на зафатот

По направената дијагностика, се пристапува кон хируршко лекување на атероклерозата на каротидната бифуркација со цел да се превенира појава на нов мозочен удар, кој би можел да биде и фатален, или да доведе до потежок или полесен инвалидитет.
Хирушкото лекување се употребува во хроничните форми на прележани мозочни удари со атеросклероза на каротидната бифуркација, и секако во акутните форми на мозочен удар. Со хируршкото лекување се отстранува атеросклеротскиот плак (наслага) од каротидната бифуркација и од внатрешната каротидна артерија која директно ја снабдува со крв соодветната страна од мозокот.

Атеросклеротските плаки (наслаги) можат да бидат калцифицирачки, мешани и најопасните таканаречени меки плаки, кои носат голем ризик за најтешка форма на мозочен удар. Кај последниот вид, постои индикација на побрза интервенција, дури и на помали стеснувања на внатрешната каротидна артерија кои се откриваат при компјутеризираната ангиографија.

Оперативниот пристап до каротидната бифуркација на левата или десната страна од вратот се планира во зависност од наодот на компјутеризираната ангиографија. Оперативниот рез е со големина од околу 2 сантиметри, поставен согласно наборите на вратот, за да по заздравувањето на раната истиот да биде невидлив, односно да се сокрие во наборите на вратот.

Предности од минимално инвазивното хируршко лекување

Не е само оперативниот рез минимално инвазивен. Се употребува и минимално инвазивен пристап и во анестезијата. Оперативната интервенција се изведува во блок анестезија или таканаречена локална анестезија, со давање анестетик директно во пределот на оперативната интервенција, без да се употребува општа ендотрахеална анестезија.

Постојат повеќе предности при користење на оваа локална анестезија. Со избегнување на општата анестезија, се избегнува користење на многу лекарства, интубација и механичка вентилација. Нема долго будење во интензивна нега со можност за хемодинамска дестабилизација. Воедно се избегнуваат и сите компликации што се поврзани со нив.
Се скратува и времето на престој во болница. Доколку операцијата се изврши наутро, а пациентот биде стабилен, тој уште истата вечер може да се пушти дома.

За време на оперативната постапка, пациентот е буден и комуницира со лекарите и сестрите, на тој начин во текот на оперативната интервенција се мониторира невролошки дали се е во ред и крајниот резултат од истата е јасен. Неврлошката проценка е невозможно да се изведе кај заспан пациент во општа анестезија. Истиот можеме невролошки да го процениме дури откако ќе се разбуди, по поминати неколку саати од завршената оперативна интервенција. Ако кај него, по извршената оперативна интервенција во општа анестезија, се утврди невролошки дефицит, потребно е да се интервенира повторно, а можно е да биде поминато таканареченото златно време за интервенција, односно временската рамка во која може да се спаси оштетеното мозочно ткиво.
Овој нов минимално инвазивен пристап во третманот на каротидната атеросклероза дава уште една предност: период на опоравување кај овие пациенти е многу пократок. Ова значи дека можат многу побрзо да се вратат на секојдневниот начин на функционирање. Нема потреба од контрола на раната или вадење на конци бидејќи истите не се користат во затворање на раните. Раната може да се тушира следниот ден.

Побрзото опоравување дозволува и планирање на евентуални следни оперативни интервенции многу побрзо. Зошто е тоа важно? Од причина што обично овие пациенти имаат и проблеми со срцето и крвните садови на нозете, бидејќи атеросклерозата е обично генерализирана состојба.
Овој минимално инвазивен пристап во лекување на атеросклерозата на каротидните артерии во Жан Митрев клиника се применува како рутински зафат. Досега се оперирани повеќе од 5000 пациенти на овој начин, со одлични резултати. За дополнителни информации нашите лекари ви стојат на располагање.

24 март Светски ден на туберкулозата

Туберкулозата е честа, и во многу случаи смртоносна, заразна болест предизвикана од различни видови на микобактерии, обично Mycobacterium tuberculosis. Обично ги напаѓа белите дробови, но може да влијае и на други делови од телото. Се шири преку воздухот кога луѓето кои имаат активна ТБ инфекција кога кашлаат, киваат или на друг начин ја пренесуваат својата плунка преку воздухот. Ако не се лекува, убива повеќе од 50% од сите инфицирани.

Светскиот ден на туберкулозата оваа година се одбележува на 24 март. На овој ден се преземаат активности за подигање на јавната свест за глобалната епидемија од туберкулоза и напорите за елиминирање на болеста. Денот се одбележува секоја година и го одбележува денот кога во 1882 година д-р Роберт Кох ја воодушевил научната заедница објавувајќи дека ја открил причината за туберкулозата – бацилот на ТБ.

Во времето на објавата на Кох во Берлин, туберкулозата беснела низ Европа и Америка, предизвикувајќи смртен исход кај секој седми заболен. Откритието на Кох го отвори патот кон дијагностицирање и лекување на туберкулозата. Денес туберкулозата предизвикува смрт на околу 1,7 милиони луѓе секоја година, главно во Третиот свет.

Во 1982 година, на стогодишнината од објавувањето на причинителот на туберкулозата, Меѓународното здружение против туберкулоза и белодробни заболувања, предложи 24 март да биде прогласен за официјален Светски ден на туберкулозата. Во 1996 година, Светската здравствена организација се приклучи широк спектар на други засегнати организации со цел да го зголеми влијанието на Светскиот ден на туберкулозата.

Алергии кај деца и нивно дијагностицирање со кожни алерголошки тестови

Сезонатата на алергии е во полн ек. Симптомите како кивање, солзење на очите, чешање на очињата и носете, сериозна носна секреција или затнато носе, грепкање на грлото, надразнителна сува кашлица, отежнато дишење, црвенило и осип по кожата како и нарушувања во варењето на храната се манифестираат кај се поголем број на деца.

Алергијата преставува сложен имунолошки процес во детскиот организам што настанува како резултат на влијанието на различни типови на супстанции (алергени). При тоа настанува цела низа на процеси – реакции на создавање на антитела од типот IgE како и различни видови на имунолошки комплекси од кои понатаму зависи и како ќе се манифестира целокупната реакција како здравствен проблем.

Децата во своето опкружување постојано се во контакт со секакви супстанции кој се и потенцијални предизвикувачи на алергиски реакции. Тие се наоѓаат насекаде околу нив (во домот, природата што не опкружува, училиштето, храната).

Алергените се делат во неколку групи од кои најчести се:

  • Инхалаторни алергени -aлергени присутни во воздухот (домашна прашина, полен, мувла, грини, влакна од миленичиња)
  • Нутритивни алергени – алергени присутни во прехранбените производи
  • Контактни алергени (козметички средства,хемиски препарати…)
  • Убод од инсекти што содржат отров (пчели, оси, стршлени).

Пролетта е време кога како најчест облик на алергија е алергијата на полен, која се нарекува и поленска кивавица. Обично почнува во март и може да трае се до крајот на октомври а ја предизвикува поленот од тревата, дрвата и плевелот.
Педијатарот е тој кој што ја поставува дијагнозата на сите алергиски манифестации кај децата и соодветно ги третира и следи.

Отстранете го секој сомнеж и бидете сигурни што е тоа што предизвикува алергија кај Вашето дете.
Кожните алерголошки тестови се најдобриот начин да дознаете на што Вашето дете е алергично
Тестирањето се реализира со внес на мали количини на алергени само под површината на кожата со мали површни убоди кои се прават со мала ланцета.

Точниот број на изведени тестови ќе зависи од специфичниот панел на алергени кои ќе се тестираат (панел со инхалациони алергени и панел со нутритивни алергени).
Тестирањето се изведува на внатрешната страна на подлактиците, кои по апликација на алергенот за 15 минути се отчитува одговорот на кожата.

Резултатите од тестот на кожата кај Вашето дете ќе бидат толкувани од страна на специјалист педијатар во контекст на медициската историја на симптомите и изложеноста на алергени.

Постапката:
-не е болна
-нема крв
-трае кратко и Вие како родител сте со Вашето дете.

Добиените резултати директно укажуваат на тоа дали се работи за алергија или не и точно се идентификува предизвикувачот на алергиската реакција.
Кога ќе се утврди вистинската причина за настанатата алергиска реакција многу е и поедноставно да се спречи и понатамошниот контакт со алергенот и да се ублажат симптомите со соодветен третман.

Во Жан Митрев Клиника д-р Станислава Анѓелеска специјалист педијатар ќе Ви помогне во справување со алергиските реакции и сите останати состојби кај Вашите деца.
За да закажете преглед јавете се во нашиот контакт центар на 02/ 3091-484

Алергиски ринитис кај деца

Алергискиот ринитис е глобален здравствен проблем кој засега огромен процент од популацијта без разлика на возраста, социоекономските услови или етничка припадност. Користејќи конзервативна проценка, алергискиот ринитис се јавува кај над 500 милиони луѓе ширум светот.
Во голем број земји, преваленцата на алергиска сензибилизација е често повисока од 50% од населението во некои возрасни групи.
Алергискиот ринит влијае на социјалниот живот, спиењето, училиштето и работата што всушност резултира со зголемувње на трошоците за негово менаџирање.

Што е алергија?

Алергијата претставува зголемена осетливост на организмот на одредени супстанци познати како алергени. При контакт на нашето тело со овие супстанци нашиот имун систем прави силна одбрамбена инфламаторна реакција.

Алергените вообичаено се делат на:

  • инхалаторни алергени: прашина, грини, смог
  • нутритивни алергени: храна
  • контактни алергени: козметички средства, лекови, хемиски препарати и др.

Алергискиот ринит е всушност најчесиот облик на алергиска реакција – алергија.

Што чуствуваме кога имаме алергиски ринитис?

Алергискиот ринитис, кој претставува воспалителна реакција предизвикана најчесто од инхалаторни, но и нутритивни алергени, може да даде различни симптоми. Тие варираат, но доминантни манифестации се: чешање и црвенило на носот и очите, зачестено кивање, затнатост на носот, или течење на водникав секрет, сува надразнителна кашлица, гребкање во грло.

Колку време не мачат симптомите на алергиски ринитис?

АР кај децата може да се јави во повремена и стална форма, односно да биде сезонски или целогодишен. Во однос на тежината на симптомите може да биде во лесна и тешка форма.

Кому да се обратите за справување со алергискиот ринитис на детето?

Алергиски ринитис е една од најчестите состојби за кои луѓето посетуваат специјалист оториноларинголог. Децата со горнореспираторни инфекции и алергиски ринитис ги прегледува оториноларинголог кој поставува дијагноза и потоа врши контроли. Алергискиот ринитис е состојба која доколку е несоодветно контролирана, може да влијае на целокупниот живот и развој на детето. Децата може да рчат ноќно време, да немаат добар сон, што потоа резултира со тешко будење наутро, поспаност во текот на денот, намалена концентрација во училиште и немање доволно енергија за физички активности.

Долго време се мислело дека децата помлади од две години не можат да развијат алергија затоа што нивниот имун систем не е доволно развиен. Но денес веќе е докажано дека и тукушто родени деца можат да направат алергиска реакција на вообичаени алергени како што се прашина, грини, влакна од домашни миленици куче и маче или пак алергија на храна. Кога организмот ќе препознае некој од алергените како туѓо тело, тогаш започнува со имунолошка реакција против истиот.

Како се дијагностицира алергиски ринитис?

Дијагнозата се поставува со ендоскопски преглед на носот при што се визуелизира слузокожата внатре. При алергиски ринитис таа е бледа, отечена, прекриена со проѕирен, сјаен, воденикав секрет. Често пати таа може да биде и сува. Носните школки се зголемени, отечени и најчето целосно ја затвораат носната празнина и дишењето е компромитирано, нарушено. Се прави и брис, а во земениот примерок често се присутни големи количини на еозинофили. Се прават и алерготестови од нутритивен и инхалаторен панел кои се од витално значење за типот на алергенот кој ја предизвикува алергијата. Меѓу другите тестови може да се направи назален тест со директно капнување на алерген, елиминациски тест на нутритивни алергени или тест за протеинска рамнотежа – повишени вредности на гама глобулини – алергија, бета глобулини – инфламација.

Како се лекува и контролира алергиски ринитис?

За да ги ублажиме симптомите на алергиски ринитис истиот треба да се дијагностицира правилно и навремено, а потоа да биде одреден соодветен пристап во однос на третманот и менаџирањето на истиот.
Според АРИА (асоцијација за алергиски ринитис и астма) може е да бидат преземени следните чекори:

  1. Избегнување или намалување на контакт со инкриминираниот алерген
  2. Хигиена на носната слузница- со физиолошки раствор, секое утро и вечер
  3. Примање медикаментозна терапија која може да биде системска и/или тописка. Системската опфаќа антихистаминици од втора генерација, инхибитори на левкотриенски рецептори. Додека пак тоописка опфаќа деконгестиви во форма на солени раствори, тописки кортикостероиди, тописки антихистаминици, комбинирани спрееви, тописки кромони, тописки холинергици
  4. Специфична имунотерапија СИТ
  5. Обука на пациентот за самоконтрола на алергискиот ринитис
  6. Хируршки третман.

Најдобар совет е секој пациент индивидуално да биде вклучен во контролирањето на сопствената алергија и алергиски ринитис, односно да се свесни и да ја разбираат својата состојба и да се обидат сами да ја поправат со помош на советите дадени од нивните лекари. Во случај кога имаат потреба да побараат совет од нив.

Во Жан Митрев Клиника д-р Данчо Шурков специјалист оториноларинголог, ќе ви помогне во справување со алергискиот ринит и сите останати состојби поврзани со уво-нос-грло. За да закажете пеглед, јавете се во нашиот контакт центар на 02/3091-484.

Блефаропластика – корекција на очни капаци

Очите претставуваат нај проминентен дел на горната третина на лицето кое е од големо естетско значење. Притоа, очите ја прикажуваат физичката состојба на пациентот со тоа што очите се знак за свежост на човекот. Самиот процес на стареење, како и на преостанатите делови на телото, доведува до губиток на еластичноста на кожата кое доведува до појава на спуштени очни капаци. Блефаропластиката претставува операција на очните капаци, што е постапка која се користи за корекција на спуштените капаци. Во тек на оваа хируршка интервенција, хирургот го отстранува вишокот на кожа, мускулно ткиво, во зависност од индикацијата и масното ткиво кое може да е хипертрофично во подрачјето околу очите.

Кој е добар кандидат за корекција на очните капаци?

Корекцијата на очните капаци првенствено ја побаруваат пациенти кои посакуваат естетски третман од доменот на anti-aging медицината, со цел да се превенира процесот на стареење. Опуштањето на кожата околу очите е природен дел од стареењето, но пациентите можат да размислат за оваа операција ако сметаат дека овој процес доведува до нарушување на изгледот. Пациентите помислуваат на блефаропластика и ако нивните веѓи почнуваат да се спуштаат. Кај некои особи, блефаропластиката ги надминува овие козметски проблеми. Апсолутна индикација за блефаропластика претставува спуштеност на очните капаци до ниво кое доведува до потешкотии на видот, во таа цел самата блефаропластика овозможува подобрување на видното поле особено кај особи кои имаат и слабост на мускулите кои овозможуваат подигнување на очните капаци, односно кај пациенти кои имаат птоза на очните капаци.

Зошто кожата околу очите брзо старее?

Познато е дека првите видливи бори најпрво се јавуваат токму во подрачјето на очните капаци. Тоа е затоа што периорбиталната мускулатура е многу активна, притоа кожата е многу тенка и бргу доаѓа до губиток на еластичноста што доведува до формирање на бори во оваа регија. Поради тоа веќе во средните години кај многу особи се формираат бори во подрачје на очните капаци а тоа допринесува да целото лице оддава изглед на старост. Ова е веќе доволна причина да се размисли за корекција на очните капаци.

Подготовка за оперативна корекција на очните капаци

Подготовката за операција на очните капаци е следна: Прво, потребно е иницијална консултација со пластичен хирург како би се консултирале за актуелната предоперативна состојба на пациентот, да се објасни предоперативната подготовка, оперативниот тек и постоперативниот третман. Во текот на прегледот потребно е да се направи клинички преглед со кое што ќе се направи дистинкција на спуштени очни капаци од постоење на птоза на очните капаци. Во текот на прегледот се прави фотографија на очите и периокуларната регија кои ќе послужат во натамошната споредба со постоперативниот изглед. Во натамошниот тек, на пациентот се советува да се престане користење на лекови и суплементи кои доведуваат до зголемување на ризикот за интраоперативно и постоперативно крварење. Исто така, доколку пациентот е пушач, се советува да се прекине или да се намали пушењето неколку недели пред закажаната хируршка интервенција.

Како изгледа процедурата корекција на очните капаци?

Кога е во прашање хируршка интервенција за корекција на очните капаци, во поголемиот дел од случаите се користи локална анестезија. Општа анестезија може да се користи ретко во зависност од желбата на пациентот. Во текот на операцијата прво се обработуваат горните очни капаци. Правило е да локацијата на резот да се одбере така да постоперативната лузна да биде во потполност скриена и невидлива. Тука хирургот прави мал рез и го отстранува вишокот на кожно ткиво, мускулно ткиво или по потреба и периорбиталното масно ткиво. Блефаропластика на долните очни капаци обично подразбира одстранување на маста (масното ткиво), кое допринесува создавање на кеси под очните, но понекогаш се одстранува и мал дел од кожното ткиво. Резот исто така може да се направи на работ на долниот очен капак под трепките на истиот. После изведената корекција на очните капаци, пациентот во најголем број случаи може да оди дома брзо по самата интервенција.

Опоравување после операција на очните капаци

Опоравувањето од самата блефаропластика е релативно кратко во однос на некои други врсти на операции. Доколку не се јават компликации, пациентот после операцијата може да оди дома. Важно е пациентот да одмори неколку дена после извршената операција на очните капаци. По спроведената операција, очекувана е појава на оток и хематом во периорбиталната регија, но овие очекувани појави се од минлив карактер. Во постоперативниот период не се очекува болка, но доколку се јави болка истата се третира со медикаментозна терапија во домашни услови. Комплетното закрепнување после операција на очните капаци може да е со траење од 1 до 2 недели и истото е индивидуално кај секој пациент.
Поради локалната апликација на анестетик во периорбиталната регија, очекувана постоперативна појава е транзиторно заматување на видот и осетливост на светлина.
После спроведената оперативна интервенција се советува избегнување на носење на контактни леќи во траење од минимум 2 недели.

После спроведената операција, пациентот се упатува на понатамошен третман во домашни услови, каде оперативните рани се прекриени со завоен материјал, но окото не е затворено и притоа не пречи на видот. Завојниот материјал потребно е да стои во траење од 5 дена. 5тиот постоперативен ден пациентот потребно е да се јави на преглед со цел да се отстрани шавниот материјал. Процесот на отстранување на шавниот материјал е безболен. Во домашни услови, со цел да дојде до спад на постоперативниот оток, препорачливо е поставување на облог.
По вадењето на шавниот материјал, на пациентот се даваат инструкции за понатамошен третман во домашни услови, локална апликација на хепатромбин маст со цел да се намали постоперативниот хематом, но доколку хематомот не е многу изразен, тогаш се препорачува масажа на периорбиталната регија со користење на хидратантна крема. 14 дена постоперативно пациентите повторно се јавуваат на преглед со цел да се увиди постоперативната состојба без присутен оток и без присутен хематом, по што се дава натамошна препорака за користење на средства кои ќе ја намалат видливоста на постоперативната лузна.

Можни компликации

Бидејќи корекцијата на очните капаци претставува минимално инвазивна оперативна интервенција, истата се спроведува во амбулантски услови во локална анестезија. Поради тоа, оваа хируршка процедура ретко е пратена со компликации, освен појавата на оток и хематом кои се јавуваат речиси кај 80% од пациентите. Покрај оток и хематом, секако во тек и по спроведената хируршка корекција на очните капаци можна е појава и на други компликации како што се крварење, дехисценција (расцепување) на оперативната рана, некроза, инфекција, но користењето на фина оперативна техника и спроведувањето на адекватна предоперативна подготовка речиси во целост ги спречува овие компликации.

Често поставувани прашања

Дали во ист акт може да се оперираат и горните и долните очни капаци на двете очи?

Може да се оперираат и горните и долните очни капаци во ист акт, но доколку е можно се советува да се корекцијата да се направи во два одвоени акти.

Дали користењето Botox може да ја замени оперативната корекција на очните капаци?

Botox-от претставува блокатор на невро-мускуларната синапса и на тој начин доведува до смалена подвижност на мускулите. Истиот, може да се користи за корекција на борите околу очните капаци наречени Crow’s feet, но во случај на постоење спуштеност на очните капаци особено доколку е пратено со постоење на слабост на фронталните мускули Botox-от може да ја влоши состојбата на спуштеност на очните капаци.

Дали во исти акт може да се направи хируршка корекција на очните капаци и апликација на Botox?

Поради миорелаксирачкиот ефект на ботулинскиот токсин, Botox се препорачува минимум 3 недели по спроведената оперативна корекција на очните капаци.

Дали постои некој помалку инванзивен начин на третман на спуштеноста на очните капаци?

Можна е не хируршка корекција со користење на COG-ови конци (мезоконци), но истиот не може да го замени резултатот на хирургијата, притоа ефектот е краткотраен со траење од 6-12 месеци.

Која е нај адекватна возраст за спроведување на оперативната корекција на очните капаци?

Препорака е блефаропластика да се спроведува кај особи кои се постари од 40 години, но секако клиничкиот изглед е различен од пациент до пациент така да може да се направи и на порана возраст.