Се соочувате со продолжено тагување? Има решение

Загубата на сакана личност е меѓу најпредизвикувачките моменти во животот и претставува еден од најчестите стресори. Загубата резултира со каскада од емоционални, когнитивни и бихејвиорални одговори кои всушност ја дефинираат тагата. Одговорите на тагата не се засноваат на однапред дефинирани фази, туку следат шаренолики обрасци додека луѓето се прилагодуваат на смртта на блискиот.

Повеќето луѓе кои доживуваат смрт на за нив важна личност, успеваат успешно да се прилагодат на загубата со текот на времето. Можно е, поединецот кој изгубил повеќе од еден близок, различно да ја доживее акутната тага. Врз ова доживување влијаат различните фактори како природата на односот со починатиот, и секако останатите околности поврзани со конкретната смрт.
Акутната тага обично вклучува период на интензивни емоции, преокупација на мислите и сеќавања за починатиот, што може да резултира со одреден период на намален ангажман во животот и занемарување на претходните активности. Акутната тага варира во нејзиниот интензитет и должина, и врз неа може да влијаат различни религиозни и културни елементи.

За повеќето ужалени лица, овој период на акутна тага е проследен со интегрирана тага. Тоа е периодот кога лицето веќе се прилагодило на загубата, тагата останала во заднина, а лицето значајно се реадаптирало во животот без покојниот.
Мора да истакнеме дека постои мало, но сепак не занемарливо малцинство луѓе кои доживуваат немилосрдни одговори на тагување и жалост, кои резултираат со функционално оштетување надвор од културните норми, што историски е означено како комплицирано, трауматично, упорно или патолошко. Од неодамна, ваквиот силен одговор добива консензуално име или велиме станува збор за нарушување на продолжено тагување.

Нарушувањето се карактеризира со зголемена и постојана ментална вознемиреност по загубата, односно:

  • интензивен копнеж/жалење за починатата личност,
  • или преокупираност со мисли или спомени за таа личност.

Децата и адолесцентите често пати се преокупирани со начинот на кој настапила смртта.
За да кажеме дека едно лице страда од ова нарушување на продолжено тагување (оттажување), односно за да ја категоризираме тагата како продолжено тагување треба загубата на блиската личност да се случила пред најмалку една година (кај возрасни лица кои тагуваат), или пред повеќе од 6 месеци (кај деца и адолесценти). Дополнително, кај лицето кое тагува мора да се присутни речиси секојдневно (во последниот месец пред дијагнозата) најмалку 3 од подолу наведените симптоми.
Симптоми:

  • Нарушување на идентитетот (чувство како да е изгубен дел од себе си),
  • Нагласено чувство на неверување за смртта,
  • Избегнување на фактот дека лицето е мртво,
  • Интензивна емоционална болка (како лутина, горчина, тага) поврзана со смртта,
  • Тешкотии со реинтеграција (како што се проблеми на продложување на комуникација со пријателите, заинтересираност за следење интереси, хобија или планирање на иднината),
  • Емоционална вкочанетост (отсуство или значително намалување на емоционалното искуство),
  • Чувство дека животот е бесмислен,
  • Интензивна осаменост (чувство дека сте сами или одвоени од другите).
    Покрај сето ова, тагувањето на лицето трае подолго отколку што може да се очекува поврзано со социјалните, културните или религиозните норми.

Колкави се шансите да ви се случи?

Се проценува дека меѓу 7% и 10% од ужалените возрасни ќе доживеат постојани симптоми на нарушување на продолжено тагување (Szuhany et al., 2021). Помеѓу децата и адолесцентите кои изгубиле некој близок, околу 5% до 10% ќе доживеат депресија, посттрауматско стресно растројство и/или продолжено нарушување на тагата по преживеаното.

Ризик фактори за продолжена тага:

  • Повозрасни лица,
  • Лица со постоечка психичка болест (особено депресија, биполарно афективно растројство),
  • Негувателите, особено ако се грижеле за партнерот или имале депресија пред загубата,
  • Недоволна подршка од социјалната средина,
  • Ако смртта на саканата личност се случува многу ненадејно или под трауматски околности (Szuhany et al., 2021).

Нарушувањето продолжено тагување често се јавува заедно со други ментални нарушувања како што се посттрауматско стресно растројство, анксиозност или депресија. Mоже да влијае на општото здравје, да предизвика појава на рак, или лицата да пристапат кон злоупотреба на психоактивни супстанции. Проблемите со спиењето се исто така чести. Oколу 80% од луѓето кои страдаат од ова нарушување доживуваат долгорочно пореметување на сонот.

Третман

За повеќето луѓе, симптомите поврзани со тагата по смртта на близок се намалуваат со текот на времето и не влијаат на нивното секојдневно функционирање. Иако чувствата и симптомите на тага понекогаш може да се зголемат во различни временски периоди, тие обично не бараат третман за ментално здравје.
Сепак, за луѓето кои развиваат поинтензивни, тековни симптоми на продолжено тагување, достапни се третмани базирани на докази. Утврдено е дека третманите со елементи на когнитивно-бихејвиорална терапија (КБТ) се ефикасни во намалувањето на симптомите.

Еден вид третман, комплициран третман на тага, вклучува компоненти на КБТ и други пристапи за да помогне да се прилагоди на загубата. Се фокусира и на прифаќање на реалноста на загубата и на реставрација – работа кон целите и чувство на задоволство во свет без саканата личност.

КБТ, исто така, може да биде корисен во решавањето на симптомите што се јавуваат во склоп на оваа состојба, како што се проблемите со спиењето.

Групите за поддршка на тага може да обезбедат корисен извор на социјална поврзаност и поддршка. Тие можат да им помогнат на луѓето да се чувствуваат помалку осамени, со што ќе помогнат да се избегне изолацијата која пак дополнително може да го зголеми ризикот од продолжено тагување.

Во моментов нема лекови за лекување на специфични симптоми на тага. Третманот опфаќа симптоматско лекување на постоечките симптоми, самостојно и/или во комбинација со психотерапија.

За да закажете термин кај нашите психотерапевти обратете се на 02/3091-484

Холестерол: причини, видови и превенција

Холестеролот е супстанца која природно се наоѓа во телото и е од суштинско значење за правилно функционирање на клеточниот ѕид. Меѓутоа, кога има вишок на холестерол во крвта, тој може да се акумулира во ѕидовите на артериите и да предизвика кардиоваскуларни проблеми.

Кои се причините за холестерол

Најголем дел од холестеролот се создава во црниот дроб, но може да се внесе и преку конзумирање на одреден вид на храна. Затоа, најчеста причина за зголемено ниво на холестерол е внесот на заситени масти како што се оние кои се наоѓаат во путерот, необезмастените млечни производи, јајцата, пецивата и преработените месни производи.

Други причини кои можат да придонесат за зголемен холестерол се:

  • Седентарен начин на живот
  • Дебелина
  • Хипотироидизам
  • Дијабетес
  • Проблеми со бубрезите
  • Семејна историја на високо ниво на холестерол.

Какви видови на холестерол постојат?

Постојат два вида на холестерол:

  • Холестерол HDL или добар холестерол: го влече холестеролот од крвта до црниот дроб за да се елиминира, поради што се смета за добар за нашето кардиоваскуларно здравје.
  • Холестерол LDL или лош холестерол: го носи холестеролот од црниот дроб до ткивата на телото.

Ако нивото на холестерол во крвта е повисоко од нормалното, може да се акумулира во ѕидовите на артериите во форма на наслаги, со тоа правејќи ги потесни и на тој начин зголемувајќи го ризикот од коронарна срцева болест.

Како се мери холестеролот?

Холестеролот се испитува преку крвна анализa (многу е важно да сте гладни пред тестот за податоците да бидат сигурни).

Нивоата на холестерол се мерат во милиграми на децилитар (mg/dL), а нормалните (здрави) вредности за возрасни се прикажани подолу:

  • Вкупен холестерол: 125 до 200 mg/dL
  • LDL: Помалку од 100 mg/dL
  • HDL: 40 mg/dL или повисоk (за мажи) и 50 mg/dL или повисок (за жени)

Колку често треба да се прави тест за холестерол?

Сo прегледи за прв пат треба да се започне пред 35 години – за мажи, односно пред 45 години за жени.
А некои студии, препорачуваат да се започне на возраст од 20 години.

Вредностите на холестерол во крвта треба да се следат и затоа е потребно да се прават последователни тестови:

  • Aко резултатите биле нормални, на секои 5 години.
  • Kај лица со дијабетес, висок крвен притисок, срцеви заболувања, мозочен удар или проблеми со протокот на крв во нозете или стапалата, фреквенцијата треба да биде поголема.
  • Барем еднаш годишно ако земате лекови за контрола на високoто ниво на холестерол.

Како може да се спречи холестеролот?

За да се спречи покачен холестерол, се препорачува следното:

  • Одржувајте врамнотежена исхрана без заситени масти, како што е медитеранската исхрана богата со зеленчук, мешунки, житарки и овошје.
  • Правете физички вежби редовно.
  • Избегнувајте тутун бидејќи истиот влијае во намалување на добриот холестерол (HDL).

Во Клиничката болница Жан Митрев дијагностицираме и третираме секаков вид медицинска патологија во координација со кардиолози, гастроентеролози и останатите медицински и хируршки специјалисти. Можеме да Ве советуваме и да ги решиме сите Ваши сомнежи на персонализиран начин.

Закажете го Вашиот преглед на 02 3091 484

Децата на прво место, тие се украс на светот!

Децата на прво место, тие се украс на светот!

Секое дете заслужува најдобра медицинска заштита и грижа. Во оваа смисла клучен е сеопфатниот пристап за зачувување и подобрување на детското здравје од страна на специјалист педијатар. Било да станува збор за сензитивниот период на брз раст и развој или пак најраната возраст од раѓањето, па се до нивната адолесцентна возраст. Во нашата клиника достапни се специјалистички педијатриски прегледи за здрави и болни деца со различна патологија и проблеми.
Сега сме во сезона на чести респираторни инфекции каде што најзасегнати се нашите најмили, затоа е потребна навремена дијагноза и третман на горните и долните респираторни инфекции (бронхиолит, бронхит, пневмонија).
Со новововедениот антигенски тест се овозможува брза и точна детекција на 5 најчести причинители на респираторни инфекции, а со тоа навремено и ефикасно лекување (Influenza A+B, RSV-Respiratory Syncytial virus, Adenovirus, Mycoplasma Pneumonia и SARS- COV-2). Тестот се прави со земен назофарингеален брис (од нос и грло) кои што резултати се добиваат за половина час.

За да закажете специјалистички педијатриски преглед за вашето дете кај специјалист педијатар д-р Станислава Анѓелеска јавете се на 02 /3091-484

Д-р Митрев до претседателот на ЗНМ: Зошто не смеам да ја кажам својата страна и зошто секој новинар што разговара со мене треба да биде ставен на јавен линч.

Д-р Жан Митрев испрати писмо до претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски во кое го повикува за поголема заштита на новинарите кои се ставени на јавен линч поради објавување информации за случајот за Клиниката Жан Митрев и за докторот. Митрев елаборирајќи го односот од страна на ИРЛ кон сите медиуми и новинари што ќе објават информација или интервју со него, посочува на непостоење на елементарното право на слобода на говор и мислење а со тоа и нарушување на Кодексот на новинари со постојани напади на независно изнесените факти и страната на Клиниката Жан Митрев.

„Сведоци сте дека секој обид да ја прикажам мојата страна на приказната во јавност наоѓа на напади кон мене и новинарите кои ме интервјуираат или ја пренесуваат веста. Сакам да ви поставам прашање според кој етички новинарски кодекс јас не смеам да ја кажам својата страна и според која колегијалност секој новинар што ќе разговара со мене треба да се стави на јавен линч. Дали новинарите на ИРЛ се и истражители, и адвокати, и обвинители, и судии? Дали според некој кодекс нивниот збор треба да е последен и дали јас како личност немам право да комуницирам со новинари? Не го разбирам јас овој концепт на новинарство кога некој не смее да каже нешто. Нели сите сме за почитување на јавно искажаниот став без разлика каков е и за слобода на говорот. Зарем мене треба таа слобода да ми биде одземена бидејќи некој сака да ме прикаже во светло кое не е вистината. Дали јас не треба да се обидам да ја прикажам вистината? Ве прашувам Вас бидејќи најлошо е некој да се обиде да се замолчи, а во исто време да се линчува јавно без никаква причина“, пишува во писмото д-р Митрев.

Со целосно разбирање за новинарската професија и истражувачкото новинарство, д-р Митрев отворено го поздравува секој чекор на истражувачко новинарство, но вистинско и со јасно претставување на двете страни. Тој во писмото до претседателот на ЗНМ, ја објаснува својата позиција во која се наоѓа и причините што доведоа до тоа: „Се соочувам со можеби најтешката криза што ја имам лично и мојата Клиника поради натписите во ИРЛ каде бев обвинет дека правам експерименти врз пациенти, дека не сум доктор, дека ‘заработувам’ на здравјето на луѓето. Употребени беа квалификации како ‘убиец, д-р Менгеле’ и слични зборови на омраза со кои неосновано ме етикетира во нешто што јас не сум. Работам во оваа држава со децении, се обидувам да направам најдобро што можам и искрено се обидувам да бидам максимално толерантен на сите напади. Особено бидејќи станува збор за човечки животи. Со вашиот претставник имавме комуникација кога се снимаше интервјуто на ИРЛ каде сакав само да се заштитам од вадење од контекст на моите одговори што и самиот сте свесен се случува понекогаш во некој новинарски прилог, некогаш поради временското ограничување, некогаш поради немарност. Со ИРЛ бевме договорени да се објави целосното интервју по емисијата на каналот YouTube што истото не беше испочитувано. Не барав многу од нив за да не добијам ништо“, објаснува д-р Митрев.

Д-р Митрев во писмото уште потенцира дека заради разбирање на сензитивноста на новинарската работа, ја повлече тужбата за ИРЛ, но истовремено не разбира како овој личен чин е негативен?

“Не разбирам зошто додека трае процесот не смеам да се појавам во јавност? Па јас сум обвинет, не сум осуден. Дали ме осудија вашите колеги пред судот? Дали ми го одземаат зборот што имам право да го кажам?
Вас ве молам за разбирање на ситуацијата во којашто се наоѓам. Не сакам да креирам дополнителни проблеми, но не сакам да останам нем за да задоволам нечии задни намери. Ќе продолжам да работам, да се борам да ја докажам вистината и Ве молам да ги заштитите Вашите колеги кои се ставени на јавен линч поради мене“, го завршува писмото д-р Митрев.

Миоми во матка – симтоми, дијагноза и третман

Се проценува дека четири од пет жени на возраст меѓу 30 и 50 години може да имаат миоми/фиброиди на матката. Во повеќето случаи станува збор за бенигни тумори кои не даваат симптоми. Сепак кај една третина од пациентите може да се јават: обилно крварење за време на циклусот, абдоминална болка, непријатност при сексуален однос итн.
Освен болката, миомите можат да предизвикаат анемија и да влијаат сериозно на квалитетот на животот на жената. Тие можат да придонесат и за неплодност бидејќи нивното постоење го отежнува имплантирањето на ембрионот, што резултира со повторени спонтани абортуси.

Што се миомите на матката?

Познати уште како фиброиди, тие се абнормални маси, бенигни тумори кои растат во матката, но понекогаш се појавуваат и на грлото на матката.
Фиброидите можат да пораснат на мускулниот ѕид на матката кон внатре и кон надвор. Овие израстоци обично не се канцерогени и немаат тенденција да станат канцерогени.
Оваа бенигна патологија е многу распространета. Така дури 80% од жените некогаш во текот на нивниот живот ќе се судрат со фиброиди. Нивното лекување се препорачува само кога тие предизвикуваат симптоми или го отежнуваат забременувањето.
Фоибродите според тоа каде се наоѓаат вообичаено се делат во три категории: субсерозни, интрамурални и субмукозни. Приближно 55% од фиброидите се субсерозни, 40% се интрамурални и 5% се субмукозни.

Кои се причините за појава на миомите?

Причините за појава на миомите се непознати, но се смета дека се тесно поврзани со женските хормони: естроген и прогестерон.
Во менопаузата, кога овие хормони исчезнуваат, растот обично престанува, дури и големината може да се намали. Но, обично не исчезнуваат целосно.

Видови фиброиди

Фиброидите може да се класифицираат според нивната локација:

  • Во внатрешниот дел на мускулниот ѕид на матката – субмукозни фиброиди.
  • Во средниот дел на мускулатурата на матката, без испакнување ниту внатре ниту надвор: интрамурални.
  • Во површинскиот дел од ѕидот кои се туркаат кон надвор: субсерозни фиброиди.

Кои се симптомите?

Симптомите предизвикани од фиброидите зависат од нивната локација и нивната големина. Нивната големина може да варира од микроскопски димензии до големи колку портокал или дури и поголеми. Сепак, обично оние со големи димензии се тие кои јавуваат најсериозни симптоми.

Повеќето од овие бенигни тумори се мали и не предизвикуваат симптоми, но долгите менструации, болка и притисок во карлицата можат да бидат дел од знаците.

Како симптоми најчесто се:

  • Абнормално крварење, обилни менструации или крварење меѓу циклусите.
  • Карлична и/или лумбална болка.
  • Уринарна инконтиненција.
  • Стерилност, во низок процент.
  • Непријатност при сексуален однос.
  • Запек поради притисок врз ректумот.

Како се дијагностицираат?

Дијагнозата се поставува со гинеколошки преглед, вагинален преглед или абдоминална палпација. Гинеколошкиот ултразвук ги идентификува фиброидите на матката дефинирајќи ја нивната локација и големина.

Како се третираат миомите?

Третманот се препорачува само доколку предизвикуваат симптоми и потоа во зависност од возраста на жената, нејзините преференции итн. се избира соодветен третман.

Постојат неколку видови на третман:

  • Комбинираните хормонски контрацептиви често го намалуваат крварењето.
  • Аналози на гонадотропин-ослободувачки хормон. Тие обично се користат само пред операција за намалување на големината на миомот.
  • Модулатори на прогестерон. Тој е многу ефикасен во намалувањето на големината на миомот, а исто така и на крварењето, но може да предизвика сериозни несакани ефекти.
  • Емболизација на артериите кои одат до израстокот. Целта е да се прекине снабдувањето со крв на миомот со инјектирање на васкуларните оклузивни материи преку катетер.
  • HIFU. Ги уништува фиброиди со помош на ултразвук. Брза интервенција која не бара засеци. Ефикасно е за оние интрамурални фиброиди кои не надминуваат 7-8 cm во големина.
  • Радио фрекфенција. Се изведува вагинално, со тенка игла која нанесува топлина во внатрешноста на миомот и го некротизира ткивото.
  • Операција со која се зачувува матката. Се состои од отстранување на фиброиди со помош на техники како што се лапароскопија, хистероскопија или лапаротомија.
  • Хирургија. Хистеректомија, или целосно отстранување на матката, може да се направи лапароскопски. Оваа операција е индицирана само кај жени кои повеќе не сакаат да имаат деца и сакаат да ги решат симптомите на фиброиди.

Во Клиничката болница Жан Митрев располагаме со тим специјалисти кој ќе помогне во изнаоѓање на решение за третман на фиброиди и сите други гинеколошки и уро-гинеколошки проблеми.
Закажете го вашиот термин на 02 3091 484

Д-р Жан Митрев бара од странските амбасади активно следење на процесот на ОЈО поради несериозниот и површен пристап

Д-р Жан Митрев и Клиничката болница Жан Митрев испратија писма до амбасадите на САД, Франција, Германија, Велика Бритранија, Холандија и до Делегацијата на ЕУ во државата со кои ги информираа за текот на истрагата во случајот против докторот и Клиниката. Покрај информирањето со писмото се упатува повик за нивното внимание и поголем мониторинг на одвивање на целата истражна постапка и основаноста на обвинението, поради досегашното површно иследување на постапката.

“Ви се обраќам со намера да Ве информирам и запознам за случајот што верувам дека може да остави длабоки траги во општественото живеење, во перципирањето на здравствената професија и случај што претендира да воведе лоша пракса во правосудниот систем во државата. Ваквите примери можеби се ретки, но и како такви може да предизвикаат штета со далекусежни последици”, стои во писмото до амбасадите и европските претставништва.

Во писмото, д-р Митрев осврнувајќи се на работата на клиниката, со акцент на периодот од Ковид пандемијата за кога се однесува обвинението и кога Клиничката болница Жан Митрев го има највисокиот процент на успех во третманот на пациенти со Ковид-19, со 74,6% излечени од сите случаи, додека пак смртноста е 25% наспроти 51,5% во другите болници, го потенцира општествено значење на клиниката затоа што нуди врвна медицинска нега, максимален професионален ангажман и посветеност на добросостојбата на пациентот и надеж за излекување и за живот, дури и кога тоа не било случај во другите клиники.

“И покрај овие резултати, и покрај пожртвуваната работа на целиот тим, денес Клиничката болница Жан Митрев и моето име и дело се предмет на истрага за која имаме основани сомневања дека се спроведува површно без да се навлезе во суштината.
Со ваквиот пристап не само што се занемаруваат многу елементи коишто се факти сами по себе, туку и се спречува фактичната вистина што нашите пациенти ја знаат и ја доживеале, што ние како персонал на клиниката сме ја доживеале, да биде докажана и институционално потврдена. Ваквиот површен пристап, што само ја гребе површината на приказните за борбата за живот и ја девалвира пожртвуваноста на целосниот персонал на Клиниката Жан Митрев, кој во тие моменти грижата за пациентите со Ковид 19 и последици од коронавирусот ги стави пред себеси и своите семејства”, наведува во писмото д-р Митрев.

На крајот од писмото повторно се упатува повик за зголемен мониторинг на процесот заради несериозниот и површен пристап: “Сведоштва за несериозноста и нецелосно иследување пристигнуваат од сите оние што се повикани како сведоци и кои можат најавтентично да посведочат како се боревме за животот и колку животи спасивме.

И затоа Ви се обраќам со надеж и желба дека ќе го поттикне Вашиот интерес и ќе го побуди Вашиот фокус на мониторинг на овој случај. Верувам во една вистина, онаа што е поддржана со факти, и онаа што некој ја доживеал, треба само да се создадат услови за истата да ја види светлината на денот и да се толкува таква како што е, недвосмислено и целосно”, го завршува писмото д-р Митрев.

ФМС – кога и зошто се користи функционална магнетна стимулација?

Новата услуга FMS FORM може да се спроведува како дел од услугите на одделот за естетска медицина но со предходно спроведена физиотерапевтска проценка – т.е со претходно спроведено мерење обем на екстремитети, BMI, анамнеза, прибирање на информации за болни состојби, проверка за сите индикации и контраиндикации според протоколот за употреба на Tesla Stym.

FMS уредот е развиен од производителот Искра Медикал наменет за зајакнување на мускулите со помош на специјалната технологија ФМС – Функционална магнетна стимулација. Пулсното магнетно поле генерирано од уредот предизвикува контракција на мускулите без потреба од директен контакт со кожата. ФМС е ефикасен начин за градење мускули и контурирање на телото.

Третманот со ФМС ја зголемува силата и издржливоста на афектираните мускули и ја зголемува потребата за употреба на мускулна енергија. Мускулната енергија се произведува од локалното масно ткиво, што доведува до намалување на маснотиите. Во споредба со електро-мускулната стимулација, магнетното поле е попријатно, овозможува длабока пенетрација во хетерогено биолошко ткиво и не бара директен контакт со кожата.

ФМС не ги стимулира нервите на болка на површината на кожата и затоа е попријатен од класичната електро-мускулна стимулација. Магнетното поле поминува низ облека, ткивата и коските со што пенетрира до инаку недостапни области. ФМС генерира магнетно поле длабоко во телото и со тоа ги стимулира мускулите до кои не може да се стигне со помош на електро-мускулна стимулација. Брзите промени на интензитетот на магнетното поле предизвикуваат електрична струја во невронот. Овој феномен се нарекува електромагнетна индукција. Штом струјата достигне одредена вредност, се постигнува таканаречен невронски акциски потенцијал. Ова предизвикува деполаризација на невронот, што на крајот доведува до целосна мускулна контракција.

Регии кои што може да се третираат со Tesla Former апаратот се: абдомен, глутеус, нозе, раце…

Број на третмани: минимум 8 до 10 третмани за една иста регија, (секој втор ден бидејки е потребно еден (1) ден одмор на мускулите помеѓу два третмани на иста регија). Третманот може да се спроведува и секој ден но само доколку се третира друга регија, тогаш бројот на третмани треба да се дуплира со цел секоја регија да добие ист број на третмани за да може да се очекуваат резултати.

Овој тип на третман може да се комбинира со мануелна лимфна дренажа, кинезиотејпинг, вежби и други физиотерапевтски третмани.

Индикации за оваа услуга

• Обликување на телото
• Намалување на целулит
• Подобрување на микроциркулацијата
• Забрзување на протокот на лимфа
• Зголемување на мускулен тонус
• Затегнување на кожа
• Зацврснување на мускулатурата
• Опуштање на мускулатуратa

Контраиндикации

• Бременост
• Рак
• Eпилепсија
• Целосно скината мускулатура на или во близина на местото на стимулација
• Пејсмејкер
• Тешки активни белодробни заболувања
• Пумпи за лекови
• Феромагнетни импланти на или во близина на регијата за третман
• Ендометриоза
• Отворени рани на или во близина на регијата за третман
• Срцева аритмија

Цена за третман 1800 денари. Закажете го вашиот термин на 02 3091 484

Блаже Арсов
Дипломиран физиотерапевт

Досега необјавено ИНТЕГРАЛНО интервју на д-р Жан Митрев за ИРЛ

Со цел јавно, транспарентно и директно информирање на јавноста ја објавуваме целосната снимка од интервјуто на д-р Жан Митрев дадено за екипата на ИРЛ. Интервјуто што е поставено на Јутјуб каналот и достапно за гледање, е автентично, без никакви интервенции и монтирање. Ги содржи сите прашања и одговорите од д-р Митрев, целосните одговори без сечење, лепење и комбинирање на одговори од различни прашања како би биле извадени од контекст и ставени во функција на намерата на ИРЛ да се оцрни и обвини докторот.

На снимката јасно се гледа дека д-р Митрев е отворен да одговори и одговара на сите прашања и токму затоа бара неговите одговори да бидат објавени целосно без да се интервенира и без да се комбинираат одговори од различни прашања, со цел да се заштити вистината и фактичката состојба. Сепак сомнежите во намерите на ИРЛ и целта на правењето на овој документарец се потврдија затоа што токму тоа е направено во документарецот на ИРЛ, дадените одговори се сечени, лепени и комбинирани и вадени од вистинитиот контекст и ставени во друг, тенденциозен и далеку од вистината.

При снимањето на интервјуто ИРЛ вети дека целосната снимка ќе ја објави на Јутјуб, но иако поминаа шест месеци, тие не го објавија целосното интервју. Токму ова зборува за нивната интенција да се креира случај таму каде што нема и за тенденциозноста на целата приказна.

Зошто ИРЛ го прави овој документарец, зошто во документарецот не се опфатени сите информации, зошто ИРЛ не ја објави целосната снимка од интервјуто? Одговорот на овие прашања е во снимката и настапот на екипата на ИРЛ пред отвореноста и целосната соработка на д-р Митрев и Клиниката Жан Митрев.

Целосното интервју на д-р Жан Митрев дадено за ИРЛ и досега необјавено е достапно за гледање.