Причини, компликации и решенија за синдром на полицистични јајници

Синдром на полицистични јајници (PCOS –polycystic ovarial syndrome) е гинеколошко хормонално заболување кое се јавува кај жените во репродуктивна возраст. Жените со PCOS често имаат ретки или продолжени менструации, имаат високи нивоа на машки хормони (андрогени) и често на јајниците имаат многубројни мали цисти (фоликули) со големина до 10mm кои не успеваат да ги ослободаат јајце клетките во средината на менструалниот циклус.
Точната причина за појава на PCOS е непозната. Раната дијагноза и терапија заедно со регулирање на телесната тежината може да го намалат ризикот од појава на долгорочни компликации како што се дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.
Симптомите на PCOS често се појавуваат во адолесценцијата, но понекогаш се развиваат подоцна, на пример како резултат на значително зголемување на телесната тежина.

Симптомите на PCOS варираат, но најчесто се следниве:

  • Нередовни менструации. Ретки, неправилни или продолжени менструални циклуси се најчестиот знак на PCOS.
  • Вишок андроген. Влакна на лицето и телото (хирзутизам), а понекогаш акни и ќелавост од машки тип.
  • Полицистични јајници. Јајниците може да бидат зголемени, со голем број на неруптурирани фоликули, односно јајниците не функционираат нормално.
    Знаците и симптомите на PCOS обично се потешки доколку имате прекумерна телесна тежина.

Причини

Точната причина за PCOS е непозната. Фактори кои можат да играат улога се:

  • Вишок на инсулин. Инсулинот е хормон произведен во панкреасот кој им овозможува на клетките да користат шеќер. Ако вашите клетки станат отпорни на дејството на инсулинот, тогаш нивото на шеќер во крвта се зголемува и вашето тело произведува повеќе инсулин. Вишокот на инсулин може да го зголеми производството на андрогени, предизвикувајќи тешкотии со овулацијата.
  • Хронично ниско ниво на инфламација. Овој термин се користи за да се опише производството на инфламаторни маркери што ги стимулира полицистичните јајници да произведуваат андрогени, што може да доведе до проблеми со срцето и крвните садови.
  • Наследност. Истражувањата сугерираат дека одредени гени може да се поврзани со PCOS.
  • Вишок андроген. Јајниците произведуваат високи нивоа на андрогени, што резултира со хирзутизам и акни.

Компликации

  • Неплодност
  • Гестациски дијабетес или висок крвен притисок
  • Спонтан абортус или предвремено породување
  • Метаболен синдром – група на состојби вклучувајќи висок крвен притисок, висок шеќер во крвта и абнормални нивоа на холестерол или триглицериди кои значително го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести
  • Дијабетес тип 2 или преддијабетес
  • Депресија, анксиозност и нарушувања во исхраната
  • Абнормално крварење од матката
  • Рак на слузницата на матката (рак на ендометриумот).

Терапија

Терапијата на PCOS се фокусира на индивидуалните проблеми и потреби, како што се неплодност, хирзутизам (влакнетост), акни или дебелина.

Промени на животниот стил

Намалување на телесна тежината преку нискокалорична диета во комбинација со умерени активности за вежбање. Губењето тежина, исто така, може да ја зголеми ефикасноста на лековите за PCOS и може да помогне при неплодност.

Лекови

Регулација на менструален циклус

  • Комбинирани апчиња за контрацепција. Таблетите кои содржат естроген и прогестин го намалуваат производството на андрогени и го регулираат естрогенот.
  • Прогестинска терапија. Земањето прогестин 10 до 14 дена на секои еден до два месеци може да го регулира менструалниот циклус и да штити од рак на ендометриумот.

Лечење на неплодност со:

  • Стимулатори на овулација како Кломифен, Летрозол (Фемара), Гонадотропини.
  • Метформин, тој е лек за дијабетес тип 2 ја подобрува инсулинската резистенција и го намалува нивото на инсулин.
  • Анти андрогени како Спиронолактон (Алдактон). Овој лек ги блокира ефектите на андрогените на кожата. Спиронолактонот може да предизвика вродени дефекти, затоа е потребна ефикасна контрацепција додека го земате овој лек.

За да ги намалите ефектите од PCOS, обидете се да:

  • Ја регулирате својата тежина. Губењето на тежината може да го намали нивото на инсулин и андрогени и може да ја врати овулацијата.
  • Го ограничите внесот на јаглехидратите.
  • Бидете активни. Вежбањето помага да се намали нивото на шеќер во крвта. Ако имате PCOS, зголемувањето на вашата дневна активност може да ја третира, па дури и да спречи резистенција на инсулин.

Како да знаете дали вашето дете страда од несоница?

Како детска несоница се категоризира состојбата при која се појавуваат: потешкотии при заспивање кај децата или многу лесен сон или чести ноќни будења (до 15 пати) со неможност да заспие без помош од родител/старател.
Кај децата често е присутно нарушувањето на сонот. Се проценува дека голем број од посетите на педијатар се поврзани токму со некој проблем со спиењето.

Еве неколку знаци кои би можеле да покажат дека вашето дете доживува несоница:

  • Тешкотии со заспивање: Ако вашето дете има проблеми со заспивањето, често се буди во текот на ноќта или се буди рано наутро и има проблеми со повторното заспивање, тоа може да биде показател за несоница.
  • Несоодветен распоред на спиење: Останувањето до доцна и тешкото станување наутро може да биде знак за проблеми со спиењето.
  • Поплаки за замор или поспаност во текот на денот: Ако вашето дете се жали дека се чувствува изморено или поспано во текот на денот, дури и откако имало можност да спие доволно, тоа може да биде показател дека не спие мирно во текот на ноќта.
  • Промени во однесувањето или расположението: Тие може да се манифестираат со тешкотии во концентрацијата, промени во училишните перформанси или раздразливо однесување.
  • Отпор пред спиење: Ако вашето дете покажува значителен отпор пред спиење и има анксиозност или грижа поврзана со спиењето, ова може да укаже на несоница.
  • Важно е да се напомене дека децата може да имаат повремени тешкотии да заспијат поради конкретни ситуации, како што се стресни настани, промени во рутината или здравствени проблеми. Меѓутоа, ако проблемите траат подолг временски период и влијаат на квалитетот на животот на детето, потребно е да се побара помош со цел решавање на проблемот.

Ако се сомневате дека вашето дете доживува несоница, препорачливо е да се консултирате со вашиот педијатар. Докторот може да ви помогне да ги идентификувате можните причини и да понуди конкретни стратегии и препораки за подобрување на навиките за спиење на вашето дете или пак, да ви препорача соодветна медицинска терапија.

Нашите специјалисти педијатри ви стојат на располагање. Закажете преглед за вашето дете на 02 3091 484

Интервју со д-р Данчо Шурков – Воспаление на крајници кај децата

Операциите на крајници тонзилектомија, аденоидектомија или тонзилоаденоидектомја се операции кои најчесто се вршат во детска возраст. Што го предизвикува воспалението на крајниците, како изгледат воспалени тонзили, кој е начинот на третман и кога се поставува индикација за тонзилектомија? Како се изведуваат хируршките интервенции за отстранување на крајниците, и колку време е потребно детето да им се врати на своите секојдневни обврски? Одговор на овие и други прашања поврзани со воспаление на крајниците кај децата дава д-р Данчо Шурков, специјалист оториноларинголог.

Есента е период кога воспаленијата на крајниците се многу чести кај децата. Што го предизвикува воспалението на крајниците и како се шири инфекцијата?

Д-р Шурков: Есента е период кога детскиот организам треба да се адаптира на пониските температури, на зголемените температурни разлики , а тоа доведува до намалување на отпорноста на детскиот имунитет. Намалувањето на температурите и почетокот на училишната година влијае на зголемување на отпорноста на вирусите и бактериите. Мешањето со нови деца, затворање по училници, клубови, игротеки, занимални придонесува за брзо ширење на овие надворешни агенти.

Крајниците се парен лимфен орган на имуниот систем, изграден од епителни набори и јамички во кои има бројни лимфни , крвни садови, клетки на ретикуло-ендотелниот систем , лимфоцити , фагоцити. Сите крајници се организирани во Валдејеров прстен со локализација околу устата и носот т.е влезната врата на повеќето патогени агенси. Тука спаѓаат непчани тонзили, тубарните тонзили, јазични тонзили, третиот крајник /аденоидни вегетации/ и лимфните јазли распоредени по вратот.

При навлегување на некој патоген организам во организмот, нашиот имунитет има прво единица за детектирање и запамтување на тој патоген, потоа формира клетки убијци за да го униптат или да го фагоцитираат. Тоа е сложен процес кој за да се формира мора да навлезат патогените во организмот, а потоа на секое навлегување нашиот имунитет ги памети и започнува да ја формира својата одбрана. Така децата го градат постепено својот имунитет. Најчести причинители се вируси /инфлуенца вируси, аденовируси тип3, аденовируси тип4, коксаки вируси, херпес зостер вирус, епштејн-бар вирус/, бактерии /бета хемолитичен стрептоко, пиоген стрептокок,пнеумокок, стафилококи/, а често е изолирана мешана бактеријална флора. Овие инфекции се јавуваат како последица со намалувањето на надворешните температури, со почеток на училишните години и градинките.

Крајниците се првата одбрана на организмот од инфекции и влезна врата на микроорганизмите во организмот. Како изгледаат воспалени крајници и кој е начинот на третман?

Д-р Шурков: Распределбата на лимфното ткиво околу устата и носот во еден круг наречен Валдејеров прстен е со цел да биде пресретнат и пречекан секој надворешен микроорганизам кој навлегува во нашиот организам. По навлегување на вирусот или бактеријата во усната шуплина почнува да се размножува и да иритира, да прави инфекции. Во тој момент се активира имунитетот со голем број биохемиски процеси кои се одвиваат на ниво на крајници со цел да се уништи надворешниот агенс и да се одбрани организмот. Колку побрзо се активира имунитетот, толку побрза и поадекватна ке биде одбранбената реакција. Кај чести вакви случаи со инфекции на грло и крајници, во самите крајници се променуваат структурно, во нив се развива фиброзно ткиво, а тоа пречи на брз одговор на имунитет, се додека целосно ја изгубат функцијата и имунитетот не го дава соодветниот одговор. Тогаш велиме дека тонзилите се жариште на инфекција. Тука се колонизираат микроорганизми Тие изгледаат деформирани, секогаш зацрвенети , прекриени со бело сиви наслаги од гној, некогаш може да се зголемени, често може да се асиметрични, секогаш се болни при голтање.

Многу деца се соочуваат со повторувачки воспаленија на крајниците што најчесто води кон нивно отстранување. Кои се индикациите, кога треба да се размислува за нивно вадење односно тонзилектомија и кој е идеален период од годината?

Д-р Шурков: За да се постави индикација за тонзилектомија добро би било детето да биде следено од еден оториноларинголог. Ние децата ги следиме некогаш и до 3 години со редовни контроли за да поставиме индикација за одстранување на тонзилите. Овие чести и повторувачки инфекции се должат најчесто на бактеријални инфекции со мешана бактеријална флора, како на површината на епителот, така и во длабочина, која може да се разликува. Кај повторувачките воспаленија се случува промена на лимфното ткиво, промена на епителот во каналчињара. Тој е оштетен, обложен со кератински наслаги наместа истенчен, оштетен.

Доколку едно дете боледува 7 пати во една година од воспаление на тонзили тогаш индицираме тонзилектомија. Во рок од две години ако боледува по најмалку 5 пати годишно или во рок од три последователни години по најмалку 3 акутни инфекции на тонзили може да индицираме тонзилектомија.

Исто така ако изолираме бета хемолитичен стрепток , тоа е специфична бактерија која во организмот може да создаде антитела, кои наместо да ја уништат бактеријата, се насочуваат кон одредени клетки на миокардот , на срцевиот мускул и може да предизвика реуматични заболувања. Доколку кај детето се појави слип апнеа , тоа е состојба при која се случува детето на направи пауза од 3-10 секунди во дишењето и тоа со неколкукратно повторување , што е опасно. Кај деца со чести воспаленија на уво и намален слух, чести перитонзиларни апсцеси, кога се смета дека тонзилите претставуваат жариште на други инфекции во организмот т.е. фокус.

Отежнато дишење и рчење, како и епизоди на престанок на дишење се последица на зголемен трет крајник, што е причина за развој на чести и повторувачки воспаленија на средното уво, појава на секрет и намалување на слухот. Кога треба да се размислува за операција на третиот крајник?

Д-р Шурков: Третиот крајник е локализиран во горниот спрат на грлото , на местото каде се поврзуваат носот, грлото и туба аудитива- преку кои средното уво прима воздух. Го има кај секое дете како ресничасто лимфно ткиво кое при воспаленија на нос и грло повеќекратно се зголемува. При зголемувањето ги обструира горните дишни патишта и тубите. Доколку се пролонгира оваа состојба и кога заврши инфекцијата, доколку се јавуваат чести воспаленија на средното уво, доколку има намален слух и доколку се појави слип апнеја, тогаш задолжително советуваме одстранување на ова трет крајник со цел воспоставување на вентилацијата на овој систем.

На кој начин се изведуваат хируршките интервенции за отстранување на крајниците (тонзилектомија) и аденоидектомија (отстранување на третиот крајник) и колку време е потребно за детето да се врати во нормала?

Д-р Шурков: Операциите на крајници тонзилектомија , аденоидектомија или тонзилоаденоидектомија се операции кои најчесто се вршат во детска возраст. По поставување индикација за операција предоперативно се зема крв за хемостаза, крвна слика, крвна група , се зема урина , се евалуира пулмолошки од педијатар или интернист и се прави алерготест на анестетици. Доколку се утврди дека сите параметри се нормални, се смета дека детето сноси мал ризик од компликации при операцијата и се започнува процесот. Се дава премедикација и анестезија.

Операцијата се изведува преку уста, при што се препарираат и се одстрануваат тонзилите, а потоа се оставаат крајничните ложи сами спонтано да зараснат. Пациентот останува во болница неколку дена постоперативно и се следи дали има крварење или друга компликација од операцијата. Првиот ден чувствува болка која може да се третира со сируп. Епителизацијата трае околу 21 ден и мине низ неколку фази. Затоа е потребна посебна постоперативна нега во овие три недели додека да епителизираат ложите. Негата се состои од посебна диета и згрижување на пациентот. Диетата се состои од ладна , мека, течна храна. Првиот ден постоперативно детето пие само ладен чај.

Постоперативно се храни со супа, кисело млеко, пудинг, растопен сладолед, воглавно незачинети храни и многу течности вода, бистри чаеви и сокови. Се избегнуваат цитрусови плодови. Не се препорачува во престој во затворени простории со други лица /како училиште, работно место, игротеки, кафани, собири./ до целосна зараснување на ложата.

Во клиничката болница „Жан Митрев“ ви стои на располагање стручниот тим на оториноларинголози преку персонализиран третман за сите болести на уво нос и грло. Закажете го вашиот преглед на 02 3091 484

(Не)соодветна употреба на витамини/суплементи кај децата

За сооодветната, односно несоодветната примена на одредени витамински суплементи кај децата веќе зборувавме опфаќајки ја групата на липосолубилни витамини каде спаѓаат витамините А,Е и Д. Во овој текст ќе ги опфатиме хирдосолубилните витамини како Б12 и Ц.

Да се потсетиме кога треба на децата да им се даваат витамински дополнувања:

  • Дефицит на витамини, заради намален внес или намалено присуство на витамини во исхраната,
  • Примена на рестриктивни диети со смалена количина на витамини, и
  • Болести и состојби при кои имаме смалена односно неадекватна ре-абсорпција на истите.

Витамин Ц

Овој витамин се наоѓа во човечкиот организам во облик на аскорбинска киселина. Главен извор на Витамин Ц се овошје и зеленчук. Тој учествува во синтеза на колаген и градењето на сврзните ткива. Се вклучува во ензимските реакции во функција на нервниот систем, а исто така има и антиоксидантна улога низ која ги неутрализира слободни радикали.
Препорачана доза за витамин Ц е помеѓу 35 и 75mg/дневно во зависност од возраста. Болеста на недостаток на витамин Ц се нарекува скорбут и е исклучително ретка, но сепак присутна во земјите во развој. Клинички знаци на скорбут се манифестираат со зголемена осетливост на крвните садови и појава на крварења од кожа и слузници, како и манифестација на мускулно-скелетни болки. Недостигот на витамин Ц се појавува и во западните земји поаради примена на рестриктивни диети при состојби како аутизам и невролошки состојби, како и при малапсорптивни болести на гастроинтестиналниот и бубрежниот систем.

При инфекции на горнореспиратните патишта витаминот Ц не игра улога во должината на траење на истата ниту во тежината на клиничката слика. Според студијата на Гараиова, давање на витамин Ц во комбинација со пробиотик во период од 6 месеци резултирало со редуцирње на зачестените респираторни инфекции и тежината на клиничка слика. Но сепак студијата не може да го докаже исклучиво ефектот на витамин Ц. Иако според одредени студии направени на возрасни, примена на витамин Ц го намалува траењето на пневмонијата.

Витаминот Ц игра улога во метаболизмот на хистамин и простагландин со евидентен бронходилатирачки ефект. Сепак, досега ниту една студија го нема потврдено тој ефект при астма кај децата. Позитивен ефект се смета дека има при депресија кај децата. Низ повеќе студии е докажано неговото влијание на намалување на болката кај пост-херпетична невралгија кај онколошките болки и кај синдром на регионална болка. Во полето на хематологија важно е да се нагласи способноста на витаминот Ц да ја зголеми абсорпција на железото овозможувајќи при тоа негова претворба во редуцирана форма. Последните студии го доажуваат неговото својство за подобрување на крвните параметри при орално администрирање од 250mg/дневно во тек на 10 недели, кај пациенти со рефрактерни анемии и кај феродефицитни анемии.

Кај пациенти на дијализа, суплементацијата на витамин Ц овозможува смалување на урична киселина и го подобрува профилот на масти во крвта. Дополнително, витаминот Ц покажува влијание и кај обезитет при што ги намалува проинфламаторите, а кои се типични за овие состојби. Низ метаанализи е покажано дека витаминот Ц при негова орална администрација има својство значително да ја намали гликозата во крвта кај пациенти со Диајабетес тип 2.

Витамин Б12

Овој витамин спаѓа во групата на Б витамини, а негов природен извор е храна од животинско потекло.
Витамин Б12 е вклучен во синтезата на ДНА. Учествува во синтезата на хемоглобинот и има клучна улога во невролошките функции. Исто така е кофактор во бројни метаболички реакции.
Препорачана доза за деца од 1 до 3 години е пмеѓу 0 и 7 микрограми/дневно. Додека за адолесцентни дозата изнесува 2 микрограми/ден. Неговата апсорпција во тенкото црево се одвива преку интризинчен фактор кој се продуцира во желудочната слузница. Чист дефицит на витамин Б12 се јавува при рестриктивни диети како на пример веганска диета или при нарушена апсорпција. Клнички се манифестира со невролошки симптоми и мегалобластна анемија. Примената на одредени лекови како инхибитори на протонска пумпа, хистамин рецептор антагонисти и метформин, го смалуваат нивото на Б12.

Веганската диета во денешно време е исклучително популарна и применувана. И покрај препораките дадени од интернационалната асоцијација за нутритивно здравје, се повеќе мајки и трудници стануваат вегани. Дефицит на Б12 во тек на бременоста е асоциран со пре-еклампсија, повеќекратни губења на плодот, интраутерино заостанување на растот на плодот, предвремено раѓање, ниска родилна тежина и вродени дефекти на невралната туба кај новороденото.

Новороденчиња од мајки кои во тек на бременост имале недостиг на Б12 покажуваат висок ризик за развој на проблеми во растот, анорексија, неволни движења, хиперпигментација, абнормален наод на ЕЕГ(електроенцефалограм) и доцнење во развој на говорот. Понатаму, покажано е дека концентрацијата на витамин Б12 во млекото е строго зависна од концентрацијата на витаминот во серум кај мајката. Затоа, препорачана доза на суплементација на Б12 кај жени во бременост и во лактација е 250микрограми/неделно. Додека пак за деца на возраст меѓу 7 месеци и 6 години, дозата треба да изнесува околу 1-4 микрограми/дневно.

Постојат неколку видови мерења врзани со витаминот Б12.
-Мерење на серумска концентрација на Б12 се изразува во пикомоли/литар, а нивото се смета за намалено доколку изнесува помалку од 120 пикомоли/литар кај новороденче од раѓање до 6 месеци возраст; под 165 пикомоли/литар за возраст од 6-12 месеци, и под 183 пикомоли/литар за возраст од 12 месеци до 24 месеци.

-Функционален статус на Б12 се испитува низ мерење на хомоцистеин и метилмлонска киселина, а чии нивоа е типично да се зголемени при дефицит на Б12. Преку регулацијата на хомоцистеинот, витаминот Б12 игра важна улога во кардиоваскуларното здравје.
Ниски новоа на Б12 се поврзани со обезност и инсулинска резистенција.
Во однос на невролошкиот систем и неговото функционирање, одредени студии демонстрирале поврзаност меѓу недостигот на Б12 и зголемената појава на деменција и когнитивен пад. Квестад и негови соработници, покажале дека во првата година од животот кај децата постои силна поврзаност меѓу неврокогнитивниот развој и витаминот Б12. Заради високата преваленца на дефицит на Б12 кај децата која е асоцирана со висок ризик на неповолен неврокгогнитивен развој, постои потреба од понатамошни студии за анализирање на ефектите од Б12 суплементација. Навремената терапија со Б12 во некои случаи е важна со цел да се превенира иреверзибилна невропатија.

Фолна киселина Б9

Фолната киселина спаѓа во групата на Б витамини, попозната и како витамин Б9, вообичаено се наоѓа во зеленчуци. Се смета за есенцијален во превенција на вродени малформации, особено малформации на невралната туба кои се појавуваат во раната ембрионална фаза во развој на плодот кај жената. Фолна киселина е клучна за синтеза на нуклеинските киселини, метаболизмот на аминокиселини и клучна за соодветна клеточна делба. Дневна препорачана доза изнесува 110 до 320 микрограми/ден кај доенчиња кои цицаат и кај адолесценти. Несоодветна диета е најчеста причина за дефицит на фолна киселина. Но недостиг може да има и при примена на одредени лекови (барбитурати, естропрогестини), често конзумирање на алкохол, болести со малапсорпција или кај генски мутации за метаболизам на фолна киселина. Поради нејзиниот ефект во производство на црвени крвни зрнца, се препорачува во терапија кај хемоглобинопатија на српеста анемија (СЦД). Фолната киселина е есенцијална за хематопоеза и за раст и развојот на фетусот. Европската асоцијација и комитетот за педијатриска гастрентерологија, хепатологија и нутриција (ESPGHAN), препорачуваат дневен внес од 35-100 mg/килограм, кај предвремено родените деца. Предвремено родените бебиња кои се на мајчино млеко се заштитени од недостиг на фолна киселина во првите 2 месеци од животот. Додека бебињата кои се на формула, можат да бидат изложени на ризик од дефицит на фолат. Современиот пристап на суплементација на фолна киселина кај мајките доилки и современите млечни формули значително го менуваат ризикот за недостиг на фолати, но сепак супституција на фолна киселина останува препорака за превенирање на анемија кај предвремено родени бебиња.
Последните истражувања го испитуваат ефектот на фолна киселина при алергиски воспаленија и неговата корелација со појавата и повторувањето на симптомите.

Препорака на Светската здравствена организација (WHO) за превенирање на дефекти на невралната туба на фетусот кај бремените жени е редовен дневен внес на 400 микрограми фолна киселина, од првиот обид за зачнување до 12 недела на гестација.

Во клиничката болница Жан Митрев на располагање ви стои нашиот педијатар д-р Катерина Василева-Димовска. За да закажете термин за вашето дете јавете се во нашиот контакт центар на 02/3091-484.

Продолжува традиционалната соработка со Општина Центар

Денеска во Основното Училиште „Киро Глигоров“ Скопје, како дел од потпишаниот меморандум за соработка, беа доделени 80 ваучери за педијатриски прегледи за секое новороденче од Општина Центар – Скопје
Ги очекуваме родителите со своите деца да одберат термин кој најмногу им одговара и да дојдат кај нашите искусни педијатри. Телефон за закажување 02/3091-484

Благодарници од Сојузот на здруженија на пензионерите за Клиника Жан Митрев

За покажаната грижа, нега и бесплатните кардио прегледи спроведени со здравствениот караван „Здравје за сите“, претставници на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија доделија благодарници на Клиника Жан Митрев и на докторите кои го спроведуваа прегледите. Благодарниците беа доделени од страна на претседателот на Сојузот на пензионери Станка Трајкова, како и претседателите на здруженијата од сите градови од Македонија.

„Здравствениот караван“ што се одвиваше во текот на изминатата година беше дел од Меморандумот за соработка потпишан меѓу Клиничката болница Жан Митрев и Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија. Тим доктори специјалисти кардиолози од Клиника Жан Митрев правеа бесплатни специјалистички кардио прегледи за пензионерите од целата држава, а целта беше да се зголемат можностите и пристапот до специјалистички прегледи за сите оние што немаат и не можат да добијат мислење од доктор за својата здравствена состојба. Со активностите на караванот беа опфатени повеќе од 500 пензионери од целата држава, при што беа донирани прегледи во вредност од над 2.250.000 денари. Клиниката Жан Митрев со овој караван ја зголеми грижата за здравјето на граѓаните и посебно за ранливите категории и оние без можност за консултации со доктор.

Караванот „Здравје за сите“ се спроведе во 2 фази. Во првата фаза беа опфатени пензионерските здруженија од 11 града од Источна и Западна Македонија. Додека во втората фаза беа опфатени 14 пензионерски здруженија од Скопје кои испратија свои членови со ниски примања а кои имаат потреба од ваков преглед.

Традиционална крводарителска акција во Клиника Жан Митрев, вработените и нивните семејства даруваа крв

Во клиничката болница Жан Митрев се одржа традиционалната доброволна крводарителска акција. Вкупно 57 вработени на Клиника Жан Митрев, медицински и немедицински персонал доброволно даруваа крв, а со нив се солидаризираа и членовите на потесните семејства на вработените кои, исто така донираа крв.

Крводарителската акција се спроведува по третпат и е согласно потпишаниот меморандум за соработка за крводарителство со Blood Bank TENK. Акцијата се реализира во организација на Институтот за трансфузиона медицина, Blood Bank TENK и во присуство на доброволци од Црвен крст на Македонија.

Одржувањето на редовни крводарителски акции во Клиничката болница Жан Митрев и доброволното учество на вработените, ги искажуваат високите етички, хумани и морални вредности на целиот колектив и придонесуваат за подигање на здравствената култура и јавната свест за постојаната потреба од крводарителство.

По напредокот во Клиника Жан Митрев, Леонид го продолжува лекувањето во Австрија

Лекувањето на Леонид Индов по Клиника Жан Митрев, продолжува во Австрија. Тој денеска со медицински транспорт со хеликоптер е префрлен во Клиниката во Виена за оперативен зафат.

Осумнаесет годишниот Леонид Индов летово доживеа тешка несреќа што предизвика сериозна повреда на рбетниот мозок. Во октомври со квадриплегија беше префрлен во Клиничката болница Жан Митрев каде ја доби најдобрата нега и по 4 месечниот третман има подобрување на дел од функциите, како зборување и самостојно голтање, за кои не е веќе потребна помош од машини.

Леонид е ученик во Математичко-информатичката гимназија и е дел од тимот што изработи апликација за анализирање и проучување на движењето на Меѓународната вселенска станица, со која што го освоија првото место на меѓународниот натпревар NASA Space Apps Challenge.
Денеска тој беше испратен од другарите и тимот на Клиника Жан Митрев. Му посакуваме успешно справување со сите понатамошни здравствени предизвици.