25-ти Септември – Светски ден на фармацевтите

Единаесети пат, годинава на 25 – ти Септември се одбележува светскиот ден на фармацевтите, а акцентот овој пат е поставен на довербата која пациентите ја имаат токму кон овој здравствен работник.

Целта на означувањето на овој ден е да се постигне поинакво, малку повисоко општествено поставување на оваа професија, на овие здравствени работници кои се активно вклучени во подигнување на свеста за личното здравје. Ден кој го посветуваме за да се потсетиме колку фармацевтот е важен дел од севкупниот здравствен систем.

Фармацевтот е експерт за терапија, преку проверка на соодветноста при комбинирање на истата, советување за начинот на примена и чување, пренесување на точни и проверени информации за лековите на разбирлив начин за пациентот, континуирани совети за имунизација и важноста на истата, особено за време на пандемија, советување за лекови и додатоци кои може да се подигнат без рецепт, ги менаџираат хроничните заболувања преку совети за важноста на терапијата како и континуирано следење на состојбата.

Фармацевтот постојано учи и се надоградува. Тој ги потврдува, проверува, подговтвува и ги издава лековите. Правилната употреба, личната доза согласно потребите на пациентот, е она што спречува лекот да биде отров, во тој процес, главната улога ја завзема фармацевтот. Тој е последниот филтер пред употреба на лекот.

Токму поради овој начин на работа кој пациентите го препознаа и преку низа анкети потврдија, фармацевтот заслужува да му се довери здравјето, а тој како вистински професионален здравствен работник, тоа да го потврди и оправда, преку континуирана грижа кон пациентот.


Сакаме да го честитаме овој ден, на сите фармацевти во нашата земја, со порака да продолжат да бидат здравствените работници на кои пациентите им го доверуваат своето здравје и здравјето на своите најблиски.

Остеопороза – кога и зошто се појавува?

Што е остеопороза?

Остеопорозата е болест која означува губење на коскената маса и намалување на структурниот квалитет на коските. Всушност коските стануваат порозни. Зголемувањето на животниот век, промените во навиките во исхраната и седентарниот (седечки) начин на живот предизвикаа оваа болест да достигне навистина алармантни бројки.

Коската е живо ткиво кое постојано се обновува. Во континуитет се гради и надополнува за да не се наруши неговата структура. Овој процес се спроведува на координиран начин од страна на клетките наречени остеобласти и остеокласти.
До пубертетот преовладува процесот на градење структури (моделирање), по оваа фаза следува одржување (ремоделирање).

Ова ремоделирање на коските е контролирано од хормони. Најважни се: естрогенот (женски полов хормон) и тестостеронот (машки полов хормон), кои го забавуваат уништувањето на коските и помагаат во одржување на фосфорот и густината на коските.

Количината на коскената маса на една личност постепено се зголемува од раѓање додека расте скелетот. Ја достигнува максималната вредност на возраст од 30 до 35 години. Овој врв на коскената маса е моментот кој е познат како скелетна зрелост. Во тоа време имаме најголема количина коскена маса во нашиот живот. Потоа следуваат неколку години стабилност, а подоцна коскената маса постепено се намалува физиолошки.

Остеопороза, почеста кај жените отколку кај мажите

Бидејќи кај мажите производството на тестостерон (што го намалува уништувањето на коските) останува постојано во текот на животот, констатирано е дека болеста постои само кај лицата во многу напредна возраст или кај оние мажи кои имале мала вредност на максималната коскена маса.

Остеопорозата е позастапена кај жените. Нивна максимална вредност на коскената маса е секогаш помала отколку кај мажите. Жените,исто така, минуваат низ менопауза, период во кој јајниците престануваат да произведуваат естроген. Од тој момент, тие често претрпуваат забрзано губење на коскената маса.
Но, иако болеста е многу честа, истата не се развива кај сите жени.

Фактори на ризик за остеопороза

  • Рано губење на менструацијата: по природни или хируршки причини. Коклу подолго време отсуствуваат оваријалните хормони, толку повеќе страдаат коските
  • Наследност: Пациентите со остеопороза имаат поголема веројатност да и нивните деца страдаат од истата.
  • Исхрана: Статистички, намаленото консумирање на млечни производи е поврзано со повисока инциденца на остеопороза.
  • Раса: Белите жени имаат поголема веројатност да имаат остеопороза.
  • Нулипарност: Немањето деца го зголемува ризикот од заболување од оваа болест.
  • Тежина: Жените со низок БМИ (индекс на телесна маса: тежина/висина) се со поголема веројатност да страдаат од остеопороза.
  • Тутун: Статистички гледано, пушачите покажуваат поголема инциденца на остеопороза.
  • Седентарен начин на живот: Физичката активност е извонреден стимуланс за растот на коскената маса, а одморот од друга страна го поттикнува намалувањето на коскената маса.

Последици од појава на остеопороза

  • Намалена густина на коските
  • Болки во мускулите во грбот
  • Деформација на ‘рбетот
  • Губење рамнотежа
  • Ризик од скршеници

Остеопорозата е „тивка болест“. Првите симптоми на остеопороза се досадна болка во грбот, а понекогаш и тие се непријатности што самите пациенти не ги сметаат за толку важни, особено кога процесот на губење на коскената маса е бавен. Ова е една од причините зошто болеста е тешко да се открие. Може дури и да остане незабележано додека не се појави фрактура на пршлен, зглоб или колк.
Како што коската станува поостеопоротична, секој пад, без разлика колку е незначителен, може да предизвика фрактура.

Дијагноза и третман

За да се дијагностицира остеопороза и да се процени ризикот од фрактури и да се утврди дали ви е потребен третман, вашиот доктор најверојатно ќе препорача да направите остеодензитометрија (скенирање за утврдување на густината на коските).
Препораките за третман често се базираат на проценка на ризикот од фрактура на коска во следните 10 години преку добивање на информации од дексаскенерот (апаратот за мерење на густината на коските). Ако вашиот ризик не е висок, третманот може да не вклучува лекови и може да се фокусира на модифицирање на факторите на ризик за губење масната коска и препораки за да се винмава и да се избегнуваат падови.

Како за мажите и така и за жените со зголемен ризик од фрактура, најчесто пропишаните лекови за остеопороза се бисфосфонати:

  • Алендронат (Биносто, Фосамакс)
  • Риседронат (Актонел, Ателвија)
  • Ибандронат (Бонива)
  • Золедронска киселина (Рекласт, Зомета)

Остеопорозата е тивка болест која може да се сопре ако навремено се детектира


Остеопорозата претставува намалување на густината на коските, која може да доведе до кршење (фрактури) на истите и тоа при помали оптоварувања односно при вршење на секојдневни активности. Таа е доминантно метаболно заболување на коските и претставува голем здравствен и социјален проблем. Се смета за асимптомна болест која не јавува симптоми, освен можеби намалување на височината на пациентите и појава на ‘грбка’ на грбот (торакалниот дел).

Намалувањето на густината на коските може да предизивика фрактура на колкот при пад кај повозрасни лица, потоа фрактури на раката (radii loco typico-фрактура на радиус), како и компресивни фрактури на пршлените на ‘рбетниот столб, кај кои всушност се забележува намалување на висината на пршленското тело.

Кои се причините за настанување на остеопороза

• Генетски фактор,
• Рана менопауза,
• Долго недвижење (имобилизација) – пасивен живот,
• Ендокринолошки и хематолошки болести,
• Мала телесна тежина,
• Користење на некои лекови: кортикостероиди, метотрексат,
• Намален внес на калциум.
• Лоши животни навики (алкохол, пушење, голем внес на натриум, кофеин и сл).


Жените се поподложни кон остеопороза. Зошто?


Кај жените остеопорозата е почеста појава поради губење на половите хормони (естроген и прогестерон) кои ги лачат овариумите (јајниците),
Кај мажите дијаметарот на самите коски е поголем за разлика од жените и мажите се бават повеќе со физичка активност или поголема физичка работа која помага за зајакнување на коските.

Статистиката во медицината говори дека кај вертебрални (пршленски) скршеници односот помеѓу жени и мажи е 7:1.

И кај скршениците на колк исто така статистиката е во полза на мажите и тој изнесува 2:1.

Колесови фрактури (скршеници на раката), односот помеѓу жени и мажи е 5:1.

Како да дознаеме дали имаме остеопороза?

Остеопорозата се детектира преку DEXA Scan. Тоа е испитување на густината на коскена маса кое може да биде пропратено и со лабораториски испитувања – маркери за коскено разградување, концентрација на јонизиран калциум и витамин Д.

По јасната детекција остеопорозата може да се лекува. После лекување на остепорозата од 1 година, се прави контролен DEXA Scan и се пратат лабараториските параметри.
Во нашата клиника остеодензитометријата (DEXA Scan) ја прават едуцирани технолози а резултатите ги обработуваат тим на лекари едуцирани за остеодензитометрија, со што ке ја добиете најадекватната терапија и понатамошно лекување.

Снимањето трае кратко, неинвазивно е и безболно. Стандардно се снима левиот колк и пределот на лумбалниот рбет (од првиот до четвртиот лумбален пршлен).
Кај некои состојби, каде што постои предходна операција на рбетниот столб или кога истиот е значително дегенеративно променет, се снимаат двата колка.

Исто така, кај пациенти кои имаат зголемено ниво на паратироидни хормони во крвта, потребно е да се снима подлактицата, како и кај пациенти со поголема телесна тежина до 150 кг. или кај пациенти каде поради други причини неможе да се направат стандардни DXA скенови (протеза на двата колка и изразени дегенеративни промени на рбетот).

Нашиот современ апарат поседува уште две помошни апатки кои помагаат во одлуката дали треба да се започне со терапија. Тоа е FRAX score, кој преку калкулација на факторите на ризик, го калкулира 10-годишниот ризик од скршеници на колкот и големи остеопоротични фрактури.
Друга помошна алатка на овој апарат е TBS, кој врз основа на веке направениот DXA (dexa) скен не запознава и со квалитетот на коските.

Снимањето го правиме на апарат Hologic, последна генерација кој има инсталирано софтвер за FRAX score и TBS.
Посебна припрема за остеодензитометрија не е потребна.

Висок крвен притисок

Доколку страдате од покачен крвен притисок, тоа значи дека вашиот крвен притисок ги надминува границите на нормалните вредности. Доколку не започнете да го менувате начинот на живот, со физичка активност и консумирање на здрава храна, голема е веројатноста со тек на време да развиете хипертензија-висок крвен притисок.

Покачениот крвен притисок и високиот крвен притисок го зголемуваат ризикот од срцев удар, мозочен удар и срцева слабост.  Додека пак намалувањето на прекумерната тежина, вежбањето и другите промени во насока на здрав начин на живот, честопати можат да го контролираат високиот крвен притисок и да постават темели за поздрав живот.

Симптоми

Покачениот крвен притисок не се манифестира со забележливи симптоми. Единствениот начин да се открие како состојба е да водите контролирана евиденција за вредностите на крвниот притисок. Проверете го крвниот притисок секогаш кога ќе го посетите лекар или проверете го дома со домашен мерач на крвен притисок.

Причини

Секој фактор што го зголемува притисокот кон ѕидовите на артериите може да доведе до висок крвен притисок. Акумулацијата на масни наслаги во артериите (атеросклероза) може да предизвика висок крвен притисок.

Покрај атеросклерозата, други состојби кои можат да предизвикаат покачување на крвен притисок или висок крвен притисок се:

  • Опструктивна апнеја
  • Бубрежна болест
  • Болест на надбубрежната жлезда
  • Болест на тироидната жлезда

Одредени лекови, вклучувајќи апчиња за контрацепција, лекови против настинка, деконгестиви, лекови против болки без рецепт и некои лекови на рецепт, исто така може да предизвикаат привремено покачување на крвниот притисок. Нелегалните супстанци, како што се кокаинот и амфетамините, можат да имаат ист ефект.

Фактори на ризик

Фактори на ризик за висок крвен притисок ги вклучуваат следните:

Прекумерна тежина

Колку е поголема вашата телесна маса, толку повеќе крв ви треба за снабдување на ткивата со кислород и хранливи материи. Како што се зголемува протокот на крв низ крвните садови, така се зголемува и притисокот што се врши врз sидовите на артериите.

Пол

Високиот крвен притисок е почест кај мажите до 55 годишна возраст отколку кај жените. Жените имаат поголема веројатност да развијат висок крвен притисок по 55 година од животот.

Раса

Високиот крвен притисок е особено чест кај луѓето со африканско потекло и тој обично се манифестира на помлада возраст отколку кај белите луѓе.

Семејна историја на висок крвен притисок

Голема е веројатноста за генетско наследување на оваа состојба особено ако роднина од потесно семејство, како родител, брат или сестра, има висок крвен притисок.

Недостаток на физичка активност

Недостатокот на физичка активност може да го зголеми ризикот од висок крвен притисок и прекумерна тежина.

Исхрана богата со сол (натриум) или со ниска содржина на калиум

Натриумот и калиумот се две основни хранливи состојки за регулирање на крвниот притисок. Ако во исхраната имате премногу натриум или премалку калиум, голема е веројатноста да имате висок крвен притисок.

Пушењето

Пушењето или џвакањето на тутун како и пасивното пушење може да влијаат на зголемување на вашиот крвен притисок.

Прекумерното консумирање на алкохол

Употребата на алкохол исто така е тесно поврзана со зголемен крвен притисок, особено кај мажите.

Одредени хронични состојби

Бубрежни заболувања, дијабетес и ноќната апнеа, меѓу другите, можат да го зголемат ризикот од висок крвен притисок.

Доколку покачениот крвен притисок и високиот крвен притисок се почести кај возрасните, децата исто така можат да бидат изложени на ризик. Кај некои деца, проблемите со бубрезите или срцето може да доведат до висок крвен притисок. Но, кај сè поголем број на деца, лошите животни навики, како што се нездрава исхрана, прекумерната тежина и недостатокот на физичка активност, придонесуваат за појава на покачен крвен притисок и висок крвен притисок.

Компликации

Високиот крвен притисок може да се влоши и да се претвори во хипертензија. Хипертензијата може да ги оштети вашите органи и да го зголеми ризикот за разни болести, вклучувајќи срцев удар, срцева слабост, хеморагичен мозочен удар, аневризми, и откажување на бубрезите.

Превенција

Препорачаните промени во стилот на живеење за лекување на висок крвен притисок помагаат и во спречување на хипертензија. Како што напоменавме погоре: консумирајте здрава храна, консумирајте помалку сол, редовно вежбајте, одржувајте здрава тежина, консумирајте помалку алкохол, контролирајте го стресот и откажете се од пушењето. Сето ова треба да се свати сериозно. Започнете да прифаќате поздрави навики уште денес.

Опструктивна апнеа

Опструктивната слип апнеа е состојба која претставува сериозно нарушување на спиењето. Во суштина се работи за недостаток на воздух при спиење што го нарушува самиот процес на одмор и редовно снабдување на кислород во мозокот. При постоење на слип апнеа се случува краток прекин на дишењето кој се повторува постојано во текот на спиењето.

Oпструктивната апнеа се јавува кога мускулите на грлото наизменично се релаксираат и ги блокираат дишните патишта за време на спиењето. Забележителен знак на опструктивна апнеа е ‘рчењето.
Постојат соодветни третмани за справување со опструктивната апнеа. Меѓу нив е и третманот кој вклучува употреба на уред кој функционира со примена на позитивен притисок кој ги задржува дишните патишта отворени додека спиете. Друга опција е уред во форма на инка со која се турка долната вилица напред за време на спиењето. Понекогаш, во некои случаи, и операцијата исто така може да биде опција.

Симптоми на опструктивна апнеа вклучуваат:

• Прекумерна дневна поспаност
• Гласно ‘рчење
• Забележани епизоди на паузи при дишењето за време на спиење
• Грубо будење со задишување или гушење
• Се будите со сува уста или болка во грлото
• Главоболка наутро
• Потешкотии во концентрацијата во текот на денот
• Промени во расположението, како што е депресија или раздразливост
• Висок крвен притисок
• Ноќно потење
• Намалено либидо

Кога треба да се консултирате со лекар?

Консултирајте се со стручно медицинско лице доколку сте ги забележале самите или пак вашиот партнер/ка ви ги сигнализираат ваквите ваши симптоми.
Многумина не веруваат дека ‘рчењето е знак на нешто што може да биде сериозно, а и не секој што ‘рчи има опструктивна апнеа при спиење.
Разговарајте со вашиот лекар доколку почувствувате силно ‘рчење, особено ако е прекинато со периоди на тишина (пауза). Со опструктивна апнеа при спиење, ‘рчењето е генерално погласно кога спиете на грб и се смирува кога ќе се свртите на страна.
Консултирајет се со вашиот лекар за било какви проблеми во спиењето кои ве оставаат хронично заморни, поспани и нервозни. Прекумерната дневна поспаност може да се должи и на други нарушувања, затоа треба да се дијагностицира правилно вистинската причина.

Отомикроскопија како дијагностичка метода

Отомикроскопијата претставува златен стандард во дијагностиката на промените во надворешниот ушен канал и ушното тапанче, а преку него индиректно и проценка на промените во средното уво. Особена важност има во детската возраст бидејќи во услови на ограничена визуелизација го зголемува повеќекратно видното поле и на тој начин овозможува многу подобра проценка во однос на класичната отоскопија.

Дијагностичката метода која најчесто се користи при преглед на надворешниот ушен канал и ушното тапанче е класичната отоскопија. Притоа се користи инструмент во форма на инка, т.н. ушен спекулум, којшто треба да биде адаптиран на големината на надворешниот ушен канал кај пациентот. Користејќи челно осветлување кои се уфрла во ушниот канал се наблудувааат промените во надворешниот ушен канал и тапанчето. Преку овие промени, особено промените на тапанчето можеме индиректно да ги процениме  состојбата  и промените во средното уво. Меѓутоа, особено кај помалите деца, имајќи ја предвид големината на надворешниот ушен канал и просторот којшто можеме да го визуелизираме секако дека е ограничена можноста за попрецизна проценка на локалниот наод.

Затоа многу посоодветна метода која може да се примени во секојдневната оториноларинголошка пракса е и отомикроскопијата/или отомикроскопскиот преглед. Не секоја институција е подготвена да ја понуди оваа опција во склоп на дијагностичките процедури, но за среќа таа е достапна во клиничката болница Жан Митрев и истата ја изведува Прим. д-р Борислав Гогушевски.

Во што се разликува отомикроскопијата во однос на класичната отоскопија?

При изведувањето на отомикроскопскиот преглед/или отомикроскопија  се користи микроскоп којшто има соодветно зголемување кое зависи од техничките карактеристики на самиот микроскоп. На тој начин се добива повекекратно зголемување на видното поле низ ушниот спекулум што овозможува да се утврдат и оние посуптилни  промени кои не се впечатливи при обичниот отоскопски преглед.

Кои се предностите на отомикроскопијата во однос на класичната отоскопија?

Повекекратното зголемување на видното поле при користењето на отомикроскопот овозможува многу попрезицно дефинирање на сите детали во овој сегмент и нуди можност за многу попрецизна дијагностика.

Секако дека и при класичната отоскопија, но особено при отомикроскопијата постои  можност и за помали интервенции во надворешниот ушен канал во смисла на тоалета, чистење на ушниот канал, најчесто од  насобрана ушна маст или церумен, секрет, потоа изведување на  помали интервенции како отстранување на некои мали промени/гранулации, полипи, постоперативна тоалета, евентуално парацентеза односно отворање на средното уво преку мал отвор на тапанчето во одредени случаи на акутни или сериозни воспаленија. Но за разлика од класичната отоскопија при отомикроскопскиот преглед  значително подобрата визуелизација и поголемо видно поле нудат можности за многу поголема прецизност  при  самите  интервенции во простор којшто е екстремно мал.

Отомикроскопијата има особена важност има кај децата бидејќи кај нив е многу помал надворешниот ушен канал, при прегледот се користи помал ушен спекулум, а тогаш е ограничено и видното поле. Тука особено доаѓа до израз предноста на отомикроскопијата, и како дијагностичка метода или при изведувањето на одредени интрвенции.

14 септември светски ден на атописка егзема

Атописката егзема е една од најраспространетите кожни болести во светот и една од најпотценетите. Атописката егзема често се отфрла како „само состојба на кожата“, а потребите на пациентите не се решаваат навремено и на соодветен начин.
Затоа заедницата за атописката егзема од пред неколку години се организира со активности за одбележување на 14 септември како ,,Светски ден на атописката егзема,, со цел за да се подигне свеста за болеста и да се проговори за товарот кој таа го носи врз пациентите. Но и за здравствените работници да ја препознаат потребата за нега и третман што е одраз на мулти-димензионалната природа на болеста.

Неколку збора за атописката егзема

Атопискaта егзема односно дерматитис е повеќе од хронична потреба на чешање на кожата проследена со сувост. Атопискиот дерматит влијае на целокупниот живот на пациентите. Тоа е хронична состојба на пруритис која се карактеризира со сува кожа. Најчесто започнува во раната детска возраст и често е придружена со други атопични состојби, како што се астма и алергичен ринокоњуктивитис. Атопискиот дерматитс се појавува кај приближно 20-30% од детската популација и 2-10% од возрасната популација. Кај луѓето со лична или семејна историја на атопија (тенденција за развој на алергиска состојба), многу е поверојатно да се појави и развие атопичен дерматитис.

Атопискиот дерматитис кај децата

Атопискиот дерматит е многу честа болест кај децата. Помеѓу 10 и 15% од новороденчињата заболуваат од атопичен дерматит по првиот месец од животот. За среќа, тоа е исто така заболување кое се лекува. Симптомите може лесно да се контролираат и кај 4 од 5 деца атопискиот дерматитис може да исчезне сам од себе околу петтата година од животот.
Атопискиот дерматитис најчесто е предизвикан од алергија. Многу важна улога во третманот на оваа болест, игра откривањето на предизвикувачот на атопискиот дерматитис и негово редуцирање т.е елеминират на алергиските предизвикувачи со цел да се минимизира појавата на симптомите.

Исхрана

Многу видови на храна, особено кравјото млеко може да предизвика алергиска реакција која потоа води до појава на атопискиот дерматитис. Токму поради тоа се препорачува да се дои што е можно подолго. Најмалку 6 месеци бебето да се храни само со мајчино млеко, а потоа да се воведе дополнително хранење со шише или цврста храна.

Пушењето

Пушењето цигари може да доведе до појава на алергија дури и за време кога бебето се наоѓа во стомакот на мајката. Ова е една од причините зошто бремените жени треба да престанат со пушење и треба да биде задолжително забрането пушењето и од други лица околу бебето во првите 12 месеци од живот.

Грини од домашна прашина

Грините не може да се забележат со голо око, тие се микроскопски паразити кои најчесто се наоѓаат во теписи, душеци и кадифени играчки. Сите извори на грини (паразити) од домашна прашина треба да се отстранат од опкружувањето на бебето што е можно повеќе. Како на пример:

  • Отстранете ги сите кадифени играчки, како и теписи и завеси кои можат да собират прашина во собата на бебето.
  • Често чистети ги теписите и завесите во другите соби каде што би можело да престојува бебето дури и за кратко време.
  • често проветрувајте ja куќата, дури и во зима, за да се спречи растот на грините од домашната прашина
  • Користете анти-грини чаршафи, душеци и постелнини за вашето бебе
  • Користете специјална пудра или пена за уништување на овие паразити
  • Консултирајте се со вашиот лекар за други конкретни совети
    Домашни миленици

Домашните миленици, особено мачките, може да предизвикаат алергиски реакции. Истите треба да се чуваат подалеку од бебето, а доколку е потребно и да се отстранат од внатрешните простори од вашиот дом.

Генетска предиспозиција

Повеќето деца (но не сите) кои развиваат алергија имаат генетска предиспозиција и доколку не се внимава или не се третира соодветно тие може да добијат таканаречена „атопија“. Оваа предиспозиција е наследена од родителите. Се додека тоа не може да се смени, бидете внималтелни и следете ги гореспоменатите препораки, и на тој начин ќе можете да ги превенирате или да ги минимизирате симптомите на атопичниот дерматитис кај вашето дете.

Атописки дерматитис и астма

Астма кај децата како и атопискиот дерматитис најчесто се предизвикани од алергиска реакција. Најдобар начин за превенција на астма кај вашето дете е превенција на атопискиот дерматитис. Доколку истиот се појавува, потребно е да се елиминираат предизвикувачите на оваа болест со цел да се избегне појавата на симптомите на астма и нејзино развивање.

Третман на симптомите на атопискиот дерматитис

Третманот на симптомите на атопискиот дерматитис кај вашето дете е едноставен и може да биде многу ефикасен. За да добиете добри резултати од третманот, потребно е ригорозно да ги следите советите од докторот секој ден. Нашите педијатри и дерматолози се секогаш на располагање да ви понудат соодветен третман и стручни совети.

  • Докторот ќе ви препорача нанесување на крема за одржување на кожата мека и влажна кај детето.
  • Доколку кај детето се појавува црвенило докторот може да ви препише маст што содржи кортизон, истата треба да се користи во кратoк временски период и во мала количина.
  • Бидејќи алергијата на храна често доведува до симптоми на атопискиот дерматитис, лекарот може да препише ,,елиминациска,, исхрана за да открие која храна предизвикува лезии на кожата. Истата се спорведува додека не исчезнат симптомите.
  • Во потешки случаи докторот може да препише орален антихистамин за да се редуцира инфламацијата и чешањето.
  • Чешањето знае да направи рани и во тој случај бактериска инфекција за која докторот може да препише антибиотска маст.
  • Водата исто така може да предизвика чешање, но бебето мора да се капе. Се препорачува:
    Капње Еднаш дневно кое ќе трае максимум 5 минути
    Водата за капење да е млака не потопла од 35 степени Целзиусови
    Во водата треба да биде ставено мало за капење или антисептик.

    #UniteForAtopicEczema #AtopicEczemaDay

Обука за дермални филери во нашиот центар за естетска дерматологија

Континуираното вложување во практична примена на знаењата е од клучна важност во секојдневната работа на нашите доктори. Овој пат во нашиот центар за естетска дерматологија се одржа целодневна работилница за апликација на дермални филери. Едукацијата беше од типот ,,hands-on,, работилница спроведена од страна на едукаторите д-р Горана Бјелиќ и  д-р Анџелка Илиева кои работеа со брендот Белотеро на Мерц Естетикс. Сите модели си заминаа задоволни од разубавувањето за кое активно учество зема и нашиот дерматолог д-р Александра Лазаревска.

Ова е прва обука од овој тип, а ќе следуваат и други во центарот за естетска дерматологија кој е комплетно подготвен за настани од ваков тип.