Клиничката болница Жан Митрев овозможува вградување на порт или хепаринско промивање на веќе поставен порт


Што е порт?

Портот претставува поткожно вграден уред кој вобичаено се наоѓа под десната клучна коска. Истиот овозможува повекератно безболно и безбедно давање на планираните медикаменти.

Секој порт се состои од два дела:

  1. Поткожна комора – делот што се остава под кожа и овозможува безболно боцкање и
  2. Катетер – долгото цевче кое завршува во подклучната вена, преку кој лековите доаѓаат во крвта на човекот.

Вообичаено портот се поставаува со локална анестезија.

Портот е наменет за оние пациенти кои мораат да примаат лекови венозно и кои вообичаено доведуваат до оштетување на ѕидот на вената. Најчесто се применува кај пациенти кои се со малигни заболувања и примаат цитостатици, како и кај пациенти со автоимуни заболувања.

ОНА ШТО МОРА СЕКОЈ ПАЦИЕНТ ДА ГО ЗНАЕ

  • Задолжително e миење на рацете пред секој допир на регијата каде е поставен портот со цел превенција на можна инфекција
  • Треба да се избегнува тешка физичка работа
  • Портот редовно треба да се испира/промива со Хепарин на секои 20 (дваесеттина) дена како превенција од запушување на портот со згрутчување на крвта.
  • Треба да се одржува редовна хигиена на телото
  • Забранета е компресивна гардероба, која притиска и може да доведе до прекин на циркулација во регијата каде е поставен портот

Пациентот треба ВЕДНАШ да се јави на лекар доколку:

  • се појави црвенило, болна осетливост, топлина и оток на кожата каде е поставен портот
  • има појава на крварење
  • има покачена температура и треска
  • излегува течност од портот
  • се појави вртоглавица и краток здив
  • се појави катетерот под кожата
  • не може да се направи промивање на портот

Сите пациенти кои имаат имаат малигно заболување и потреба од подолготрајно давање на лекови на вена, возможно е да бидат прифатени во болницата и да им се вгради порт.

За оние пациентои кои веќе имаат вграден порт, во сигурни, безбедни и стерилни услови може да се прави редовното хепаринско промивање на портот, со задолжителна претходна ултразвучна контрола за правилната позиционираност на истиот.

Доколку имате потреба за консултација и закажување на контрола за порт обратете се на следниов контакт телефон 02/3091 484

Закажување, тестирање и резултати во рок од 24 часа

Клиничката болница Жан Митрев е првата приватна институција која што уште од самиот почеток храбро и подготвено влезе во дијагностичката одисеја на новиот коронавирус SARS-CoV-2.

Со цел да излеземе во пресрет на што поголем број на засегнати граѓани, во континуитет ги зголемувавме своите капацитети од аспект на персонал и нова опрема, така што во моментов располагаме со дури десеткратно поголеми капацитети.

А, почнувајќи од денеска, на сите граѓани од нашата земја ќе им овозможиме да резервираат термин за тестирање истиот или најдоцна следниот ден. Резултатите пак, ќе им бидат доставени 24/48 часа по направениот тест. Ова е исклучително брзо. Колку за споредба, во регионот се чека со недели за термин, а резултатите ги добиваат дури неколку денови по направениот тест, со што се намалува можноста за релевантно спречување на ширењето на вирусот.

Од почетокот на пандемијата до сега, во нашата клиника се направени над 20 000 тестирања. А исто така бевме и прва институција која го изолираше геномот и ги утрврди спецификите на SARS-CoV-2 за овој регион.

Веруваме дека брзата и навремена дијагностика и понатаму ќе биде есенцијална алатка во правилното справување со кризата.
Тимот на клиничката болница Жан Митрев продолжува да се бори во спречување на ова зло од светски размери не само со дијагностицирање, туку работи и на успешно следење и третирање на ковид позитивни пациенти.

Термин можете да закажете со јавување во нашиот контакт центар на 02/3091 484 или на нашата веб страница https://bit.ly/32GDYss

Да се погрижиме за нашиот ум, како и за нашето тело доколку останеме дома заради коронавирус (COVID-19)

Грижата за менталното здравје е исклучително важна во тие мигови, во моментите на изолација.

Можно е да се чувствувате заробени, нервозни или загрижени за финансиите, за вашето здравје или за здравјето на вашите блиски. Можно е да се чувствувате досадно, фрустрирано или осамено. Важно е да запомните дека е во ред да се чувствувате на овој начин и дека сите ние реагираме различно.

Запомнете, за повеќето од нас, овие чувства ќе поминат. Престојот дома може да биде тежок, но на тој начин помагате да се заштитите себе си, а и сите други.

Постојат работи што можете да ги направите сега за да ви помогнат да останете во чекор со вашата ментална благосостојба и да се справите со тоа како може да се чувствувате ако останувате дома. Осигурете се да добиете дополнителна поддршка ако сметате дека ви е потребна.

Проверете ги вашите права и придобивки како работник (вработен)

Можеби сте загрижени за работата и парите, за вашата егзистенција, додека треба да останете дома, што може да има голем ефект врз вашето ментално здравје.

Ако досега не сте го направиле тоа, разговарајте со вашиот работодавец. Дознајте и разберете ги вашите права за плати и придобивки.

Да знаете детали за тоа што значи појавата на коронавирус за вас кои сте на боледување, може да ја намали загриженоста и да ви помогне да се чувствувате повеќе под контрола.

Планирајте практични работи

Не сте во можност да одите во продавниците, па затоа разработете начин како можете да набавите потребни средства за домаќинството. Може да се обидете да ги прашате соседите или семејните пријатели или да најдете услуга за испорака.

Продолжете со примање на третман и поддршка за било било постојни физички или ментални здравствени проблеми. Ако примате редовна терапија, можете да нарачате повторни рецепти по телефон или преку интернет. Контактирајте го вашиот матичен лекар и прашајте како може тие да ви помогнат со ова. Исто така, можете да побарате од вашата аптека да ви го достави лекот или да побарате од некој друг да го земе за вас.

Останете поврзани со другите

Одржувањето на здрави врски со луѓе на кои им верувате е важно за вашата ментална благосостојба.

Размислете на кои начини можете да останете во контакт со пријателите и семејството ако вие или тие треба да останете дома – по телефон, пораки, видео повици или социјални медиуми.

Редовно разговарајте за вашите грижи и потешкотии

Нормално е да се чувствувате загрижени, исплашени или беспомошни за моменталната состојба. Запомнете- добро е да ги споделите вашите грижи со другите на кои им верувате и така може да им помогнете и нив.

Ако не можете да зборувате со некој што го познавате или ако сметате дека тоа не би ви било од помош има многу стручни лица до кои можете да се обратете.

Внимавајте на вашето тело

Нашето физичко здравје има големо влијание врз тоа како се чувствуваме. Во моменти како овие, лесно може да се подлегне во нездрави модели на однесување што придонесуваат да се чувствуваме уште полошо.

Обидете се да јадете здрави, добро избалансирани оброци, да пиете доволно вода и редовно вежбајте. Избегнувајте пушење, дрога или пиење премногу алкохол.

Ако останете дома, би можеле да се обидете да вежбате во затворено, преку многуте бесплатни фитнес видеа (програми) на интернет. Или едноставно, пробајте и обидете се со лесни 10-минутни вежби на ден.

Останете свесни за тешките чувства и бидете “во чекор” со нив

Загриженоста за зараза со коронавирус и како тоа ќе влијае врз вашето здравје е нормално. Сепак, некои луѓе можат да доживеат интензивна вознемиреност што може да влијае и на нивниот секојдневен живот.

Обидете се да се фокусирате на работите што можете да ги контролирате, како на пример, како постапувате, со кого зборувате и од каде добивате информации.

Добро е да се признае дека некои работи се надвор од ваша контрола, но ако постојаните размислувања за ситуацијата ве тераат да се чувствувате вознемирени или презаситени, обидете се со совети и идеи од психолозите за како да си помогнете во справувањето со вашата вознемиреност и анксиозност.

Не се окупирајте постојано со вестите

Обидете се да го ограничете времето кое го поминувате во читање, слушање и гледање на вестите околу пандемијата со коронавирус, вклучително и намалете со пребарувања по социјалните мрежи.

Може да си поставите одредено време за да прочитате ажурирања или да се ограничите на проверка околу случувањата неколку пати на ден.

Користете веродостојни извори – како што е Светската здравствена организација и Министерството за здравство.

Продолжете да ги правите работите во кои уживате

Кога се чувствуваме загрижени, анксиозни, осамени или депримирани , можно е да престанеме да ги правиме работите во кои обично уживаме.

Направете обид да се фокусирате на вашето омилено хоби, ако тоа е нешто што сè уште можете да го направите дома. Или започнете ново хоби: читајте, пишувајте, запишувајте мисли, идеи, слушајте музика, редете сложувалки или обидете се со цртање и сликање. Што и да е, најдете нешто вам ви одговара.

Ако не можете да се сетите на нешто што сакате да правите, обидете се да научите нешто ново додека сте дома. Постојат многу бесплатни упатства и курсеви на Интернет.

Сè уште можете да останете социјални дома со тоа што ќе им се придружувате на другите преку интернет: курсеви за јазици, клубови за книги, квизови и игри, музички концерти се само неколку од работите што можеби треба да ги пробате.

Одвојте време за релаксирање

Ова може да помогне при соочување со тешки емоции и грижи и да ја подобри вашата благосостојба. Техниките за релаксација и вежбите за дишење исто така можат да помогнат во справувањето со чувството на вознемиреност.

Наспијте се добро

Квалитетното спиење прави голема разлика во тоа како се чувствуваме, во какво расположение сме и колку енергија ќе имаме наредниот ден, па затоа е важно да се добие доволно сон.

Обидете се да ја одржите вашата редовна рутина на спиење, иако сте дома.

 

Физиотерапија во удобноста на вашиот дом

Како резултат на моменталната ситуација т.е потенцијалната опасност од заразување и ширење на Sars-Cov2 вирусот и болеста Ковид-19, голем број на пациенти избегнуваат да посетат физиотерапевт и со тоа го одложуваат соодветното третирање на нивните состојби.

 

Клиничката болница „Жан Митрев“ за сите оние кои се двоумат или не сакаат да го напуштат својот дом, обезбеди можност за испраќање на својот тим физиотерапевти, кои ќе ви ги овозможи овие услуги во удобноста на вашиот дом.

Стручниот тим од 6 физиотерапевти  со долгодишно искуство е обучен да ги третира следните состојби:

  1. Ортопедски состојби

– Болки во зглобовите и мускулите;

– Болки и напнатост во вратот;

– Болки и напнатост во грбот;

– Смрзнато рамо, тениски лакт и сл.

  1. Невролошки состојби

– Состојби по мозочни удари;

– Парези/парализи на нервите;

– Ишијалгија;

– Нервопатии.

  1. Рехабилитација по спортски повреди:

– Истегнување на зглобови;

– Повреди на лигаменти и менискуси.

  1. Постоперативна рехабилитација:

– Рехабилитација по кардиохируршки оперативни третмани;

– Рехабилитација по замена на големи зглобови (колк,колено);

– Рехабилитација по ампутации;

– Рехабилитација по фрактури.

  1. Респираторна физиотерапија:

– Ослободување на дишни патишта од секрет по кардиохирушки оперативни третмани;

– ХОББ.

  1. Геријатриска рехабилитација, третмани за постура и сл.

Зошто да одберете ваков пристап?

– Брзо опоравување;

– Личен третман со целосно насочени внимание кон вашата состојба;

– Добивате соодветни насоки за спроведување на вежби и активности во вашиот дом во останатиот дел од денот;

– Го организирате времето кое што ви одговара, нема потреба да го напуштате домот и не чекате со други пациенти;

– Не губите време во организација на превоз до здравствената установа (има голем број на пациенти кои што поради здравствената состојба и не се во можност да го напуштат домот);

– Најважно од се е тоа што третманот е во вашиот дом така што не постои никаква опасност од можна зараза со вирусот.

 

Физиотерапевтски третмани кои се достапни

– Електротерапија (Невромускулна стимулација, ТЕНС, Интерферентни струи, Функционална магнетна стимулација);

– Кинезитерапија;

– Кинезиотејпинг;

– Респираторна физиотерапија;

– Кинемат (во комбинација со електростимулација или без);

– Физиотерапевтска проценка;

– Комбинирани третмани (кинезитерапија со електротерапија и сл.).

 

Не дозволувајте вашето здравје да биде на второ место.

Закажете термин на нашиот телефон 02/3091 – 484 и добијте професионален физиотерапевтски третман во вашиот дом.

 

Подобрување на сексуалната функција кај жените со поставување на безтензиона трансвагинална мрежичка за стрес инконтиненција на урина

Нарушувања на долниот уринарен тракт како што се стрес уринарна инконтиненција, прекумерна активност на мочниот меур и синдром на болно мокрење, се поврзани со сексуална дисфункција. Хируршките интервенции, особено пласирање на полипропиленска лента без тензија (ТВТ-О) за стрес инконтиненција на урина се поврзани со подобрување на сексуалната функција. Во Клиничката болница Жан Митрев со голем процент на успешност, компарабилен со светските референци, проф. д-р Васил Илиев веќе 6 години во континуитет го спроведува овој метод.

Што треба да знаете за овој зафат и кои се бенефитите од истиот?

Ова е интервенција која се изведува кај женската популација со проблем познат како стрес инконтиненција на урина.

Она што е значајно е дека освен решавањето на примарниот проблем – инконтиненцијата има и дополнителни бенефити меѓу кои подобрување на сексуалната функција кај жените.

Доказ за тоа се голем број студии кои зборуваат за фактот дека пластика на вагината и пласирање на полипропиленска лента без тензија (ТВТ-О) ја подобрува сексуалната функција кај жени кои претходно страдале од стресна уринарна инконтиненција.

Како едно од најновите истражувања кое ги опфаќа токму ваквите пациентки, е она направено од  д-р Лан-Ју и неговиот тим на медицинскиот колеџ Унион во Пекинг.

Анализиран е репрезентивен примерок од 105 сексуално активни жени на просечна возраст од 51 година, од кои речиси половина веќе биле во менопауза. Сите имале дијагноза стресна уринарна инконтиненција и биле подложени на операција при која е користена методата со ТВТ-О. Истите одговарале на прашалник (PISQ-12) за пролапс / уринарна инконтиненција и сексуален прашалник пред и една година по операцијата.

Резултатите согласно нивните одговор се следни:

Една година по операцијата со ТВТ-О, сексуалната функција се подобрила кај 77,1% (81 учесник), останала непроменета кај 18 (17,1%) и се влошила кај шест пациентки (5,7%).

Авторите на оваа анализа забележуваат и дека зголемувањето на физичкиот домен, предизвика зголемување на вкупниот резултат на PISQ-12. Но, и покрај забележаните подобрувања во физичкиот домен на PISQ-12, без оглед на успехот или неуспехот, емоционалните и домените поврзани со партнерите не покажале значителни промени.

Она што вреди да се спомене е и дека при споредувањето на предоперативните со постоперативните вредности и оние една година по ТВТ-О, утврдена е значителна промена, т.е намалување на степенот на болка која ја чуствувале пациентките при сексуалниот однос. Исто така, жените потврдиле дека чувствуваат многу помалку страв од инконтиненција за време на сексуалниот однос и помалку негативни емотивни реакции за време на сексуалниот однос после ТВТ-О отколку порано.

Повеќе од 90% од жените во успешната група рекле дека „никогаш“ не доживеале инконтиненција во текот на однос, наспроти 50% во групата на неуспеси.

Овој труд уште еднаш го потврдува растечкиот број докази дека  корекцијата со ретропубичната подршка што се реализира при ТВТ-О операцијата значајно се подобрува сексуална функција кај сексуално активни жени кои страдаат од стрес уринарна инконтиненција.

Конзервативните интервенции, физикална терапија на карлицата и слабеење кај пациенти кои имаат прекумерна тежина, исто така можат да бидат многу ефикасни во минимизирање на сериозноста на стресната уринарна инконтиненција што допринесува за подобрување на сексуалната дисфункција.

Што е менопауза и како да ја пречекате подготвени?

Терминот менопауза го означува крајот на менструалните циклуси и се јавува во текот на четвртата или петтата деката од животот на жената. Медицински прецизно дијагноза за менопауза се поставува кога поминале минимум 12 месеци од последниот менструален циклус. Иако помеѓу народот менопаузата е „озлогласена“ и многу често незаслужено се употребува во негативна конотација, не треба да заборавите дека менопаузата е природен биолошки процес. Сепак, без разлика на природата на самиот процес, менопаузата со себе носи одредени предизвици кои различно делуваат кај секоја жена.

Самата менопауза може да се подели на три временски периоди:

  • Перименопауза – трае од 8 до 10 години пред менопаузата и тоа е периодот кога вашите јајници започнуваат да создаваат се помалку естроген
  • Менопауза – го означува прекинот на менструалните циклуси најмалку 12 месеци наназад
  • Постменопауза – временскиот период откако официјално ќе биде утврдена менопауза (карактеристичните тегоби започнуваат да се намалуват и потоа исчезнуваат).

Најчестите симптоми кои се јавуваат во периодот до менопауза се:

  • Нерегуларни менструални циклуси
  • Сувост на вагината
  • Епизоди на чувство на топло и неконтролирано препотување т.н. hot flashes
  • Ноќно потење
  • Потешкотии со спиењето
  • Промени во расположението
  • Зголемување на телесната тежина
  • Проретчување на косата
  • Огрубување и задебелување на кожата

Важно е да знаете дека секоја жена е уникатна на свој начин, па така и симптомите се значително варијабилни по квалитет и квантитет.

Дијагноза за менопауза се поставува лесно, односно се прави евалуација на хормоните од венска крв, со лесен неинвазивен тест. Дополнително, се препорачуваат редовни гинеколошки прегледи, мамографија, проверка на глуциден и липиден статус, а во зависност од медицинската историја може да се препорача и проверка на тироидниот хормонски статус.

Како и секоја животна промена, така и менопаузата со себе си носи одредени ризици и компликации:

  • Остеопороза – густината на вашите коски се намалува и тие стануваат лесно кршливи, поради што е потребно да се јавите на преглед за евалуација
  • Кардиоваскуларни болести – со намалување на концентрацијата на естрогенот ризикот за кардиоваскуларни болести се зголемува. Се препорачува мониторирање на крвниот притисок, како и да се направи кардиоваскуларна проценка
  • Уринарна инконтиненција – ткивото на вашата вагина ја губи еластичноста, како резулат на што притиска на мочниот меур
  • Нарушена сексуална функција – вагиналната сувост и нарушениот еластицитет на вашата матка можат да го направат целото искуство непријатно, поради што многу жени целосно ги прекинуваат сексуалните односи
  • Додавање во телесна тежина – кога жените во менопауза се јавуваат на преглед и кажуваат дека не јадат ништо, а се дебелеат – не лажат. Метаболизмот драстично се успорува, поради што многу често е потребно да се намали до тогаш вообичаениот дневен калориски внес само за да се задржи телесната тежина

Очекуваната менопауза е природен процес и како таков не се лекува, а третманот се фокусира на олеснување на симптомите и справување и менаџирање на евентуалните компликации. Доколку имате потешкотии кои не можете да ги совладате и размислувате за фармаколошка терапија, никогаш не ја земајте на своја рака, консултирајте се со вашиот ендокринолог.

Совети за полесно справување со симптомите

  • Облекување во слоеви, со цел да можете да соблечете голем дел од облеката при појава на топлите бранови и да спречите препотување. Избегнувајте тригер фактори како топли пијалоци, зачинета храна, големи количини кофеин или алкохол, шетање по топло време
  • Намалете го вагиналниот дискомфорт и користете одобрени вагинални лубрификантни кои се направени на основа на вода. Избегнувајте ги тие што содржат глицерин, заоа што можат да ви предизвикаат иритација. Зачувување на сексуалните навики овозможува проток на циркулација низ вагината
  • Спијте во доволни дози, имајте редовна физичка активност, внимавајте и хранете се балансирано и здраво, пијте вода
  • Најдете си начин на релаксација, време кое ќе го одвоите само за вас. За некои тоа е слушање на омилената музика, за некои е читање на омилената книга, за некои протешка низ паркот.. Одберете го тоа што вам ви одговара.
  • Зацврстете ги пелвичните мускули со кегелови вежби, кои ќе ви ги олеснат и симптомите на уринарната инконтиненција
  • Прекинете со пушење

Сите овие промени несомнено влијаат на животот на жената, го менуваат секојдневието и перцепцијата за животот. Не заборавајте дека не сте сами во овој период, илјадници жени пред вас се справувале со истите тегоби и уште илјадници после вас ќе поминуваат низ истото. Не се срамете од целиот процес, бидете горди на себе и свесни за убавината што ја носи секој период од животот Но, пред се бидете информирани во врска со здравствените предизвици кои со себе ги носи оваа доба и редовно иследувајте се.

Д-р Надица Божиновска
Специјалист по ендокринологија

Како правилно да се заштитиме од влијанието на сонцето во текот на летниот период?

Летото е веќе во тек па потсетувањето за правилната заштита од сончевото зрачење е секогаш добродојдено. Многумина од нас и покрај веќе добро познатите препораки за заштита од сонцето во секојдневниот живот, сеуште не ги практикуваат дадените совети и со тоа ја изложуваат сопствената кожа и сопственото здравје на ризик.

Сончево зрачење

Добро се познати бенефитите од контролираното изложување на сонце по здравјето на човекот, но за позитивниот ефект сепак е потребна барем мала доза на сончеви зраци – 15 минути, во текот на секој ден. Секое прекумерно изложување на сонце ги надминува позитивните ефекти од сонцето и во краен случај доведува до трајно оштетување на кожата и  зголемен ризик за сите типови на кожни тумори.

УВ-индексот е меѓународна, научнa мерка за нивото на ултравиолетово зрачење од сонцето. Таа се користи за да се опише силата на сонцето на одредено место и време. Индексот има опсег од 1 до 11. Колку е повисоко нивото, толку е поголем ризикот од оштетување на кожата.

Постојат три видови на УВ зраци од соцето, УВ-Ц кои се сметаат за најопасни комплетно се апсорбираат од озонската обвивка; УВ-А и УВ-Б сончеви зраци кои имаат различен степен на пенетрација на кожата и различен ефект врз човечкото тело. УВ-А и УВ-Б зраците навлегуваат во кожата во различни длабочини, па прекумерното и некотролирано изложување на овие сончеви зраци доведуваат до многубројни несакани ефекти како што се предвремено стареење на кожата, пигментации, алергиски реакции, изгореници, а во најлош случај може да доведе до појава на рак на кожата.

Оштетувањето на кожата од сонцето е трајна. Секој нареден период на продолжена изложеност прави повеќе штета на веќе ослабениот локален имун систем и генетски материјал на кожата. Изгорениците со тек на неколку дена заздравуваат, но главните промени на кожата остануваат.

Она што е важно да запамтиме е дека сите имаме улога во секојдневната превенција на кожните тумори, битката започнува со тоа што знаеш дека си во опасност,  и што треба да правиш во врска со тоа- од кампањата на Euromelanoma. Немој да бидеш поразен поради негирање!

Корисни совети кои помагаат во превенција од штетеното дејство на сончевите зраци

  • Избегнувајте изложување на сонце во период кога сонцето е најјако, односно од 10 до 16 часот. Во тој период од денот задолжително засолнете се под сенка.
  • Не се советува изложување на сонце со цел потемнување на кожата, односно сончање. Но сепак, ако одлучите да се изложите на сонце тоа треба да го направите постепено соодветно на препораките (првиот ден само еден час, вториот ден два часа итн.)
  • Алиштата се најдобра заштита од сонце и истите треба да бидат направени од лесни, цврсто ткаени ткаенини со светла боја, а ракавите и ногавиците да бидат што подолги.
  • Капа со широк обод обезбедува добра заштита од сонце за очите, ушите, лицето, грбот или вратот. Очилата за сонце кои обезбедуваат висока УВ – А и УВ – Б заштита во голема мера ќе го намалат оштетувањето на очите од изложување на сонце.
  • Да се користат високо-квалитетни средства за сончање со заштитен фактор (SPF) најмалку 30, со водоотпорна формула. Заштитните средства е потребно да се користат дури и кога се оди на отворено само за кратко време, значи од пролет па до есен!
  • Производот со заштитен фактор треба да биде соодветен за Вашиот фенотип на кожа, а според Вашиот тип на кожа изберете најдобра подлога односно дали ќе биде во форма на крем, гел, флуид. Нанесувајте го најмалку половина час пред изложување на сонце и повторувајте го нанесувањето на секои два часа.
  • Лицата кои спаѓаат во ризичната група за развој на рак на кожа (на пр. луѓе со црвена или светла коса и светла кожа, лица со голем број на бемки, лица кои веќе се лечеле од рак на кожа итн.) би требало изложените делови на кожа да се заштитат со заштитни средства во текот на целата година.
  • Посебна категорија се децата. До првата година не се преорачува директно изложување на сонце. Бебињата и малите деца треба да се заштитат со шешир, наочари за сонце и специјализарана заштитна облека.
  • Да не се заборави на одбивањето на сончевите зраци од различни површини , снег, вода, песок, и на продирањето на сончевите зраци низ облаците. Заштитни средства треба да се користат и кога времето е облачно.
  • Солариумите треба да се избегнуваат.

Како крај, она што треба да го запамтите е дека продолженото изложување на УВ зрачењето ги оштетува колагените влакна на кожата, прави оштетување на молекуларно ниво и предизвикува создавање на слободни радикали. За ова не се должни само долгите денови поминати на плажа туку и секојдневното небезбедно изложување на сончевото зрачење како што е одењето до кола, работа на отворено, па дури и работа покрај прозорец.

Затоа потемнета кожа значи повредена кожа, односно знак дека телото се бори и се обидува да се заштити од дополнително ДНА оштетување.

Д-р Александра Лазаревска
Специјалист дерматовенеролог

Неинвазивна вентилација со континуиран позитивен притисок (CPAP)

CPAP терапијата (Continuous Positive Airway Preasure) претставува инструментална метода во респираторната терапија со која континуирано се инсулфрира додатен позитивен притисок во дишните патишта во текот на целиот респираторен циклус со помош на машина за дишење. Оваа терапија се спроведува со цел да се отвори и да се одржи отвореноста на алвеолите, да се подобри оксигенацијата и да се зголеми резидуалниот белодробен волумен, а да се подобри парцијалниот притисок на кислородот.

Станува збор за неинвазивна механичка вентилација која се спроведува со помош на маска за лице преку која се трансферира кислород со постојан позитивен притисок, третманот може да трае од 15 до 30 минути од еднаш до два пати дневно.

Овој тип на терапија се спроведува при претходно подготвено белодробие а тоа значи прочистување на насобраниот белодробен секрет со помош на перкусиона терапија ,постурална дренажа и аеросолна инхалација. Само ваквата комбинација од респираторана физиотерапија и CPAP може да даде позитивни резултати од спроведениот третман на пациентот. Терапијата може да се спроведува во хоспитални и во амбулантски услови.

Индикации за CPAP терапија се:

  • Ателектази и превенција од ателектази
  • Хронична опструктивна белодробна болест
  • Белодробен едем
  • Пневмонија
  • Инсуфициенција на респираторните мускули
  • Ноќна апнеја
  • Невролошка патологија и др.

Позитивни ефекти од третманот се:

  • Нормализирање на ритамот на дишење
  • Зголемена енергија и присутност во текот на денот
  • Зголемување на физичката кондиција
  • Нормализирање на сонот
  • Намалување на крвниот притисок
  • Намален ризик од срцев и мозочен удар
  • Зголемена ефикасност дома или на работа
  • Зголемен квалитет на живот

Кинезитерапијата т.е медицинските вежби истотака играат голема улога во третманот на респираторните заболувања, бидејки кондиционирањето на респираторната мускулулатура помага во подобрување на респираторниот статус на пациентот и затоа е потребен заеднички пристап во третманот на овој тип на заболувања.

Консултирајте се со физиотерапевтите од нашата клиника за да добиете повеќе информации околу терапијата и закажете амбулантски третмани.