Горан Кунгуловски одговараше на прашањата поставени од Фактор.мк на тема: Видови на тестови за коронавирус

Горан Кунгуловски, техничкиот директор на Био Инжинеринг и раководител на лабораторијата за персонализирана медицина во Клиничката болница Жан Митрев за Фактор потврдува дека во Zan Mitrev Clinic се прави вонредно тестирање, веќе истиот ден или во термин по избор на пациентите.

Во однос на тоа дали постојат различни типови тестови, и доколку има која е разликата меѓу нив, Кунгуловски истакнува дека лабораторијата за генетика и персонализирана медицина, нуди RT-PCR базирани тестови коишто имаат CE-IVD сертификати и се наоѓаат на листата на вонредна употреба на СЗО и/или FDA.

-Со овој тип на тестови, директно се детектира присуството на вирусот во примерокот од нос и грло. Нашата лабораторијата, покрај своите дијагностички пристапи е единствената приватна лабораторија којашто извршува и научно-истражувачка дејност. Имено, лабораторијата е првата којашто го секвенционираше геномот на новиот коронавирус (SARS-CoV-2) од македонски пациенти и откри дека “македонскиот сој” на вирусот полесно се пренесува од “Wuhan-скиот сој”. Во склоп на својата научно-истражувачка дејност лабораторијата исто така разви брз тест за детекција на коронавирусот со примена на реверзно-транскриптазна јамково посредувана изотермална амплификација (RT-LAMP). Тестот е интерно валидиран на PCR-валидирани примероци од 503 пациенти и има одлична сензитивност на детекција од 100 вирусни копии во реакцијата. Слично како PCR и RT-LAMP обавува директна детекција на вирусот во примерокот. Преку овој тест возможно е иницијалните резултати да се добијат од 12-80 минути, во зависност од вирусната концентрација кај пациентот. Лабораторијата е во контакт со овластените институции во однос на добивање на дозвола за работа со овој уникатен тест.​ Во Клиничката болница Жан Митрев, исто така се извршуваат и тестови преку кои може да се открие мината инфекција со вирусот преку детекција на присуство на IgG антитела. За да се изврши еден RT-PCR тест во оптимални околности (пандемијата не претставува оптимална околност) потребни се минимум од 3 часа. Бидејќи издавањето на резултати е еден комплексен и мултидисциплинарен организациски процес во којшто се инволвирани лаборантски техничари, администратори и молекуларни биолози, добивањето на резултати зависи од бројот на тестови во тековниот ден. Со број на извршени 200-300 на дневна основа, 99% од резултатите се добиваат истиот или најдоцна следниот ден, потенцира Кунгуловски.

Истовремено информира дека во болницата не се нудат семејни пакети, но возможно е да се извршат групни pooling тестови, коишто го претставуваат најефективниот начин за скрининг од коронавирусот, а во однос на цената Кунгуловски истакнува дека информациите за сите различни тестови, понуди и попусти се достапни од нивните администратори, 24 часа во текот на денот.

 

 

Светскиот ден на донирање на органи

Светскиот ден на донирање на органи се одбележува на 13 август секоја година. На овој ден здруженијата и подржувачите на оваа хумана кауза преземаат многубројни активности во насока на подигнување на свесноста и мотивирање на луѓето да ги донираат своите здрави органи по смртта, а со тоа да спасат животи.

Континуираното информирање има воедно за цел да ги елиминира митовите и стравовите што постојат поврзани за дарувањето на органи и секако да станат свесни за важноста на овој чин.

Што всушност претставува органодарителството?

Тоа е доброволно дарување на органи без надоместок од живо или починато лице и нивно пресадување во телото на друго лице заради лекување.

Во Македонија законската регулатива за трансплантација на органи и ткива е многу современа. Таа е регулирана согласно Законот за земање и пресадувањe на делови од човечкото тело, заради лекување. Законот предвидува освен донирање на орган од жив дарител кој може да донира бубрег, коскена срцевина, дел од црн дроб, како донор на органи да се јави и лице кое се наоѓа во состојба на мозочна смрт, така наречена кадаверична трансплантација. Семејствата треба да знаат дека мозочната смрт на нивниот близок е исто што и смрт. Само прашање е на време, час или ден два кога ќе настапи и цела смрт. Голем е чинот и неизмерна хуманоста, во овие моменти да се овозможи да се продолжи животот на оние луѓе кои болеста им оневозможила нормално секојдневие. Zan Mitrev Clinic го подржува органодарителството.

 

Интересни факти за тироидната жлезда

Првите историски записи за тироидната жлезда се постари отколку што сте замислувале

Постоењето на тироидната жлезда, како и болестите на тироидната жлезда, се забележани пред илјадници години. Околу 1600 години п.н.е. во Кина се користел изгорен сунѓер и морска трева (која содржи јод) за третман на гушавост (зголемена тироидна жлезда).

Тироидната жлезда уште се нарекува и штитна жлезда

Се нарекува штитна жлезда, затоа што нејзиното латинско име (glandula thyreoidea) потекнува од стар збор на античките Грци кој практично значи „форма на штит“. Доколку во моментов замисливте штит и формата не ви се совпаѓа со онаа на тироидната жлезда, потполно сте во право. Меѓутоа, во античка Грција штитовите биле специфични и со различна форма од онаа која нам ни е добро позната. Како мало потсетување, кој од вас го памти Бред Пит како Ахил во филмот Троја? Верувам доста од женската популација, но дали некој се сеќава на неговиот штит?!

Тироидната жлезда влијае на речиси секоја клетка во вашето тело

Тироидните хормони ги регулираат метаболните функции на клетките во телото, преку стимулација на ткивата за произведување на протеини, како и со зголемување на достапното количество кислород до клетките. Со ова тироидните хормони директно влијаат на вашиот метаболизам, односно на тоа колку брзо или споро ќе работи вашето срце, мозок, мускули, црн дроб и т.н.

Тироидната жлезда е грејното телото на вашиот организам

„Доколку вашата хипофиза е термостатот, тогаш вашата тироидна жлезда е печката на вашето тело“ – овој цитат можеби најдобро ја оппишува хипофиза-тироидеа оската, затоа што кога ви е ладно хипофизата стимулира испуштање на тироидно стимулирачки хормон, кој пак влијае на тироидната жлезда и таа започнува да испушта зголемени коичини тироидни хормони во циркулацијата како резултат на што вашето тело се затоплува

Тироидните нарушувања може да постојат со години пред да бидат дијагностицирани

Многу често, симптомите на тироидните нарушувања се провлекуваат со години, тоа пред се се должи на фактот дека симптоматологијата е неспецифична и се развива постепено. Доколку тироидното нарушување продолжи да перзистира подолг период без третман можни се сериозни компликации.

Анксиозност и несоница се знаци на тироидно нарушување?

За жал, неретко се случува и во денешно време пациенти кои имаат анксиозност, несоница, немир, тресење на рацете и губиток на килажа да се третираат со психијатриска терапија, без да се провери функцијата на нивната тироидна жлезда. Сите овие симптоми може да бидат знак на прекуемрно активна тироидна жлезда или хипертироидизам.

Зголемена телесна тежина и депресија како знак за неактивна тироидна жлезда

Кога овие симптоми се јавуваат во брзо време може да бидат знак за намалена функција на тироидната жлезда – хипотироидизам. Многу често хроничниот замор, чувство на летаргија, сува кожа, заедно со зголемена телесна тежина и блага депресија се препишуваат како резултат на стрес и нездрав начин на живот. Меѓутоа, со оглед на напредокот на медицината,  доколку се јави пациент со овие симптоми потребно е да се провери функцијата на тироидната жлезда – со неинвазивна и лесно достапна метода.

„Заробува“ многу важен елемент

Тироидната жлезда е единствена во организмот која може да го искористува и складира јодот. Тироидните хормони се единствените кои во својот состав имаат јод. Тироидната жлезда не само што има потреба и го искористува јодот кој го внесуваме преу исхраната, туку го складира во значителни количества со цел да има спремни дози при недоволен внес на јод во телото.

Во себе содржи потенцијално летална доза на хормони

Тироидната жлезда во себе содржи огромна количина на тироидни хормони – кои доколку ги пушти наеднаш во циркулацијата (состојба позната како тироидна бура) може да биде летално. За среќа, тироидната жлезда е контролирана преку постојани и екстремно сензитивни сигнали кои патуваат помеѓу самата тироидеа, ткивата, концентрациите на тироидните хормони во циркулацијата и мозокот.

Тироидната жлезда има многу важна улога во бременоста и во развојот на фетусот

Во текот на бременоста метаболизмот се забрзува, а со тоа и неговите потреби. Со цел телото да функционира правилно и во оваа ново настаната состојба, притоа овозможувајки безбедна средина за развој на фетусот,  мозокот на мајката праќа сигнали до тироидната жлезда да лачи повеќе хормони.

Ова се само дел од бројните важни функции на тироидната жлезда. Доколку претходно не сте ги сфаќале сериозно нарушувањата и болестите на тироидната жлезда, размислете повторно, затоа што правилната функција на тироидната жлезда е неопходна. Сите што имаат некое нарушување на тироидната жлезда треба редовно да се иследуваат на ендокринолог.

Д-р Надица Божиновска

Специјалист по ендокринологија

Нашите физиотерапевти од сега достапни и за виртуелни консултации

Во време на пандемија со коронавирус, а со цел да се заштитите себеси и другите околу Вас, закажете виртуелна консултација со нашиот тим физиотерапевти кои имаат долгогодишно клиничко искуство од постоперативната рехабилитација и можат да ви помогнат со насоки за соодветна домаша рехабилитација.
Тие Ви се достапни за консултација:
– Доколку сакате да воведете нови вежби со кои ќе ја подобрите вашата физичка кондиција после операција на срцето
– Имате потешкотии во изведувањето на респираторните вежби кои ви се препорачани за периодот на домашна кардио рехабилитација
– Тука сме и ако имате потреба од повеќе информации – нејаснотии околу начинот на правилно користење на ортопедски помагала
– Доколку имате потреба од советување за правилно изведување, спроведување или интензитет на вежбање во домашни услови
– Консултирајте не доколу имате вграден вештачки колк или колено и потребни ви се совети за правилно зголемување на мобилноста и враќање кон нормалните дневни активности
– Ако спроведувате физиотерапија, а немате подобрување на состојбата или имате појава на несакани ефекти
– Доколку сте позитивен на COVID-19 и имате потреба од совети за подобрување на вашата физичка кондиција.
Исто така:

Можеме да направиме on line предоперативна едукација и подготовка за процесот на рехабилитација по кардиохиоруршка или друг вид операција.
Напоменуваме дека посебно треба да се посвети внимание на повозрасните пациентите кои се во ризична група и лесно можат да се заразат со COVID-19, а имаат потреба од советување  со физиотерапевт. Истите можат да ја искористат оваа опција за on line консултација како  превенција од непотребно одење во болница и нашиот тим ќе им посвети доволно време за да им одговорат на сите прашања и дилеми поврзани со нивната рехабилитација.

Консултацијата со физиотерапевт можете да ја закажете и преку zmc.tiktak.mk

 

Иновативна метода во физиотерапијата за третман на уринарната инконтиненција

Уринарната инктонтиненција претставува неспособност за контролирање на мочниот меур односно неспособност за задржување на урината. Доста често уринарната инконтиненција е основа на некое друго заболување. Степенот на уринарната инконтиненција може да биде од повремено испуштање на урина при кивање и кашлање до неодложно мокрење при потреба за користење на тоалет. Оваа состојба се појавува поради слабост на сфинктерите односно кружните мускули кои имаат за функција да ја испуштаат урината свесно односно контролирано. Постојат повеќе видови на уринарна инкотнтиненција и тоа:

  • стрес инктонтиненција
  • итна инконтиненција
  • мешана инконтиненција
  • функционална инктонтиненција.

Диагнозата се поставува од уролог или гинеколог со цел да се одлучи кој тип на третман е неопходен за решавање на проблемот. Најчесто се препорачува третманот да биде конзервативен /нехируршки, со започнува на физиотерапија.

Со  напредокот  на  технологијата  во  третманот  на  оваа  состојба  се  воведе и една нова иновативна метода  “функционална магнетна стимулација”  која во последните години брзо се етаблира како докажен метод за третман на инконтиненции.

Станува збор за ново развиена електротерапија во која се користи специјална FMS технологија т.е импулсно магнетно поле генерирано од уредот Tesla Care prestige кој предизвикува длабоки мускулни контракции. FMS технологијата ги користи индуктивните својства на магнетното поле за длабока пенетрација во ткивата и на тој начин ги стимулира мускулите кои не можат да се таргетираат со помош на класичната електростимулација.

Функционалната магнетна стимулација не предизвикува болка, може да функционира и без директен допир на кожата, не  ги стимулира нервите на површината на кожата и затоа е попријатна од класичната електростимулација. Магнетните полиња лесно продираат низ облеката, ткивото и коските и достигнуваат до недостапните ткива. Третманот со ФМС ја зголемува силата и издржливоста на мускулите на карличното дно. Дополнително на овој третман пациентот се учи како правилно да изведува и вежби за зајакнување на оваа мускулатура. Ова обезбедува ефикасно и долгорочно ослободување од неконтролираното истекување на урината и зајакнување на мускулите во долниот дел на карличното дно. Со помош на 4 FMS апликатори успешно се третираат повеќе мускулни групи во истиот третман освен мускулите на карличното дно, се стимулураат и абдоминалната и грбната мускулатура. Може да се користи кај жени и мажи, за сите видови на уринарна и фекална инконтиненција, за побрза рехабилитација по операција или породување, па дури и при сексуални дисфункции или хронични болки во карлицата или долниот дел од ‘рбетот

Функционалната магнетна стимулација според досегашните истражувања успешно помага при следните диагнози и состојби:

  • Стрес инконтиненција
  • Мешана уринарна инконтиненција
  • Фекална инконтиненција
  • Постпартална рехабилитација
  • Рехабилитација на мускулите во долниот дел на карлицата после оперативни зафати
  • Хроничен простатитис
  • Еректилна дисфункција
  • Проблеми поради лоша циркулација.

НАЧИН НА ИЗВЕДУВАЊЕ НА ТЕРАПИЈАТА 

Третманот е едноставен и не бара посебна подготовка на пациентот. За време на терапијата пациентот останува облечен и е удобно сместен во специјален FMS стол за инконтиненција. За време на стимулацијата, пациентот се фокусира на мускулните контракции со што се олеснува и тренингот на самата мускулатура. Третманот е неинвазивен, безболен и без несакани ефекти трае од 15 до 20 минути и се применува секој втор ден во периодот од 2 до 3 недели. Подобрувањето може да се почуствува уште во првите неколку третмани.

Постпарталното зајакнување на мускулите на карличното дно е главен предуслов за спречување на инконтиненцијата, бидејки за време на бременоста се зголемува тежина на матката и заедно со хормоналните промени даваат голем притисок врз сфинктерите – мускулите на карличното дно, со што се намалува нивната еластичност. Породувањето може дополнително да предизвика истегнување или оштетување на нервите или мускулите што на  крајот доведува до некотролирано истекување на урината или испуштање на фекалии после породувањето.

Едноставен начин да се спречи оваа инконтиненција е навремено започнување со физиотерапија. Комбинираниот третман на вежби и функционална магнетна стимулација им овозможува на мускулите на карличното дно побрзо да го вратат својот тонус, сила и издржливост по породувањето.

Уринарната инконтиненција не може да се скрие и игнорира, затоа е потребно да се побара помош  и навремено да се информирате за можностите за третман.

Какви ќе бидат долгорочните последици врз кардиоваскуларниот систем по прележана COVID-19 инфекција?

Неодамнешните студии спроведени од страна на германски тим лекари покажуваат дека COVID-19 инфекцијата, независно од сериозноста и целокупниот тек на акутната болест, силно влијае на кардиоваскуларниот систем, при тоа сериозно влошувајќи ја срцевата функција.

Ова е заклучок изведен согласно резултатите од анализата на направените кардиолошки магнетни резонанци на пациенти кои прележале COVID-19 инфекција.

Истражувањето опфаќа репрезентативен примерок од 100 излекувани пациенти, во периодот април-јуни 2020 година. Истите биле идентификувани од базата на Универзитетската Клиника во Франкфурт. Параметрите кај овие пациенти покажуваат дека  без разлика дали тие претходно имале кардиоваскуларно заболување или не, последиците од инфекцијата врз кардиоваскуларниот систем се значителни.

Оригиналното истражување може да го прочитате овде:  https://bit.ly/3klpfuU

Сексуално преносливите болести не демнат и во текот на летото

Кога ќе се спомене лето најчесто сите мислиме на летен одмор, сонце, плажа, песок, вода, базен… Но, не е се така едноставно… Летото може да носи вознемиреност и страв од појава на многу инфекции. Најчесто ако не се внимава, мочниот меур е прва „жртва“, но, може да страда и целиот организам од останати многу поопасни инфекции поврзани со вашиот генитален систем.
Грижата кон Вашето генитално здравје ја манифестирате преку редовни гинеколошки прегледи и контроли кај Вашиот гинеколог( барем еднаш годишно). Сите сексуално активни девојки и жени треба да бидат и добро информирани дека редовните прегледи може да спречат понатамошно ширење на одредена сексуално пренослива болест преку правилно дијагностицирање и соодветен третман и терапија.

Кои се сексуално преносливи болести?

Сексуално преносливи болести се инфекции кои се пренесуваат преку сексуален контакт, од партнерот кој има сексуално пренослива инфекција.

СПБ се добиваат преку секој вид на сексуална активност, а бидејќи се сериозни болести бараат посебен третман од докторите. Сепак, некои од нив, како ХИВ, се неизлечиви и се смртоносни.

Сексуално преносливи инфекции вклучуваат:

Генитален херпес
ХИВ / СИДА
Гениталните брадавици
Хепатит Б
Хламидија
Сифилис
Гонореа
Трихомонас
Симптоми

Често пати се случува овие инфекции да бидат и без никакви симптоми. Ако симптомите се присутни, тие може да вклучуваат: чешање, непријатна миризба и променет вагинален секрет. Вагиналниот секрет е секогаш присутен. Но, доколку е пообилен и е со променета боја и непријатен мирис, а проследен и со друга симптоматологија како силен јадеж, црвенило и печење, упатува на генитално заболување кое треба да се лекува.

Останата симптоматологија која може да се јави доколку имате сексуално пренослива болест се: рани, израстоци, брадавици на устата, анусот, пенисот или вагината, осип на кожата, болки при мокрење, губиток на тежината…

Исто така може да се забележи и често ноќно потење, болки, температура и треска како и пожолтување на кожата, крварење од вагината, освен за време на менструација и болни сексуални односи.

При било каква промена на вагиналниот секрет задолжителна е посета на гинеколог. Во нашата клиника ќе ги добиете сите потребни информации и соодветни иследувања за овие заболувања, и секако адекватен третман и здравствен совет.

 

Зошто треба да се внимава со храната во топлите денови?

Топлото време и несоодветното складирање, приготвување и послужување на храната го зголемува ризикот од нејзино расипување што може да биде причина за труење со храна. Препораките се едноставни но многу важни.

Пред употреба задолжително е миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје).

Термичка подготовка на храна и нејзина консумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на +4 °C, а пред употребата да се загрее на +100 °C.

Избегнувајте производи кои не се термички обработени, и бидете внимателни со консумација на сладолед и разни кремови.

Високите температури и влажноста во летниот период овозможуваат забрзан раст и развој на бактериите во самата храна.

Друга причина е и зголемената активност на луѓето. На лето, многу почесто се готви надвор, се оди на пикник или се кампува. Со тоа, кујнските и хигиенските критериуми (фрижидерот, термостатот за контролирање на готвењето, машината за миење садови) се на пониско ниво.

Најчести се труењата од салмонела, стафилококи и ешерихија. Како примарни намирници кои се најзаслужни за „расипување на стомакот“ се месото, млечните производи и јајцата. Но, опасните микроорганизми може да се кријат и во свежото овошје и зеленчук доколку не ги чуваме и не ги миеме на правилен начин.

Знаци и симптоми на труење со храна:

  • повраќање
  • дијареја
  • грчеви или болка во абдоминалниот дел
  • недостаток на енергија или слабост
  • губење апетит
  • висока температура
  • болка во мускулите

Препораки:

  • Консумирајте безбедна храна и вода за пиење.
  • Јадете само храна која е добро зготвена и се служи веднаш (топла).
  • Јадете овошје и зеленчук што сте го измиле со безбедна вода или сами сте го излупиле.
  • Пијте вода или газирани пијалаци кои се флаширани и запечатени или многу топло кафе или чај.
  • Користете мраз направен од флаширана или дезинфицирана вода.
  • Мијте ги рацете често и долго со сапун и вода.