Хипофиза и хипофизни тумори

Што претставува и каде е лоцирана хипофизата?

Хипофизата е жлезда со големина на грашок, која е лоцирана на базата на черепот (под мозокот) и веднаш позади коренот на носот. Таа е безбедно сместена во коскена шуплина наречена sella turcica – или турско седло, а со хипоталамусот (дел од мозокот) е поврзана преку тенка петелка. Хипофизата уште се нарекува и главна (мастер) жлезда, затоа што таа практично преку секреција на хормони го контролира метаболизмот, растот, сексуалното созревање (влегување во пубертет), репродукцијата, крвниот притисок и други витални физиолшки процеси и функции.

Кои хормони ги лачи хипофизата?

Поради видот и функцијата на клетките од кои е составена, хипофизата е поделена на два дела – антериорен (преден) и постериорен (заден) лобус.

Хормони на предниот лобус на хипофизата:

  • Хормон за раст – го регулира растот и физичкиот развој во детска возраст. Може да стимулира раст на речиси сите ткива во организмот, но примарни цели се коските и мускулите.
  • Тироидно-стимулирачки хормон – ја активира и и дава наредби на тироидната жлезда да лачи хормони. Вашата тироидна жлезда и хормоните кои таа ги лачи се од витално значење за правилната работа на вашиот метаболизам.
  • Адено-кортикотропен хормон – ја стимулира надбубрежната (адренална) жлезда да создава хормони. Кортизолот кој го лачи надбубрежната жлезда е т.н. „стрес хормон“ и е неопходен за преживување – затоа што помага во регулација на крвниот притисок, има улога при гликемискиот метаболизам и интензивно се лачи при стресни.
  • Фоликуло-стимулирачки хормон – важен е за процесот на продукција на сперма кај мажите, а ги стимулира јајниците да создаваат естроген и да се развиваат јајце клетки кај жените.
  • Лутеинизирачки хормон – стимулира тестостеронска продукција кај мажите и ослободување на јајце клетка (овулација) кај жените.
  • Пролактин – им овозможува на жените после пораѓај да произведуваат млеко.
  • Бета-Меланоцит-стимулрачки хормон – ја стимулира зголемената пигментација на вашата кожа при експозиција на ултравиолетови зраци.

Хормони на задниот лобус на хипофизата:

  • Вазопресин – или уште повеќе познат како анти-диуретичен хормон, ја овозможува водната рамнотежа и ја презервира водата во телото, како и вредностите на натриум во крвта, а со тоа превенира дехидратација на организмот.
  • Окситоцин – стимулира испуштање на млеко од дојките, но исто така стимулира и контракции на матката кај жените во тек на пораѓај.

Нарушувања на хипофизата

Најчестиот вид на нарушување на хипофизата е вообичаено бениген тумор – аденом. Покрај аденомите, некои од почестите состојби се и Краниофарингеом, Синдром на празно седло (Empty sella syndrome), Синдром на Шихан, Мултипла ендокрина неоплазија, Лимфоцитен хипофизитис, Состојба после операција или зрачење на хипофизата, Малиген тумор.

Во оваа статтија ќе ги опфатиме аденомите на хипофизата, како најчест ентитет. Доколку некој има интерес за некоја од другите состојби може да пише во коментар и ќе биде напишана информативна статија и на таа тема.

Бенигни тумори на хипофиза (аденоми)

Овие тумори се прилично чести кај возрасната популација, уште се нарекуваат и аденоми, а не претставуваат тумори на мозокот! Многу често овие аденоми постојат долги години пред да се дијагностицираат, а некои од нив никогаш нема да предизвикаат симптоми и ќе останат неоткриени. Постојат два вида на аденоми на хипозифата – функционални и нефункфионални. Функционалните произведуваат зголемено (најчесто ексцесно) количество на еден или повеќе хормони, додека нефункционалните не произведуваат хормони.

Проблемите кои ги создаваат аденомите на хипофиза најчесто се делат во три групи:

  • Хиперсекреција на хормони – кога еден или повеќе хормони се создаваат во огромни количества, тука станува збор за функционален аденом.
  • Дефицит на хормони – недоволното лачење или целосен недостаток на одреден хормон е предизвикано од голем аденом на хипофизата кој го притиска здравото хипофизно ткиво и со тоа влијае на способноста на жлездата да лачи хормони.
  • Мас ефекти на тумор – се случува кога аденомот на хипофизата неконтролирано расте и ги притиска околните структури на мозокот и може да предизвика главоболки и нарушувања на видот

Кои се симптомите на тумори на хипофизата?

Симптомите предизвикани од тумор на хипофизата варираат во зависност од големината на туморот и евентуалната секреција на хормони. Листата на можни симптоми е навистина долга, а може да вклучи: главоболки, нарушен вид, замор, вртоглавици, нерегуларен менструален циклус кај жените, сексуална дисфункција кај мажите. Специфичните симптоми кои зависат од вишокот на хормони кои се лачат се уникатни и лесно препознатливи од страна на ендокринолозите. Повеќе за овие состојби ќе биде објаснето во наредните статии.

Како се дијагностицираат тумори на хипофиза?

Откако ќе ги наведете симптомите, вашиот ендокринолог ќе ги назначи соодветните хормонски испитувања. Потоа назначува и магнетна резонанца (МР) на хипофизата со цел да се направи целосна евалуација на жлездата.

Кој е третманот за тумори на хипофиза?

Третманот зависи од видот на туморот, неговата големина, симптомите кои ги предизвикува, како и возраста и општата здравствена состојба на пациентот. Вашиот ендокринолог ќе ги земе во предвид сите овие аспекти и заедно со вас ќе ја донесе правилната одлука и ќе го избере соодветниот третман.

Д-р Надица Божиновска

Специјалист по ендокринологија

Хипертермија

Сега,  во лето, кога децата не се на  училиште, прекрасното време и слободата го прават летото бесконечно. Во текот на летните месеци, топлината може да биде добредојдена, но исто така може да направи дехидрација, а во сосема ретки случаи, може дури и да биде смртоносна.

 Што е хипертермија?

Високите температури во текот на летото може да резултираат со хипертермија. Оваа медицинска состојба се одвива кога телесната температура на човекот е поголема од 37.70 Ц- состојба слична на треска – ова се случува кога телото создава или апсорбира повеќе топлина отколку што може да ослободи.

Кои се причините за хипертермијата?

Хипертермијата обично е предизвикана од топлотен удар или лекови. Постојат два вида на топлотен удар: при напор и/или во мир

Топлотен удар при физички напор

Епизоди на вртоглавица се јавуваат кога некое лице учествува во физичка активност, како што е трчање или игра, спорт, кога е многу топол ден. Седењето на топло, и во затворен простор, се смета и за форма на напорен топлотен удар затоа што телото работи посилно од вообичаеното за да ја одржи својата нормална температура. Ова се влошува со непиење доволно вода, недостаток на климатизација или пиење алкохол. Хипертермијата може да се појави кога децата играат надвор, кога се затворени  во топли станови или остануваат во автомобили. Топлотниот удар може да се случи дури и во релативно не многу топли денови, кога температурата надвор е околу 21ºЦ, но како што се зголемува температурата, така ризикот се зголемува. Во 2010 година, 49 деца на возраст од 2 – 6 години починале од хипертермија откако останале затворени во автомобил.

Топлотен удар без физички напор

Топлотен удар без напор, обично е предизвикан од лекови кои го намалуваат потењето, вазодилатацијата и другите механизми за губење на топлина. Овие проблеми го прават телото помалку способно да толерира високи температури. Психотропни лекови и многу нелегални лекови како што е кокаинот, исто така, можат да предизвикаат хипертермија.

Спречување на хипертермија

Правилна заштитита од топлина и можна хипертермија е лесно да се реализира! Кога се игра надвор на топло време, треба да се почитуваат следните правила:

-Правење на чести паузи

– Пиење многу вода

– Носење лесна облека

– Одмарање под сенка, на ладно.

Ако се поминува подолго време во затворено, за време на топлотен бран, треба да се  обезбеди просторија со клима уред или вентилатор.   

Што да направите во случај на хипертермија

Во случај на сериозно покачување на температурата, се прави ладна бања или се поминува телото со сунѓер со вода. Доколку се наоѓате надвор од домот, потребно е да се сместите под сенка, да пиете многу вода и да го освежите телото со ладна вода. Доколку  температурата на телото се искачи над  40ºЦ  или лицето губи свест, веднаш треба да ја повикате службата за итна медицинска помош.

 

Причини за дијареа во летните месеци

Во текот на летото, топлото време овозможува брзo размножување на бактериите во загадената храната, предизвикувајќи труење со храна и бактериска дијареа. Децата кои консумираат храна загадена со бактерии развиваат гадење, силна болка во стомакот и дијареја по 3-24 часа. Тие исто така можат да имаат и главоболки или треска.

Труењето со храна често се јавува во угостителството како: ресторани, забави, летни кампови и оброци во градинка. Храната- како месо, риба, морска храна, шунка, салата, крем, јајца и млеко, честопати се поврзани со труење со храна, па затоа е важно да се провери дали храната е свежа пред да биде консумирана.

Најчестите организми кои предизвикуваат труење со храна вклучуваат- Staphylococcus aureus, Salmonella, Vibrio parahaemolyticus или токсините произведени од бактерии. Повеќето бактерии не се отпорни на топлина, така што труењето со храна може да се спречи со превр храна. Сепак, храната што не може да се вари или токсините што не се деградираат од топлина, сè уште може да предизвикаат труење со храна. Затоа, храната треба да се подготви хигиенски.

Преваленцијата на бактериски причини за дијареја кај деца, како што е дизентерија, битно е намалена во сегашно време, но многу деца сè уште доживуваат абдоминална болка и слузави дијареи во тек на летото. Бактериската дијареа е предизвикана од пренесување на бактерии од фекална материја во храна, која потоа се консумира. Затоа, многу е важно миење на рацете пред подготвување или внесување на храна. Бактериска дијареа или труење со храна природно се решава за неколку дена, така што на повеќето пациенти не им требаат антибиотици или друг третман. Сепак, децата можат да умрат од дехидрација од дијареа, па главниот фокус на третманот е спречување на дехидрација. Педијатриските пациенти можат да развијат дехидратација од повраќање и дијареа, што предизвикува суви орални мукозни мембрани, потонати очи, замор и други знаци на дехидрација. Ако тоа е случај, пациентот мора што поскоро да посети лекар.

Како може да се спречи таквата дијареја?

Треба да се употребува превриена вода и избегнување на вода од чешма или мраз направен од вода од чешма. Треба да се избегнува јадење овошје или лиснат зеленчук и избегнување на јадење лисја, како што се лисјата од зелка. Треба да се избегнува јадење на неварено месо и особено несолена морска храна. Другите опции вклучуваат супи или каша од ориз. Телото на детето треба да е затоплено, а се ставаат топли крпи на стомакот за да ја намали болката во стомакот. Многу деца се опоравуваат за неколку дена, така што нема потреба од преголема загриженост, така да само давање на  симптоматска терапија е доволна.

Ако е осомничена бактериска дизентерија, или има треска или ако има крв во столицата, треба веднаш детето да се однесе на лекар за натамошно лекување. Бактериската дизентерија предизвикува силни болки во стомакот и дијареа што може да предизвика дехидрација. Третман со антибиотици и течности е неопходен. Преголемата употреба на антидијарелни агенси може да ја олесни дијареата, но нема да го излекуваат воспалението на цревата, така што овие агенси не се препорачуваат. Понекогаш тие можат да ги влошат системските симптоми, затоа треба да се внимава при употреба на антидијароици.

Исто така е важно да се мијат рацете пред јадење и пред подготвување на храна. Дијареата предизвикана за време на патувањето се нарекува патничка дијареа. Профилактички лекови обично не се потребни, но доколку децата имаат претходно постоечки состојби како што се гастроинтестинални проблеми, бубрежни проблеми или дијабетес, ќе треба профилакса пред патувањето.

Прим. д-р Соња Петровска
Специјалист по педијатрија

Можни несакани ефекти на кожата од често миење на рацете и практични совети за превенција на непријатни кожни реакции

Болеста COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 продолжува да се шири глобално надминувајќи ги капацитетите и ресурсите на здравствените системи на светско ниво. Бидејќи вирусот се пренесува по респираторен пат и по пат на контакт со контаминирани површини, ширењето на вирусот може да се намали со правилно одржување на хигиена на рацете. Честото миење на рацете значи продолжена експозиција (изложеност) на вода и други хемиски и физички агенси кои може да доведат до одредени промени како што се нарушување на епидермалната бариера, нарушување на ниво на кератиноцитите и последователно ослободување на инфламаторни цитокини, како и активација на имуниот систем и реакции од одложен тип на преосетливост (хиперсензитивност). Од несакани ефекти на кожата може да јават зголемена сувост на кожата па дури и контактен дерматит (најчесто иритантен, а поретко алергиски екцем), а особено подложни се лица со атописки дерматит.

Зошто се јавуваат несакани ефекти на кожата?

Продолженото изложување на кожата на вода и влажна средина доведува до зголемен оток во надворешниот слој на кожата (stratum corneum) и прекин во ултраструктурата на меѓуклеточните липиди, со што се зголемува пермеабиноста (пропустливоста) и осетливоста на кожата на разни физички и хемиски иританси (иритирачки супстанци). Исто така, честото носење на ракавици доведува до зголемено потење, а со тоа се засилува влажната средина водејќи до засилен инфламаторен (воспалителен) одговор на кожата кон иританси.

Повторувачко употребување на сапуни и детергенти

Во нормални услови (и за домашна нега) овие супстанци многу добро се толерираат, но во  услови на зачестено користење овие средства може да доведат до хронично (кумулативно) оштетување на кожата и појава на иритативен контактен екцем, а поретко и алергиски контактен екцем. Ова најмногу се должи на нивната моќ да (го нарушат заштитниот липиден и протеински слој) ги нарушат  липидите и протеините на кожата. Пациентите со лична или фамилијарна анмнеза за атопичен дерматит, имаат хронично дисфункционална кожна бариера, се назначено дополнително почувствителни на овие супстанци (иританси)

Повторувачко употребување на дезинфициенси

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува употреба на препарати кои содржат најмалку 60% акохол во услови кога вода и сапун не се достпни. Овие дезинфициенски додатно ја нарушуваат бариерата на кожата и водат до зголемена сувост и иритација.

Совети

Во овие услови многу е важно да се прилагодат навиките за миење на рацете да се обезбеди ефикасна заштита од ширење на COVID-19, истовремено намалувајќи го ризикот за појава на несакани ефекти по кожата.

1. По порепораките на СЗО, рацете треба да мијат најмалку 20 секунди ( вклучувајќи ги ноктите, просторот меѓу прстите, рачниот зглеоб) користејќи топла вода и сапун, особено по престој во јавен преостор, пред оброци, по кивање или кашлање. По тоа следи темелно плакнење на сапунот и нежно бришење вклучувајќи ги просторите меѓу прстите).

2. одржувањето на соодветна хидратација на кожата е есенцијално во превенција на несакани реакции од зачестеното миење. Овие средства за хидратација треба да се аплицираат повеќе пати во текот на денот, особено по миење на рацете.

3. Постојат повеќе типови на креми/емолиенти и совет за подобрување на бариерата на кожата е комбинација на хумектанти (пример глицеролот  кој е составен дел од препаратот Филагрин протект) со оклузивни емолиенти (во тек на ноќните часови ) за да се превенира губење на вода и спречување на иритација. Имаат улога и во намалување на контактната сензибилизација  и намалување на чувството на сувост.

4. Лога се користат дезинфициенси се оставаат да се исушат спонтано, потоа се препорачува употреба на хидратантни средства

5. Лица кои користат заштитни ракавици, препораката е да се мијат рацете веднаш по отстранувањето на ракавиците и да се нанесат заштитни хидратантни/емолиентни препарати и за да се намали влажната средина важно е систематско менување на ракавиците како и аплицирање на истите на сува кожа.

6. Кај лица со чувствителна кожа и историја на хронични болести на кожата (атопичен дерматит, псоријаза, зголемена сувост на кожата…) препораките се да се користат средствата за хидратација  по секое миење на рацете со цел одржување на кожната бариера. Во случај на појава на секреција, пукнатини, болка или крварење од промените пациентите треба да се јават на преглед кај дерматолог.

Наша препорака за хидратација на кожата

Постои иновативна формула на препаратот Филагрин протект која се разликува од останатите слични препарати бидејќи содржи висока концентарација на глицерол, се изработува магистрално и не содржи конзерванс и додатни парфеми кои дополнително би биле потенцијални иританси. Филагрин протект  е високоемолиентен препарат, овозможува ефикасна хидратација на кожата која трае 24 часа. Првите поволни клинички ефекти се забележуваат по  употреба во времетраење од најмалку 10 дена ако се употребува два пати на ден.

Дехидрирање и дијареа кај деца: Превенција и третман

Што е дијареа?

Дијареата е многу чест проблем кај бебиња и деца. Обично има блага форма и кратка. „Акутна“ дијареа трае помалку од 1 недела и не подолгo од 14 дена.

Детето има дијареја ако има позабрзана перисталтика на дебелото црево од вообичаено и ако столиците се помалку формирани и повеќе водени. Понекогаш, децата со дијареа имаат други симптоми, како што се треска, губење на апетит, гадење, повраќање, болки во стомакот, грчеви и крв и / или слуз во столицата.

Дијареата може да биде опасна ако не се води правилно затоа што дава губиток на вода и соли од телото на детето. Ако овие течности не се надокнадат брзо, детето може да стане дехидрирано и можеби ќе треба да биде хоспитализирано.

Како се шири дијареата?

Бактериите/вирусите, кои предизвикуваат дијареа, се шират лесно од личност до личност, а особено од дете до дете. Обично се шират брзо кај мали деца, кои не научиле да го користат тоалетот.

Што предизвикува дијареа?

Постојат многу различни причини за дијареа. Најчести се вирусни инфекции.

Како можам да се спречи дијареа?

Правилното миење на рацете и безбедно ракување со храна се најдобри начини за да се спречи ширењето на бактериите кои предизвикуваат дијареја.

Што да се прави ако детето има дијареја?

Децата со дијареа треба да продолжат да пијат одредена количина на течности за да избегнат дехидрираност.

• Ако детето е на доење, се продолжува со слободно доење. Може да му се понуди на детето храна што обично ја јаде.
• Ако детето е на исхрана со млечна формула, не се разредуваат оброците со формулата. Се продолжува со исхрана со формула и му се нуди на  детето храна што тој или таа ја јаде нормално.
• Ако детето не е на доење или се храни со млечна  формула, почесто треба да се нуди со различни течности, покрај храната што ја јаде нормално.
• На која било возраст, ако детето не зема друг вид на  течности, треба да се понуди со раствор за орална хидратација (ORS), покрај препораките за хранење.

Што е дехидрација?

Дехидрирањето е предизвикано од губење на течности во телото, кои се состојат од вода и соли. Кога децата имаат дијареа, тие можат да изгубат голема количина на соли и вода од нивните тела и многу брзо може да дехидрираат.  Децата можат да  дехидрираат уште побрзо ако повраќаат.Дехидрирањето може да биде многу опасно, особено за бебиња и мали деца.

Кои се знаците на дехидрација?

Во колку кај дететео се забележат знаци за дехидрирање, треба да се однесе на лекарски преглед. Знаци на дехидрираност вклучуваат:

• намалено мокрење (помалку од 4 влажни пелени за 24 часа кај новороденчиња и помалку од 3 влажни пелени за 24 часа кај постари деца)
• зголемена жед
• отсуство на солзи
• сува кожа, уста и јазик
• побрзо чукање на срцето
• потонати очи
• сивкаста кожа
• вовлечена голема фонтанела на главата на доенчето.

Здравите деца можат да плукаат, повраќаат или да имаат потечна столица еднаш во денот, без да бидат во опасност да бидат дехидрирани.

Што е раствор за орална рехидратација?

Орален раствор за рехидратација (ОРС) е мешавина од вода, соли и шеќер во одредени количини. Овие раствори може да се ресорбираат дури и кога детето има повеќе столици или повраќање.

Растворите за орална рехидратација може да се користат за:

• одржување на децата добро хидрирани, дури и кога имаат бројни столици.
• надополнување на  изгубените течности кога децата покажуваат знаци на блага дехидрација.

Препарати за орална рехидратација се достапни во аптеките во готови форми за употреба. Најдобро е да купи ОРС што веќе е растворен.

За првите 4 часа орална рехидратација (за блага дехидрација)

-Бебиња под 6 месеци возраст од 30 до 90 мл секој час-Деца од 6 месеци до 2 години  возраст од 90 до 125 мл секој час
-Над 2-годишна возраст најмалку 125 до 250 мл секој час. Ако детето одбива да го земе ОРС-от преку чаша или шише, растворот се дава со помош на капалка, шприц, мала лажичка.

Ако детето повраќа, треба да се престане со храна и други течности, но се продолжува да се дава ОРС со лажица.
• Се дава 15 ml (1 лажица ) на секои 10 -15 минути додека не престане повраќањето.
• Постепено се зголемува количината на ОРС додека се задоволат дневните потреби од течности
• Ако детето продолжува со повраќање подолго од 4 до 6 часа, неопходно е да се однесе  во болница.

Од 4 часа до 24 часа: Фаза на обновување

• Се продолжува со давање на  орален раствор за рехидратација сè додека дијареата не стане поретка.
• Редовната исхрана на детето продолжува, доколку нема повраќање.
• Кога повраќањето се намалува, важно е детето да се дои како што е вообичаено, да пие формула или полно млеко или да јаде редовна храна во мали, чести оброци.

Што треба да се избегнува да му се дава?

• Не се даваат шеќерни пијалоци како овошен сок или засладени овошни пијалоци, газирани пијалоци , засладен чај, супа или оризова вода. Тие немаат соодветни количини на вода, соли и шеќер и можат да ја влошат дијарејата кај детето.
• Ако детето има честа дијареа, треба да се провери дали пие раствор за орална рехидратација (не само обична вода) и каква храна јаде. Се препорачува храна со сложени јаглени хидрати, посно месо и овошје и зеленчук. Пиењето само вода може да доведе до ниско ниво на шеќер во крвта или ниско ниво на натриум во крвта на детето. Родителот треба да се консултира со матичниот лекар, пред да се дадат какви било лекови без рецепта за  третман на  дијареата.

Кога треба родителот да се јави на лекар?

Родителот треба да се јави на лекар или да побара медицински совет ако детето:

• има дијареја и има возраст помалку од 6 месеци.• има болки во стомакот кои се влошуваат.
• има крвави или црни столици.
• повраќа крв или жолчка.• одбива да пие.
• сè уште повраќа и не може да пие по 4 до 6 часа.
• има дијареја и треска.• има знаци на дехидрираност.
• Ако детето повраќа зелена жолчка, треба веднаш да се однесе во болница.

Дијарејата што трае повеќе од 1 до 2 недели не се смета за акутна дијареа. Тогаш треба да се разговара со матичниот лекар, за натамошни иследувања.

Прим. д-р Соња Петровска
Специјалист по педијатрија

 

Доктор Жан Митрев го посети Иван Огњановски, пациентот на кој му беше направена првата трансплантација на срце во државава

Доктор Жан Митрев денеска го посети Иван Огњановски, пациентот на кој му беше направена првата трансплантација на срце во државава.

Иван е во добра здравствена состојба и по препораките на доктор Митрев веќе се подготвува за отпуст од болницата и понатамошно лекување и нега во својот дом.

Иван со нетпрение ја очекуваше средбата со доктор Митрев за што и стана и се поздрави со доктор Митрев со цел сите да ги увери во својата желба да оздравее и што поскоро да се врати на нормалниот живот.

Во неговото опоравување во континуитет сите изминати денови се вклучени лекари од нашата клиника кои со колегите од државната кардиохирургија секоја минута ја следнат неговата здравствена состојба.

Соработката помеѓу Zan Mitrev Clinic и тимот на државната кардиохирургија продолжува и понатаму а посебно кога станува збор за тешко болни пациенти.

 

 

Секвенционирање на првите геноми на SARS-CoV-2 во Македонија

Овој пат тимот од Лабораторијата за Генетика и Персонализирана Медицина во соработка со компанијата Био Инженеринг, предводен од Д-р Горан Кунгуловски, беше инволвиран во уште едно значајно поглавје во македонската биомедицина.

Имено, тимот ги секвенционираше првите целосни геноми на коронавирусот SARS-CoV-2, изолирани од македонски пациенти на почетокот на јуни.

Преку пристап на трета генерација на секвенционирање во реално време тимот од молекуларни биолози целосно ги декодираше сите 30-тина илјади букви од генетскиот материјал на вирусот кај 10 македонски пациенти. При деталната анализа на геномот беше откриено присуството мутацијата P323L во RdRP генот и мутацијата D614G во S генот, во изолатите од сите 10 пациенти.

Овие мутации се од особено значење бидејќи се наоѓаат во едни од двата најважни протеини на коронавирусот: S протеинот е клучот за влегување на самиот вирус во клетката и нејзиното инфицирање, а додека пак RdRp генот е значаен за делбата на вирусот во клетката.

Според последните научни студии, соевите коишто ја имаат D614G мутацијата, во изминатите месеци станаа доминантни во Европа и некои региони на САД. Се смета дека мутацијата D614G којашто е отсутна во 97% од изолатите во Кина, а доминантна во Европа и исто така откриена во Македонија, ја зголемува преносливоста и заразноста на вирусот, но нема ефект врз сериозноста на симптомите.

S протеинот е еден од главните таргети за развој на вакцина против вирусот, а додека пак RdRp генот претставува еден од главните таргети за развој на терапија против вирусот. Секвенционирањето на повеќе изолати на вирусот од македонски пациенти од самиот почеток на епидемијата па до сега, ќе овозможи за точно следење на еволуцијата и промените на вирусот во рамките на Македонија.