ЛЕКАРИТЕ ОД ZAN MITREV CLINIC ДОСТАПНИ ЗА ONLINE КОНСУЛТАЦИИ

Користејќи ги дигиталните информациски и комуникациски технологии, Zan Mitrev Clinic обезбеди електронски пристап до здравствените услуги кога не е потребна или можна Ваша лична посета.

Воведуваме online консултација, советување со лекар специјалист од одредена област во траење од 10 минути која е овозможена преку видео комуникација.

За време на видео разговорот, лекарот може да ве советува за терапијата, да предлага стратегии за домашна нега или да препорача дополнителни медицински испитувања.

Закажете online консултација преку нашата интернет страница www.zmc.mk или на следниот линк zmc.tiktak.mk

Висок крвен притисок или артериска хипертензија

Висок крвен притисок претставува зголемен притисок врз ѕидот на артериските крвни садови. Тоа е најчестиот ризик фактор кој води до кардиоваскуларни случувања: инфаркт на срцето, мозочен удар, срцева слабост, атријална фибрилација, нагла смрт, периферна артериска болест, како и хронична бубрежна слабост, когнитивни нарушувања и деменција. Артериската хипертензија претставува водечка причина за прерана смртност во светот.

Кои се причини за артериска хипертензија?

Причините за артериска хипертензија може да бидат есенцијални или секундарни. Есенцијална артериска хипертензија се јавува поради генетска предиспозиција, психички стрес, физичка неактивност, дебелина, консумирање солена храна, консумирање многу алкохол.

Секундарна причина за развој на артериска хипертензија се јавува поради проблеми со бубрезите или надбубрежните жлезди, штитната жлезда или хипофизата.

Кои се симптомите на артериската хипертензија?

Артериската хипертензија претставува „тивок убиец“ бидејќи врши притисок на артериите на сите органи и може да доведе до оштетување на органите. При тоа не мора да предизвика никакви симптоми.

Доколку се јават симптоми, тоа се: главоболка, особено на тилот, замор, крварење во коњуктивата на окото, крварење од носот, заматен вид.

Мерење на крвен притисок

Кога мериме крвен притисок, мериме две вредности, систолен притисок (т.н. горниот крвен притисок) и дијастолен притисок (т.н. долниот крвен притисок). Крвниот притисок може да се мери во домашни услови или од страна на стручно лице во амбуланта. Во домашни услови крвниот притисок можете да го мерите со дигитални апарати.  

Класификација на крвниот притисок

Крвниот притисок се класифицира како оптимален, нормален, висок нормален, артериска хипертензија степен 1-3 (табела бр. 1).

Ова е важно бидејќи ризикот од кардиоваскуларни заболувања зависи од тежината на артериската хипертензија и присуството или отсуството на органи оштетени од артериската хипертензија.

Третман на артериската хипертензија

Цел во лекувањето на крвниот притисок е пред се тој да биде под 140/90 ммХг. Кај пациенти под 65 годишна возраст, кои се на редовна антихипертензивна терапија, се препорачува систолниот крвен притисок да биде помеѓу 120 и 130 mmHg.

Додека, кај пациенти ≥ 65 годишна возраст, целна вредност на крвниот притисок е 130-140ммХг, независно од ризикот за кардиоваскуларни случувања и независно дали има или нема пропратни кардиоваскуларни заболувања.

Лекувањето на високиот крвен притисок се врши со:

  1. Промена на животниот стил и
  2. Медикаменти

Лекувањето на високиот крвен притисок бара индивидуален пристап и соработка помеѓу лекарот и пациентот. Првата работа која пациентот треба да ја направи е промената на животниот стил.

Промена на животниот стил е потребно  да се направи веќе во стадиум на висок нормален крвен притисок. Потребно е намален внес на сол во исхраната (< 5 гр сол дневно), намален внес на алкохол, зголемен внес на зеленчук, свежо овошје, риба, јатки, незаситени масни киселини (маслиново масло), ретка консумација на црвено месо, исхрана сиромашна со масти.

Намалување на телесната тежина е една од најнеопходните мерки за намалување на крвниот притисок.

Зголемување на физичката активност (најмалку 30 минути аеробни вежби од умерен степен 5-7 дена во неделата) исто така го намалуваат крвниот притисок.

Престанок на пушење го намалува ризикот од развој на сите кардиоваскуларни заболувања.

Начинот на лекувањето на артериската хипертензија го одредува кардиолог. Пациентите со артериска хипертензија и коронарна болест, хронична бубрежна слабост, срцева слабост и атријална фибрилација имаат свои специфики во лекувањето.

Артериската хипертензија претставува секојдневна дијагноза во нашата работа како лекари. Нејзиното рано дијагностицирање и навремено лекување спречува развој на многу сериозни случувања на срцето и крвните садови.

Не дозволувајте артериската хипертензија да стане вашиот „тивок убиец“.

Табела бр. 1 Класификација на артериската хипертензија

Категорија Систолен (mmHg) и/или Дијастолен

(mmHg)

Оптимален < 120 и < 80
Нормален 120-129 и/или 80-84
Висок нормален 130-139 и/или 85-89
Артериска хипертензија степен 1 140-159 и/или 90-99
Артериска хипертензија степен 2 160-179 и/или 100-109
Артериска хипертензија степен 3 ≥ 180 и/или ≥ 110
Изолирана систолна хипертензија ≥ 140 и < 90

 

Со почит,

Д-р Милка Клинчева
Спец. по интерна медицина – Субспец. по кардиологија

 

Промена на цена за тестирање на Ковид-19 базирана на новите трошоци и на ценовникот на услуги препорачани од ФЗО

Почитувани,

Следејќи ја ситуацијата со новиот коронавирус во Кина, Лабораторијата за Генетика и Персонализирана Медицина уште на крајот на месец јануари започна со подготовка на нејзините капацитети за детекција на новиот коронавирус (SARS-CoV-2) со RT-PCR метода. Ова е едиствената метода за детекција на вирусот која е препорачана од СЗО. Официјално, првиот тест во нашата лабораторија беше направен на 19.02.2020 – седум дена пред појавата на првиот потврден позитивен случај во Македонија кој беше детектиран во Институтот за Јавно здравје.

Иницијално, имплементацијата на анализата во нашата лабораторија беше со цел тестирање на предоперативните пациенти во Zan Mitrev Clinic, како дополнителна заштитна мерка и за пациентите и за персоналот во самата клиника. Цената на тестот која што беше одредена соодветствуваше токму на тие потреби.

Меѓутоа, со навлегувањето на оваа вирусна пандемија длабоко во секоја пора на државата, Zan Mitrev Clinic се стави во служба на граѓаните и директно започна да учествува во масовниот скрининг за новиот коронавирус на национално ниво.

Последователно ги зголемивме нашите капацитети од 30 тестови дневно на 300 тестови дневно, и тоа преку четирикратно зголемување на персоналот во лабораторијата, преку набавка на три нови роботи за автоматска ДНК/РНК екстракција (вкупен број 4), набавка на нови кабинети за подготовка на реагенси за PCR анализата и нови кабинети кои овозможуваат висока заштита од штетни биолошки агенси, нови машини за RT-PCR (вкупен број 2) и нови типови на лична заштитна опрема.

Во меѓувреме, поради големата побарувачка на тестови и дефицит на потрошен материјал на светско ниво, трошоците за извршување на еден тест драстично се зголемија, со што цената на тестот стана неодржлива и почна да го загрозува нашето учество и нашиот придонес во целата кризна и вонредна ситуација.

Па така, назначена комисија од Министерството за здравство изврши неколку увиди во целосната работа на лабораторијата и сите процеси во истата, при што конечен извештај беше доставен до ФЗО на РСМ. Во најбрзо време се очекува нашата лабораторија да почне да функционира во мрежата на здравствени услуги на РСМ.

Одредувањето на новата цена се базира на новите трошоци и на ценовникот на услуги препорачан од ФЗО за детекција на респираторни вируси со RT-PCR метода (пр. МО2/1 – 3000 ден и МО7/6 – 5500 ден) и истата ќе изнесува 3950 ден за сите приватни пациенти.

Старата цена е важечка за сите пациенти коишто веќе имаат букирано термин.

Брзо и едноставно – Закажете online!

Почитувани,

Следејќи ги современите трендови на дигитализација, Zan Mitrev Clinic го усоврши системот на закажување термин.

За да бидеме поблизу и секогаш достапни за Вас, воведовме ONLINE закажување со што го поедноставивме процесот на закажување термин за нашите услуги.

Преку новата апликација со само неколку кликања можете да закажете термин за преглед, снимање или интервенција кои сметате дека Ви се потребни, како и да го одберете Вашиот лекар.

Нема ред и чекање, закажете online на www.zmc.mk или на следниот линк https://zmc.tiktak.mk/

Светски ден на здравјето

Денеска под мотото „Поддршка на медицинските сестри и акушерките“ Светската здравствена организација го прославува Светскиот ден на здравјето.

Светскиот ден на здравјето првпат беше одбележан во 1950 година и оттогаш е насочен кон подигање на јавната свест за здравствените проблеми. Овој ден се слави како потсетник за основањето на Светската здравствена организација, со цел да се привлече вниманието на најважните здравствени проблеми во светот.

Во оваа меѓународна година на медицинските сестри и акушерките, Светскиот ден на здравјето го потенцира сегашниот статус на медицинските сестри. СЗО и нејзините партнери ќе дадат серија препораки за зајакнување на работната сила меѓу медицинските сестри и акушерките.
Ова ќе биде од витално значење доколку сакаме да постигнеме национални и глобални цели поврзани со универзално здравство, здравјето на мајките и на децата, преносливи и непреносливи болести, подготвеност и одговор при итни случаи, безбедноста на пациентите и нивна грижа.

Светската здравствена организација ги повикува лидерите во светот да преземат конкретни чекори кон воспоставување на универзален пристап до здравствените услуги. Тоа подразбира секој и насекаде да има пристап до квалитетни здравствени услуги без да се соочува со финансиски потешкотии.

Тестирање за COVID- 19 во домашни услови

Во услови на прогласена пандемија од COVID-19, Zan Mitrev Clinic непречено нуди здравствени услуги за сите пациенти и ги превзема сите мерки и протоколи за заштита на пациентите и вработените.

За оние кои не можат да дојдат во клиниката имаме нова услуга- земање на примерок за испитување на COVID-19 во домашни услови.

Термин може да закажете во период од 07 до  20 часот секој работен ден, а за викенд од 07 до 15 часот, преку телефонскиот број:  02/3091 484 или преку електронската пошта: infosalter@zmc.mk

Известување

Домашна посета

 

Zan Mitrev Clinic воведува нова услуга- ДОМАШНА ПОСЕТА со преглед од кардиолог, за сите пациенти кои поради пандемијата не можат да дојдат во нашата клиника, а имаат кардиоваскуларни заболувања.

Закажете термин за домашна посета во период од 07 до 20 часот секој работен ден, а за викенд од 07 до 15 часот, преку телефонскиот број:  02/3091 484 или преку електронската пошта: infosalter@zmc.mk

 

Со почит,
Zan Mitrev Clinic

Кардиоваскуларните заболувања во време на пандемија со Корона вирус (COVID-19)

Респираторните вирусни инфекции се главна причина за пандемија во последните дваесет години. Вирусите САРС (тежок акутен респираторен синдром) во 2002 година, свински грип (H1N1) во 2009 година и МЕРС  ( средно источен респираторен синдром) во 2012 година предизвикаа воспаление на белите дробови (пневмонија) и зголемена смртност кај луѓето во светот.

Вирусните инфекции предизвикуваат системско воспаление кое може да води до акутни и хронични кардиоваскуларни случувања. Исто така, тежината на примарниот респираторен проблем и можноста за сериозни компликации е поголема кај пациенти со постоечки заболувања на срцето и крвните садови (кардиоваскуларни заболувања).

Првите публикувани студии за COVID-19 укажуваат дека 50% од хоспитализираните пациенти имаат некакво хронично заболување, од кои 40% спаѓаат во групата на кардиоваскуларните заболувања.  Во најголемата клиничка студија за COVID-19 досега, најчестите компликации од кардиоваскуларни случувања помеѓу пациентите на интензивна нега се акутна срцева слабост дури и кардиоген шок, миокардитис и аритмии.

Хроничното кардиоваскуларно заболување може да се дестабилизира  при вирусна инфекција, како резултат на нерамнотежа помеѓу зголемената метаболна потреба при инфекцијата и намалената резерва на срцето.

Воспалението предизвикано од вирусот може да предизивика руптура на атеросклеротски плак во крвните садови и последователна тромбоза, која може да доведе до развој на инфаркт. Оваа можност е поголема кај пациентите со веќе постоечка коронарна болест (запушувања на  артериските крвни садови во срцето) и срцева слабост. Од овде произлегува уште поголемата потреба од редовно користење на пропишаната терапија (аспирин, статини, бета блокатори и инхибитори на ангиотензин конвертирачкиот ензим).

Пациентите со артериска хипертензија, дијабетес мелитус, пушење и дебелина се со зголемен ризик од компликации од инфекции.

И покрај тоа, досегашното искуство вели дека кардиоваскуларните компликации се поретки и вообичаено се последица на примарни респираторни компликации.  Пациентите со претходни кардиоваскуларни заболувања имаат најголема смртност.

Докторите од европските земји, каде има многу голем број на инфицирани луѓе со COVID-19, утврдија дека пациентите со акутен коронарен синдром доаѓаат подоцна од вообичаено, често во фаза на кардиоген шок.

Почитувани граѓани, нашата болница продолжува да спасува животи и во време на пандемија.  Сите што имаат градна болка не треба да чекаат и да се плашат од инфекција бидејќи и покрај пандемијата, луѓето сеуште умираат од кардиоваскуларни заболувања повеќе отколку од вироза со COVID-19.

Почитувани пациенти, нашиот тим ви посакува да останете безбедни и што побезболно да го поминеме периодот на борба против нашиот нов невидлив непријател.

Сите совети за превенција од акутни случувања продолжуваат и  во вонредни состојби. Останете физички активни, внимавајте што јадете и колку јадете, мерете редовно крвен притисок и гликемија, редовно земајте ја пропишаната терапија.

Прилагодете ги советите од вашиот кардиолог на новонастаната состојба.

 

Со почит,

Д-р Милка Клинчева

Кардиолог