„Риниса се роди по втор пат во клиничката болница Жан Митрев“

Риниса уште на својот прв ден во животот се соочи со огромен проблем, проблем кој за неа значеше живот или смрт. Не по своја волја таа уште во првиот миг кога го доби животот почна да се бори за него, да се бори со сите сили во борба во која беа важни дури и секундите.

Риниса е родена на 1 август во општата болница во Струга а веќе на 2 август беше донесена во нашата клиника. Итноста на состојбата не дозволуваше никакво одлагање ниту пак колебање што да се направи. Веднаш било утврдено дека таа е зависна од кислород и тоа било првичниот мотив да се префрли во Клиниката за детски болести во Скопје. Таму после направената анализа и ехокардиографија е утврдено дека има сериозна вродена срцева мана т.е. транспозиција на големи крвни садови по што веднаш е префрлена во Zan Mitrev Clinic. Уште во првиот миг од пристигнувањето во нашата клиника нашиот докторски тим веднаш почна со подготовки за реализација на оперативен третман.

– Веднаш реагиравме соодветно оти таа состојба, таа срцева мана, веднаш бара реакција бидејќи ако не се реагира веднаш може да заврши фатално. По доаѓањето кај нас веднаш се започна со терапија по протокол за да може да се дојде до оперирање. Тоа е една специфична терапија која беше спроведена и со сите предоперативни анализи коишто треба да се реализираат за да може детето итно да се внесе во сала. Следниот ден се влезе во сала и се направи исклучително тешка операција којашто беше исклучително успешно изведена од нашиот тим. После оперативниот третман ние како тим имавме голем предизвик затоа што ова е сериозна вродена срцева аномалија којашто има многу мал процент на преживување и тоа во светот во сериозно развиени кардиохируршки центри. Со големи предизвици се сретнавме и постоперативно и ние како педијатри. Меѓутоа нашиот максимум даден изминатиов период вроди со плод така што Риниса дочека не само да си оди дома туку тоа да го направи во супер состојба. Таа е сосема здрава, весела среќна со покачена телесна тежина, со уредни витални параметри. Да напомниме дека таа кај нас беше примена со сатурација од 60% а сега ја пуштаме со кислородна сатурација од 100%. Таа сега е многу пргаво и весело бебе на општо задоволство на сите нас и секако посебно за родителите кои се тука и со нетрпение чекаат да си ја однесат дома. Останува да ја следиме на нејзините редовни контроли и да не почествува со нејзиното присуство, да ја гледаме како расте – вели Јорданка Маџоска педијатар во нашата клиника.

Ова е огромен успех пред сè за самиот спасен живот, за нашата клиника, за тимот доктори и целиот персонал што работи тука а секако и за целата наша држава бидејќи се изедначуваме со врвни светски центри кои долго време работат детска кардиохирургија.

– Токму така, ова е уште еден доказ дека работиме одлична кардиохирургија и одличен постоперативен програм кој резултира со тоа што по еден месец од една ваква комплексна операција едно мало бебенце здраво си оди дома. Zan Mitrev Clinic е во рангот на врвните светски кардиохируршки центри – додава Маџоска.

Родителите се секако пресреќни што нивното првенче и покрај огромните ризици и проблеми здраво и насмеано си заминува дома.

– Благодариме на целиот тим и посебно на доктор Жан Митрев кој го спаси нашето дете. Поминавме тешки мигови. Сепак, длабоко во себе знаевме дека сме на вистинското место каде што ќе се даде комплетната здравствена заштита, грижа и нега на нашето дете. Оваа болница ја гледаме како второ родилиште на нашата ќерка. Таа еднаш се роди во болница во Струга по што повторно и се даде живот токму тука во клиничката болница „Жан Митрев“. Ние сме пресреќни што конечно си одиме дома со нашето најмило – ни изјави мајката пред да го напушти одделението каде што беше сместена Риниса.

Влијанието на смарт телефоните врз постурата – начинот на кој го држиме телото

Постурата претставува начинот на кој го држиме нашето тело. Постојат два вида:

  • Динамичен став е како го држите телото кога се движите, шетате, трчате или се наведнувате за да земете нешто.
  • Статички став е како го држите телото кога не се движите, седите, стоите или спиете.

Сигурно не можеме да замислиме еден ден без мобилен телефон. Тоа стана дел од нашиот секојдневен живот, кога стануваме зависни во многу ситуации. Но, она што многу од нас не го знаат е дека прекумерната употреба на мобилните телефони предизвикува оштетување на нашето тело. Експертите сè повеќе зборуваат за оваа тема и не можеме да ги игнорираме бидејќи нашата цел е да обезбедиме удобност и квалитетен живот за луѓето преку ергономијата.

Во најголем број од случаите проблемите настануваат од погрешната позиција на телото при користење на мобилниот телефон.

Најчести проблеми кој се јавуваат со прекумерното користење на смартфоните се:

  • главоболки
  • болки во рамениот појас
  • искривување на ’рбетниот столб
  • оштетување на видот

Од илустрацијата може да се заклучи дека ’рбетниот столб се подложува на сила според положбата на главата.

Во неутрална положба со агол од нула степени имаме оптовараување од 6 килограми што би било тежината на нашата глава, но со зголемување на аголот оптоварувањето врз ’рбетот се зголемува.

Најчестата положба што ја заземаме е околу 30 степени што е околу 18 килограми тежина.

Вообичаено трошиме во просек 2 до 4 часа дневно користејќи ги нашите смартфони што значи дека нашето тело е изложено врз огромен притисок.

За да ги избегнеме овие проблеми и да си го зачуваме нашето здравје мораме да научиме како да ги користиме уредите без да го оптоваруваме нашето тело.

Потребно е секогаш телефонот да го држиме на ниво на очите и така ќе се принудиме да ја држиме главата, вратот и рамената во подобра положба.

Периодично да ја движиме главата од едната на другата страна за протегнување на мускулите.

Застанете на вратата, истегнете ги рацете и наведнете го градниот кош. Ова ќе помогне да се релаксираат мускулите кои се фиксираат во една положба при долго користење на паметниот телефон.

Неправилната позиција на телото може да го намали капацитетот на белите дробови за дури 30% со што се зголемуваат шансите за кардиоваскуларни болести.

За да не дојде до нарушување на постурата потребно е секојдневно да вршиме физичка активност трчање, пливање, вежби за истегнување и јога

Бесплатен педијатриски преглед за 101 новороденче од општина Центар

Денеска Zan Mitrev Clinic додели 101 ваучер на новороденчиња од општина Центар. Станува збор за педијатриски преглед за новороденчињата кои треба да го искористат во наредните три месеци од доделувањето. Нашите педијатриски служби ги очекуваат родителите на телефонскиот број 02 / 3091-484 за да закажат преглед за своето бебе.

Инаку, акцијата за доделување на вакви ваучери е согласно меморандумот за соработка што нашата клиника го има потпишано со општината Центар.

На настанот освен родителите со нивните деца присуствуваа и претставници од локалната самоуправа предводени од градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, кој од страна на општината на семејствата на новороденчињата им подели решенијата за парична помош во висина од 7.000 денари.

Средствата се доделуваат редовно, во рамките на проектот на општината за првична помош и поддршка на родителите кои се жители на Општина Центар, а од оваа година општината потпиша меморандум за соработка со општествено одговорни компании и здруженија, меѓу кои се најде и Zan Mitrev Clinic, кои на овие семејства им донираат свои производи и услуги.

Промотивен физиотерапевтски преглед со попуст од 50%

Тимот на физиотерапевти при Zan Mitrev Clinic по повод одбележаниот ден на физиотерапевти, 8 септември, се вклучува во кампањата за одбележување со спроведување на физиотерапевтска проценка / прегледи на локомоторниот апарат со 50% попуст. Акцијата ќе трае од 10 до 30 септември 2019.

Закажување за промотивен физиотерапевтски преглед може да се направи на следниот телефонски број 02/3091500 или 02/3091 484 – секој работен ден од 8 – 20 часот.

Врз основа на спроведен физиотерапевтски преглед секој пациент добива индивидуални препораки за понатамошен третман или дополнителна дијагностика.

Мултидисциплинарниот пристап за третман на мускулни скелетни заболувања како и достапност до најсовремена брза дијагностика во комбинација со долгогодишна клиничка пракса се можност за навремен и ефикасен третман.

Магнетна резонанца на срце – современ тренд во дијагностиката и прогнозата на срцевите болести

Денеска во Zan Mitrev Clinic се одржува стручен состанок на тема “Магнетна резонанца на срце- современ тренд во дијагностиката и прогнозата на срцевите болести“. Од нашата клиника свое предавање на настанот на кој учесвуваа триесетина доктори од различни области, како од Zan Mitrev Clinic така и од останатите државни и приватни клиники, имаше докторка Тања Анѓушева на тема „Тимска евалуација на напредната срцева слабост “. На неколку теми свое излагање имаше и Доц. Др. Јадранка Стојановска која е доцент по радиологија и работи на Одделот за радилогија на Универзитетот во Мичиген. Своето искуство и знаење пред присутните го сподели и Проф. Др. Љубица Георгиевска – Исмаил која одржа предавње за Амилоидна кардиомиопатија.

Видео од Zan Mitrev Clinic како најдобар пример за соработка со „Филипс“

Екипата на „Филипс“ производител на медицинската опрема по највисоки стандарди, денеска во Zan Mitrev Clinic снима Customer Testimonial Video. Нашата клиника е една од седумте болници од Европа која беше одбрана за вакво видео како „High Class of Art of Excellence“ со својата инфраструктура, услугите и грижата за пациентите.

Zan Mitrev Clinic го одбра „Филипс“ за свој партнер, по претходно искуство од други производители на опрема бидејќи е „user friendly“ и софтверските апликации како на пример за КТ ангиографиите и особено за КТ коронарографиите се толку едноставни и автоматизирани, што многу го скратува времето потребно за реконструкции и анализа бидејќи токму тие се тие „time consuming“ процеси, а со тоа може да се завршат и повеќе комплексни прегледи за пократко време.

Од аспект на пациентите, тоа е исто така важно, бидејќи така се добива најбрза, навремена и прецизна дијагноза, а понатаму и соодветен третман.

Исто така за пациентите, а секако и за персоналот, е важно тоа што со најновата Филипс технологија е значајно намалена е и дозата на зрачење кај апаратите со јонизирачко зрачење, РТГ апаратот, КТ, ангио апаратот.

Филмот што денеска се снима кај нас по обработката ќе биде дистрибуиран низ цела Европа, и ќе биде функционална презентација како комбинацијата на врвна технологија, знаење и посветеност кои можат да ги поместат границите на возможното.

Неточно е дека подмочувањето е нормална работа за жените кои родиле

 

 

Интервју со Проф. д-р сци. Васил Илиев

Сакам да потенцирам дека квалитетот на живот на пациенти со инконтиненција е исклучително редуциран. Контакт со луѓе, контакт со внуци (ако се повозрасни), постои мирис поради урината. Тие имаат постојано чувство на мокрост и иритација на кожата која се јавува релативно брзо, оти урината е полна со киселина. За жал кај нас, но според моето искуство од работата во странство, и во некои останати земји, многу често жените мислат дека инконтиненцијата, подмочувањето е нормална работа за жена која што родила, што апсолутно не е точно.

Инконтиненцијата, или неволното испуштање на урина е проблем, состојба која иако почесто се јавува кај жените, не ги одминува ниту мажите. Постојат повеќе типови на инконтиненција, нејзино дијагностицирање, и секако решавање на проблемот. За тоа, кој метод на решавање е најуспешен, како се поставува дијагнозата и за се поврзано со оваа здравствена состојба, разговаравме со проф. д-р Васил Илиев, гинеколог-акушер, специјалист по урогинекологија.

 

Што претставува инконтиненцијата, за каква состојба станува збор?

Проф. д-р Илиев: Континенцијата претставува физиолошко, нормално полнење на бешиката, која меѓу две празнења е комплетно сува, односно не доаѓа до истекување на урина. Инконтиненција е спротивното, односно кога доаѓа до губење на урина, не по желба, не по чувство на потреба за уринирање, туку станува збор за неволно, неконтролирано мокрење поради разни причини. Ова е сложен термин. Треба да се појде од фактот дека ние се раѓаме без можна контрола на мокрењето. И во текот на првата година треба да созреат центрите кои се наоѓаат во ‘рбетниот мозок, и во големиот мозок. Тоа се сензибилни и моторни центри кои што пренесуваат информација за степенот на дистензија на мочниот меур, односно степенот на наполнетост. И тогаш кога ќе дојде до тоа, треба да се најде адекватно хигиенско социјално прифатливо место за да се испразни мочниот меур. Друга карактеристика на мочниот меур која што е многу важна, а која луѓето не ја осознаваат, е дека тоа е мускулен орган. А, мускул кога се полни тој треба да направи реaкција, да се стегне. Инервацијата прави да тој издржи одредена количина на наполнетост без да се стегне, без да контрахира и да изврши празнење. На пример, срцето е мускулен орган исто така но, тоа штом прими крв веднаш се контрахира и ја проследува понатака во циркулацијата. Тоа е една компарација колку е сложена целата софистицирана неуролошка парасимпатична и симпатична инервација на мускулот на мочниот меур која се вика детрусор. Тоа е исклучително важна консталација.

Ќе се запрепастите ако ви кажам дека, според едно претходно испитување на девојки – гимназијалки, се покажа дека 26-27% имале момент на неволно истекување на урина, вели проф. др Илиев.

 

Какви се типови на интконтиненција постојат?

Проф. д-р Илиев: Има различни моменти уште кога во младост, новородени доживуваат пореметување на созревањето на некои од центрите или на трансферот на информацијата, па кај некои мали дечиња над една година може да се случи подолго да трае тоа осозревање и пријавување на желбата за празнење. Тоа се спаѓа во групата на постпонирана физиологија. Во друга голема група која што прави проблем од аспект на неуролошки проблеми, бидејќи овие првите немаат вакви неуролошки проблеми, туку само созревањето и трансферот на информацијата е позабавен и треба повеќе време. Оваа втора група имаат неуролошки проблеми, а најпознат неуролошки испад е т.н. спина бифида кој што постои кај пациенти кои реферираат неволно истекување на урината, особено во текот на ноќта, зависно од големината на таа спина бифида. И тука спаѓа онаа енуреза (ноктурно) , каде веќе во патолошка смисла е пореметено созревањето на центрите на континенција, односно за одржување на физиолошкиот ритам на мокрењето.

Кои групи на проблеми најчесто постојат кај инконтиненцијата?

Проф. д-р Илиев: Практичен проблем е неадекватна диастола на мочниот меур. Има повеќе категории според причините поради кои настанува тоа неволно истекување на урината. Најчеста е истекување при покачен интраабдоминален притисок кој што се пренесува лесно во широка, посебно во женска карлица. Ова важи генерално за жени, а потоа ќе објаснам и за кај мажите. Женската карлица е волуменозна, поради репродуктивните капацитети и сите сили на притисок кои што се создаваат во карличната шуплина. Секоја сила по закон на физика прави еден фокус на делување, кој коинцидира со мочниот меур, бидејќи кога сме се исправиле од квадрипедална позиција во бипедална позиција сите органи доживеале антипонирање и мочниот меур дошол  во фокусот. Но, затоа еволуцијата обезбедила добра мускулатура на карличното дно и паракарличното дно која што го обезбедува позиционирањето, статичкиот момент. И довела до тоа да кога ќе делува фокусот на сила на мочниот меур настане минимално дорзокаудално поместување, флексибилитет. Сите органи во нашето тело се на нешто легнати или се на нешто обесени и сите тие два модалитета на фиксација, таканаречена, не апсолутна, доживуваат физиолошка динамика.

Кога фокусот на сила делува, доживува да горниот дел на спојот меѓу уретрата и бешиката се помести минимално и кога ќе се помести доаѓа да се залепи на структури од карличното дно и го затвори минималниот отвор на уретерот, со што притисокот, по  законот за хидродинамика, штом се намали радиусот на каналот,  се зголемува интрауретралниот притисок и се обезбедува континенција. Кога тоа не е реализирано синхроно, со зголемување на интраабдоминалниот притисок, тоа значи кашлање, смеење, трчање, па дури и сексуални односи некогаш, доаѓа до неволно истекување на мокрача, познато како СТРЕС ИНКОНТИНЕНЦИЈА НА УРИНА. Тоа е најчеста причина за проблематиката кај жените во однос на инконтиненцијата.

Втора голема група е неволно истекување на урина поради несинхронизирана контракција, стегање на мускулатурата на мочниот меур. Значи, пациентката не може да ја контролира дијастолата на мочниот меур и таа итно мора да реализира уринирање. Таа има чувство дека треба да реализира, но мора итно тоа да го направи. Јас постојано ги прашувам дали стигаат до тоалетот кога има итност за уринирање,, а тие ми одговараат, особено оние кои имаат вистински проблем, дека не стигаат. Тие жени, поради тоа народски кажано подмочување, живеат постојано со влошки. Истото е и со првата категорија. Континенцијата претставува физиолошко, нормално полнење на бешиката, која меѓу две празнења е комплетно сува, односно не доаѓа до истекување на урина. Инконтиненција е спротивното, објаснува проф. д-р Илиев.

Сакам да потенцирам дека квалитетот на живот на пациенти со инконтиненција е исклучително редуциран.

Контакт со луѓе, контакт со внуци (ако се повозрасни), постои мирис поради урината. Тие имаат постојано чувство на мокрост и иритација на кожата која се јавува релативно брзо, оти урината е полна со киселина. За жал кај нас, но според моето искуство од работата во странство, и во некои останати земји, многу често жените мислат дека инконтиненцијата, подмочувањето е нормална работа за жена која што родила, што апсолутно не е точно.

Еве на пример во Данска, не се дозволува пациент да има таков проблем, особено со денешните расположливи модалитети на решавање на проблемот. Ова група се нарекува УРГЕНТНА ИНКОНТИНЕНЦИЈА или дијагноза нестабилен детрусор и се јавува од непозната причина, значи не постои неуролошки испад кој што го оправудва тоа хаотично функционирање на мускулот на бешиката. Кога постои неуролошка причина, некое воспаление или повреден ‘рбетен мозок или друго, тоа се нарекува НЕУРОГЕНА бешика. Тоа се манифестира исто, ама етиологијата, причината е различна.

Покрај овие две големи групи, постои и МЕШАНА. Значи има пациенти кои што имаат и стрес инконтиненција и ургентна инконтиненција. Тоа е предизвик за решавање, оти се решава на два различни начини. Стрес инконтиненцијата се решава оперативно, додека другото се решава фармаколошки. И често пати кога ќе се реши стрес инконтиненцијата, поради минимално поместување на спојот на мочниот канал со бешиката, доаѓање до големо корегирање и на нестабилниот детрусор. Затоа и треба да се прави тој редослед на решавање на проблемот.

И постои една поретка група кај жени на интконтиненција, т.н. ПРЕЛЕВНА. Значи доаѓа до истекување затоа што се преполнува бешиката и често пати таа може да биде, зависи од капацитетот, односно од континуитетот на сензибилитетот, дали биле со осет или без осет. Тоа доаѓа кај жени кои имаат паралелен генитален спад, па доаѓа до агол кој е пооштар на мочниот канал или каде што имаат спад на мочниот меур, надвор од влезот на вагината и тука стално останува урина и брзо се преполнува и прелева. Овој тип на инконтиненција е почест кај мажи со хипертрофија простата, која што го опструира протокот и празнењето на урината и затоа кај нив најчести инконтиненции кои што се јавуваат се, прелевната инконтиненција и нестабилен детрусор, но тој го ставаме во органски предизвикан. Кај мажите може да се јави поретко и стрес инконтиненција, по вадењето на простатата.

 

Кои жени се со најголем ризик и можност да развијат состојба на инконтиненција?

Проф. д-р Илиев: Ќе се запрепастите ако ви кажам дека, според едно претходно испитување на девојки – гимназијалки, се покажа дека 2627% имале момент на неволно истекување на урина. Тука секако дека има различни варијации, во однос на месечен циклус, настинка… Но, сепак да најдете толкав процент на таа возраст тоа е веќе загрижувачко. Тоа до некаде се должи и на култура на вежбање на карличната мускулатура. Во некои земји постои култура на девојчиња кои уште во рана возраст на 5-6 години почнуваат да ја вежбаат карличната и лумбосакралната мускулатура. Но, тоа се културолошки моменти, кои се надвор од доменот на гинекологијата.

Кои се дијагностичките процедури кога станува збор на инконтиненцијата?

Проф. д-р Илиев: Суверено правило за дијагностика не постои за овие различни типови на инконтиненција, а луѓето најчесто и не знаат дека постојат различни типови. Прво треба да се направи урогинеколошки преглед. Зошто? За да се исклучи пореметување на статиката на гениталните органи, да се исклучи спад на мочниот меур, на утерусот и на дебелото црево кое што кога ќе спадне со задниот ѕид притиска на предниот ѕид каде што проаѓа мочниот канал. Потоа треба да се направи еден тест во текот на тој за мене рутински преглед – стрес тест, односно Маршалов тест, кога се полни бешиката и се тера пациентот да кашла и да манифестира интраадоминален притисок. Се прави и еден друг тест Бониев тест. На тоа може да се надоврзе и Кју тип тест, кога во мочниот канал се поставува една пластична творевина на чиј врв има памук и се тера пациентот да напне, по што се мери аголот  на отклонување при напор односно се заклучува за степенот на дислокација на урогениталниот комплекс. Може да се направи и тест со влошка. Тоа е во делот на амбулантската дијагностика. Суверено правило за дијагностика не постои за овие различни типови на инконтиненција, а луѓето најчесто и не знаат дека постојат различни типови, потенцира познатиот урогинеколог.

Постои и кабинетска дијагностика, која се нарекува уродинамика. Тоа е еден апарат кој што мери притисоци и протоци во мочниот меур и во мочниот канал. Тој е доминатен тест повеќе за нестабилниот детрусор, но се користи и кај стрес инконтиненцијата за да исклучиме постоење на тој нестабилен детрусор. Кога се мешани, ние треба однапред да знаеме, за да на пациенот му се презентира што се е расположливо за решавање на проблемот.

 

Кога може, односно кога пациентот може да сфати дека има проблем со инконтиненција?

 

Проф. д-р Илиев: Суштествено е, при поставувањето на дијагноза ИНКОНТИНЕНЦИЈА, било лабораториски или анамнестички да се исклучи постоење на инфект. Кога тоа постои прво треба тој да биде саниран, па после да се утврди дали постои навистина инконтиненција, бидејќи инфектот провоцира такви моменти на нестабилност на детрусорот и на мочниот меур и инконтиненција од стрес тип. Тоа е основно.

Кај помлади лица сме многу внимателни, посебно кај пацентки кои не извршиле репродукција, оти се смета дека репродуктивниот акт, раѓањето е еден од провокаторите на дислокациски промени во генитоуринарниот систем. Дислокациска промена може да води до стрес инконтиненција, или кон друг тип на инконтиненција. Јас во моментот има пациентка која има мешан тип на инконтиненција, а има само 17 години.

Кои се терапевтски модалитети постојат за решавање на проблемот со инконтиненцијата? Проф. д-р Илиев: Во глобала се поделени на конзервативни и оперативни. Конзервативните се состојат од т.н. Кегелови вежби кои допринесуваат за јакнење на мускулатурата на карлицата. Постојат и прстени за инконтиненција и се наменети за иноперабилни случаи и случаи поврзани со друга поголема патологија и ова е занемарлива работа. Во многу голема мера, конзервативниот третман е инсуфициентен, недоволен. Постои и можност за перманентен катетар, но тоа се ретки случаи.

Оперативниот модел за решавање е поделен на абдоминален и вагинален пристап. Во глобала, абдоминалниот пристап е класичен и решавањето се прави со отворање на абдоминалната шуплина или со отварање на абдоминалниот зид, и се влегува во делот каде што треба да се постават суспензиони шавови и да се обезбеди добра потпора на мочниот канал во неговата дислокација при напор. Вагиналниот пристап исто може да се подели на класичен и модерен. Класичниот се подразбира во тие супуретрални потпори што се ставаат, но за жал успехот е 37%. Денеска во хирургијата која јас ја практикувам е прифатлив од редот на МИНИМАЛНО ИНВАЗИВЕН ХИРУРШКИ ПРИСТАП. Тоа подразбира вагинален отвор од 9мм и поставување на полипропиленска трака која се поставува на местото под уретровезикалниот спој, која што се инкорпорира и го имитира сфингтерниот механизам, го појачува тој механизам. Значи служи како потпора кога доаѓа до таа урогенитална дислокација. Суштината е што операцијата има успех над 93%, и пациентот веднаш или за еден ден си оди дома. Суштината е дека нема резови, не се отвора абдоменот и спаѓа навистина во минимално инвазивни процедури. Тој е најадекватен пристап и денес во светот важи за златен стандард процедура за решавање на стрес инконтиненцијата на урината.