00389 2 3091 484
ноември 11,2022
Бајпас операција претставува хируршка интервенција при која се прави премостување (бајпас) на стеснетиот (запушениот) крвен сад со крвни садови (артерии, вени) земени од друг дел на телото за да се заобиколи болниот дел. Бајпасот овозможува поголемо количество на проток на кислород низ срцевиот мускул и спречува негово натамошно оштетување. Со оваа операција се продолжува преживувањето и се овозможува подобар квалитет на живот и можност за извршување на секојдневните активности кои претходно поради намалениот доток на кислород биле оневозможени. Во нашата болница коронарната бајпас операција можеме да кажеме дека е рутинска операција, земајжи го предвид бројот на изведени интервенции и умешноста на нашите кардиохирурзи.
Пациенти кои се кандидати за овој тип на операција, се оние кои имаат тешка коронарна болест и кај кои денешните модерни начини на стентирање на крвните садови се невозможни како опција. Тоа се всушност пациенти кај кои имаат зафаќање на повеќе од една коронарна артерија, пациенти со долги лезии и пациенти кои имаат комбинирана болест валвуларна и коронарна.
Во нашата болница во најголем број од случаите се користат артериски бајпас графтови, за кои е и научно потврдено дека имаат подолг животен век, а и потребата од реоперација кај помлади пациенти е сведена на минимум. Нашиот тим го води пациентот низ оперативниот процес со интензивна рана рехабилитација. Тоа значи дека пациентот се води кон рано будење- неколку часа после операцијата, а веќе на 5 ден по операција пациентот може самостојно да станува од кревет и да извршува дел од основните дневни активности.
Покрај ваквите рутинските случаи, во клиничката болница Жан Митрев се прифаќаат и оперираат пациенти кои се со терминална коронарна болест. Мораме да потенцираме дека ваквите пациенти со оглед на комплексноста, тежината и неизвесноста на исходот, најчесто претходно се одбивани од други институции. Кај овие пациенти, со веќе значајно намален срцев капацитет, шансата за преживување е многу мала.
За среќа, како резултат на мултидисциплинарниот пристап, предоперативната подготовка, употребата на механичка потпора (интрааортална балон пумпа), континуираната срцева заштита во тек на операција (кардиоплегија), соодветната реперфузија (рециркулација на крв низ крвните садови), умешноста на хирургот во тек на раната периоперативна интензивна нега и секако соодветната комбинацијата на лекови, овозможуваат нашиот центар да може да се пофали со голема успешност при третирање на оваа група на пациенти.